СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44
ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!
Како да се носиме со неправдите
Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро! (РИМ. 12:21)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Ќе видиме како да реагираме кога сме соочени со неправди.
1-2. Какви неправди може да доживееме?
ИСУС раскажал приказна за една вдовица која упорно молела еден судија за правда. Веројатно, учениците на Исус лесно можеле да ја разберат таа жена бидејќи во тоа време обичните луѓе честопати биле жртви на неправда (Лука 18:1-5). А таа приказна е значајна и за нас бидејќи сите ние, кога-тогаш, сме доживеале неправда.
2 Денес предрасудите, нееднаквоста и угнетувањето се секојдневие, па затоа не сме изненадени кога некој се однесува неправедно кон нас (Проп. 5:8). Но особено тешко може да ни падне ако некој брат или сестра се однесува така со нас. Се разбира, нашите браќа и сестри не ни се противници. Едноставно, тие се несовршени. Може многу да учиме од тоа како Исус реагирал на неправдите кои ги трпел од злобните противници. Ако покажуваме стрпливост кога противниците нѐ третираат неправедно, колку повеќе треба да бидеме стрпливи со нашите браќа и сестри! Како се чувствува Јехова кога доживуваме неправди, било од браќа и сестри било од некој друг? Дали забележува?
3. Дали Јехова забележува кога трпиме неправди, и од каде го знаеме тоа?
3 Јехова забележува кога некој се однесува лошо со нас. „Јехова ја сака правдата“ (Пс. 37:28). Исус нѐ уверува дека Бог „ќе се погрижи брзо да [добиеме] правда“ во исправното време (Лука 18:7, 8). Наскоро, тој ќе ја поправи сета штета што сме ја претрпеле и ќе им стави крај на сите неправди (Пс. 72:1, 2).
4. Како Јехова ни помага да се носиме со неправдите?
4 Додека го чекаме времето кога ќе царува правдата, Јехова ни помага да се носиме со неправдите (2. Пет. 3:13). Тој нѐ поучува како да не постапиме непромислено кога ќе доживееме неправда. Преку примерот на својот Син, Јехова совршено нѐ поучил како да реагираме кога се соочуваме со неправди. А ни дал и практични совети кои ќе ни помогнат кога некој се однесува лошо со нас.
ВНИМАВАЈ КАКО РЕАГИРАШ НА НЕПРАВДИТЕ
5. Зошто треба да внимаваме како реагираме на неправдите?
5 Неправдите може многу да нѐ погодат и да нѐ вознемират (Проп. 7:7). Така се чувствувале и некои верни слуги на Јехова, како Јов и Авакум (Јов 6:2, 3; Авак. 1:1-3). Тоа се сосема нормални чувства, но мора да внимаваме како реагираме за да не направиме нешто непромислено.
6. Што учиме од примерот на Авесалом? (Види ја и сликата.)
6 Една погрешна реакција би било да ги земеме работите во свои раце. Но тоа би можело само уште повеќе да ги влоши работите. Да се потсетиме што се случило со Авесалом, синот на цар Давид. Тој збеснал кога дознал дека неговата сестра Тамара била силувана од нивниот полубрат Амнон. Според Мојсеевиот закон, Амнон требало да биде погубен поради она што го направил (3. Мој. 20:17). Иако гневот на Авесалом бил оправдан, тој немал право да ги земе работите во свои раце (2. Сам. 13:20-23, 28, 29).
7. Гледајќи ги неправдите, какви мисли му надошле на псалмистот?
7 Кога ни се чини дека оние што постапуваат неправедно си поминуваат неказнето, може да почнеме да се сомневаме дали вреди да го правиме она што е исправно. Размисли за псалмистот на кој му се чинело дека на злобните сѐ им оди во животот додека праведните страдаат. Тој рекол: „Злите се спокојни довека“ (Пс. 73:12). Тој бил толку растревожен поради неправдите што ги гледал што во еден момент си помислил дека не вреди да му служи на Јехова. Рекол: „Размислував за да го сфатам тоа, но беше мачно во моите очи“ (Пс. 73:14, 16). Всушност, тој признал: „А мене за малку нозете ќе ми застранеа од патот, моите чекори за малку ќе се слизнеа“ (Пс. 73:2). Нешто слично му се случило и на еден брат кого ќе го наречеме Алберто.
