Немој да го изгубиш чувството на итност!
„Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност“ (2. ТИМ. 4:2)
МОЖЕШ ЛИ ДА ОБЈАСНИШ?
Зошто Тимотеј проповедал со чувство на итност?
Што треба да правиме за да не го изгубиме чувството на итност?
Зошто сега проповедањето е поитно од кога и да било порано?
1, 2. Кои прашања се поставуваат во врска со заповедта да проповедаме со чувство на итност?
ЛУЃЕТО чија професија е поврзана со спасување животи обично ја извршуваат својата работа со чувство на итност. На пример, пожарникарите веднаш тргнуваат со своите возила кога ќе им јават дека некаде избил пожар. Тие се свесни дека можеби нечиј живот е во опасност.
2 Како Јеховини сведоци, ние сакаме да им помогнеме на луѓето да се спасат. Од таа причина, сериозно ја сфаќаме нашата задача да ја проповедаме добрата вест за Царството. Се разбира, не трчаме панично од куќа до куќа за да ги спасуваме луѓето. Тогаш, што сакал да каже Павле кога го дал следниов совет: „Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност“? (2. Тим. 4:2). Како можеме да проповедаме со такво чувство? И зошто нашата задача е толку итна?
ЗОШТО ТРЕБА ДА ПРОПОВЕДАМЕ СО ЧУВСТВО НА ИТНОСТ?
3. Што ќе се случи ако луѓето ја прифатат пораката за Царството, а што ќе се случи ако ја одбијат?
3 Кога мислиме на тоа дека со проповедањето се спасуваат животи, веројатно чувствуваме силна желба да им ја пренесеме добрата вест на другите (Рим. 10:13, 14). Божјата Реч вели: „Кога ќе му речам на злиот: ‚Ќе умреш‘, а тој се одврати од својот грев и почне да го прави она што е справедливо и праведно... ќе остане жив. Нема да умре. Сите гревови што ги направил ќе му бидат заборавени“ (Езек. 33:14-16). На оние што ја објавуваат пораката за Царството им се упатени следните зборови: „Ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16; Езек. 3:17-21).
4. Зошто Тимотеј не смеел да го изгуби чувството на итност?
4 За да разбереме зошто Павле го советувал Тимотеј да внимава да не го изгуби чувството на итност, да го разгледаме контекстот на стихот кој е мото на оваа статија. Павле му напишал: „Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност — во поволно време и во тешко време — укорувај, прекорувај, опоменувај, а притоа биди многу стрплив и вешт во поучувањето. Зашто, ќе дојде време кога луѓето нема да го поднесуваат здравото учење, туку, според своите желби, ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите. И ќе ги одвратат ушите од вистината“ (2. Тим. 4:2-4). И Исус прорекол дека ќе се појави отпадништво (Мат. 13:24, 25, 38). Затоа Тимотеј требало без одложување ‚да ја проповеда Божјата реч‘ дури и во самото собрание, за да не бидат заведени од лажните учења кои би можеле да им изгледаат интересни. Во прашање биле животи. А како е денес?
5, 6. Во кои учења веруваат многу луѓе што ги сретнуваме во службата?
5 Оттогаш досега отпадништвото од вистинската религија зело голем замав (2. Сол. 2:3, 8). Кои учења денес им годат на луѓето? Мнозина со речиси верски жар ја застапуваат теоријата на еволуција. Иако обично се објаснува со научни термини, оваа теорија скоро станала еден вид религија која влијае врз ставот што луѓето го имаат кон Бог и кон другите. Друго раширено мислење е дека Бог не се интересира за нас, па затоа не треба ни ние да се интересираме за него. Овие учења се толку привлечни што успеваат да влијаат врз милиони луѓе и да ги улулкаат во духовен сон. Зошто? Затоа што и двете пренесуваат иста порака: ‚Можеш да правиш што сакаш бидејќи нема да одговараш пред никого‘. Оваа порака навистина им годи на многумина. (Прочитај Псалм 10:4.)
6 Но, има и други учења кои им годат на луѓето. На некои што сѐ уште одат во црква им се допаѓаат верските учители кои им велат: ‚Што и да правиш, Бог те сака‘. Свештениците од разни религии го кажуваат она што им годи на верниците уверувајќи ги дека црковните обреди, мисите, празниците и киповите го имаат Божјиот благослов. Верниците не се свесни во каква опасност се наоѓаат (Пс. 115:4-8). Само ако успееме да ги разбудиме од духовниот сон и да им помогнеме да ја разберат вистината од Библијата, ќе можат да ги доживеат благословите што ќе ги донесе Божјето Царство.
ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ ПРОПОВЕДА СО ЧУВСТВО НА ИТНОСТ?
7. Како може да покажеме дека проповедаме со чувство на итност?
7 Еден совесен хирург мора со неподелено внимание да ја врши својата работа бидејќи во прашање се човечки животи. Бидејќи и со нашето проповедничко дело се спасуваат животи, ќе покажеме чувство на итност ако го вршиме совесно и со целосна посветеност. На пример, би можеле да размислуваме кои теми, прашања или информации ги интересираат луѓето на подрачјето. Освен тоа, би можеле да направиме промени во својот план за да одиме во служба кога луѓето се поспремни да слушаат (Рим. 1:15, 16; 1. Тим. 4:16).
