Јехова е нашето живеалиште
„Јехова, ти си нашето живеалиште од поколение во поколение“ (ПС. 90:1)
1, 2. Како Божјите слуги отсекогаш гледале на овој свет? Во која смисла тие имаат свој „дом“?
ДАЛИ се чувствуваш како туѓинец во овој злобен свет? Ако да, не си единствениот. Низ вековите, сите што вистински го сакале Јехова се чувствувале така. На пример, додека се преселувале од место во место во ханаанската земја, верните слуги на Јехова ‚изјавувале дека се туѓинци и привремени жители‘ (Евр. 11:13).
2 Слично на нив, и Христовите помазани следбеници, чие „граѓанство е на небесата“, се сметаат себеси за „туѓинци и привремени жители“ во овој свет (Фил. 3:20; 1. Пет. 2:11). Христовите „други овци“ исто така ‚не се дел од светот, како што и Исус не бил дел од светот‘ (Јован 10:16; 17:16). Сепак, Божјиот народ има свој „дом“. Всушност, ние сме згрижени во најтоплиот и најсигурниот дом, кој го гледаме со очите на верата. Мојсеј напишал: „Јехова, ти си нашето живеалиште од поколение во поколение“ (Пс. 90:1). Како Јехова им бил „живеалиште“, односно „дом“, на своите верни слуги во минатото? Во која смисла тој му е „живеалиште“ на народот што го носи неговото име денес? И како тој ќе биде единственото безбедно живеалиште во иднина?
ЈЕХОВА ИМ БИЛ „ЖИВЕАЛИШТЕ“ НА СВОИТЕ СЛУГИ ВО МИНАТОТО
3. Со што е спореден Јехова во Псалм 90:1, и зошто?
3 За да можеме подобро да разбереме некои особини на Јехова, понекогаш Библијата го споредува со нешта кои ни се познати од секојдневниот живот. На пример, во Псалм 90:1, Јехова е спореден со „живеалиште“, односно дом. Зборот „дом“ во нашите мисли создава слика на топло катче во кое се чувствуваме сакани, заштитени и спокојни. Во која смисла може да се каже дека Јехова е наш дом? Како Бог на љубовта, тој го сака и го штити својот народ (1. Јов. 4:8). Освен тоа, тој е и Бог на мирот, кој им овозможува на своите слуги да живеат спокојно и без страв (Пс. 4:8). Да видиме како Јехова им бил живеалиште на некои свои верни слуги во минатото.
4, 5. Како Бог му бил „живеалиште“ на Авраам?
4 Да го разгледаме најпрво примерот на Авраам. Можеби тој се загрижил и се вознемирил кога Јехова му рекол: „Оди си од својата земја, откај својот род... па појди во земјата што ќе ти ја покажам“. Но, сигурно многу го утешиле зборовите што Јехова му ги кажал веднаш потоа: „Од тебе ќе направам голем народ, ќе те благословам и твоето име ќе го направам големо... Ќе ги благословам оние што тебе те благословуваат, а ќе го проколнам оној што тебе те проколнува“ (1. Мој. 12:1-3).
5 Со тие зборови, Јехова ветил дека ќе го благослови и ќе го заштитува Авраам, односно дека ќе му биде безбедно живеалиште нему и на неговите потомци (1. Мој. 26:1-6). Јехова го исполнил своето ветување. На пример, не дозволил ниту египетскиот фараон ниту Авимелех, царот на Герар, да го убијат Авраам и да му ја одземат Сара. На сличен начин ги заштитил и Исак и Ревека (1. Мој. 12:14-20; 20:1-14; 26:6-11). Библијата вели: „На ниту еден човек [Јехова] не му дозволи да ги измами, туку поради нив укоруваше цареви, велејќи: ‚Не допирајте ги моите помазаници, не правете им зло на моите пророци!‘“ (Пс. 105:14, 15).
6. Што му кажал Исак на Јаков, и како можеби се чувствувал Јаков?
6 Јехова исто така се грижел и за Јаков, внукот на Авраам. Кога дошло време тој да се ожени, неговиот татко, Исак, му рекол: „Немој да земеш жена од ханаанските ќерки. Стани, оди во Падан Арам во куќата на Ветуил, таткото на твојата мајка, и одонде земи си жена од ќерките на Лаван!“ (1. Мој. 28:1, 2). Јаков веднаш го послушал. Го оставил своето семејство во Ханаан и тргнал на пат — најверојатно сам — поминувајќи стотици километри до Харан (1. Мој. 28:10). Можеби се прашувал: ‚Кога ќе се вратам дома? Дали вујко ми ќе ме прими? Ќе најдам ли жена која го сака Јехова?‘ Ако го измачувале вакви грижи, тие сигурно исчезнале кога стигнал во Луз, на 100-тина километри од Вирсавеја. Што се случило таму?
7. Како Бог го утешил Јаков?
