Семоќен, а сепак обѕирен
Јехова добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав (ПС. 103:14)
1, 2. а) За разлика од луѓето кои имаат моќ, како постапува Јехова со луѓето? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ЛУЃЕТО кои имаат моќ и влијание честопати „господарат над“ другите, па дури и ги угнетуваат (Мат. 20:25; Проп. 8:9). Јехова никогаш не постапува така! Иако е најмоќната личност во универзумот, тој постапува многу обѕирно со несовршените луѓе. Јехова е љубезен и обрнува внимание на нашите чувства и потреби. Бидејќи „си спомнува дека сме прав“, тој никогаш не очекува од нас повеќе од тоа што можеме да го направиме (Пс. 103:13, 14).
2 Во Библијата има многу извештаи од кои се гледа дека Јехова обѕирно постапува со своите слуги. Да разгледаме три од нив. Прво, ќе видиме како Јехова со љубов му помогнал на малиот Самоил да му ја пренесе осудата на првосвештеникот Илиј. Второ, ќе видиме како Јехова покажал стрпливост кога Мојсеј кажал дека не може да го изведе Израел од Египет. И трето, ќе видиме како Јехова покажал обѕирност кога ги извел Израелците од Египет. Додека ги разгледуваме овие извештаи, да размислиме што учиме за Јехова и како можеме да го следиме неговиот пример.
ПОКАЖАЛ ОБЅИР КОН ЕДНО МОМЧЕ
3. Што доживеал Самоил една вечер, и кое прашање се наметнува? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
3 Самоил почнал да служи во светиот шатор кога бил многу мал (1. Сам. 3:1). Една вечер, додека спиел, се случило нешто необично.a (Прочитај 1. Самоилова 3:2-10.) Тој чул како еден глас го повикува неговото име. Бидејќи помислил дека тоа е остарениот првосвештеник Илиј, Самоил веднаш станал, отрчал кај него и му рекол: „Еве ме, ме викаше!“ Но Илиј му рекол: „Не те викав“. Откако истото се случило уште двапати, Илиј сфатил дека Бог го повикува Самоил. Затоа Илиј му кажал на момчето како да одговори следниот пат, и Самоил го послушал. Можеби се прашуваме: „Зошто Јехова уште од почеток не му открил на Самоил дека Тој го повикува?“ Библијата не ни го дава одговорот. Но, можно е дека Јехова постапил така бидејќи имал обѕир кон чувствата на Самоил.
4, 5. а) Што направил Самоил кога Јехова му кажал да му пренесе една порака на Илиј? б) Што учиме за Јехова од овој извештај?
4 Прочитај 1. Самоилова 3:11-18. Според Божјиот закон, децата требало да ги почитуваат постарите, особено оние што имале некаков авторитет (2. Мој. 22:28; 3. Мој. 19:32). Според тоа, тешко е да си го замислиме Самоил, кој бил само дете, како уште рано наутро оди кај Илиј и храбро му ја пренесува острата осуда од Јехова. Од Библијата дознаваме дека Самоил се плашел да му го раскаже видението на Илиј. Меѓутоа, Бог јасно му покажал на Илиј дека Тој го викал Самоил. Поради тоа, Илиј му рекол на Самоил да не крие ништо од она што му го кажал Бог. Самоил послушал и му раскажал сѐ на Илиј.
5 Оваа порака не требало да биде изненадување за Илиј бидејќи претходно „еден Божји човек“ му кажал нешто слично (1. Сам. 2:27-36). Од овој извештај учиме колку обѕирен и мудар е Јехова.
6. Што учиме од начинот на кој Бог му помогнал на малиот Самоил?
6 Дали си млада личност? Ако да, тогаш извештајот за малиот Самоил може многу да те охрабри бидејќи покажува дека Јехова има разбирање за твоите проблеми и за твоите чувства. Можеби си срамежлив и не ти е лесно да им проповедаш на возрасни или да се разликуваш од твоите врсници. Но биди сигурен дека Јехова сака да ти помогне. Затоа во молитва кажи му сѐ што ти лежи на душа (Пс. 62:8). Длабоко размислувај за примерите на други млади како Самоил за кои пишува во Библијата. Исто така, разговарај со браќа и сестри на твоја возраст, или постари од тебе, кои се справиле со слични проблеми како твоите. Тие можат да ти кажат како им помогнал Јехова, и тоа можеби на начин што воопшто не го очекувале.
