7. поглавје
Зошто сме овде?
1. Што заклучуваат луѓето кои размислуваат?
МНОГУ ЛУЃЕ одамна се прашуваат во што се состои смислата на животот. Го набљудуваат огромното ѕвездено небо, се восхитуваат на прекрасните бои при заоѓањето на Сонцето и на убавината на природата. Луѓето кои размислуваат заклучуваат дека сето тоа мора да има некоја значајна цел. Но, често се прашуваат која е нивната улога во сето тоа (Псалм 8:3, 4).
2. Кои прашања ги поставиле многу луѓе?
2 Кога и да е, во животот доаѓа време кога ни се наметнува прашањето: Дали постоиме за да живееме едно кратко време, да извлечеме од животот сѐ што можеме и да умреме? Каде одиме? Дали можеме да очекуваме нешто повеќе отколку краток круг на раѓање, живеење и смрт? (Јов 14:1, 2). Тоа ќе го разбереме подобро кога ќе го добиеме одговорот на прашањето: Како сме настанале?
СО ЕВОЛУЦИЈА ИЛИ СОЗДАВАЊЕ?
3. Што научува теоријата за еволуција?
3 Во некои делови од Земјата, општо земено, се прифаќа дека сѐ што гледаме настанало случајно или само од себе. Тоа значи дека животот се развивал во текот на милиони години од пониски животни форми додека конечно не настанал човекот. Во многу делови на Земјата оваа теорија за еволуцијата се учи како факт. Но, дали е точно дека сме настанале од мајмунолики животни, кои живееле пред милиони години? Дали огромната вселена настанала случајно?
4. Зошто можеме да веруваме дека Бог ги создал небото и Земјата?
4 Библијата вели: ”Во почетокот Бог ги создаде небото и Земјата“ (1. Мојсеева 1:1, ДК). И научните факти докажуваат дека небото со милијардите ѕвезди и нашата Земја имаат почеток. Тие биле создадени. Движењето на ѕвездите и планетите е толку прецизно што со совршена точност може со години однапред да се одреди нивното место. Ѕвездите и планетите во вселената се движат според законите и принципите на математиката. П. Дајрек, професор по математика на универзитетот во Кембриџ, во списанието Scientific American напишал: ”Ситуацијата би можела да се опише вака: Бог е математичар од највисок ранг и при создавањето на вселената применил мошне напредни математички знаења.“
5. Како нашето тело покажува дека не сме производ на еволуцијата, туку сме создадени?
5 Библијата изјавува: ”Сознајте дека Јехова е Бог. Тој нѐ направил, а не ние сами“ (Псалми 100:3, NW). Човечкото тело е толку прекрасно направено што еден запишувач на Библијата бил поттикнат да рече: ”Ќе те фалам, зашто сум создаден на начин кој влева стравопочитување. Моите коски не беа скриени од тебе кога во тајност бев направен. Твоите очи го видоа мојот ембрион и во твојата книга беа запишани сите негови делови“ (Псалам 139:14–16, NW). Детето во мајчината утроба настанува на зачудувачки начин. Во списанието Newsweek го пишува следново: ”Едноставно речено тоа е чудо.“ Натаму додава: ”Не постои никаква техника со која може да се утврди моментот на зачнувањето. Ниту еден научник не може да каже какви чудесни сили дејствуваат за да се произведат органите и неверојатно разгранетиот нервен систем на човечкиот ембрион.“
6. Зошто е поразумно да се верува во создавање, отколку во еволуција?
6 Размисли за нашата огромна вселена, како и за сопственото тело со неговата прекрасна градба. Здравиот разум треба да ни каже дека тие не се развиле или настанале сами од себе. За тоа бил потребен Конструктор, Творец. Помисли на сето она што нѐ опкружува. Кога си дома прашај се: ”Дали мојата работна маса, машината за пишување, светилката, креветот, столицата, масата, ѕидовите или самата куќа се развиле сами од себе или некој морал да ги направи?“ Се разбира, мора да ги направиле со разум обдарени суштества! Како тогаш можеме да тврдиме дека не бил потребен Творец за многу покомплицираната вселена и за самите нас? И ако Бог нѐ поставил на Земјата, сигурно за тоа постоела причина.
7. (а) Како Исус покажал дека верува во создавањето? (б) Кој натамошен доказ постои дека Адам навистина живеел?