7 Во Луз, Јехова му се појавил на Јаков во сон, и му рекол: „Еве, јас сум со тебе, и ќе те чувам по целиот пат по кој одиш и ќе те вратам во оваа земја, зашто нема да те оставам додека не го направам сето она што ти го реков“ (1. Мој. 28:15). Овие утешни зборови сигурно многу го охрабриле Јаков! Тој несомнено едвај чекал да види како Бог ќе го исполни она што му го ветил. Ако и ти си заминал од дома, можеби за да служиш во друга земја, веројатно разбираш како се чувствувал Јаков. Сепак, исто како него, си имал можност да се увериш дека Јехова се грижи за тебе.
8, 9. Како Јехова му бил „живеалиште“ на Јаков, и што учиме од тоа?
8 Кога Јаков стигнал во Харан, неговиот вујко срдечно го пречекал, и подоцна му ги дал за жени своите ќерки Лија и Рахела. Но, по некое време, Лаван почнал да постапува неправедно со Јаков, менувајќи му ја платата десет пати! (1. Мој. 31:41, 42). Јаков ги поднел сите тие неправди, уверен дека Јехова и понатаму ќе се грижи за него. И навистина било така. Кога Бог подоцна му заповедал да се врати во Ханаан, Јаков имал стекнато „многу стока, слугинки и слуги, камили и магариња“ (1. Мој. 30:43). Исполнет со благодарност, тој во молитва му рекол на Бог: „Не сум достоен за сета милост и за сета верност што ја покажа кон мене, твојот слуга, зашто го поминав овој Јордан само со стап, а сега имам два логора“ (1. Мој. 32:10).
9 Овие примери ја потврдуваат вистинитоста на зборовите што ги кажал Мојсеј во Псалм 90:1: „Јехова, ти си нашето живеалиште од поколение во поколение“. Тие зборови важат и денес, бидејќи Јехова, кој „не се менува“, и понатаму ги сака, ги штити и се грижи за своите верни слуги (Јак. 1:17). Да видиме на кои начини.
ЈЕХОВА Е НАШЕ „ЖИВЕАЛИШТЕ“ ДЕНЕС
10. Зошто сме сигурни дека Јехова и денес е безбедно живеалиште за своите слуги?
10 Замисли си ја следнава ситуација: Повикан си на суд за да сведочиш против една меѓународна криминална организација. Водачот на таа организација е многу моќен и интелигентен. Тој е немилосрден лажливец и убиец кој насекаде има луѓе што работат за него. Дали ќе се чувствуваш безбедно кога ќе излезеш од судницата? Тешко! Напротив, ќе имаш добри причини да бараш некој да те заштити. Во слична ситуација се Јеховините слуги денес, кои смело сведочат за Јехова и бестрашно го разоткриваат неговиот најголем непријател, Сатана! (Прочитај Откровение 12:17.) Но, дали Сатана успеал да го замолкне Божјиот народ? Во никој случај! Всушност, ние продолжуваме да им проповедаме на сѐ повеќе луѓе низ целиот свет. Тоа е можно само благодарение на една работа: Јехова сѐ уште е наше прибежиште и наше „живеалиште“, особено во овие последни денови. (Прочитај Исаија 54:14, 17.) Но, не смееме да заборавиме дека Тој ќе нѐ штити само ако не му дозволиме на Сатана лукаво да нѐ извлече од нашето безбедно живеалиште.
11. Што друго учиме од Авраам, Исак и Јаков?
11 Да разгледаме уште една поука од животот на Авраам, Исак и Јаков. Иако живееле во Ханаан, тие останале одвоени од народите во таа земја затоа што ја мразеле нивната злоба и нивниот неморален начин на живот (1. Мој. 27:46). Тие се воделе по начела и немале потреба да следат еден долг список со правила. Им било доволно она што го знаеле за Јехова и за неговите особини. Бидејќи Бог бил нивно „живеалиште“, тие не сакале да му се приближат на светот. Напротив, се држеле колку што било можно подалеку од него, и со тоа ни дале одличен пример. Дали се трудиш да бидеш како овие верни Божји слуги? Дали покажуваш дека не сакаш да бидеш дел од светот кога избираш со кого се дружиш и како се забавуваш? За жал, некои во христијанското собрание, барем во одредени аспекти, се чувствуваат пријатно во Сатановиот свет. Ако и ти се чувствуваш така, моли го Јехова за помош. Немој да заборавиш дека светот во кој живееме му припаѓа на Сатана и го одразува неговиот себичен и суров дух (2. Кор. 4:4; Еф. 2:1, 2).
12. а) Што обезбедува Јехова за своите слуги? б) Што мислиш ти за сето она што го добиваме од Бог?
12 За да им се спротивставиме на Сатановите сплетки, треба во потполност да го искористиме сето она што ни го дава Јехова за да ни помогне. Во тоа спаѓаат христијанските состаноци, Семејната вечер и ‚луѓето како дарови‘, односно пастирите кои Бог ги поставил да нѐ тешат и да ни помагаат кога се соочуваме со тешкотии и проблеми (Еф. 4:8-12). Брат Џорџ Гангас, кој долги години беше член на Водечкото тело, напишал: „Кога сум со [Божјиот народ], се чувствувам како да сум дома со моето семејство, во духовен рај“. Дали и ти се чувствуваш така?
13. Која важна поука може да ја извлечеме од Евреите 11:13?