8. Како една неправда влијаела врз еден брат?
8 Алберто бил неправедно обвинет дека украл пари од собраниските средства. Поради тоа ги изгубил сите одговорности што ги имал, а и почитта на многумина од собранието кога чуле за тоа. „Бев огорчен, гневен и разочаран“, вели тој. Алберто дозволил емоционалната болка да му го наруши пријателството со Јехова. Толку бил повреден што пет години бил неактивен. Ова покажува до каде може да води огорченоста.
УЧИ ОД ИСУС КАКО ДА СЕ НОСИШ СО НЕПРАВДИТЕ
9. Какви неправди претрпел Исус? (Види ја и сликата.)
9 Исус ни оставил совршен пример за тоа како да се носиме со неправдите. Тој доживеал неправди од многумина, вклучувајќи ги и членовите на неговото семејство. Неговите роднини рекле дека се мрднал од умот, верските водачи го обвиниле дека добива моќ од демоните, а римските војници го исмејувале, го малтретирале и на крајот го убиле (Мар. 3:21, 22; 14:55; 15:16-20, 35-37). Сепак, Исус ги претрпел сите тие неправди без да возврати. Што учиме од него?
10. Како реагирал Исус на неправдите? (1. Петрово 2:21-23).
10 Прочитај 1. Петрово 2:21-23.a Исус ни дал совршен пример за тоа како да реагираме кога доживуваме неправди. Тој знаел кога да молчи, а кога да зборува (Мат. 26:62-64). Не ја коментирал секоја лага кажана за него (Мат. 11:19). А кога зборувал, не ги навредувал оние што го прогонувале, ниту им се заканувал. Исус покажал такво самосовладување затоа што му се препуштил „на оној што праведно суди“. Знаел дека е најважно како гледа Јехова на работите. Тој имал доверба дека Јехова ќе се погрижи за неправдите во вистинското време.
11. Како можеме да си го контролираме јазикот? (Види ги и сликите.)
11 Можеме да го следиме примерот на Исус така што ќе внимаваме што ќе кажеме кога некој постапува нефер со нас. Понекогаш се работи за некоја мала неправда и едноставно можеме да преминеме преку неа. Во друга ситуација, можеби ќе решиме да премолчиме за да не кажеме нешто што само би ги влошило работите (Проп. 3:7; Јак. 1:19, 20). А во некои ситуации можеби ќе треба да зборуваме за да се заземеме за некој што трпи неправда или за да ја одбраниме вистината (Дела 6:1, 2). Но многу е важно да се потрудиме да останеме смирени и да зборуваме со почит (1. Пет. 3:15).b
12. Како ќе му ги препуштиме работите „на оној што праведно суди“?
12 Ќе се угледаме на Исус и ако му ги препуштиме работите „на оној што праведно суди“. Кога некој ќе донесе погрешен суд за нас или се однесува лошо кон нас, имаме доверба дека Јехова ја знае целата ситуација. Таа мисла може да ни помогне да истраеме кога трпиме неправда бидејќи сме уверени дека, на крајот, Јехова ќе ги исправи работите. Кога со доверба оставаме Јехова да ги реши работите, не дозволуваме да се полниме со лутина и огорченост. Таквите емоции би можеле да нѐ наведат бурно да изреагираме, да ни ја одземат радоста и да ни го нарушат пријателството со Јехова (Пс. 37:8).
13. Што ќе ни помогне да истраеме кога трпиме неправди?
13 Се разбира, никогаш нема да можеме совршено да ги следиме стапките на Исус. Понекогаш ќе направиме или ќе кажеме нешто за што подоцна ќе се каеме (Јак. 3:2). А може да доживееме и неправди кои ќе ни остават длабоки емоционални и физички лузни кои во овој свет ќе си ги носиме до крајот на животот. Ако и ти имаш такви лузни, биди уверен дека Јехова знае низ што минуваш. А и Исус, кој и самиот претрпел разни неправди, многу добро те разбира (Евр. 4:15, 16). Освен совршениот пример на неговиот Син, Јехова ни дава и практични совети кои ни помагаат да се справуваме со неправдите. Од помош ќе ни бидат два стиха од библиската книга Римјаните.
