„Купувај ја вистината и немој да ја продаваш“
Купувај ја вистината и немој да ја продаваш — купувај мудрост, поука и разборитост (ИЗР. 23:23)
1, 2. а) Што е најскапоценото нешто во нашиот живот? б) Кои вистини ги цениме, и зошто? (Види ги сликите на почетокот од статијата.)
ШТО е најскапоценото нешто во твојот живот? Дали би го менувал за нешто што има помала вредност? Како слуги на Јехова, најскапоцено нешто за нас е пријателството со него, и тоа не би го менувале за ништо друго. Исто така, многу ја цениме библиската вистина бидејќи ни овозможува да бидеме блиски со нашиот небесен Татко (Кол. 1:9, 10).
2 Јехова е нашиот Најголем Учител кој преку својата Реч, Библијата, нѐ поучува за скапоцени вистини. Тој ни ги открива своите прекрасни особини и значењето на неговото име. Исто така, ни открива дека за нас го дал животот на својот Син бидејќи многу нѐ сака. Јехова нѐ поучува за месијанското Царство. Освен тоа, на помазаниците им дава надеж за живот на небото, а на „другите овци“ им дава надеж за живот во рајот на Земјата (Јован 10:16). Јехова нѐ поучува и како треба да живееме. Ние многу ги цениме овие вистини бидејќи ни помагаат да се зближиме со нашиот Творец и ни даваат смисла во животот.
3. Дали Јехова бара да платиме со пари за да ја дознаеме вистината?
3 Јехова е дарежлив Бог. Толку е дарежлив што го жртвувал својот сопствен Син за нас. Кога гледа дека некој трага по вистината, Јехова му помага да ја најде. Тој никогаш не бара од нас да платиме со пари за да ја дознаеме. Еднаш, еден човек по име Симон му понудил на апостол Петар пари за да добие моќ да им дава свет дух на другите. Но Петар го прекорил со зборовите: „Твоето сребро нека пропадне со тебе, зашто мислеше со пари да го стекнеш Божјиот дар!“ (Дела 8:18-20). Според тоа, што значи изразот „купувај ја вистината“?
ШТО ЗНАЧИ ИЗРАЗОТ „КУПУВАЈ ЈА ВИСТИНАТА“?
4. Што ќе дознаеме во оваа статија во врска со вистината?
4 Прочитај Изреки 23:23. Не можеме да ја „купиме“ вистината од Божјата Реч, односно да ја дознаеме и прифатиме, без да вложиме труд. Мора да бидеме спремни да жртвуваме што и да е потребно за таа цел. А откако ќе ја „купиме“ вистината, мора да внимаваме да не ја „продадеме“, односно да ја оставиме. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да ја „купуваме“ вистината и колкава цена можеби ќе треба да платиме за неа. Тоа ќе ни помогне да го зголемиме нашето ценење за вистината и ќе ја зајакне нашата решеност никогаш да не ја „продадеме“. Исто така, ќе сфатиме дека вреди да дадеме сѐ од себе за да ја купуваме вистината.
5, 6. а) Како можеме да ја купиме вистината без пари? Објасни. б) Како ни користи вистината?
5 Ако нешто е бесплатно, не значи дека не треба да вложиме никаков труд за да го добиеме. Хебрејскиот збор кој во Изреки 23:23 е преведен со „купува“ може да значи и „стекнува“. И двата збора укажуваат на некој кој вложува труд или се откажува од некоја работа за да добие нешто што го смета за скапоцено. За да разбереме што значи да ја купуваме вистината, да размислиме за следниов пример. Да кажеме дека на пазар се нудат бесплатни банани. Дали тие со чудо ќе се најдат на нашата маса? Не. Мора да вложиме труд за да отидеме на пазарот и да ги земеме. Значи, иако бананите се бесплатни, мора да вложиме труд за да ги земеме. Слично на тоа, не ни требаат пари за да ја купиме вистината, но треба да вложиме труд и да направиме некои жртви за да ја стекнеме.
6 Прочитај Исаија 55:1-3. Она што го кажал Јехова во овие стихови ни помага да разбереме што значи да ја купуваме вистината. Тој ги споредил своите зборови со вода, млеко и вино. Исто како што ладната вода нѐ освежува кога сме жедни, така и библиската вистина нѐ освежува во духовен поглед. Исто како што млекото ги зајакнува и им помага на децата да растат, така и библиската вистина нѐ зајакнува и ни помага да растеме во духовен поглед. А зошто Јехова ги споредува своите зборови со вино? Во Библијата пишува дека виното ги весели луѓето (Пс. 104:15). Според тоа, кога вели „земете вино“, Јехова всушност нѐ уверува дека, ако ги применуваме неговите совети во животот, ќе бидеме радосни (Пс. 19:8). Ова навистина е убава споредба од која се гледа колку е корисно да ја дознаеме библиската вистина и да живееме во склад со неа. А сега да разгледаме пет работи од кои можеби ќе треба да се откажеме за да ја купиме вистината.
ШТО СИ ЖРТВУВАЛ ЗА ВИСТИНАТА?
