Како да избереш добар превод на Библијата?
БИБЛИЈАТА била пишувана на древен хебрејски, арамејски и грчки јазик. Затоа, повеќето луѓе што сакаат да ја читаат, мора да читаат некој нејзин превод.
Денес, Библијата е најпреведуваната книга во светот — делови од неа се преведени на преку 2.400 јазици. На некои јазици нема само еден туку неколку преводи. Бидејќи и на македонски јазик има различни преводи, сигурно би сакал да го користиш најдобриот.
За да одлучиш добро, треба да го знаеш одговорот на следниве прашања: Какви различни преводи постојат? Кои се добрите и лошите страни на секој превод? И зошто треба да бидеш претпазлив кога читаш некои преводи на Библијата?
Од една во друга крајност
Библиските преводи опфаќаат широк спектар на стилови, но сите тие се групирани во три основни категории. Интерлинеарните преводи се на едниот крај од спектарот. Тие го содржат текстот на изворниот јазик, а под секој збор е даден и буквален превод.
Парафразираните, односно слободните преводи, се на другиот крај од спектарот. Оние што преведуваат на ваков начин ја пренесуваат пораката од Библијата со свои зборови, и тоа онака како што тие ја разбираат и мислат дека ќе им се допадне на читателите.
Во третата категорија спаѓаат преводите во кои е направен обид да се најде рамнотежа помеѓу претходните две крајности. Преведувачите на овие изданија се трудат да ја пренесат смислата и духот на изразите што се користат во изворните јазици, но внимаваат преведениот текст да биде и лесен за читање.
Дали буквалните преводи се најдобри?
Кога преводот е строго буквален, честопати не може на најдобар начин да го долови значењето на секој библиски стих. Зошто? Од неколку причини. Да наведеме две:
1. Нема два јазика што имаат сосема иста граматика, речник и структура на реченицата. Професорот по хебрејски јазик С. Р. Драјвер вели дека јазиците „не се разликуваат само во граматиката и во зборовите, туку и... во начинот на кој мислите се изразуваат во реченици“. Луѓето што зборуваат различни јазици, размислуваат различно. „Затоа, структурата на реченицата во различни јазици не е иста“, додава професор Драјвер.
Бидејќи ниеден јазик не е сосема идентичен со речникот и граматиката на хебрејскиот и на грчкиот јазик на кои се пишувала Библијата, буквалниот превод на Божјата реч би бил нејасен и би можел да пренесе дури и погрешна смисла. Размисли за следниве примери.
Кога им пишувал на христијаните во Ефес, апостол Павле употребил еден израз што буквално се преведува „во коцката на луѓето“ (Ефешаните 4:14, The Kingdom Interlinear Translation of the Greek Scriptures)a. Овој израз се однесува на обичајот да се мами на коцка. Меѓутоа, во повеќето јазици буквалниот превод на овој израз нема никаква смисла. Точната смисла се пренесува појасно ако истиот израз се преведе со „луѓето кои се служат со измама“.
Кога им пишувал на христијаните во Рим, Павле го употребил грчкиот израз кој буквално значи „да вриете во духот“ (Римјаните 12:11, Kingdom Interlinear). Дали овие зборови имаат некаква смисла на македонски јазик? Овој израз, всушност, значи „духот нека ве поттикнува на ревност“.
Во еден од своите најпрочуени говори, Исус употребил израз што честопати се преведува вака: „Блажени се бедните по дух“ (Матеј 5:3, Превод на МПЦ — ревидирано издание). Но, на многу јазици, буквалниот превод на овој израз е нејасен. Во некои случаи, од строго буквалниот превод може да се добие впечаток дека на луѓето што се ‚бедни по дух‘ ментално им фали нешто или дека им недостига цврстина и решителност. Меѓутоа, со овие зборови Исус сакал да ги поучи луѓето дека среќата не зависи од задоволувањето на нивните физички потреби, туку од тоа дали се свесни дека им е потребно Божје водство (Лука 6:20). Според тоа, смислата на овој израз многу поточно се пренесува ако се преведе со изразите „оние што чувствуваат духовен глад“ или „оние што се свесни дека им е потребен Бог“ (Матеј 5:3, фуснота).
