„Машко и женско ги создаде“
Го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. МОЈСЕЕВА 1:27).
1. На кој начин вистината е благослов за христијанските мажи и жени?
КОЛКУ само е пријатно да се биде меѓу Јеховиниот народ и да се дружиш со мажи и жени, како и со момчиња и девојки, чиј приоритет во животот е да го љубат Бог и да го слушаат! Вистината исто така нѐ ослободува од ставови и однесување кои не му се угодни на Јехова Бог и нѐ поучува да живееме онака како што треба да живеат христијаните (Јован 8:32; Колосјаните 3:8—10). На пример, насекаде луѓето имаат традиции или сфаќања во врска со тоа на кој начин мажите треба да ја изразуваат својата мажественост, а жените својата женственост. Дали тоа едноставно е затоа што мажите се раѓаат како машки, а жените како женски? Или, пак, има и други фактори што мораат да се земаат предвид?
2. а) Што треба да го одреди нашето гледиште за мажественоста и женственоста? б) Што се случило со гледиштата за половите?
2 За христијаните, Божјата Реч е авторитетот на кој се подложуваме, без оглед на личните, културните или традиционалните гледишта што можеби сме ги стекнале (Матеј 15:1—9). Библијата не ги разработува во детали сите аспекти на мажественоста и женственоста. Наместо тоа, таа остава простор за разноликост, каква што наоѓаме во различни култури. За да бидат она за кое Бог ги создал, мажите мораат да бидат мажествени, а жените женствени. Зошто? Затоа што, освен тоа што се направени за да се дополнуваат еден со друг во физички поглед, мажот и жената требало да се дополнуваат еден со друг и преку машките и женските особини (1. Мојсеева 2:18, 23, 24; Матеј 19:4, 5). Сепак, гледиштата за половите станале извртени и изопачени. Мнозина ја поистоветуваат мажественоста со груба доминација, мангупство или машкост. Во извесни култури би било ретко или срамно еден маж да плаче, било во јавноста било насамо. Сепак, во мноштвото покрај Лазаровиот гроб, ‚Исус просолзил‘ (Јован 11:35). Тоа не било несоодветно за Исус, чија мажественост била совршена. Денес, мнозина станале неурамнотежени во врска со женственоста, сметајќи ја само за физичка или сексуална привлечност.
Вистинска мажественост и вистинска женственост
3. На кој начин се разликуваат мажите и жените?
3 Што е вистинска мажественост, а што вистинска женственост? The World Book Encyclopedia наведува: „Повеќето мажи и жени не се разликуваат едни од други само по анатомијата туку и по однесувањето и интересите. Некои од овие разлики се биолошки одредени . . . Но, се чини дека многу неанатомски разлики се базираат на улогите на половите што ги учи секој поединец. Луѓето се раѓаат како машки или како женски, но тие учат да бидат мажествени или женствени“. Нашиот генетски состав може да биде одговорен за многу работи, но развивањето на соодветна мажественост или женственост зависи од тоа да научиме што бара Бог и кон што избираме да тежнееме во животот.
4. Што открива Библијата во врска со улогите на мажот и жената?
4 Библиската историја открива дека улогата на Адам била да го преземе водството како глава на својата жена и на своите деца. Исто така, тој требало да ѝ се подложи на Божјата волја да ја наполни Земјата, да ја потчини и да ги има во подложност сите пониски земни суштества (1. Мојсеева 1:28). Женската семејна улога на Ева била таа да биде „помошничка“ и „дополнување“ на Адам, подложна на неговото поглаварство, соработувајќи со него во исполнувањето на Божјата објавена намера за нив (1. Мојсеева 2:18, НС; 1. Коринтјаните 11:3).
5. Како била нанесена штета на односот меѓу мажот и жената?
5 Но, Адам не ја исполнил својата одговорност, а Ева на еден убедлив начин ја употребила својата женственост за да го намами Адам да ѝ се придружи во непослушноста кон Бог (1. Мојсеева 3:6). Со тоа што си дозволил да го прави она за кое знаел дека е неисправно, Адам пропуштил да покаже вистинска мажественост. Попустливо избрал да го прифати зборот на својата измамена брачна другарка, наместо она што го рекол неговиот Татко и Творец (1. Мојсеева 2:16, 17). Наскоро, првата брачна двојка почнала да го доживува она што Бог го предвидел дека ќе биде последица од непослушноста. Адам, кој претходно ја имал опишано својата сопруга со живи, поетски изрази, сега студено се осврнал на неа како на „жената, која ми ја даде Ти“. Неговата несовршеност сега ја расипала и погрешно ја насочила неговата мажественост, кое довело до негово ‚господарење над својата сопруга‘. Ева, пак, би ‚копнеела‘ по својот сопруг, веројатно на еден претеран или неурамнотежен начин (1. Мојсеева 3:12, 16, НС).