7, 8. а) Зошто е потребно време за да ја купиме вистината? б) Какви жртви направила Марико за да ја купи вистината, и со каков резултат?
7 Време. Ова е цена која мора да ја плати секој што сака да ја купи вистината. На пример, треба да одвои време за да ја слуша добрата вест, да ги чита Библијата и библиските публикации, да ја проучува Божјата Реч со Јеховините сведоци, да се подготвува за собраниските состаноци и да оди на нив. За да можат да се прават сите овие работи мора да се откупува време од други, помалку важни активности. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) Колку време е потребно за некој да ги научи основните библиски вистини? Ова зависи од околностите. Се разбира, нема крај на она што можеме да го научиме за мудроста на Јехова, за неговите патишта и за сите негови дела (Рим. 11:33). Во првиот број на Стражарска кула библиските вистини биле споредени со цвеќенца. Ова списание ги поттикнало читателите да не бидат задоволни само со еден цвет, односно една библиска вистина, туку да продолжат да бараат и други за да соберат што повеќе. Затоа би можеле да се прашаме: „Колкав е мојот ’букет‘ со библиски вистини?“ Дури и во сета вечност, секогаш ќе можеме да учиме нови работи за Јехова. Меѓутоа, многу е важно уште денес да го користиме нашето време за да учиме колку што е можно повеќе за Бог. Да го разгледаме примерот на некој што копнеел да ја дознае вистината.
8 Една млада Јапонка по име Марикоa се преселила во Њујорк (САД) за да се школува. Во тоа време, таа веќе припаѓала на одредена религија. Еден ден, на нејзината врата дошла една сестра која служела како пионер и ѝ ја пренела добрата вест. Кога почнала да ја проучува Библијата, Марико била толку радосна што ја замолила сестрата да проучуваат двапати седмично. И покрај тоа што имала многу школски обврски и работела со скратено работно време, Марико веднаш почнала да оди на собраниските состаноци. Исто така, со цел да има повеќе време да учи за вистината, таа почнала да троши помалку време на рекреација. Таквите жртви ѝ помогнале брзо да напредува во духовен поглед, и по една година се крстила. Шест месеци подоцна, во 2006 год., почнала со пионерска служба и сѐ до ден денес служи како пионер.
9, 10. а) Како библиската вистина влијае врз нашиот став кон материјалните работи? б) Од што се откажала Марија, и што вели во врска со тоа?
9 Материјални работи. За да ја купиме вистината, можеби ќе треба да се откажеме од добро платена работа или од успешна кариера. На пример, кога Исус ги повикал рибарите Петар и Андреј да станат „рибари на луѓе“, тие го оставиле својот занает (Мат. 4:18-20). Се разбира, ова не значи дека ќе треба да ја напуштиш својата работа откако ќе ја дознаеш вистината. Секој христијанин има одговорност да работи и да се грижи за своето семејство (1. Тим. 5:8). Но, оние што учат за вистината обично треба да си го сменат ставот за материјалните работи и за тоа што е најважно во животот. Исус рекол: „Престанете да собирате богатство на земјата... Туку собирајте си богатство на небото“ (Мат. 6:19, 20). Да го разгледаме примерот на една девојка по име Марија.
10 Таа играла голф уште од мали нозе. Кога била во средно училиште, станувала сѐ подобра и подобра. Како резултат на тоа, добила стипендија за факултет. Нејзина животна цел била да стане професионален играч на голф и да заработува многу пари. Некое време откако завршила средно училиште, Марија почнала да ја проучува Библијата. Многу ги засакала библиските вистини и веднаш почнала да ги применува во својот живот. Таа вели: „Колку повеќе размислував и постапував во склад со библиските мерила толку посреќна станував“. Марија сфатила дека ќе ѝ биде тешко во исто време да го гради својот однос со Јехова и да гради спортска кариера (Мат. 6:24). Затоа одлучила да се откаже од целта да стане професионален играч на голф и од можноста да стекне богатство и слава. Денес Марија служи како пионер и вели дека води многу среќен и исполнет живот.
11. Откако ќе ја прифатиме вистината, што може да се случи со нашите односи со некои пријатели и роднини?
11 Односите со другите луѓе. Кога ќе почнеме да го применуваме она што го учиме од Библијата, нашите односи со пријателите и роднините можеби ќе се сменат. Причината за тоа се гледа од молитвата што ја кажал Исус во врска со неговите следбеници: „Посвети ги со вистината! Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Изразот „посвети ги“ може да се преведе и како „одвои ги“. Кога сме ја прифатиле вистината, ние сме се одвоиле од светот бидејќи сме почнале да живееме според библиските мерила. Иако се трудиме да останеме во добри односи со нашите пријатели и роднини, некои можеби нема да нѐ сакаат како порано, па дури можеби и ќе се противат на нашите нови верувања. Ова воопшто не нѐ изненадува. Исус рекол: „Навистина, непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни“ (Мат. 10:36). Но, исто така ни ветил дека, без разлика колку жртви правиме за вистината, за возврат ќе добиеме многу повеќе. (Прочитај Марко 10:28-30.)
12. Што доживеал Арон поради вистината?