7 Самиот Исус Христос за првите луѓе рекол: ”Кога во почетокот ги создаде, ’ги создаде машко и женско‘, и рече: ’Затоа човекот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи за својата жена, па обајцата ќе бидат е д н о тело“ (Матеј 19:4, 5, Ст). Овде Исус цитирал од 1. Мојсеева 1:27; 2:24, каде што се говори за создавањето на Адам и Ева. Овој извештај тој го сметал за вистинит (Јован 17:17). Исто така, Библијата го означува Енох како ”седми од линијата на Адам“ (Јуда 14, NW). Ако Адам навистина не живеел, тогаш Библијата не би се изразувала толку одредено за него (Лука 3:37, 38).
8. Кое гледиште за настанувањето на човекот не го научува Библијата?
8 Некои велат дека Бог се послужил со еволуција за да создаде човекот. Тие тврдат дека Бог допуштил човекот да се развива до одреден степен, а потоа му всадил душа. Но, оваа претпоставка нема поддршка во Библијата. Наместо тоа, во Библијата пишува дека растенијата и животните биле создадени ”според своите видови“ (1. Мојсеева 1:11, 21, 24). И фактите покажуваат дека со текот на времето ниеден растителен или животински вид не се развил во друг вид. Повеќе докази дека не сме производ на еволуција ќе најдеш во книгата Живот — Како је настао? Еволуцијом или стварањем?
КАКО БОГ ГО СОЗДАЛ ЧОВЕКОТ?
9. (а) Како Библијата го опишува создавањето на човекот? (б) Што се случило кога Бог во носниците му вдахнал на човекот ”животен здив“?
9 Бог го создал човекот од земја за да живее на Земјата. Библијата вели: ”Јахве, Бог, го направи човекот од прав земски и во носниците му вдахна животен здив. Така човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7, Ст). Значи, човекот бил директно создаден од Бог. Со посебен чин на создавање, Бог го создал како потполна личност. Кога Бог му вдахнал во носниците ”животен здив“, белите дробови се наполниле со воздух. Но, со тоа е предизвикано уште нешто. На тој начин Бог му дал на човечкото тело живот. Со дишењето се одржува животната сила.
10. Што е човечката душа и како била создадена?
10 Меѓутоа, забележи дека Библијата не вели дека Бог му дал на човекот душа. Не, туку откако Бог го предизвикал дишењето, ”човекот стана жива душа“. Значи, човекот бил душа, токму онака како што некој кој треба да стане лекар, конечно е лекар (1. Коринтјаните 15:45). ”Земјиниот прав“ од кој е направено телото, не е душа. Ниту пак Библијата вели дека ”животниот здив“ е душа. Наместо тоа, Библијата известува дека со спојувањето на тие две работи, ’човекот станал жива душа‘.
11. Кои библиски факти за човековата душа покажуваат дека таа не е како сенка која може да постои одвоено од телото?
11 Таа не може да биде нешто како сенка која што живее во телото и може да го напушти, затоа што душа е самиот човек. Едноставно речено, Библијата учи дека твојата душа си самиот ти. На пример, во Библијата читаме дека душата сака да јаде физичка храна: ”Твојата душа сака да јаде месо“ (5. Мојсеева 12:20, NW). Исто така во Библијата пишува дека душите имаат крв која тече низ вените, бидејќи зборува за ”трагите од крвта од душите на недолжните сиромаси“ (Еремија 2:34, NW).
ЗОШТО БОГ ГО ПОСТАВИЛ ЧОВЕКОТ НА ЗЕМЈАТА
12. Каква била Божјата намера за луѓето на Земјата?
12 Божјата намера за Адам и Ева не била по одредено време да умрат и потоа да живеат некаде на друго место. Тие требало да останат овде и да се грижат за Земјата и за сѐ што живее на неа, како што пишува во Библијата: ”И ги благослови Бог, и им рече Бог: раѓајте се и множете се, и наполнете ја земјата, и владејте со неа, и бидете господари од рибите морски и од птиците небесни и од сите ѕверови што се движат по земјата“ (1. Мојсеева 1:28, ДК; 2:15). Така Адам и Ева и сите нивни деца можеле засекогаш среќно да живеат на Земјата и да го вршат она кое Бог го барал од нив.
13. (а) Како можеме да бидеме среќни? (б) Што ќе му даде вистинска смисла на нашиот живот?