6, 7. а) Какво искривување на мажественоста се развило пред потопот? б) Што можеме да научиме од претпотопната ситуација?
6 Злоупотребата на мажественоста и на женственоста станала сосема очигледна пред потопот. Ангелите кои се одрекле од својата првобитна положба на небото, се материјализирале во човечки тела за да уживаат во сексуални односи со жените (1. Мојсеева 6:1, 2). Извештајот споменува дека од тие неприродни врски се раѓале само машки деца. А се чини дека потомците биле хибриди, неспособни да се размножуваат. Тие станале познати како моќни луѓе, Нефилими, односно Соборувачи, бидејќи предизвикувале другите да паѓаат (1. Мојсеева 6:4, НС, фуснота). Очигледно, биле насилни, агресивни, не покажувајќи нежно сочувство.
7 Јасно, физичката убавина, обликот на телото, големината или силата, сами по себе, не даваат прифатлива мажественост или женственост. Ангелите кои се материјализирале, веројатно биле згодни. И Нефилимите биле големи и мускулести, но нивниот умствен став бил изопачен. Непослушните ангели и нивните потомци ја исполниле Земјата со сексуален неморал и насилство. Затоа, Јехова му ставил крај на тој свет (1. Мојсеева 6:5—7). Меѓутоа, потопот не го отстранил демонското влијание ниту, пак, ги елиминирал последиците од Адамовиот грев. После потопот, повторно излегло на површина неисправното гледиште за мажественоста и женственоста, а во Библијата има и добри и лоши примери од кои можеме да учиме.
8. Каков убав пример за соодветна мажественост дал Јосиф?
8 Јосиф и сопругата на Потифар претставуваат силен контраст во поглед на соодветната мажественост наспроти световната женственост. Откако се занела по згодниот Јосиф, сопругата на Потифар се обидела да го заведе. Во тоа време не постоел пишан божествен закон кој забранувал блуд или прељуба. Меѓутоа, Јосиф побегнал од таа неморална жена и се докажал како вистински Божји човек, кој покажува мажественост која има Божје одобрување (1. Мојсеева 39:7—9, 12, 13).
9, 10. а) На кој начин царицата Астин ја злоупотребила својата женственост? б) Каков извонреден пример за женственост ни дала Естира?
9 Естира и царицата Астин дале еден извонреден контраст за жените. Астин очигледно мислела дека е толку убава што царот Артаксеркс секогаш ќе се согласува со нејзините желби. Но, нејзината убавина не била ништо подлабока од многуте кремови за кожа што се продаваат денес. Нејзе ѝ недостигале скромност и женственост, бидејќи пропуштила да покаже подложност кон својот сопруг и цар. Царот ја отфрлил и за своја царица одбрал една навистина женствена жена која, всушност, се плашела од Јехова (Естира 1:10—12; 2:15—17).
10 Естира служи како прекрасен пример за христијанките. Таа била со „тенка става и убаво лице“, а сепак го покажувала накитот на „тајната личност на срцето во нераспадливата облека на тивкиот и благ дух“ (Естира 2:7; 1. Петрово 3:4, НС). Таа не ја сметала упадливата облека за главна работа. Естира покажувала такт и самосовладување, и му била подложна на својот сопруг, Артаксеркс, дури и кога животот на нејзиниот народ бил во опасност. Естира молчела кога било мудро да постапи така, но зборувала бестрашно кога тоа било потребно и кога било право време за тоа (Естира 2:10; 7:3—6). Таа прифатила совет од својот зрел братучед Мардохеј (Естира 4:12—16). Покажала љубов и лојалност кон својот народ.
Надворешниот изглед
11. Што треба да имаме на ум во поглед на надворешниот изглед?
11 Кој е еден клуч за соодветна женственост? Една мајка навела: „Миловидноста е примамлива и убавината — суетна; но жена, која се плаши од Господа, е достојна за пофалба“ (Изреки 31:30). Значи, битен е стравот од Бог полн со почит, а срдечната љубезност, пријатноста, скромноста и благиот јазик многу повеќе придонесуваат за женственоста отколку физичката убавина (Изреки 31:26).
