СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8
Зошто е важно да покажуваме ценење?
Бидете благодарни (КОЛ. 3:15)
ПЕСНА 46 Ти благодариме, Јехова!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Како еден Самарјанин, кого Исус го излекувал, го покажал своето ценење?
ДЕСЕТ луѓе биле во многу тешка ситуација — биле болни од лепра и изгледало како за нив да нема никаква надеж. Но еден ден го здогледале Исус, Големиот Учител, за кого чуле дека лекувал најразлични болести. Тие биле уверени дека може да ги излекува и нив. Затоа, од далечина, почнале да викаат кон Исус: „Исусе, Учителе, смилувај ни се!“ Исус потполно ги излекувал овие десет луѓе. Без сомнение, сите тие му биле благодарни. Но еден од нив, не само што чувствувал благодарност туку и му го покажал своето ценењеb на Исус. Тој човек, кој бил Самарјанин, бил поттикнат да го слави Бог „на сиот глас“ (Лука 17:12-19).
2-3. а) Зошто понекогаш пропуштаме да покажеме ценење? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Исто како Самарјанинот, ние сакаме да им изразиме благодарност на оние што направиле нешто добро за нас. Но понекогаш, можеби забораваме да го покажеме нашето ценење било со зборови било со постапки.
3 Во оваа статија ќе видиме зошто е важно да бидеме благодарни. За таа цел ќе ги разгледаме примерите на некои библиски личности кои биле благодарни и на некои што не биле. Потоа, ќе видиме на кои конкретни начини можеме да го покажеме нашето ценење.
ЗОШТО ТРЕБА ДА ПОКАЖУВАМЕ ЦЕНЕЊЕ?
4-5. Зошто треба да покажуваме ценење?
4 Јехова секогаш покажува ценење, и со тоа ни дава совршен пример. Еден начин на кој го прави ова е така што ги наградува оние што му служат (2. Сам. 22:21; Пс. 13:6; Мат. 10:40, 41). Библијата нѐ поттикнува: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“ (Еф. 5:1). Според тоа, една важна причина зошто треба да покажуваме ценење е затоа што сакаме да го следиме примерот на Јехова.
5 Да разгледаме уште една причина зошто треба да им покажеме на другите дека ги цениме. Кога другите ни покажуваат дека нѐ ценат, ние сме среќни. Кога ние го покажуваме нашето ценење, ги правиме другите среќни. Кога некому изразуваме благодарност за неговата помош или за нешто што ни дал, му покажуваме дека неговиот труд навистина вредел. Како резултат на тоа, ни се зајакнува пријателството со тоа лице.
6. Што учиме од Изреки 25:11?
6 Нашите изрази на благодарност имаат голема вредност. Во Библијата пишува: „Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“ (Изр. 25:11). Замисли колку убаво би изгледало едно златно јаболко ставено во сребрен сад! А и колку скапоцено би било тоа! Како би се чувствувал кога би добил таков подарок? Исто толкава вредност можат да имаат нашите изрази на благодарност. Размисли и за следново: Едно јаболко направено од злато може да трае вечно. Слично на тоа, кога некому ќе му покажеме дека го цениме и дека сме му благодарни за нешто, тој можеби ќе го памти тоа до крајот на својот живот.
ТИЕ ПОКАЖАЛЕ ЦЕНЕЊЕ
7. Според Псалм 26:6-8, како Давид ја покажал својата благодарност, и како го сториле тоа други псалмисти?
7 Голем број Божји слуги во минатото покажале благодарност. Еден од нив е Давид. (Прочитај Псалм 26:6-8.) Тој многу ја ценел службата за вистинскиот Бог и тоа го покажал со своите постапки. Давид приложил огромно богатство за изградбата на храмот. Друг пример се потомците на Асаф кои го изразиле своето ценење така што пишувале псалми, односно фалбени песни. Во една песна, тие ја изразуваат својата благодарност кон Бог и својата воодушевеност од Јеховините „чудесни дела“ (Пс. 75:1). Од ова јасно се гледа дека Давид и потомците на Асаф сакале да му покажат на Јехова колку многу ги ценат сите благослови што ги добиваат од него. На кои начини би можел ти да го следиш примерот на тие псалмисти?
8-9. Како апостол Павле покажал ценење за браќата и сестрите, и со каков резултат?
8 Апостол Павле ги ценел своите браќа и сестри и тоа го покажал со начинот на кој зборувал за нив. Во своите молитви тој секогаш му благодарел на Бог за нив. Неговото ценење се гледа и од содржината на писмата што им ги пишувал. На пример, во Римјаните 16:1-15, Павле спомнал 27 соверници по име. Тој конкретно навел дека Приска и Акила го ризикувале својот живот за него. А Фива ја опишал како „заштитничка на мнозина“, вклучувајќи го и него. Павле ги пофалил овие трудољубиви браќа и сестри кои многу ги сакал.