13 Друга важна поука што можеме да ја извлечеме од Авраам, Исак и Јаков е тоа што тие биле спремни да бидат поинакви од луѓето околу нив. Како што видовме во првиот пасус, овие тројца семејни поглавари не се плашеле да ‚изјавуваат дека се туѓинци и привремени жители во земјата во која живееле‘ (Евр. 11:13). Дали и ти си решен да бидеш поинаков од луѓето во светот? Ова не е секогаш лесно. Но, со помош од Бог и од твоите соверници, можеш да покажеш дека си поинаков. Не заборавај дека не си сам. Сите што сакаат да му служат на Јехова се борат со Сатана и со неговиот свет (Еф. 6:12). Сепак, може да победиме во таа борба ако имаме доверба во Јехова и ако тој е наше безбедно живеалиште.
14. Кој „град“ го очекувал Авраам?
14 Треба да се угледаме на Авраам и во тој поглед што ќе мислиме на наградата која ни ја ветил Бог (2. Кор. 4:18). Апостол Павле напишал дека Авраам ‚очекувал град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог‘ (Евр. 11:10). Тој „град“ е месијанското Царство. Се разбира, Авраам морал да го чека. Но, во некоја смисла, ние не мора да го чекаме. Царството веќе владее на небото и има сѐ повеќе докази дека наскоро ќе преземе целосна власт и над Земјата. Дали со начинот на кој живееш покажуваш дека навистина веруваш во Божјето Царство? Дали го ставаш на прво место, и дали остануваш одвоен од овој свет? (Прочитај 2. Петрово 3:11, 12.)
ЈЕХОВА — НАШЕ „ЖИВЕАЛИШТЕ“ ДОДЕКА СЕ ПРИБЛИЖУВА КРАЈОТ
15. Што ги очекува оние кои ја полагаат својата доверба во денешниот свет?
15 Пред да дојде крајот, состојбата во Сатановиот свет ќе станува сѐ полоша (Мат. 24:7, 8). Но, најстрашно ќе биде откако ќе започне големата неволја. Во целиот свет ќе завладее хаос, а луѓето ќе ги обземе страв и ужас (Авак. 3:16, 17). Библијата вели дека тие во очај ќе бараат засолниште „во пештерите и меѓу карпите во планините“ (Отк. 6:15-17). Сепак, ниту дословните пештери ниту политичките и трговските организации кои изгледаат стабилни како планини нема да можат да им обезбедат никаква заштита.
16. Како треба да гледаме на христијанското собрание, и зошто?
16 Но, и во големата неволја Јехова ќе биде безбедно живеалиште за своите слуги. Исто како пророкот Авакум, тие ‚ќе му се радуваат на Јехова и ќе се веселат поради Богот на своето спасение‘ (Авак. 3:18). Во која смисла Јехова ќе ни биде „живеалиште“ во тие тешки времиња? Ќе мора да чекаме и да видиме. Но, едно е сигурно: ‚Големото мноштво‘ ќе биде организирано и ќе добие упатства од Бог, исто како што било случај со Израелците кога излегувале од Египет (Отк. 7:9; прочитај 2. Мојсеева 13:18). Како Јехова ќе ни ги даде потребните упатства? Најверојатно ќе ни каже што треба да правиме преку собранијата. Во Исаија 26:20 се спомнати „соби“ каде што Божјиот народ ќе може да најде заштита. Тие можеби се однесуваат на илјадниците собранија во целиот свет. (Прочитај Исаија 26:20.) Дали ги цениш собраниските состаноци? Дали веднаш ги следиш упатствата што Јехова ни ги дава преку нив? (Евр. 13:17).
17. Во која смисла Јехова им е „живеалиште“ дури и на своите верни слуги кои умреле?
17 Дури и оние што можеби ќе умрат верни пред да почне големата неволја ќе бидат на безбедно кај Јехова, кој е нивното „живеалиште“. Во која смисла? Долго откако умреле Авраам, Исак и Јаков, Јехова му рекол на Мојсеј: „Јас сум... Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков“ (2. Мој. 3:6). Исус ги цитирал овие зборови, а потоа рекол: „Тој не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите тие се живи“ (Лука 20:38). Воскресението на верните слуги на Јехова е толку сигурно што во негови очи тие исто како да се живи (Проп. 7:1).
18. Како Јехова ќе биде „живеалиште“ за својот народ во новиот свет?
18 Во претстојниот нов свет, Јехова ќе му стане „живеалиште“ на својот народ уште во еден поглед. Во Откровение 21:3 се вели: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив“. Во почетокот, Јехова ќе владее со своите поданици на Земјата преку Христос Исус. На крајот на илјадата години, откако целосно ќе биде исполнета Божјата намера во врска со Земјата, Исус ќе му го предаде Царството на својот Татко (1. Кор. 15:28). Потоа, совршените луѓе нема повеќе да имаат потреба од Исус како посредник затоа што Јехова ќе биде со нив. Колку прекрасна иднина нѐ очекува! Затоа, да дадеме сѐ од себе да го следиме примерот на верните слуги од минатото и да покажеме дека Јехова навистина е нашето „живеалиште“.