12, 13. а) За жал, што го карактеризира говорот на мнозина? б) Какво е значењето на стихот од Изреки 11:22?
12 За жал, многу мажи и жени не ја отвораат својата уста со мудрост ниту, пак, на нивниот јазик има срдечна љубезност. Нивниот говор е навредлив, саркастичен, вулгарен и безобѕирен. Некои мажи мислат дека нечистиот јазик е знак на мажественост, додека некои жени будалесто ги имитираат. Сепак, ако една жена е убава но ѝ недостига разборитост и е кавгаџика, саркастична или арогантна, може ли навистина да биде убава во вистинска смисла на зборот, вистински женствена? „Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но — без разум [разборитост, НС]“ (Изреки 11:22).
13 Убавината, заедно со нечистиот говор, сарказмот или недостигот на разборитост, не би била во склад со каков и да е женски изглед што едно лице можеби го прикажува. Всушност, таквото безбожно однесување дури и би можело едно физички привлечно лице да направи да изгледа грдо. Лесно можеме да сфатиме дека физичкиот изглед на еден маж или жена, самиот по себе, не може да ги надомести или да ги оправда изливите на лутина, врискање или навредлив говор. Сите христијани можат и треба да се направат себеси привлечни за Бог и за другите луѓе со помош на својот говор и однесување што се темелат на Библијата (Ефесјаните 4:31).
14. Каков вид украсување е пофален во 1. Петрово 3:3—5, и што мислиш ти за тоа?
14 Иако исправната женственост и мажественост се темелат на духовните особини, за нас зборуваат и физичкото држење и изгледот, вклучувајќи ја и облеката што ја носиме, како и начинот на кој ја носиме. Апостол Петар несомнено имал на ум извесни стилови на облека и дотерување од првиот век, кога ги советувал христијанките: „Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку — внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога. Оти, така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои“ (1. Петрово 3:3—5).
15. Што треба да се стремат да покажуваат христијанките во своето облекување?
15 Во 1. Тимотеј 2:9, 10 ги наоѓаме Павловите коментари во врска со женската облека: „И жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност [со скромност и здрав разум, НС] да се украсуваат . . . со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста“. Овде тој ја нагласил потребата од скромност и уредна облека кои одразуваат здрав разум.
16, 17. а) На кој начин облекувањето денес е злоупотребено од страна на многу мажи и жени? б) Што треба да заклучиме од советот што се наоѓа во 5. Мојсеева 22:5?
16 Ако еден маж или жена, момче или девојка, се однесува или се облекува на еден сексуално провокативен начин, тоа не би ја зголемило вистинската мажественост или женственост, и сигурно не му оддава чест на Бог. Многу луѓе во светот одат во крајности расфрлајќи се со машката или женската сексуалност во облекувањето и во однесувањето. Други, пак, ги прикриваат разликите меѓу половите заради неморални цели. Колку само можеме да бидеме благодарни што Библијата го открива Божјето размислување во врска со тоа! На древниот Израел, Јехова му објавил: „Жена не треба да носи машка облека, и маж не треба да се облекува во женска облека: секој, што го прави тоа, одвратен е пред Господа“ (5. Мојсеева 22:5).
17 Во овој поглед, веројатно ќе уживаш да го разгледаш она што го рече Стражарска кула од 1 декември 1988 година, на страница 25: ‚Не се работи за тоа дали некој стил е екстремно модерен, туку дали е пригоден за некој кој изјавува дека е Божји слуга (Римјаните 12:2; 2. Коринтјаните 6:3). Премногу лежерната или припиена облека може да го сврти вниманието од нашата порака. Стиловите кои очевидно и свесно на мажите им дава женски, а на жените машки карактеристики се потполно несоодветни. (Спореди 5. Мојсеева 22:5.) Секако, локалните обичаи можеби се разликуваат во зависност од климата, службените потреби итн., така што христијанското собрание не поставува строги и цврсти правила кои би важеле за целокупното братство ширум светот‘.
18. Кои чекори би можеле да ги преземеме во применувањето на библискиот совет за облеката и дотерувањето?
18 Колку урамнотежен и соодветен совет! За жал, некои христијани, машки и женски, слепо следат сѐ што унапредува светот во врска со облекувањето и дотерувањето, без да размислат како би можело тоа да се одрази на Јехова и на христијанското собрание. Секој од нас би можел малку да се преиспита себеси за да види дали врз нас влијаело размислувањето на светот. Или би можеле да му пристапиме на некој почитуван, искусен брат или сестра и да прашаме за забелешки во врска со какви и да се преиначувања што би можеле да ги направиме во нашиот стил на облекување, а потоа сериозно да ги одмериме предлозите.
