СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 31
Дали го очекуваш „градот со вистински темели“?
Очекуваше град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог (ЕВР. 11:10)
ПЕСНА 22 Царството е родено — нека дојде!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Какви жртви направиле многумина, и зошто?
ДЕНЕС, милиони Божји слуги водат самопожртвуван живот. Многу браќа и сестри решиле да не стапат во брак. Некои брачни двојки одлучиле сега да немаат деца. Некои семејства избрале да водат едноставен живот. Сите донеле вакви одлуки бидејќи сакаат да му служат на Јехова во колку што е можно поголема мера. Тие се среќни и исполнети, и имаат доверба дека тој ќе им го даде сето она што им е потребно. Дали ќе се разочараат? Не! Зошто може да бидеме сигурни во тоа? Затоа што во минатото Јехова се грижел за сите потреби на своите слуги. На пример, тој го благословил Авраам, кој во Библијата е наречен „татко на сите што веруваат“ (Рим. 4:11).
2. а) Според Евреите 11:8-10, 16, зошто Авраам спремно го напуштил Ур? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Авраам спремно го оставил својот удобен живот во градот Ур. Зошто? Бидејќи очекувал „град со вистински темели“. (Прочитај Евреите 11:8-10, 16.) Што е тој „град“? Со какви неволји се соочил Авраам додека чекал да биде „изграден“ овој град? И како можеме да се угледаме на него и на некои други Божји слуги од нашево време кои го следеле неговиот пример?
ШТО Е „ГРАДОТ СО ВИСТИНСКИ ТЕМЕЛИ“?
3. Што е „градот“ кој го очекувал Авраам?
3 Градот што го очекувал Авраам е Божјето Царство. Царот е Исус Христос, а заедно со него ќе владеат и 144.000 помазани христијани. Павле го нарекол ова Царство „градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим“ (Евр. 12:22; Отк. 5:8-10; 14:1). Исус ги поучил своите ученици да се молат да дојде Царството за да може Божјата волја да се врши како на небото така и на Земјата (Мат. 6:10).
4. Според 1. Мојсеева 17:1, 2, 6, што знаел Авраам за „градот“, односно за Царството, што го ветил Бог?
4 Дали Авраам ги знаел сите детали за Божјето Царство? Не. Со векови тие детали биле „света тајна“ (Еф. 1:8-10; Кол. 1:26, 27). Сепак, Авраам знаел дека некои од неговите потомци ќе бидат цареви. Самиот Јехова му го дал тоа ветување. (Прочитај 1. Мојсеева 17:1, 2, 6.) Бидејќи имал многу силна вера во Божјите ветувања, Авраам исто како да го гледал Помазаникот, односно Месијата, кој ќе владеел како Цар на Божјето Царство. Затоа Исус им го кажал следново на Евреите во негово време: „Вашиот татко Авраам многу се радуваше на надежта дека ќе го види мојот ден. И го виде и се зарадува“ (Јован 8:56). Без сомнение, Авраам знаел дека некои негови потомци ќе бидат дел од едно Царство кое ќе го воспостави Јехова, и бил спремен да чека да се исполни тоа Божје ветување.
5. Од каде знаеме дека Авраам го очекувал „градот“ чиј творец е Бог?
5 Како Авраам покажал дека го чека „градот“, или Царството, чиј творец е Бог? Прво, не станал жител на ниту едно царство на Земјата. Тој немал постојано живеалиште туку патувал од едно место во друго. Не му дал поддршка на ниту еден човечки цар, а не се обидел ни да изгради свое царство. Наместо тоа, Авраам му останал послушен на Јехова и чекал тој да го исполни ветувањето што му го дал. На тој начин покажал извонредна вера во Бог. Да разгледаме некои од тешкотиите со кои се соочил, и да видиме што можеме да научиме од неговиот пример.
СО КАКВИ ТЕШКОТИИ СЕ СООЧИЛ АВРААМ?
6. Каков град бил Ур?
6 Авраам го напуштил Ур, кој бил напреден, богат, удобен и релативно безбеден град. Бил заштитен со огромни ѕидини и од три страни бил опкружен со длабоки окопи полни со вода. Жителите на Ур знаеле добро да читаат и да пишуваат, а имале и напредни познавања од математика. Очигледно, градот бил центар на трговија, бидејќи во археолошките ископини на тој локалитет биле пронајдени многу деловни документи. Куќите биле изградени од цигли, а ѕидовите биле малтерисани и варосани. Некои од овие куќи имале поплочен двор кој бил опкружен со 13 или 14 соби.
7. Зошто Авраам морал да има доверба дека Јехова ќе го штити него и неговото семејство?
7 Авраам морал да има доверба дека Јехова ќе го штити него и неговото семејство. Зошто? Затоа што заминал заедно со Сара од својот безбеден и удобен дом во градот Ур за да живее во шатори во Ханаан. Тој и неговото семејство повеќе не биле заштитени од дебелите ѕидини и од длабоките окопи. Затоа можеле да им станат лесен плен на непријателите.
