ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Во потрага по живот кој има вистинска смисла
ДОДЕКА пловев среде Средоземното Море, се шокирав кога видов дека мојот стар едреник има дупка низ која влегува многу вода. Згора на тоа, настана и бура. Многу се исплашив и почнав да се молам за првпат по многу години. Како се најдов во оваа ситуација? Да ви раскажам од почеток.
Роден сум во Холандија во 1948 год. Следната година моето семејство се преселило во Сао Паоло (Бразил). Моите родители редовно одеа во црква, и како семејство редовно ја читавме Библијата навечер. Во 1959 год. се преселивме во САД, во државата Масачусетс.
Татко ми работеше напорно за да се грижи за нашето осумчлено семејство. Низ годините тој работеше како трговски патник, на изградба на патишта и за една меѓународна авиокомпанија. Сите бевме среќни кога тој се вработи во авиокомпанијата, бидејќи така можевме често да патуваме.
Во средно училиште честопати се прашував: „Што ќе работам кога ќе пораснам?“ Некои од моите другари се запишаа на факултет, а други отидоа да служат војска. Но јас не ни помислував да одам војска, бидејќи по природа сум човек кој не сака расправии, а камоли воени конфликти. Решив да се запишам на факултет за да избегнам воена служба. Сепак, длабоко во себе сакав да им помагам на другите луѓе бидејќи сметав дека тоа ќе му даде вистинска смисла на мојот живот.
МОИТЕ СТУДЕНТСКИ ДЕНОВИ
На факултет ме интересираше предметот антропологија бидејќи сакав да дознаам нешто повеќе за потеклото на животот. Учевме за еволуција и се очекуваше да ја прифатиме како факт. Но, според мене, некои објаснувања не беа логични и требаше да верувам во нешто за кое немаше научни докази.
На предавањата не нѐ поучуваа за морални вредности. Наместо тоа, се нагласуваше дека треба да се успее по секоја цена. Кога одев по забави и пробував разни дроги, се чувствував среќен. Но тоа чувство траеше само кратко. Се прашував: „Дали ваквиот живот навистина има смисла?“
Во меѓувреме се преселив во Бостон и таму се запишав на факултет. За да ги покријам трошоците за факултетот, во текот на летото се вработив на едно место и таму за првпат сретнав Јеховин сведок. Тој ми беше колега и, меѓу другото, ми зборуваше за пророштвото на Даниел во врска со седумте времиња и ми објасни дека живееме во времето на крајот (Дан. 4:13-17). Набрзо сфатив дека, ако продолжам да зборувам со него за Библијата, ќе се задлабочам во тие работи и ќе треба да направам промени во мојот живот. Затоа гледав колку што е можно повеќе да го избегнувам.
На факултет одев на часови кои требаше да ме подготват да работам како волонтер во Јужна Америка. Мислев дека тоа што ќе им помагам на другите на ваков начин ќе ми донесе смисла во животот. Но, сфатив дека нема да биде така. Разочаран, го напуштив факултетот на крајот на семестарот.
ПРОДОЛЖИВ ДА БАРАМ СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ ВО ДАЛЕЧНИ ЗЕМЈИ
Во мај 1970 год., се преселив во Амстердам (Холандија) за да работам во истата авиокомпанија во која работеше татко ми. Ваквата работа ми овозможи многу да патувам и да посетувам земји во Африка, Америка, Европа и Азија. За кратко време сфатив дека, без оглед на тоа која земја ќе ја посетев, секаде имаше големи проблеми за кои никој немаше решение. Повторно ми се разгори желбата да постигнам нешто што ќе ме исполни, и затоа одлучив да се вратам во САД и да продолжам со студиите на истиот факултет во Бостон.
Кратко откако се вратив на факултет, сфатив дека не добивам одговори на моите прашања во врска со животот. Бидејќи не знаев што да правам, побарав совет од професорот по антропологија. Многу ме изненади кога ми рече: „Зошто да продолжиш со студиите? Нели е подобро да прекинеш?“ Не требаше да ми каже два пати — го напуштив факултетот и повеќе не се вратив.
Бидејќи сѐ уште се чувствував празно, се придружив на една група која ги отфрлаше социјалните норми и се залагаше за мир и љубов. Со некои пријатели патувавме автостоп низ САД и стигнавме до Акапулко (Мексико). Живеевме со хипици, кои на изглед имаа безгрижен живот. Но, набрзо сфатив дека нивниот начин на живот немаше смисла ниту, пак, носеше трајна среќа. Наместо тоа, забележав дека меѓу нив имаше многу нечесност и нелојалност.