12 Еден Евреин по име Арон цел живот верувал дека не смее да се изговара Божјето име. Но, тој многу сакал да ја дознае вистината за Бог. Затоа бил воодушевен кога еден Сведок му објаснил дека, ако додаде самогласки на четирите хебрејски согласки од Божјето име, тоа може да се изговори како „Јехова“. Пресреќен, Арон отишол во синагогата за да им каже на рабините за неговото откритие. Си мислел дека и тие ќе бидат многу радосни ако ја дознаат вистината за Божјето име, но не биле. Наместо тоа, рабините почнале да го плукаат и го исфрлиле надвор. Исто така, му се нарушиле односите со семејството. Но, Арон не дозволил сето тоа да го спречи да продолжи да учи за Јехова. Тој станал Јеховин сведок и верно му служел на Бог до крајот на својот живот. Кога ќе ја прифатиме вистината, и ние како Арон може да очекуваме дека односите со нашите роднини и пријатели ќе се сменат.
13, 14. Какви промени во нашето размислување и однесување треба да направиме за да ја купиме вистината? Наведи пример.
13 Нечисти мисли и постапки. За да ја прифатиме вистината и да живееме според библиските мерила, мора да бидеме спремни да правиме промени во нашето размислување и однесување. Апостол Петар напишал: „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте додека бевте во незнаење, туку... бидете свети во сѐ што правите“ (1. Пет. 1:14, 15). Во древниот град Коринт, многу луѓе биле неморални. Жителите на тој град морале да направат големи промени за да ја купат вистината (1. Кор. 6:9-11). И денес многумина прават слични промени за да ја купат вистината. Петар го опишал ова со следниве зборови: „Доста е што во минатото ја вршевте волјата на луѓето од светот кога живеевте во бесрамност, во страсти, во пијанство, во разуздани гозби, во натпивања и во недозволени идолопоклонства“ (1. Пет. 4:3).
14 Девин и Џасмин со години биле алкохоличари. Иако Девин бил искусен книговодител, честопати ја губел работата поради неговиот проблем со алкохолот. Неговата девојка Џасмин била позната како агресивна и насилна личност. Еден ден, додека одела пијана по улица, таа сретнала еден брачен пар Сведоци кои биле мисионери. Сведоците се договориле со неа да ја проучуваат Библијата. Кога отишле кај нив следната седмица, Девин и Џасмин биле пијани. Тие не очекувале дека мисионерите навистина ќе дојдат кај нив. Но кога мисионерите ги посетиле следниот пат, ситуацијата била поинаква. Џасмин и Девин едвај чекале да ја проучуваат Библијата, и брзо почнале да го применуваат она што го учеле. За помалку од три месеци престанале со пиењето, а подоцна и законски се венчале. Многу луѓе од нивното село ги забележале промените што ги направиле Џасмин и Девин, и тоа ги поттикнало и нив да ја проучуваат Библијата.
15. Која може да биде една од најтешките промени што треба да ја направиме за да ја купиме вистината, и зошто?
15 Небиблиски обичаи. Една од најтешките промени што мора да ги направиме за да ја купиме вистината е да се откажеме од одредени обичаи што не му се допаѓаат на Јехова. Дури и откако ќе дознаат како гледа Јехова на тие обичаи, на некои сѐ уште им е тешко да се откажат од нив поради притисокот од семејството, колегите и пријателите. Тој притисок може да биде многу голем, особено кога станува збор за обичаи во чест на починатите роднини (5. Мој. 14:1). Што може да ни помогне да ги направиме потребните промени ако сме во таква ситуација? Можеме да учиме од добрите примери на оние што во минатото направиле промени откако ја дознале вистината. Да видиме што направиле некои од жители на Ефес во првиот век.
16. Каква жртва направиле некои жители на Ефес?
16 Многу жители на древниот Ефес се занимавале со магија. Што направиле некои од нив кога станале христијани? Библијата објаснува: „Мнозина од оние што се занимаваа со магија ги собраа своите книги и ги изгореа пред сите. И проценија дека вредеа педесет илјади сребреници. Така Јеховината реч силно растеше и преовладуваше“ (Дела 19:19, 20). Овие верни христијани биле спремни да се откажат од нивните скапи книги, и Јехова ги благословил поради тоа.
17. а) Кои работи можеби сме ги жртвувале за да ја купиме вистината? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Што си жртвувал ти за да ја купиш вистината? Сите сме жртвувале време за таа цел. Исто така, некои од нас ја жртвувале можноста да станат богати, а на некои им се нарушиле односите со другите. Многумина морале да го сменат начинот на размислување и постапување или морале да се откажат од небиблиски обичаи. Но уверени сме дека библиската вистина е многу повредна од сите жртви што сме ги направиле за неа. Таа ни овозможува да бидеме блиски пријатели со Јехова, а нема ништо поскапоцено од тоа. Кога размислуваме за сите благослови што ни ги носи вистината, тешко е да разбереме зошто некој воопшто би ја „продал“. Како би можело да се случи тоа, и што ќе ни помогне никогаш да не ја направиме таа голема грешка? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме во следната статија.
a Некои имиња во оваа статија се сменети.