„ДАЈТЕ МУ МЕСТО НА БОЖЈИОТ ГНЕВ“
14. Што значи „да му [дадеме] место на Божјиот гнев“? (Римјаните 12:19).
14 Прочитај Римјаните 12:19. Апостол Павле ги поттикнал христијаните да му дадат место на Божјиот гнев. Тоа го правиме така што оставаме Јехова да одлучи кога и како ќе ја спроведе правдата. Кога еден брат по име Џон доживеал неправда, рекол: „Морав свесно да се кочам за да не ја преземам правдата во свои раце. Римјаните 12:19 ми помогна да чекам на Јехова“.
15. Зошто е најдобро да чекаме Јехова да ги исправи работите?
15 За наше добро е кога чекаме Јехова да ги исправи работите. Тоа е многу подобро отколку да се обидуваме сами да го решиме проблемот и да се изложиме на непотребен стрес и нервози. Јехова ни ја нуди својата помош. Тој како да ни вели: „Остави ми ги работите мене; јас ќе ги решам“. Јехова рекол: „Јас ќе вратам“. Ако имаме доверба во ова ветување, ќе го оставиме проблемот во негови раце, уверени дека тој знае како најдобро да го реши. Тоа му помогнало на Џон, кого го спомнавме претходно. Тој рекол: „Јас треба само да чекам на Јехова. Тој многу подобро знае како и кога да преземе нешто“.
„НАДВЛАДЕЈ ГО ЗЛОТО СО ДОБРО!“
16-17. Како може молитвата да ни помогне да го надвладееме злото со добро? (Римјаните 12:21).
16 Прочитај Римјаните 12:21. Павле ги поттикнал христијаните и на уште нешто: „Надвладеј го злото со добро!“ А во Проповедта на гората Исус рекол: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Мат. 5:44). И самиот тој го правел тоа. Можеме да си замислиме колку многу страдал Исус кога римските војници го приковале на столбот. Но не можеме ни да си претпоставиме колку тешко мора да му било поради сите тие понижувања и неправди.
17 Исус не дозволил неправдите да го надвладеат, односно да го скршат. Тој не ги проколнал тие војници, туку се молел: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23:34). Кога се молиме за оние што се однесуваат лошо со нас, тоа може да ни помогне да се смириме, да не сме толку гневни и огорчени. Дури можеби ќе почнеме поинаку да гледаме на нив.
18. Како молитвата им помогнала на Алберто и на Џон да се справат со неправдите?
18 Благодарение на молитвата, двајцата браќа што беа спомнати во оваа статија успеале да се справат со неправдите што им биле нанесени. Алберто вели: „Се молев за браќата кои неправедно ме обвинија. Повеќе пати го молев Јехова да ми помогне веќе да не ме боли таа неправда“. Колку убаво што Алберто повторно верно му служи на Јехова! Џон вели: „Многу пати се молев за братот што ме повреди. Тие молитви ми помогнаа пообјективно да гледам на него, да не го осудувам. А ми донесоа и внатрешен мир“.
19. Што мора да правиме сѐ додека трае овој свет? (1. Петрово 3:8, 9).
19 Не знаеме со какви сѐ неправди ќе се соочиме пред да дојде крајот на овој свет. Но што и да се случи, никогаш да не престанеме да бараме помош од Јехова. Исто така, да се трудиме на неправдите да реагираме како што реагирал Исус и да продолжиме да ги применуваме библиските начела. Ако го правиме тоа, може да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ благослови. (Прочитај 1. Петрово 3:8, 9.)
ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне
a Во своето прво писмо, во второто и третото поглавје, апостол Петар опишал ситуации во кои многу христијани од првиот век трпеле неправди од страна на сурови господари или сопрузи кои не биле верници (1. Пет. 2:18-20; 3:1-6, 8, 9).
b На jw.org гледај го видеоклипот Како љубовта придонесува да има мир.