Го следиш ли ‚повозвишениот пат‘ на љубовта?
„БОГ е љубов.“ Овие зборови на апостол Јован ја нагласуваат најистакнатата особина на Бог (1. Јов. 4:8). Токму поради тоа што Јехова нѐ сака, ние можеме да му се приближиме и да станеме пријатели со него. Како уште влијае врз нас Божјата љубов? Има една изрека: „Она што го сакаме влијае врз нас и нѐ обликува“. И вистина е така. Меѓутоа, вистина е и дека врз нас влијае и нѐ обликува и оној што го сакаме и оној што нѐ сака. Бидејќи сме создадени според Божјиот лик, имаме способност да покажуваме љубов како неговата (1. Мој. 1:27). Затоа, апостол Јован напишал дека ние го сакаме Бог, „бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јов. 4:19).
Четири зборови што ја опишуваат љубовта
Апостол Павле ја нарекол љубовта „повозвишен пат“ (1. Кор. 12:31). Зошто се изразил така? За каква љубов зборувал Павле? За да дознаеме, да го испитаме потемелно значењето на зборот „љубов“.
За да ја опишат љубовта, древните Грци имале четири основни зборови употребени во различни форми: сторги́, е́рос, фили́а и ага́пи. Зборот кој е употребен за да се опише Богот на ‚љубовта‘ е ага́пи.a Во врска со оваа љубов, професор Вилијам Баркли во својот речник напишал: „Љубовта ага́пи е поврзана со умот — таа не е само емоција која автоматски се појавува во нашите срца, туку начело по кое намерно и свесно одлучуваме да живееме. Ага́пи е нераздвојно поврзана со волјата“ (New Testament Words). Според тоа, ага́пи е љубов која е водена од начела, но честопати е проследена и со силни емоции. Бидејќи има и добри и лоши начела, јасно е дека христијаните треба да се водат по добрите начела, кои лично Јехова Бог ги изнесел во Библијата. Ако ги споредиме библиските описи за ага́пи со другите изрази што се користат во Библијата за да се опише љубовта, подобро ќе разбереме каква љубов треба да покажуваме.
Љубов во семејниот круг
Колку е убаво да живееш во семејство во кое владее топлина и блискост! Грчкиот збор сторги́ честопати се користел за да се опише природната љубов што постои меѓу членовите на едно семејство. Христијаните се трудат да им покажат на другите во семејството дека ги сакаат. Павле прорекол дека во последните денови, луѓето општо земено ќе бидат „бесчувствителни кон другите“, односно „без љубов кон членовите на семејството“b (2. Тим. 3:1, 3, фус.).
За жал, кај многу луѓе денес ја нема природната љубов што треба да постои меѓу членовите на семејството. На пример, зошто толку многу жени абортираат? Зошто во толку многу семејства воопшто не се води грижа за остарените родители? Зошто стапката на развод достигнува невидени размери? Одговорот е: затоа што луѓето станале бесчувствителни, односно згаснала таа природна љубов.
Освен тоа, Библијата учи дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго“ (Ерем. 17:9). Љубовта кон членовите на семејството ги вклучува срцето и чувствата. Но, интересно е тоа што Павле го употребил зборот ага́пи за да ја опише љубовта што мажот треба да ја покажува кон својата жена. Павле ја споредил таа љубов со љубовта што Христос ја покажува кон собранието (Еф. 5:28, 29). Оваа љубов се темели на начелата што ги изнел Јехова, Основачот на семејството.
Вистинската љубов кон членовите на семејството нѐ поттикнува да се грижиме за нашите остарени родители и за нашите деца. Исто така, ги поттикнува родителите од љубов да ги искараат децата кога е потребно и ги спречува да се водат само по чувства, поради што би можеле да станат премногу попустливи (Еф. 6:1-4).