Христијански мажи и жени — вистински мажи и жени
19. Против кое непожелно влијание треба да се бориме?
19 Богот на овој свет е Сатана и неговото влијание може да се види во збрката во поглед на половите, која оди подалеку од облекувањето (2. Коринтјаните 4:4). Во некои земји, многу жени се натпреваруваат со мажите во поглед на поглаварството, игнорирајќи ги библиските начела. Од друга страна, пак, еден голем број мажи едноставно ги отфрлаат своите одговорности на поглаварството, како што сторил Адам. Има и такви кои се обидуваат да ја сменат од една во друга дури и својата сексуална улога во животот (Римјаните 1:26, 27). Библијата не изнесува некакви алтернативни начини на живот што се одобрени од Бог. А сите оние кои пред да станат христијани биле збунети во врска со својот идентитет или сексуалните склоности, можат да имаат доверба дека ќе биде за нивно вечно добро да живеат во согласност со Божјето мерило, мерило кое сигурно ќе биде ценето од сите оние кои ќе постигнат човечка совршеност.
20. Каков ефект треба да имаат стиховите од Галатјаните 5:22, 23 врз нашето гледиште за мажественоста и женственоста?
20 Писмото покажува дека христијанските мажи и жени треба да ги развиваат и да ги покажуваат плодовите на Божјиот дух — љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатјаните 5:22, 23, НС). Во својата огромна мудрост, Бог им овозможил на мажите да ја подигнат својата мажественост а жените својата женственост, преку негување на тие особини. Мажот кој ги покажува плодовите на духот, лесно може да се почитува, додека жената која го прави тоа, лесно може да се љуби.
21, 22. а) Каков пример поставил Исус во поглед на начините на живот? б) Како Исус ја покажувал својата мажественост?
21 Најголемиот човек кој некогаш живеел бил Исус Христос, и христијаните треба да го имитираат токму неговиот начин на живот (1. Петрово 2:21—23). Како Исус, и мажите и жените треба да се докажат лојални на Бог и послушни на Неговата Реч. Исус покажал прекрасни особини на љубов, нежност и милосрдност. Како вистински христијани, од нас се очекува да го имитираме него за да докажеме дека сме негови ученици (Јован 13:35).
22 Исус Христос бил вистински маж, а неговите машки особини можеме да ги видиме додека го проучуваме неговиот животен извештај што е изнесен во Писмото. Тој никогаш не се оженил, но Библијата покажува дека тој се радувал на едно урамнотежено дружење со жените (Лука 10:38, 39). Неговите односи со мажите и со жените секогаш биле чесни и достојни за почит. Тој е совршен пример за мажественост. Никому не му допуштил — било на маж, на жена или на некој непослушен ангел — да го лиши од неговата божествена мажественост и верност кон Јехова. Тој не се двоумел да ги прифати своите одговорности, и тоа го правел без поплаки (Матеј 26:39).
23. Во поглед на улогата на половите, на кој начин вистинските христијани се особено благословени?
23 Колкаво само задоволство е да се биде меѓу Јеховиниот народ и да се дружиш со мажи и жени, како и со момчиња и девојки, чиј приоритет во животот е да го љубат и да го слушаат Јехова Бог! Ние не сме притиснати со тоа што сме ѝ послушни на Божјата Реч. Напротив, ослободени сме од овој свет и од неговите патишта кои ја обезвреднуваат убавината, целта и посебните улоги на половите. Можеме да ја доживееме вистинската среќа што доаѓа од исполнувањето на нашиот од Бог даден положај во животот, без разлика дали сме машко или женско. Да, колку само сме му благодарни на Јехова Бог, Творецот, за сите негови подготовки полни со љубов во наша корист и што нѐ создал машко и женско!
Како би одговорил?
◻ Кои соодветни улоги за мажот и жената ги опишува Библијата?
◻ На кој начин мажественоста била искривена пред потопот, а на кој начин таа и женственоста биле искривени во нашево време?
◻ Кој библиски совет во врска со изгледот ќе настојуваш да го примениш?
◻ Како можат христијанските мажи и жени да се докажат дека се вистински мажи и жени?
[Слика на страница 17]
Иако била прекрасна, Естира особено е запаметена по својата скромност и по својот тивок и благ дух
[Слика на страница 18]
Посвети му разумно внимание на дотерувањето, додека ѝ даваш поголем нагласок на внатрешната убавина