Јован
19 Тогаш, Пилат го зеде Исус и го предаде на камшикување.+ 2 А војниците сплетоа круна од трње, му ја ставија на глава и го облекоа во пурпурна облека.+ 3 И му приоѓаа и му велеа: „Здраво, царе на Евреите!“ И му удираа шлаканици.+ 4 А Пилат повторно излезе и им рече: „Еве, ви го изведувам за да знаете дека не наоѓам никаква кривица во него“.+ 5 Тогаш Исус излезе надвор, носејќи ја круната од трње и пурпурната облека. А Пилат им рече: „Еве го човекот!“ 6 Кога главните свештеници и стражарите го видоа, викнаа: „Прикови го на столб!* Прикови го на столб!“+ А Пилат им рече: „Земете го вие и приковете го на столб, бидејќи јас во него не наоѓам никаква вина!“+ 7 Тогаш Евреите му одговорија: „Ние имаме закон,+ и според законот, тој треба да умре, бидејќи за себе тврдеше дека е Божји син“.+
8 Кога Пилат ги чу овие зборови, уште повеќе се уплаши, 9 па се врати во палатата и му рече на Исус: „Од каде си ти?“ Но Исус не му одговори.+ 10 Тогаш Пилат му рече: „Зар мене не ми одговараш?+ Не знаеш ли дека имам власт да те пуштам и имам власт да те приковам на столб?“ 11 Исус му одговори: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора.+ Затоа поголем грев има оној што ме предаде на тебе“.
12 Поради ова, Пилат настојуваше да го пушти. Но Евреите викаа: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот! Секој што се прави цар, му се противи на цезарот“.+ 13 Кога ги чу тие зборови, Пилат го изведе Исус и седна на судиската столица на местото наречено Камен плочник, а на хебрејски Гавата. 14 А беше денот за подготовка*+ на пасхата, околу шестиот* час. И им рече на Евреите: „Еве го вашиот цар!“ 15 А тие почнаа да викаат: „Погуби го! Погуби го! Прикови го на столб!“ Тогаш Пилат им рече: „Зар вашиот цар да го приковам на столб?“ А главните свештеници одговорија: „Ние немаме друг цар, освен цезарот!“+ 16 Тогаш им го предаде да биде прикован на столб.+
И тие го презедоа Исус. 17 Носејќи го сам маченичкиот столб, на кој требаше да биде прикован,+ излезе+ на местото наречено Череп, кое на хебрејски се вика Голгота.+ 18 Таму го приковаа на столбот,+ а со него и други двајца, еден од едната и еден од другата страна, а Исус во средината.+ 19 Пилат напиша и натпис и го стави на столбот. Беше напишано: „Исус Назареќанецот, царот на Евреите“.+ 20 Така мнозина од Евреите го прочитаа овој натпис, бидејќи местото каде што Исус беше прикован на столб беше близу до градот,+ а беше напишан на хебрејски, латински и грчки. 21 Но еврејските главни свештеници му рекоа на Пилат: „Не пишувај: ‚Цар на Евреите‘, туку дека тој рече: ‚Јас сум царот на Евреите‘ “. 22 А Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“
23 А кога војниците го приковаа Исус на столбот, ја зедоа неговата горна облека и ја разделија на четири дела, на секој војник по еден дел. А ја зедоа и долната облека, која немаше шев, туку целата беше исткаена во едно парче.+ 24 Затоа си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку со ждрепка да одлучиме чија ќе биде“. Тоа беше за да се исполнат зборовите од Писмото: „Мојата облека ја разделија меѓу себе, и за моите алишта фрлија ждрепка“.+ Војниците така и направија.
25 А кај Исусовиот столб стоеја мајка му+ и сестрата на мајка му, потоа Марија,+ жената на Клопа, и Марија Магдалена.+ 26 Кога Исус ја виде својата мајка и покрај неа ученикот кого посебно го сакаше,+ ѝ рече на мајка си: „Жено,* еве ти син!“ 27 Потоа му рече на ученикот: „Еве ти мајка!“ И ученикот оттогаш ја зеде во својот дом.
28 По ова, бидејќи Исус знаеше дека веќе сѐ е довршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум“.+ 29 А таму стоеше сад полн со скиселено вино. Затоа на една прачка од исоп закачија сунѓер полн со скиселено вино и му го принесоа до устата.+ 30 А кога го вкуси скиселеното вино, Исус рече: „Довршено е!“+ И наведнувајќи ја главата, издивна.*+
31 А беше денот на подготовката.+ За да не останат телата на столб+ во сабота* — бидејќи таа сабота беше голем ден+ — Евреите го замолија Пилат да им ги скршат нозете на оние што беа на столбот, па да ги симнат нивните тела. 32 И војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот човек, кои беа приковани на столб со него. 33 Но кога дојдоа до Исус и видоа дека веќе е мртов, не му ги скршија нозете, 34 туку еден од војниците го прободе со копје во слабината,+ и веднаш потече крв и вода. 35 Оној што го виде тоа, сведочи, и неговото сведоштво е вистинито. Тој знае дека ја зборува вистината, за да верувате и вие.+ 36 А тоа се случи за да се исполнат зборовите од Писмото: „Ниту една коска нема да му биде скршена“.+ 37 А на друго место во Писмото стои: „Ќе гледаат во оној што го прободоа“.+
38 Потоа, Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но го криеше тоа, поради страв од Евреите,+ го замоли Пилат да му дозволи да го симне Исусовото тело. Пилат му дозволи,+ па Јосиф дојде и го симна неговото тело.+ 39 А дојде и Никодим, човекот кој првиот пат беше дошол кај него ноќе, и донесе еден врзоп смирна и алое, околу сто либри.*+ 40 И го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во завои со мирисливи материи,+ според еврејскиот обичај за погреб. 41 А на местото каде што беше прикован на столб имаше градина, и во градината нов гроб,+ во кој уште никој не беше положен. 42 Поради тоа што на Евреите им беше денот на подготовката,+ а гробот беше близу, го положија Исус во него.