ПОТРАГАТА ЈА ПРОДОЛЖУВАМ ПАТУВАЈЌИ СО ЕДРЕНИК
Во меѓувреме, почнав да размислувам за нешто за кое сонував уште како дете. Сакав да пловам по морињата, но не како морнар, туку како капетан. Единствениот начин да успеам во тоа беше да имам свој едреник. Еден мој пријател по име Том имаше иста таква желба, па затоа одлучивме заедно да пловиме околу светот. Целта ми беше да најдам тропски рајски остров, каде што ќе бидам далеку од секој општествен поредок.
Јас и Том најпрво отидовме во Аренис де Мар, близу Барселона (Шпанија). Таму купивме едреник долг речиси 10 метри, кој го носеше името Лигра. Почнавме да го поправаме за да може безбедно да пловиме на поголеми далечини. Бидејќи никаде не ни се брзаше, го извадивме моторот и го користевме тој простор за да складираме повеќе вода за пиење. За да можеме да го управуваме едреникот низ малите пристаништа, набавивме две весла долги по 5 метри. Конечно тргнавме кон нашата крајна дестинација — Сејшелските острови во Индискиот Океан. Нашиот план беше да пловиме покрај западниот брег на Африка и да го заобиколиме ’ртот Добра Надеж, кој се наоѓа во Јужноафриканската Република. За да се движиме во исправен правец, се ориентиравме според ѕвездите и притоа користевме мапи, книги и едноставни инструменти за навигација. Ме воодушевуваше тоа што можевме прецизно да одредиме каде се наоѓаме.
Не ни требаше долго време за да сфатиме дека нашиот стар дрвен едреник нема да издржи долга пловидба. Во него почна да навлегува вода, и тоа по околу 20 литри на час. Како што раскажав на почетокот, многу се исплашив кога настана бура и се помолив за првпат после многу години. Му ветив на Бог дека, ако преживеам, ќе се обидам подобро да го запознаам. Бурата се смири, а јас си го одржав моето ветување.
Додека пловевме по морето, почнав да ја читам Библијата. Замислете колку е убаво да седиш среде Средоземното Море, опкружен со летечки риби, делфини и бескраен хоризонт. А ноќе ме импресионираше ѕвезденото небо, и станав уште поуверен дека постои Бог кој се грижи за луѓето.
Откако поминавме неколку недели на отворено море, пристигнавме во пристаништето во Аликанте (Шпанија), каде што се обидовме да го продадеме нашиот едреник за да купиме подобар. Не беше чудно што никој не сакаше да купи стар едреник кој немаше мотор и пропушташе вода! Но, барем имав доволно време да си ја читам Библијата.
Колку повеќе ја читав Библијата толку повеќе сфаќав дека е книга со упатства кои можат да ни помогнат да бидеме среќни. Бев восхитен колку јасно стои во неа дека треба да водиме морално чист живот. Се прашував зошто толку многу луѓе, вклучувајќи ме и мене, се сметаат за христијани, а не живеат според она што го кажува Библијата.
Бев решен да почнам да водам чист живот, па затоа престанав да земам дрога. Сметав дека мора да има луѓе кои живеат според библиските високи морални мерила и сакав да ги запознаам. По вторпат се помолив, барајќи од Бог да ми помогне да ги најдам.
МОЈАТА ПОТРАГА ПО ВИСТИНСКАТА РЕЛИГИЈА
Најлогично ми беше да ја барам вистинската религија по пат на елиминација. Додека се движев низ Аликанте, наидов на многу верски објекти. Но, бидејќи повеќето од нив имаа идоли, брзо ги отпишав.
Едно неделно попладне седев на едно ритче од кое се гледаше пристаништето и ги читав стиховите од Јаков 2:1-5, каде што пишува дека не треба да се покажува пристрасност кон богатите. Додека се враќав кон едреникот, поминав покрај еден верски објект на кој имаше натпис: „Сала на Јеховините сведоци“.
Си реков: „Ај да ги испитам овие луѓе, да видам како ќе ме примат“. Влегов во салата бос, со брада и со искинати фармерки. Редарот ме упати да седнам до една постара жена, која љубезно ми помагаше да ги најдам стиховите што ги спомнуваше говорникот. По состанокот, голем впечаток ми остави љубезноста на сите што дојдоа да се поздрават со мене. Еден човек ме покани кај него дома за да зборуваме за Библијата. Но, бидејќи сѐ уште ја немав прочитано целата, му реков: „Ќе ти кажам кога ќе бидам спремен“. Во меѓувреме почнав да присуствувам на сите состаноци.