13 Забележи дека ”Бог ги благословил“. Тој навистина се интересира за своите земски деца. Како татко полн со љубов тој им дал упатства кои служеле за нивно добро. Тие би биле среќни ако би се придржувале на нив. Исус тоа го знаел, затоа подоцна рекол: ”Среќни се оние кои ја слушаат Божјата реч и ја држат“ (Лука 11:28, NW). Исус ја применувал Божјата реч. Рекол: ”Секогаш го правам она што нему му се допаѓа“ (Јован 8:29). Тука е клучот на важната причина зошто сме овде, а тоа е: да се има исполнет, среќен живот во согласност со Божјата волја. Нашиот живот ќе добие вистинска смисла ако му служиме на Јехова. И постапувајќи така, добиваме можност засекогаш да живееме во рајот на Земјата (Псалм 37:11, 29).
ЗОШТО СТАРЕЕМЕ И УМИРАМЕ
14. Што направиле Адам и Ева со тоа што не биле послушни на Божјата заповед?
14 Но, денес сите старееме и умираме. Зошто? Како што споменавме во претходното поглавје, тоа е поради бунтот на Адам и Ева. Јехова ги ставил на испит кој требало да им ја предочи потребата да му бидат послушни на Бог. Тој му рекол на Адам: ”Од секое дрво во градината јади додека не се наситиш. Само од дрвото на знаењето на доброто и злото не јади, зашто во кој ден ќе јадеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17, NW). Со тоа што јаделе од дрвото, Адам и Ева го напуштиле својот небесен Татко и го отфрлиле неговото водство. Биле непослушни и зеле нешто што не им припаѓа. Можеле среќно засекогаш да живеат во рајот, без сиромаштија или страдања, но сега над себе ја донеле казната за гревот: несовршеност и смрт (Римјаните 6:23).
15. Како од Адам сме наследиле несовршеност?
15 Дали знаеш како сме го наследиле гревот од Адам? Откако Адам станал несовршен, несовршеноста и смртта ги пренел на сите свои деца (Јов 14:4; Римјаните 5:12). За да ова подобро го разбереме, да си замислиме што се случува ако пекарот пече леб во тепсија која има вдлабнатина. Таа вдлабнатина ќе остави трага во секој леб којшто се пече во таа тепсија. Адам може да се спореди со тепсија, а ние со лебот. Прекршувајќи го Божјиот закон станал несовршен, исто како да добил вдлабнатина или грда лузна. Сите негови потомци ја добиле оваа лузна на гревот или несовршеноста.
16, 17. Како едно од Исусовите чуда покажува дека луѓето се болни поради гревот?
16 Денес ние заболуваме и старееме затоа што од Адам сме го наследиле гревот. Ова е видливо од едно чудо што Исус го направил. Еднаш додека Исус поучувал во една куќа, се собрало толку големо мноштво луѓе што никој не можел да влезе внатре. Кога четворица мажи донеле парализиран човек кој лежел на носилка, виделе дека не можат да влезат внатре. Затоа се качиле на покривот, направиле отвор и го спуштиле парализираниот човек на носилката, долу пред Исус.
17 Кога Исус видел колкава голема вера имале, на парализираниот човек му рекол: ”Простени ти се гревовите.“ Некои од присутните мислеле дека Исус не може да прости гревови. Затоа Исус рекол: ”’А да знаете дека Синот човечки има власт да простува гревови на Земјата‘, на парализираниот му рече: ’Тебе ти велам, стани, крени ја својата носилка и оди си дома!‘ Тој стана, веднаш ја крена својата носилка и излезе пред сите“ (Марко 2:1–12, NW).
18. На каква иднина можат да се надеваат Божјите слуги?
18 Помисли, што може за нас да значи таквата Исусова моќ! Под владата на Божјето царство, Исус ќе има можност да ги прости гревовите на сите лица кои го љубат Бог и кои му служат. Тоа значи дека ќе бидат отстранети сите тегоби, болки и болести. Никој повеќе нема да старее и умира! Каква прекрасна надеж за иднината! Да, човекот може повеќе да очекува отколку само раѓање, краток животен век и потоа смрт! Ако и понатаму учиме за Бог и му служиме, навистина можеме засекогаш да живееме во рајот на Земјата.
[Слика на страница 69]
Многумина се прашуваат за смислата на животот
[Слика на страница 70]
Дали овие предмети се развиле сами од себе или некој ги направил?
[Слика на страница 75]
Библискиот извештај за Исусовото лечење на парализираниот човек покажува дека луѓето стануваат болни поради Адамовиот грев