2. Некој збор или израз може да има различно значење во зависност од контекстот во кој се користи. На пример, хебрејскиот израз што обично се однесува на човечка рака може да има многу значења. Во зависност од контекстот, овој збор може да се преведе или со „власт“ или со „дарежлива рака“ (2. Самоилова 8:3; 1. Царевите 10:13; Изреки 18:21). Всушност, во англиското издание на преводот Нов свет, овој збор е преведен на преку 40 различни начини.
Бидејќи контекстот може да влијае врз начинот на кој се преведува некој збор, во англиското издание на преводот Нов свет, кој служеше како основа за македонското издание, се користат речиси 16.000 англиски изрази за да се преведат околу 5.500 грчки зборови што се користат во Библијата, како и преку 27.000 англиски изрази за да преведат околу 8.500 хебрејски зборови. Зошто различни зборови се преведени на толку различни начини? Преведувачкиот одбор процени дека е поважно точно да се пренесе смислата на зборовите во зависност од контекстот отколку да се направи строго буквален превод. И покрај тоа, може да се каже дека преводот Нов свет ги пренесува хебрејските и грчките зборови колку што е можно подоследно.
Јасно, кога станува збор за преведување на Библијата, не е доволно само одреден збор од изворниот јазик секогаш да се преведе со ист збор на другиот јазик. Преведувачите мора добро да проценат кога одлучуваат со кои зборови точно и разбирливо ќе ги пренесат мислите од текстот на изворниот јазик. Освен тоа, треба да ги подредат зборовите и да ги состават речениците според правилата на граматиката на јазикот на кој преведуваат.
Што да се каже за слободните преводи?
Преведувачите што прават таканаречени парафразирани, или слободни преводи на Библијата, си земаат преголема слобода со изворниот библиски текст. Како? Тие или го вметнуваат своето мислење за она што би можел да значи изворниот текст или, пак, испуштаат некои работи што ги содржи изворниот текст. Слободните преводи звучат интересно затоа што се лесни за читање. Меѓутоа, токму со таа преголема слобода понекогаш се засенува или се менува значењето на изворниот текст.
Размисли за начинот на кој во еден парафразиран библиски превод е преведена Исусовата прочуена молитва позната како Оченаш: „Татко наш на небесата, откри ни се кој си ти“ (Матеј 6:9, The Message: The Bible in Contemporary Language). Еден поточен превод на овие Исусови зборови гласи вака: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“. Исто така, забележи како во некои Библии е преведен стихот од Јован 17:26. Според еден слободен превод, ноќта пред да биде уапсен, Исус му го рекол следново на својот Татко во молитва: „Јас те објавив“ (Today’s English Version). Меѓутоа, еден поточен превод на оваа молитва на Исус гласи: „Им го објавив твоето име“. Гледаш ли како некои преведувачи, всушност, го кријат фактот дека Бог има име кое треба да се користи и да се слави?
Зошто треба да бидеме претпазливи?
Некои слободни преводи ги засенуваат моралните мерила што јасно се изнесени во изворниот текст. На пример, во еден современ англиски превод, во 1. Коринќаните 6:9, 10 стои: „Зар не сфаќате дека не треба така да се живее? Неправедните што не мислат на Бог нема да влезат во неговото царство. Оние што се искористуваат еден со друг, кои го користат и го злоупотребуваат сексот, кои ја користат и ја злоупотребуваат земјата и сѐ што е на неа, не заслужуваат да бидат државјани на Божјето царство“ (The Message: The Bible in Contemporary Language).
Спореди го овој превод со поточниот превод во Нов свет: „Па зарем не знаете дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство? Не залажувајте се! Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“. Забележи дека деталите што ги изнел апостол Павле за да покаже кои постапки се неисправни не се ни спомнати во слободниот превод.
И предрасудите во однос на библиските учења можат да влијаат врз преведувачот. На пример, во еден англиски превод на Библијата кој е познат како Today’s English Version, а се нарекува и Good News Bible, стои дека Исус им го кажал следново на своите ученици: „Влезете низ тесната порта, бидејќи портата до пеколот е широка и патот што води до него е лесен, и има многу што одат по тој пат“ (Матеј 7:13). Преведувачите го вметнале зборот „пекол“ иако во Евангелието според Матеј јасно стои „пропаст“. Зошто го направиле тоа? Веројатно затоа што сакаат да ја рашират идејата дека злобните ќе бидат вечно мачени, а не уништени.b
Да се најде најдобриот превод
Библијата била напишана на обичниот, секојдневен јазик што го зборувале обичните луѓе, како што биле земјоделците, овчарите и рибарите (Неемија 8:8, 12; Дела 4:13). Според тоа, ако еден превод на Библијата е добар, пораката што ја содржи ќе можат да ја разберат искрените луѓе, без оглед на нивното потекло. Добриот превод ги задоволува и следниве услови:
◼ Точно ја пренесува изворната порака што била вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16).