ПОКАЖАЛ ОБЅИР КОН МОЈСЕЈ
7, 8. Како Јехова покажал голем обѕир кон чувствата на Мојсеј?
7 Кога Мојсеј имал 80 години, Јехова му дал многу тешка задача — да ги ослободи Израелците од ропството во Египет (2. Мој. 3:10). Со оглед на тоа што 40 години бил пастир во Мадијам, оваа задача веројатно била голем шок за Мојсеј. Затоа рекол: „Кој сум јас да одам кај фараонот и да ги изведам од Египет синовите на Израел?“ Но Јехова го уверил Мојсеј: „Јас ќе бидам со тебе“ (2. Мој. 3:11, 12). Исто така, му ветил дека старешините на Израел ќе го послушаат. И покрај тоа, Мојсеј прашал: „А што ако не ми поверуваат и ако не го послушаат мојот глас?“ (2. Мој. 3:18; 4:1). Со оваа изјава Мојсеј, всушност, ги довел во прашање Јеховините зборови. Но Јехова останал стрплив. Тој дури и направил нешто повеќе — му дал на Мојсеј моќ да прави чуда. Всушност, Мојсеј е првиот човек за кого во Библијата пишува дека имал таква моќ (2. Мој. 4:2-9, 21).
8 И покрај сето тоа, Мојсеј имал уште еден изговор — дека не е речовит човек. Затоа, Бог му рекол: „Јас ќе бидам со твојата уста и ќе те научам што да кажеш“. Дали Мојсеј конечно ја прифатил задачата? Не, тој го замолил Бог да испрати некој друг. Тогаш Јехова со право се разгневил. Сепак, имал обѕир кон чувствата на Мојсеј, и затоа го испратил Арон да зборува во име на Мојсеј (2. Мој. 4:10-16).
9. Како стрпливоста и љубезноста на Јехова му помогнале на Мојсеј да биде добар водач?
9 Што учиме од овој извештај за Јехова? Бидејќи е семоќен, Јехова можел да го заплаши Мојсеј и да го натера да му биде послушен. Но наместо тоа, Јехова бил стрплив и љубезен, и го уверил својот скромен и понизен слуга дека ќе биде со него. Дали ваквиот пристап на Јехова вродил со плод? Да. Мојсеј станал добар водач на Божјиот народ кој се трудел да постапува со другите исто како што Јехова постапувал со него — благо и обѕирно (4. Мој. 12:3).
10. Што ќе постигнеме ако се трудиме да бидеме обѕирни како Јехова?
10 Кои поуки од овој извештај можеме да ги примениме во нашиот живот? Ако си сопруг, родител или старешина, ти имаш одредена мера авторитет. Од таа причина, многу е важно да се угледаш на Јехова така што ќе бидеш обѕирен, љубезен и стрплив со сопругата, со децата и со соверниците во собранието (Кол. 3:19-21; 1. Пет. 5:1-3). Ако се трудиш да бидеш како Јехова и како Исус Христос — Поголемиот Мојсеј — ќе им олесниш на другите да ти пристапат и да разговараат со тебе, а тоа ќе ти даде прилика да ги охрабриш (Мат. 11:28, 29). Исто така, на тој начин ќе им дадеш добар пример (Евр. 13:7).
МОЌЕН, НО ОБЅИРЕН СПАСИТЕЛ
11, 12. Како Јехова им помогнал на Израелците да се чувствуваат безбедно додека го напуштале Египет?
11 Во 1513 год. пр. н.е., околу три милиони Израелци го напуштиле Египет. Меѓу нив имало деца, постари лица и веројатно некои што биле болни и немоќни. На една таква голема група луѓе ѝ бил потребен некој што грижливо и обѕирно ќе ја води. Јехова, преку Мојсеј, го водел Израел на токму таков начин. Како резултат на тоа, Израелците се чувствувале безбедно додека го напуштале единствениот дом што дотогаш го имале (Пс. 78:52, 53).
12 Како Јехова им помогнал на своите слуги да се чувствуваат безбедно? Како прво, кога Израелците го напуштале Египет, тој ги организирал во „борбени редови“ (2. Мој. 13:18). Тоа што биле организирани на таков начин, ги уверило дека нивниот Бог има контрола над ситуацијата. Исто така, за јасно да им покаже дека е со нив, Јехова ги водел „со облак... дење, а со светлината на огнот по цела ноќ“ (Пс. 78:14). Со тоа, Јехова како да им велел: „Не плашете се. Јас сум тука да ве водам и да ве штитам“. На Израелците навистина им било потребно такво уверување поради она што се случило кратко потоа.