9 Павле бил свесен дека неговите браќа и сестри се несовршени, но во заклучокот на писмото до Римјаните тој се концентрирал на нивните добри особини. Замисли колку биле охрабрени тие браќа и сестри кога ги чуле зборовите на Павле додека неговото писмо се читало во собранието! Како резултат на тоа, нивното пријателство со Павле без сомнение се зацврстило. Дали и ти имаш навика да ги пофалуваш браќата и сестрите од твоето собрание за убавите работи што ги кажуваат и ги прават?
10. Што можеме да научиме од начинот на кој Исус покажувал ценење кон своите следбеници?
10 Во своите пораки до некои собранија во Мала Азија, Исус изразил ценење за службата што ја вршеле неговите следбеници. На пример, својата порака до собранието во Тијатира ја почнал со зборовите: „Ги знам твоите дела, и твојата љубов, верата, службата и истрајноста, и дека твоите последни дела се побројни од претходните“ (Отк. 2:19). Исус не само што ги пофалил тие христијани за трудот што го вложувале во службата за Бог туку ги пофалил и за нивните убави особини, кои ги поттикнувале да прават добри дела. Иако имало потреба да им даде строг совет на некои во Тијатира, Исус ја почнал и ја завршил својата порака со охрабрување (Отк. 2:25-28). Размисли за авторитетот што го има Исус како глава на собранието. Тој не е обврзан да им се заблагодарува на своите следбеници. Сепак, тој го прави тоа. Со тоа им дава извонреден пример на старешините!
ТИЕ НЕ ПОКАЖАЛЕ ЦЕНЕЊЕ
11. Според Евреите 12:16, каков став имал Исав во врска со она што е свето?
11 Во Библијата се спомнати некои личности кои, за жал, не покажале ценење. На пример, Исав немал ценење за она што е свето, иако неговите родители го воспитувале да го сака и да го почитува Јехова. (Прочитај Евреите 12:16.) Во која ситуација се видело дека е неблагодарен? Исав непромислено му го продал првородството на својот помлад брат Јаков за една чинија чорба од леќа (1. Мој. 25:30-34). Подоцна, Исав горко се каел за својата одлука. Но, затоа што не бил благодарен за она што го имал, тој немал право да се жали кога не ги добил благословите кои му припаѓале на најстариот син.
12-13. Како Израелците покажале дека немаат ценење, и со каков резултат?
12 Израелците имале многу причини да бидат благодарни. Тие биле ослободени од ропство откако Јехова ги нанел десетте неволји врз Египет. Потоа, Бог ги спасил од сигурна смрт кога ја уништил целата египетска војска во Црвеното Море. Израелците биле толку благодарни што испеале една победничка песна за слава на Јехова. Но, дали останале благодарни?
13 Кога Израелците се соочиле со нови тешкотии, тие брзо ги заборавиле сите добри работи што Јехова ги сторил за нив, и станало очигледно дека немаат ценење (Пс. 106:7). Во Библијата пишува: „Целата заедница од синови на Израел почна да мрмори во пустината против Мојсеј и против Арон“. Со тоа всушност мрмореле против Јехова (2. Мој. 16:2, 8). Бог бил разочаран од неблагодарниот став на својот народ. Подоцна прорекол дека цело тоа поколение Израелци, освен Исус Навин и Халев, ќе изумрат во пустината (4. Мој. 14:22-24; 26:65). Да видиме што ќе ни помогне да не се поведеме по овие лоши примери, туку да ги следиме добрите.
КАКО МОЖЕМЕ ДА ПОКАЖУВАМЕ ЦЕНЕЊЕ
14-15. а) Како можат брачните другари да си покажуваат ценење еден на друг? б) Како можат родителите да ги поучуваат децата да покажуваат ценење?
14 Во семејството. Кога секој член во семејството покажува ценење, тоа му користи на целото семејство. Колку повеќе брачните другари си изразуваат ценење еден на друг толку поблиски стануваат. Исто така, полесно им е да си ги простуваат грешките. Сопругот што ја цени својата сопруга не само што ги забележува добрите работи кои таа ги кажува и ги прави туку и ја пофалува (Изр. 31:10, 28). А една мудра сопруга му кажува на својот сопруг кои работи ги цени кај него.
15 Родители, како можете да ги поучите своите деца да покажуваат ценење? Не заборавајте дека вашите деца се угледуваат на вас во начинот на кој зборувате и постапувате. Затоа, оставете им добар пример така што ќе им се заблагодарувате секојпат кога ќе направат нешто за вас. Освен тоа, поучете ги децата да се заблагодаруваат кога другите прават нешто за нив. Помогнете им да сфатат дека благодарноста извира од срцето и дека нивните зборови можат многу добро да влијаат врз другите. На пример, една млада сестра по име Клоди вели: „Кога имаше 32 години, мајка ми остана сама и требаше да се грижи за три деца. Кога јас наполнив 32 години, размислував колку мора да ѝ било тешко да го прави тоа на таа возраст. Затоа ѝ кажав дека многу сум ѝ благодарна за сите жртви што ги направила за да нѐ израсне мене и моите браќа. Неодамна, таа ми кажа дека многу ѝ значат тие зборови, дека честопати размислува за нив и дека секогаш ѝ носат радост“.