◼ Буквално го пренесува значењето на зборовите кога зборовите и структурата на изворниот текст го дозволуваат тоа.
◼ Ја пренесува точната смисла на некој збор или фраза кога со буквален превод на тој израз од изворниот јазик би се извртело или засенило неговото значење.
◼ Користи секојдневен, лесно разбирлив јазик што буди желба за читање.
Дали има некој таков превод? Милиони читатели на ова списание со задоволство го користат преводот Нов свет. Зошто? Затоа што се согласуваат со ставот на неговиот преведувачки одбор, како што стои во воведот на првото англиско издание: „Не го парафразираме Светото писмо. Се трудевме да дадеме колку што е можно побуквален превод, каде што англискиот јазик го допушта тоа и каде што буквалниот превод не ја крие мислата со својата крутост“.
Преводот Нов свет е отпечатен во целост или делумно на повеќе од 60 јазици, со вкупен тираж од повеќе од 145.000.000 примероци! Бидејќи комплетниот превод Нов свет го има и на македонски јазик, побарај примерок од Јеховините сведоци и увери се лично колку е корисен овој точен превод.
Оние што искрено ја проучуваат Библијата, сакаат да ја сфатат пораката што ја вдахнал Бог и да постапуваат во склад со неа. Ако и ти го сакаш тоа, потребно е да имаш точен превод на Библијата. Навистина, заслужуваш да читаш еден таков превод.
[Фусноти]
a Интерлинеарниот превод му овозможува на читателот да го види буквалниот превод на секој збор, кој е даден паралелно со текстот на изворниот јазик.
b Библијата вели дека при смртта човекот се враќа во прав, дека душата умира и дека повеќе не мисли и не чувствува ништо (1. Мојсеева 3:19; Проповедник 9:5, 6; Езекиел 18:4). Никаде не пишува дека душите на злобните луѓе вечно се мачат во пеколен оган.
[Истакната мисла на страница 21]
Слободните преводи звучат интересно затоа што се лесни за читање. Меѓутоа, токму со таа преголема слобода понекогаш се засенува или се менува значењето на изворниот текст
[Истакната мисла на страница 22]
Преводот Нов свет е отпечатен во целост или делумно на повеќе од 60 јазици, со вкупен тираж од повеќе од 145.000.000 примероци!
[Рамка/слика на страница 20]
ПАРАФРАЗИРАЊЕ ВО СТАРО ВРЕМЕ
Парафразираните, односно слободните преводи на Библијата, не се ништо ново. Во старо време, Евреите ги составиле таканаречените арамејски таргуми — слободни парафразирања на Светото писмо. Тие не претставуваат точни преводи, но откриваат како еврејскиот народ разбирал некои библиски стихови и им помагаат на преведувачите да го утврдат значењето на некои тешко разбирливи места од Библијата. На пример, во Јов 38:7 е објаснето дека изразот „Божји синови“ се однесува на „чети ангели“. Во 1. Мојсеева 10:9, таргумите покажуваат дека хебрејскиот предлог што се користи да се опише Нимрод има негативна конотација и значи „против“, а не само „пред“ во неутрална смисла. Овие парафрази се користеле заедно со библискиот текст, но никогаш не биле наменети да ја заменат самата Библија.
[Слика]
ДЕЛ ОД ВАЛТОНОВАТА „BIBLIA POLYGLOTTA“, ЗАВРШЕН ВО 1657 ГОД., ЈОВ 38:1-15
Хебрејски текст на Библијата (со латински интерлинеарен превод)
Соодветниот текст на еден арамејски таргум
[Слика на страница 19]
ДЕЛ ОД „THE KINGDOM INTERLINEAR TRANSLATION OF THE GREEK SCRIPTURES“, ЕФЕШАНИТЕ 4:14
Во левата колона е даден буквален превод. Во десната колона е даден смисловен превод
[Извор на слика на страница 18]
Заднина: Shrine of the Book, Israel Museum, Jerusalem