Поглавје 62
Поука за понизноста
ОТКАКО го излечил демонизираното момче во подрачјето кое е во близина на Цезареја Филипова, Исус сака да се врати дома во Капернаум. Но, по патот сака да биде насамо со своите ученици за да може и понатаму да ги подготвува за својата смрт и за нивните одговорности после тоа. „Синот човечки треба да биде предаден во рацете на луѓето“, им објаснува тој, „и тие ќе го убијат, но и покрај тоа што ќе биде убиен, ќе стане по три дена.“
Иако порано Исус зборувал за ова, а тројца апостоли всушност и го виделе преобразувањето во текот на кое се зборувало за неговото ‚заминување‘, неговите следбеници сѐ уште не го разбираат тоа. Иако ниеден од нив не се обидува да одрече дека тој ќе биде убиен, како што сторил Петар порано, тие се плашат и понатаму да го распрашуваат околу тоа.
Конечно влегуваат во Капернаум кој за време на Исусовата служба служел како некој вид база. Исто така тој бил роден град на Петар и на неколку други апостоли. Овде на Петар му приоѓаат луѓе кои собираат храмски данок. Веројатно обидувајќи се да го вовлечат Исус да прекрши некој утврден обичај, прашуваат: „Зарем вашиот учител не ги плаќа двете драхми данок [храмски]?“
„Да“, одговара Петар.
Исус, кој веројатно влегува во куќата набргу после тоа, знае што се случува. Затоа, уште пред Петар да го изнесе тоа, го прашува: „Што мислиш, Симоне? Од кого царевите на земјата добиваат давачки или данок по глава? Од своите синови или од странците?“
„Од странците“, одговара Петар.
„Значи, всушност, синовите се ослободени од данок“, забележува Исус. Бидејќи Исусовиот Татко е Цар на универзумот, Оној кого го обожаваат во храмот, за Божјиот Син не постои законско барање да плаќа храмски данок. „Но за да не ги наведеме на спрепнување“, вели Исус, „оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе се појави и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статер [четири драхми]. Земи го и дај им го за мене и за себе.“
Кога учениците, после враќањето во Капернаум, се собираат — можеби во куќата на Петар — тие прашуваат: „Кој е, всушност, најголем во царството на небесата?“ Исус знае што ги наведува да го постават тоа прашање, зашто е свесен што се случувало меѓу нив додека оделе по него кога се враќаа од Цезареја Филипова. Затоа ги прашува: „За што се расправавте патем?“ Засрамени, учениците молчат, бидејќи меѓу себе се расправале за тоа кој е најголем.
Зарем после скоро три години поучување од Исус не е неверојатно што учениците имаат таква расправија? Ова само покажува колку силно влијание има човечката несовршеност, како и религиозното потекло. Еврејската религија, во која се воспитани учениците, ја нагласува положбата или рангот во сите работи. Освен тоа, можеби поради Исусовото ветување дека ќе му даде одредени „клучеви“ од Царството, Петар се чувствувал супериорен. Јаков и Јован можеби имале слично мислење бидејќи биле повластени да бидат сведоци на Исусовото преобразување.
Како и да е, Исус со еден трогателен приказ се обидува да ги исправи нивните ставови. Повикува едно дете, го става меѓу нив, го прегрнува и вели: „Ако не се обратите и не станете како мали деца, никако нема да влезете во небесното царство. Затоа, кој ќе се понизи како ова мало дете, тој е најголем во царството на небесата; и кој прима едно вакво мало дете на темел на моето име, ме прима и мене“.
Каков прекрасен начин да ги исправи своите ученици! Исус не се разлутил на нив и не ги нарекол вообразени, алчни или амбициозни. Не, туку своето поучување — чија цел било да ги исправи — го илустрира на тој начин што го користи примерот на малите деца, а малите деца по природа се скромни и без амбиции, и обично не размислуваат за некаков ранг меѓу себе. Така Исус покажува дека неговите ученици треба да ги развиваат особините кои се својствени за понизните деца. Исус заклучува: „Кој меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“. Матеј 17:22—27; 18:1—5; Марко 9:30—37; Лука 9:43—48.
▪ Која поука ја повторува Исус додека се враќаат во Капернаум, и како е примена таа?
▪ Зошто Исус не е должен да плаќа храмски данок, но зошто го плаќа?
▪ Што можеби придонело за расправијата меѓу учениците, и како Исус ги исправа?