8. Со што се соочил Авраам во една прилика?
8 Иако Авраам ја вршел Божјата волја, неговиот живот не бил лесен. На пример, во една прилика не можел да обезбеди доволно храна за семејството. Тој се соочил со страшен глад кој ја погодил земјата во која Јехова го испратил. Гладот бил толку голем што Авраам решил привремено да се пресели со семејството во Египет. Но, додека бил таму, фараонот кој владеел со таа земја ја одвел жена му, Сара, во својот дворец. Замисли колку мора да бил загрижен Авраам сѐ додека Јехова не го навел фараонот да му ја врати (1. Мој. 12:10-19).
9. Со какви семејни проблеми морал да се справува Авраам?
9 Авраам имал големи проблеми и во семејството. Неговата сакана жена, Сара, не можела да има деца. Тие со години биле многу разочарани поради тоа. На крајот, за да имаат потомство, Сара му ја дала својата слугинка Агара на Авраам. Но, кога останала бремена со Исмаел, Агара почнала да ја презира својата господарка. Ситуацијата станала толку тешка што Сара ја избркала од дома (1. Мој. 16:1-6).
10. Кои настани од животот на Авраам ја ставиле на испит неговата доверба во Јехова?
10 Најпосле Сара забременила и родила син кому Авраам му го дал името Исак. Тој ги сакал и двата свои сина. Но, бидејќи Исмаел постапувал лошо со Исак, Авраам бил принуден да им каже на Агара и на Исмаел да си заминат (1. Мој. 21:9-14). Откако поминале повеќе години, Јехова побарал од него да го принесе Исак за жртва (1. Мој. 22:1, 2; Евр. 11:17-19). И во првиот и вториот случај, Авраам морал да покаже доверба дека Јехова на крајот ќе се погрижи и за двата негови сина.
11. Зошто Авраам морал стрпливо да чека на Јехова?
11 За сето тоа време, Авраам морал стрпливо да чека на Јехова. Тој веројатно бил над 70 години кога заедно со своето семејство го напуштил Ур (1. Мој. 11:31—12:4). А потоа, околу 100 години живеел во шатори и патувал низ ханаанската земја. Авраам умрел кога имал 175 години (1. Мој. 25:7). Но, не дочекал да види како Јехова го исполнува своето ветување дека ќе им ја даде таа земја на неговите потомци. И не дочекал да види како биле положени темелите на „градот“, односно на Божјето Царство. Сепак, Библијата вели дека Авраам умрел „стар и задоволен“ (1. Мој. 25:8). И покрај сите тешкотии низ кои поминал, неговата вера останала цврста, и тој со радост чекал Јехова да ги исполни своите ветувања. Што му помогнало да истрае? Тоа што во текот на целиот живот Јехова го штител и го сметал за свој пријател (1. Мој. 15:1; Иса. 41:8; Јак. 2:22, 23).
12. Што очекуваме ние, и што ќе разгледаме?
12 Исто како Авраам, и ние го чекаме градот со вистински темели. Но, не чекаме тој да биде изграден. Божјето Царство било воспоставено во 1914 год., и веќе ја спровело Божјата волја на небото (Отк. 12:7-10). Сепак, чекаме да преземе целосна власт над Земјата. Додека не се случи тоа, ќе се соочуваме со многу тешкотии кои се слични на оние низ кои минале Авраам и Сара. Дали Јеховините слуги во нашево време го следат неговиот пример? Да. Животните приказни кои излегуваат во Стражарска кула покажуваат дека многумина денес имаат иста таква вера и стрпливост како што имале Авраам и Сара. Да разгледаме само неколку од нив, и да видиме што може да научиме.
НЕКОИ ШТО ГО СЛЕДЕЛЕ ПРИМЕРОТ НА АВРААМ
13. Што учиш од примерот на брат Валден?
13 Биди спремен на жртви. Ако сакаме да го ставиме Царството на прво место во нашиот живот, мора да бидеме како Авраам, кој спремно правел жртви за да го радува Бог (Мат. 6:33; Мар. 10:28-30). Да го разгледаме примерот на брат Бил Валден.b Во 1942 год., пред да дипломира како градежен инженер на еден универзитет во САД, тој почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Иако еден од професорите му нашол работа со која можел да почне веднаш по дипломирањето, Бил не ја прифатил неговата понуда. Му објаснил дека одлучил да му служи на Бог во поголема мера наместо да се посвети на професионална кариера. Кратко потоа, Бил добил покана за војска. Бидејќи одбил да го стори тоа, морал да плати парична казна од 10.000 долари и бил осуден на пет години затвор. Излегол од затвор по три години. Подоцна бил поканет да присуствува на Школата Гилеад и служел како мисионер во Африка. Бил се оженил со Ева, и тие служеле заедно во Африка, каде што животот не им бил лесен. По неколку години се вратиле во САД за да се грижат за мајка му на Бил. Во заклучокот на својата животна приказна, тој рекол: „Во очите ми навираат солзи кога ќе помислам на големата чест што ја имав да му служам на Јехова повеќе од 70 години. Често му се заблагодарувам што ми помогна да ја изберам најдобрата животна кариера“. Дали и ти би можел да го посветиш својот живот на полновремена служба?