По неколку седмици отидов кај овој човек дома, и тој ми одговори на моите библиски прашања. Една седмица подоцна ми даде торба полна со убави алишта. Ми кажа дека тие алишта се на некој што е во затвор затоа што е послушен на библиската заповед да се сакаме еден со друг и да не војуваме (Иса. 2:4; Јован 13:34, 35). Во тој момент се уверив дека го најдов она што го барав — луѓе кои го применуваат она што го кажува Библијата во врска со моралот. Повеќе немав цел да пронајдам рајски остров, туку длабоко да ја проучувам Библијата. Затоа се вратив во Холандија.
ВО ПОТРАГА ПО РАБОТА
Четири дена патував автостоп за да стигнам до градот Гронинген (Холандија). Бидејќи требаше да најдам работа за да се издржувам, отидов во еден столарски дуќан. Таму ми дадоа да пополнам лист со прашања, од кои едното беше на која религија припаѓам. Јас напишав: „Јеховини сведоци“. Кога сопственикот го прочита тоа, му се смени изразот на лицето. Ми рече: „Ќе ти се јавам“. Но, никогаш не го стори тоа.
Отидов во друг столарски дуќан и го прашав сопственикот дали му треба работник. Тој ми побара диплома за завршено образование и писма со препораки од претходни работни места. Му објаснив дека имам искуство со поправање на дрвен едреник. Се изненадив кога ми рече: „Можеш да почнеш со работа уште денес, но под еден услов — не сакам никакви проблеми во дуќанот, бидејќи јас сум Јеховин сведок и живеам според библиските мерила“. Изненадено го погледнав и му реков: „Па и јас сум!“ Бидејќи имав долга коса и брада, тој знаеше дека не сум. Затоа ми рече: „Тогаш ќе ја проучувам Библијата со тебе“. Со драга волја ја прифатив неговата понуда. Ми стана јасно зошто претходниот газда никогаш не ми се јави. Можев да видам како Јехова ми одговара на молитвите (Пс. 37:4). И така, една година работев во дуќанот на овој брат. Во тој период ја проучував Библијата со него, и во јануари 1974 год. се крстив.
КОНЕЧНО ПОЧНАВ ДА ВОДАМ СМИСЛОВЕН ЖИВОТ!
Еден месец подоцна, започнав со пионерска служба, која ми причинуваше голема радост. Следниот месец се преселив во Амстердам за да ја поддржувам групата на шпански јазик која штотуку беше формирана. Бев многу среќен што можев да водам библиски курсеви на шпански и на португалски. Во мај 1975 год. добив чест да служам како специјален пионер.
Еден ден, една сестра по име Инеке, која служеше како специјален пионер, дојде на состанок во нашата група заедно со една интересентка од Боливија за да ја запознае со браќа и сестри кои зборуваат шпански. Јас и Инеке решивме подобро да се запознаеме. Затоа почнавме да се допишуваме, и по кратко време сфативме дека имаме исти цели. Се зедовме во 1976 год. и продолживме да служиме како специјални пионери сѐ до 1982 год., кога бевме поканети на 73-от клас на школата Гилеад. Бевме многу изненадени и радосни што добивме задача да одиме во Источна Африка, каде што пет години служевме во Момбаса (Кенија). Во 1987 год. бевме испратени во Танзанија, каде што беше укината забраната на нашето проповедничко дело. Таму останавме 26 години, а потоа повторно се вративме во Кенија.
Тоа што можеме да им помагаме на понизни луѓе да ја дознаат библиската вистина ни даде вистинска смисла во животот. На пример, човекот со кого најпрво ја проучував Библијата во Момбаса го сретнав додека сведочев на јавни места. Му дадов две списанија, а тој ми рече: „Кога ќе ги прочитам овие, што потоа?“ Следната седмица почнавме да ја проучуваме Библијата со книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, која штотуку излезе на јазикот свахили. По една година, тој се крсти и почна да служи како општ пионер. Оттогаш наваму, тој и жена му им помогнаа на скоро 100 души да му го заветуваат животот на Јехова и да се крстат.
Кога првпат сфатив која е смислата на животот, се почувствував како трговецот кој нашол скапоцен бисер и кој не сакал да остане без него (Мат. 13:45, 46). Сакав да го посветам мојот живот на тоа да им помагам и на други да ја дознаат вистинската смисла на животот. Јас и мојата драга сопруга од прва рака видовме како Јехова им помага на своите слуги да водат живот кој има вистинска смисла.