Романтичната љубов и библиските начела
Физичката љубов меѓу мажот и жената во бракот е навистина дар од Бог (Изр. 5:15-17). Меѓутоа, оние што Божјиот дух ги водел да ја напишат Библијата не го користеле зборот е́рос, кој се однесува на романтичната љубов. Зошто? Пред повеќе години, во Стражарска кула беше даден овој коментар: „Изгледа дека денес целиот свет ја прави истата грешка што ја направиле древните Грци. Тие го обожавале Ерос како бог, се поклонувале пред неговиот жртвеник и му принесувале жртви... Но, историјата покажува дека таквото обожавање на телесната љубов довело само до расипаност, разврат и изопаченост. Можеби затоа писателите на Библијата не го користеле тој збор“. За да не се впуштаме во врски кои се темелат само на физичка привлечност, романтичните чувства треба да ги држиме под контрола со помош на библиските начела. Затоа, запрашај се: ‚Дали романтичните чувства што ги имам се урамнотежени со вистинска љубов кон мојот партнер?‘
За време на „цутот на младоста“, кога сексуалните нагони честопати се многу силни, младите кои се држат за библиските начела ќе останат морално чисти (1. Кор. 7:36; Кол. 3:5). За нас бракот е свет дар од Јехова. Во врска со брачните двојки, Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:6). Наместо да останеме заедно само додека трае меѓусебната привлечност, ние гледаме на бракот како на трајна врска. Кога ќе дојде до проблеми, не бараме лесен излез туку со сите сили се трудиме да покажуваме особини како Божјите за да биде семејството среќно. Таквиот труд ќе води до вечна среќа (Еф. 5:33; Евр. 13:4).
Пријателска љубов
Животот би бил досаден без пријатели! Една библиска изрека гласи: „Има... пријатели поприврзани од брат“ (Изр. 18:24). Јехова сака да имаме вистински пријатели. Добро ни е познато колку блиски пријатели биле Давид и Јонатан (1. Сам. 18:1). А во Библијата се вели дека Исус ‚особено го сакал‘ апостол Јован (Јован 20:2). Грчкиот збор за „пријателство“ е фили́а. Нема ништо погрешно во тоа да имаме некој близок пријател во собранието. Меѓутоа, во 2. Петрово 1:7 сме поттикнати да ја дополниме нашата „братска љубов“ (филаделфи́а, сложенка составена од фи́лос, што на грчки значи „пријател“, и аделфо́с, што на грчки значи „брат“) со љубов (ага́пи). За да имаме трајни пријателства, мораме да се придржуваме за овој совет. Треба да размислиме: ‚Дали љубовта кон моите пријатели е урамнотежена со библиските начела?‘
Божјата реч ни помага да не бидеме пристрасни спрема пријателите. Немаме двојни мерила: релативно попустливи за нашите пријатели, и малку поинакви, построги за оние што не ни се блиски пријатели. Освен тоа, не се служиме со ласкање за да се спријателиме со некого. А што е најважно, кога ги применуваме библиските начела, стекнуваме проникливост која ни е потребна за мудро да ги избираме пријателите и да го избегнуваме ‚лошото друштво кое ги расипува добрите навики‘ (1. Кор. 15:33).
Љубов што нѐ обединува
Љубовта што ги обединува христијаните е навистина нешто посебно! Апостол Павле напишал: „Вашата љубов нека не биде лицемерна... Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг“ (Рим. 12:9, 10). И навистина, меѓу христијаните владее ‚нелицемерна љубов (ага́пи)‘. Оваа љубов не е само чувство што се јавува во нашето срце. Не, таа се темели на библиските начела. Меѓутоа, Павле зборува и за „братска љубов“ (филаделфи́а) и за тоа дека треба ‚срдечно да се сакаме‘ (фило́сторгос, сложенка од зборовите фи́лос и сторги́). Според еден изучувач, „братска љубов“ е „срдечна љубов која се одликува со љубезност, сочувство и спремност да се помогне“. Заедно со љубовта ага́пи, таа придонесува да се градат цврсти пријателства меѓу Јеховините слуги (1. Сол. 4:9, 10). Изразот што е преведен со „сакајте се срдечно“ се појавува само еднаш во Библијата и укажува на блискост и срдечност какви што има во едно семејство.
Љубовта што ги обединува вистинските христијани е комбинација од љубовта што ја чувствуваме кон семејството и љубовта кон вистинските пријатели, а врз нивните меѓусебни односи влијае љубовта што се темели на библиските начела. Христијанското собрание не е некој друштвен клуб или световна организација, туку едно блиско семејство кое го обединува службата за Јехова Бог. Ние ги нарекуваме нашите соверници браќа и сестри, а така и гледаме на нив. Тие се дел од нашето духовно семејство, ги сакаме како пријатели и секогаш постапуваме со нив во склад со библиските начела. Да продолжиме сите да ја зајакнуваме љубовта што нѐ обединува и што нѐ идентификува како вистинско христијанско собрание (Јован 13:35).
[Фусноти]
a Ага́пи се користи и во негативен контекст (Јован 3:19; 12:43; 2. Тим. 4:10; 1. Јов. 2:15-17).
b Изразот „бесчувствителни кон другите“ е превод на еден облик на зборот сторги́ со негативниот префикс а, што значи „без“. (Види и Римјаните 1:31.)
[Истакната мисла на страница 12]
Како ја зајакнуваш љубовта што нѐ обединува?