14-15. Што учиш од примерот на брат и сестра Апостолидис?
14 Не очекувај животот да ти биде без проблеми. Од примерот на Авраам учиме дека дури и оние што цел живот му служат на Јехова мора да се справуваат со проблеми (Јак. 1:2; 1. Пет. 5:9). Ова било случај и со брат Аристотелис Апостолидис.c Тој се крстил во 1946 год. во Грција. Во 1952 год., се верил со сестра Елени, која имала исти духовни цели како него. За жал, таа се разболела, и лекарите откриле дека има тумор на мозокот. Откако туморот ѝ бил отстранет, Аристотелис и Елени се венчале. Но, неколку години подоцна, туморот повторно се појавил, и таа имала уште една операција. По операцијата, Елени останала делумно парализирана, и говорот ѝ бил нарушен. Сепак, продолжила ревносно да проповеда и покрај својата болест, како и покрај прогонството од властите со кое се соочувале браќата во Грција во тоа време.
15 Цели 30 години, Аристотелис се грижел за својата жена. Истовремено служел како старешина, бил член на различни конгресни одбори и учествувал во изградбата на една конгресна сала. Потоа, во 1987 год., Елени била повредена во една сообраќајна несреќа додека била во служба. Таа била во кома три години, и потоа починала. Во својата животна приказна, Аристотелис објаснил како сето тоа влијаело врз него. Тој рекол дека низ годините имал многу проблеми, и некои од нив дошле наеднаш и неочекувано. Затоа требало да биде решен да истрае и да не дозволи ништо да го обесхрабри. Јехова секогаш му ја давал потребната сила за да ги преброди сите тие неволји (Пс. 94:18, 19). Јехова многу ги сака оние што даваат сѐ од себе за да му служат и покрај сите тешкотии на кои наидуваат!
16. Кој убав совет ѝ го дал брат Нор на својата жена?
16 Мисли на иднината. Авраам мислел на благословите што Јехова ветил дека ќе му ги даде во иднина, и тоа му помогнало да ги надмине проблемите со кои се соочувал. Сестра Одри Хајд се трудела да задржи ист таков позитивен став иако нејзиниот прв сопруг, Натан Нор, починал од рак, а вториот сопруг, Глен Хајд, добил Алцхајмерова болест.d Таа рекла дека многу ѝ помогнало она што брат Нор ѝ го кажал неколку седмици пред да почине. Во својата животна приказна, сестра Одри рекла: „Натан ме потсети: ’По смртта нашата надеж е сигурна и никогаш повеќе нема да мора да трпиме болка‘. Потоа ме поттикна: ’Гледај напред, зашто таму е твојата награда... Биди зафатена — труди се да го користиш својот живот за да направиш нешто за другите. Тоа ќе ти помогне да најдеш среќа во животот‘“. Ова навистина е убав совет и за нас! Да бидеме зафатени така што ќе им правиме добро на другите и да се радуваме на надежта што ја имаме (Рим. 12:12).
17. а) Зошто имаме добри причини да мислиме на иднината? б) Според Михеј 7:7, како тоа што ќе го следиме примерот на овој пророк ќе ни помогне да ги доживееме благословите кои ги ветил Бог?
17 Денес, повеќе од кога и да е порано, имаме добри причини да мислиме на иднината. Светските настани јасно покажуваат дека живееме на крајот од последните денови на овој свет. Наскоро, повеќе нема да мора да чекаме Божјето Царство да завладее со целата Земја. Еден од многуте благослови што ќе ги доживееме ќе биде тоа што нашите најмили ќе бидат воскреснати. Тогаш Јехова ќе го награди Авраам за неговата вера и стрпливост така што ќе ги врати него и неговото семејство во живот на Земјата. Ќе бидеш ли таму за да ги пречекаш? Ќе бидеш ако, слично на Авраам, спремно правиш жртви за Божјето Царство, ако си ја зачуваш верата и покрај проблемите, и ако научиш стрпливо да чекаш на Јехова. (Прочитај Михеј 7:7.)
ПЕСНА 74 Да пееме песна за Царството!
a Додека чекаме Бог да ги исполни своите ветувања, нашата стрпливост — па дури и нашата вера — може да биде ставена на испит. Како може примерот на Авраам да ни ја зајакне решеноста и понатаму стрпливо да чекаме да се исполнат Јеховините ветувања? И каков добар пример ни дале некои Божји слуги од нашево време?
b Животната приказна на брат Валден излезе во Стражарска кула од 1 декември 2013, стр. 8-10.
c Животната приказна на брат Апостолидис излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2002, стр. 24-28.
d Животната приказна на сестра Хајд излезе во Стражарска кула од 1 јули 2004, стр. 23-29.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден постар брачен пар продолжува верно да му служи на Јехова и покрај тешкотиите. Тие си ја зајакнуваат верата така што мислат на Јеховините ветувања за иднината.