13, 14. а) Како Јехова се погрижил Израелците да го преминат Црвеното Море? б) Како Јехова покажал дека е многу помоќен од Египќаните?
13 Прочитај 2. Мојсеева 14:19-22. Замисли дека си со Израелците. Се наоѓаш во стапица. Египетската војска е зад вас, а Црвеното Море пред вас. Тогаш Бог презема акција. Столбот од облак што е пред вас се префрлува зад вашиот табор, меѓу вас и Египќаните. Сега тие се во темнина, но вашиот табор е облеан со силна натприродна светлина! Тогаш го гледаш Мојсеј како ја испружува раката кон морето, и почнува да дува силен источен ветар кој отвора широк пат сѐ до другата страна. Потоа ти, твоето семејство и целата твоја стока на организиран начин одите по морското дно заедно со другите луѓе. Додека се движите, ти се чудиш како е можно земјата да не биде каллива и лизгава. Напротив, дното е суво и прилично цврсто, и затоа може лесно да се движите по него. Како резултат на тоа, дури и најбавните меѓу вас можат безбедно да пристигнат на другата страна.
14 Прочитај 2. Мојсеева 14:23, 26-30. Во меѓувреме, гордиот и неразумен фараон тргнува во потера по вас. Тогаш Мојсеј уште еднаш ја пружа раката кон морето, и двата водени ѕида кои се издигнуваат над морското дно се рушат врз фараонот и неговата војска. Ниту еден не останува жив! (2. Мој. 15:8-10).
15. Што учиме од овој извештај за Јехова?
15 Од овој извештај гледаме дека Јехова е Бог на редот — особина која ни помага да се чувствуваме безбедно и сигурно (1. Кор. 14:33). Исто така, како еден пастир кој со љубов се грижи за своето стадо, Јехова на конкретни начини се грижи за своите слуги. Тој нежно нѐ чува и нѐ штити од нашите непријатели. Ова ни влева чувство на сигурност додека се приближуваме кон крајот на овој свет! (Изр. 1:33).
16. Зошто е корисно да размислуваме за начинот на кој Јехова ги спасил Израелците?
16 И денес Јехова се грижи за својот народ како група — и во духовен и во телесен поглед. Тој ќе продолжи да го прави тоа и за време на големата неволја, која брзо се приближува (Отк. 7:9, 10). Затоа, без разлика дали се млади или стари, со добро или со нарушено здравје, Божјите слуги нема да ги фати паника или да ги обземе страв во текот на големата неволја.b Всушност, ќе се случи токму спротивното! Тие ќе се сетат на зборовите на Исус Христос: „Исправете се и подигнете ги главите, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28). Божјите слуги ќе бидат уверени дека Јехова ќе ги заштити дури и кога ќе бидат нападнати од Гог — коалиција составена од сите народи која ќе има многу поголема моќ од таа што ја имал фараонот (Езек. 38:2, 14-16). Зошто? Бидејќи тие знаат дека Јехова не се менува. Тој повторно ќе докаже дека е грижлив и обѕирен Спасител на својот народ (Иса. 26:3, 20).
17. а) Зошто е корисно да ги проучуваме библиските извештаи од кои се гледа како Јехова се грижи за своите слуги? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Во оваа статија видовме неколку примери за тоа како Јехова покажува обѕир и љубов додека се грижи, ги води и ги спасува своите слуги. Додека размислуваш за таквите извештаи, обиди се да научиш нешто ново за Јехова така што ќе бараш детали кои претходно не си ги забележал. Колку повеќе учиш за прекрасните особини на Јехова толку поголема ќе станува твојата љубов кон него и ќе расте твојата вера. Во следната статија ќе дознаеме како можеме по примерот на Јехова да покажуваме обѕирност во семејството, во собранието и во службата на проповедање.
a Според еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, во тоа време Самоил имал 12 години.
b Разумно е да заклучиме дека меѓу оние што ќе го преживеат Армагедон ќе има и болни и хендикепирани. Додека бил на Земјата, Исус лекувал луѓе со „секакви болести и секакви немоќи“. Со тоа покажал што ќе прави за оние што ќе го преживеат Армагедон (Мат. 9:35). Оние што ќе воскреснат ќе имаат сосема здрави тела.