Објавителите на Царството известуваат
„Секој ден на пазариштето“
АПОСТОЛ Павле ја користел секоја прилика за да ја шири пораката за Царството. За да ги пронајде достојните, тој расудувал ‚во синагогата со Јудејците . . . и секој ден на плоштадот [пазариштето, NW] со кого ќе се сретнел‘ (Дела 17:17).
Таквата ревност била карактеристичен печат на Јеховините вистински обожаватели уште од првиот век н. е. (Матеј 28:19, 20). Денес, Јеховините сведоци на сличен начин користат различни методи додека ревносно им помагаат на лицата со чесни срца да дојдат до точно спознание на вистината (1. Тимотеј 2:3, 4). Следново искуство од Австралија го илустрира тоа.
Пет дена во седмицата, Сид и Харолд се менуваат водејќи грижа за една мала изложба на библиска литература покрај една железничка станица во Сиднеј. На тој начин, веќе отприлика пет години ја споделуваат добрата вест за Божјето Царство. Сид, кој има 95 години, објаснува: „Кога наполнив 87, повеќе не можев да возам автомобил. Тоа ме разочара бидејќи уживав во активноста на јавно сведочење. Еден ден, додека бев во близина на едно популарно туристичко место, наречено Еко Поинт во Катумба, видов како еден уметник продава слики со пејзажи. Ги проучував сликите и во себе си помислив: ‚Во мојата торба за сведочење јас имам подобри слики од овие — и тоа само за делче од таа цена!‘ Затоа, одлучив да направам еден мал изложбен штанд, да го поставам на едно популарно место и на минувачите да им ја нудам прекрасно илустрираната библиска литература која ја дистрибуираат Јеховините сведоци.
Пред четири години, штандот го преселив во Сиднеј и Харолд ми се придружи. Се менуваме во грижата околу штандот и во работењето со нашите локални собранија“. Харолд, сега 83-годишен, вели: „Од понеделник до петок многу малку луѓе се дома. Затоа, споделувањето на пораката за Царството на овој начин нѐ доведува токму онаму каде што се луѓето. Секако, постигнуваме подобри резултати. Бројот на литературата која ја даваме е прилично извонреден за оваа земја“.
„Иако низ годините бевме поставени на четири или пет различни места“, вели Сид, „не поминуваше долго време додека да станеме познати. Некои луѓе доаѓаат кај нас за литература. Други имаат прашања на кои сакаат да им биде одговорено. А некои едноставно сакаат да разговараат неколку минути. Ова е единствено време кога моите повторни посети доаѓаат кај мене“, се насмевнува тој.
„Многу луѓе навистина се заинтересирани за Библијата“, додава Харолд. „Во еден месец четири лица почнаа да ја проучуваат Библијата со Сведоците, како резултат на литературата која ја добиле од нас и заради прашањата на кои можевме да им одговориме од Библијата. Ваквите искуства многу нѐ охрабруваат.“
Исто како Сид и Харолд — и како апостол Павле — Јеховините сведоци насекаде го користат секое можно средство за да ја шират својата витална порака. На тој начин, ‚Евангелието‘ продолжува да се проповеда „по целиот свет“ (Матеј 24:14).