16. Наведи пример за тоа како можеме да ги охрабриме другите кога им покажуваме дека ги цениме.
16 Во собранието. Кога им покажуваме на браќата и сестрите дека ги цениме, многу ги охрабруваме. На пример, Хорхе, кој има 28 години и служи како старешина, се разболел од тешка болест. Цел месец не можел да оди на состаноци. Потоа, повторно почнал да присуствува на состаноците, но не бил во состојба да има точки на програмата. Хорхе признава: „Се чувствував безвредно поради моите ограничувања и поради тоа што не можев да ги извршувам собраниските задачи. Но, по завршувањето на еден состанок, еден брат ми кажа: ’Сакам да ти се заблагодарам за тоа што си добар пример за моето семејство. Не можеш ни да си замислиш колку многу уживавме во твоите говори во текот на изминатите неколку години. Тие многу ни ја зајакнаа верата‘. Ова толку ме трогна што се расплакав. Неговите зборови беа токму она што ми требаше“.
17. Според Колошаните 3:15, како можеме да му покажеме на Јехова дека ја цениме неговата дарежливост?
17 На нашиот дарежлив Бог. Јехова ни дава изобилство духовна храна. На пример, добиваме корисни упатства преку состаноците, списанијата и нашата интернет-страница. Дали некогаш си чул некој говор, си прочитал некоја статија или си гледал нешто на нашата онлајн-телевизија и си помислил: „Токму тоа ми требаше“? Како можеме да му го покажеме своето ценење на Јехова за неговата дарежливост? (Прочитај Колошаните 3:15.) Еден начин е така што редовно ќе му се заблагодаруваме во нашите молитви за овие добри дарови (Јак. 1:17).
18. Како можеме да покажеме ценење за нашата сала за состаноци?
18 На Јехова му го покажуваме нашето ценење и кога ги одржуваме чисти и уредни местата каде што го славиме. Затоа редовно учествуваме во чистењето и одржувањето на нашите сали за состаноци. А оние што се задолжени да ракуваат со електронската опрема која ја користи собранието, тоа го прават многу внимателно. Ако соодветно ги одржуваме нашите сали, тие подолго ќе траат и нема да има потреба често да се прават поголеми поправки. На тој начин, помагаме да се заштедат финансиски средства за изградба и реновирање на други сали низ целиот свет.
19. Што научи од искуството на овој патувачки надгледник и неговата сопруга?
19 На оние што трудољубиво ни служат. Ако им покажуваме ценење на другите, нашите зборови можат да им помогнат поинаку да гледаат на тешкотиите со кои се соочуваат. Да го разгледаме примерот на еден покраински надгледник и неговата сопруга. На крајот од еден студен зимски ден, тие се вратиле исцрпени од служба во местото кај што биле сместени. Таму било толку ладно што сопругата спиела облечена во нејзиниот зимски капут. Следното утро, таа му рекла на сопругот дека не може повеќе да продолжи во патувачкото дело. Подоцна истото утро, добиле писмо од подружницата кое било испратено до неа. Во писмото браќата срдечно ја пофалиле за нејзината служба и истрајност, и напишале дека се свесни колку може да биде тешко тоа што се селат секоја седмица. Нејзиниот сопруг вели: „Таа пофалба толку ја трогна што никогаш повторно не спомна да престанеме со патувачката служба. Всушност, неколку пати ме охрабри да продолжиме кога јас сакав да престанеме“. Тие останале во патувачкото дело речиси 40 години.
20. Што треба да се трудиме да правиме секој ден, и зошто?
20 Да се трудиме секој ден да ја покажуваме нашата благодарност и со зборови и со дела. Нашите охрабрувачки зборови и постапки можат да бидат токму она што му е потребно некому за да преброди уште еден ден во овој неблагодарен свет. Освен тоа, нашите изрази на благодарност ќе ни помогнат да изградиме цврсти пријателства кои можат да траат засекогаш. А што е најважно, така ќе го следиме примерот на нашиот дарежлив и благодарен Татко, Јехова.
ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас
a Како Јехова, Исус и еден лепрозен Самарјанин покажале ценење, и што учиме ние од тоа? Во оваа статија ќе ги разгледаме овие и неколку други примери. Ќе видиме зошто е толку важно да покажуваме благодарност, и на кои конкретни начини можеме да го правиме тоа.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: Да цениш некој или нешто значи да бидеш свесен за неговата вредност. Овој збор може да укажува на искрена благодарност.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Писмото од Павле се чита пред собранието во Рим. Акила, Приска, Фива и други се радуваат што во писмото се спомнати нивните имиња.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Една мајка ѝ помага на својата ќерка да покаже ценење за добриот пример што ѝ го остава една постара сестра.