8. Од што друго може да се види дека нешто ни е итно?
8 Ако нешто ни е итно, тогаш ќе го ставиме на прво место во животот. (Прочитај 1. Мојсеева 19:15.) На пример, да речеме дека си правел некои лекарски прегледи. Откако си ги добил резултатите, лекарот отворено ти кажал: „Вашата здравствена состојба е загрижувачка. Ако под итно не преземете нешто, ќе биде предоцна“. Најверојатно нема да истрчаш откај него како пожарникар што добил итен повик. Наместо тоа, сигурно внимателно ќе слушаш кое лекување ти го препорачува, а потоа ќе одиш дома и сериозно ќе размислиш што треба сега да ти биде најважно.
9. Од каде знаеме дека Павле проповедал во Ефес со чувство на итност?
9 Павле имал чувство на итност. Тоа се гледа од она што им го рекол на старешините во Ефес во врска со своето проповедање во Азија. (Прочитај Дела 20:18-21.) Очигледно, од првиот ден кога пристигнал таму, тој неуморно одел од куќа до куќа објавувајќи ја добрата вест. Освен тоа, две години ‚секојдневно држел говори во училиштето на Тиран‘ (Дела 19:1, 8-10). Ова јасно покажува дека чувството на итност што го имал Павле влијаело врз неговото секојдневие. Иако сме поттикнати да проповедаме со вакво чувство, тоа не треба да нѐ исплаши и да нѐ наведе да мислиме дека премногу се бара од нас. Сепак, проповедањето треба да ни биде една од најважните работи во животот.
10. Зошто треба да бидеме среќни што христијаните почнале да проповедаат со чувство на итност уште пред повеќе од 100 години?
10 Една мала група Истражувачи на Библијата почнале да ја проповедаат добрата вест уште пред 1914 год. Тие навистина покажале што значи да се има чувство на итност. Иако биле само неколку илјади, сфатиле дека е време без одложување и ревносно да проповедаат за Царството. Објавувале проповеди во стотици весници и ја прикажувале „Фото-драмата на создавањето“, која се состоела од дијапозитиви и кратки филмови во боја. Така успеале да им ја пренесат добрата вест на милиони луѓе. Ако немале чувство на итност, колкумина од нас би ја чуле пораката за Царството? (Прочитај Псалм 119:60.)
ВНИМАВАЈ ДА НЕ ГО ИЗГУБИШ ЧУВСТВОТО НА ИТНОСТ
11. Зошто некои го изгубиле чувството на итност?
11 Многу работи денес можат да ни го одвлечат вниманието и да нѐ наведат да заборавиме колку е важно проповедањето. Сатана го користи овој свет за да нѐ натера да се посветиме на лични цели и на небитни работи (1. Пет. 5:8; 1. Јов. 2:15-17). Некои што порано ја ставале службата за Јехова на прво место го изгубиле чувството на итност. На пример, Димас, христијанин од првиот век кој бил соработник на апостол Павле, подоцна се преокупирал со работите од „сегашниов свет“. Наместо да му биде најважно да го зајакне Павле, кој бил во неволја, Димас го оставил (Филим. 23, 24; 2. Тим. 4:10).
12. Каква можност имаме сега, и што ќе можеме да правиме во сета вечност?
12 За да не го изгубиме чувството на итност, мора да се бориме против желбата да искористиме сѐ што можеме од овој свет. Треба да се трудиме ‚да го освоиме вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:18, 19). Сигурно си уверен дека наскоро, кога Божјето Царство ќе завладее со Земјата и кога ќе живееме вечно, ќе имаме бескрајни можности да уживаме во многу интересни активности. Но, денес треба да им помагаме на луѓето да го преживеат Армагедон. Ова може да го правиме само сега и никогаш повеќе.
13. Што треба да правиме како христијани за да не го изгубиме чувството на итност?
13 Со оглед на тоа што повеќето луѓе во светот не постапуваат мудро и спијат во духовен поглед, што ќе ни помогне да не го изгубиме чувството на итност? Да се сетиме дека можеби и ние порано спиевме во духовна темнина. Но, се разбудивме и Христос ‚нѐ осветли‘, како што рекол Павле. Сега имаме чест да бидеме светлоносци. (Прочитај Ефешаните 5:14.) Откако го спомнал ова, Павле напишал: „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време, зашто деновите се зли“ (Еф. 5:15, 16). Според тоа, да го користиме времето за активности кои ќе ни помогнат да останеме духовно будни во овој зол свет.
ЖИВЕЕМЕ ВО ЗНАЧАЈНИ ВРЕМИЊА
14-16. Зошто проповедањето денес е поитно од кога и да било порано?
14 Иако проповедањето отсекогаш било важно, сега е поитно од кога и да било порано. Од 1914 год. наваму, јасно се гледа знакот на последните денови кој е опишан во Божјата Реч (Мат. 24:3-51). Никогаш порано не се заканувала толку голема опасност од истребување на човечкиот род. И покрај неодамнешните спогодби за разоружување, светските сили сѐ уште поседуваат околу 2.000 нуклеарни боеви глави кои можат да ги лансираат во секој момент. Овластени лица известуваат за стотици случаи на „исчезнат“ нуклеарен материјал. Дали нешто од тоа завршило во рацете на терористи? Некои аналитичари сметаат дека само еден терористички чин лесно би можел да започне војна која би водела до уништување на човештвото. Но, војната не е единствената закана за опстанокот на човечкиот род.
15 „Климатските промени се најголемата закана за здравјето на луѓето во 21 век“, стои во еден извештај од 2009 год., кој излезе во едно медицинско списание (The Lancet). Во него се вели: „Во следните децении, климатските промени ќе влијаат врз поголемиот дел од светското население и ќе претставуваат сѐ поголема опасност за здравјето и животот на милијарди луѓе“. Многу региони би можеле да бидат разорени поради кревање на морското ниво, како и поради суши, поплави, епидемии, урагани и војни кои би се воделе затоа што се исцрпени природните богатства. Да, војните и природните катастрофи се голема закана за опстанокот на цивилизацијата.
16 Можеби некои мислат дека заканата од нуклеарна војна ќе води до настани со кои ќе се исполни ‚знакот‘. Но, повеќето не го сфаќаат неговото вистинско значење. Тој знак се гледа со децении наназад. Ова покажува дека Христос веќе е присутен како Цар, и дека крајот на овој свет е сѐ поблизу (Мат. 24:3). Обележјата на знакот никогаш порано не биле толку јасно видливи. Време е луѓето да се разбудат од духовниот сон! Со својата служба можеме да им помогнеме во тоа.
17, 18. а) Како влијае врз нас тоа што ‚знаеме во кое време живееме‘? б) Зошто луѓето би можеле да го сменат својот став кон пораката за Царството?
17 Останува само кратко време да ја покажеме својата љубов кон Јехова и да ја завршиме проповедничката задача што ни ја доверил за последните денови. Зборовите што Павле им ги кажал на христијаните во Рим во првиот век, денес имаат уште поголемо значење: „Знаете кое време е, дека веќе ви дошол часот да се разбудите, зашто спасението сега ни е поблиску отколку кога станавме верници“ (Рим. 13:11).
18 Настаните што се случуваат во последните денови можат да им помогнат на некои луѓе да станат свесни за своите духовни потреби. Други сфаќаат дека човечките влади не се способни да излезат на крај со економските кризи, нуклеарните закани, насилството, криминалот и уништувањето на природата. Трети, пак, стануваат свесни за своите духовни потреби затоа што се лично погодени од нешто во семејството, како здравствени проблеми, развод или смрт на некој најблизок. Кога учествуваме во службата, можеме да им помагаме на таквите луѓе.
ЧУВСТВОТО НА ИТНОСТ НЀ ПОТТИКНУВА НА РЕВНОСТ
19, 20. Како чувството на итност им помогнало на многу христијани да си го поедностават животот?
19 Чувството на итност поттикнало многу христијани да имаат уште поголем удел во проповедањето. Да го разгледаме примерот на еден млад брачен пар од Еквадор. Тие решиле да си го поедностават животот откако присуствувале на посебниот собир во 2006 год. со мото „Задржи едноставно око“. Направиле список со работи што не им требале и за три месеци се преселиле од четворособен стан во помало станче, продале некои работи и ги исплатиле сите долгови. Наскоро потоа започнале да служат како помошни пионери и го прифатиле предлогот на покраинскиот надгледник да помагаат во собрание каде што има поголема потреба од објавители.
20 Еден брат од Северна Америка пишува: „Кога јас и жена ми присуствувавме на посебниот собир во 2006 год., бевме крстени веќе 30 години. Додека се возевме накај дома по собирот, разговаравме како да ги примениме советите и да си го поедноставиме животот (Мат. 6:19-22). Имавме три куќи, земјиште, луксузни коли, чамец и возило за кампување. Сфативме дека сигурно изгледаме како неразумни христијани. Затоа решивме да почнеме со полновремена служба. Во 2008 год. ѝ се придруживме на нашата ќерка во општата пионерска служба. Вистинско задоволство е да се соработува со браќата! Бевме во можност да служиме онаму каде што има поголема потреба од објавители. Бидејќи сега правиме повеќе за Јехова, станавме поблиски со него. Посебно се радуваме што гледаме како очите на луѓето им светнуваат кога ќе ја слушнат и ќе ја разберат вистината од Божјата Реч“.
21. Што нѐ поттикнува да проповедаме со чувство на итност?
21 Знаеме дека наскоро овој зол свет ќе се соочи со „денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Пет. 3:7). Она што сме го научиле од Божјата Реч нѐ поттикнува ревносно да го објавуваме доаѓањето на големата неволја и на новиот свет. И понатаму ја вршиме својата служба со чувство на итност и им ја објавуваме на луѓето сигурната надеж во една посветла иднина. Кога даваме сѐ од себе во тоа важно дело, покажуваме дека навистина ги сакаме Бог и ближните.