Крвта — неопходна за живот
Како може крвта да ти го спаси животот? Ова сигурно е од интерес за тебе, бидејќи крвта е поврзана со твојот живот. Крвта носи кислород низ твоето тело, го отстранува јаглеродниот диоксид, ти помага да се прилагодиш на температурните промени и ти помага во борбата против болестите.
Врската помеѓу животот и крвта била увидена долго пред Вилијам Харви да го нацрта крвотокот во 1628 година. Основната етика на главните религии се сосредоточува на еден Животодавач, кој самиот го изразил своето мислење во врска со животот и крвта. Еден јудејско-христијански адвокат за Него рекол: „Тој самиот им дава живот и здив и сѐ на сите. Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме“.a
Луѓето кои веруваат во таков Животодавач, имаат доверба дека неговите упатства се за наше трајно добро. Еден еврејски пророк го опишал како „[Оној] Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш“.
Тоа уверување што се наоѓа во Исаија 48:17, е дел од Библијата, книга која е почитувана поради етичките вредности кои можат да ни користат на сите нас. Што вели таа за човечката употреба на крвта? Дали покажува како можат да се спасат животите со помош на крвта? Всушност, Библијата јасно покажува дека крвта е многу повеќе отколку само сложена биолошка течност. Таа ја споменува крвта над 400 пати, а во некои од тие осврнувања се работи и за спасувањето на животот.
Во едно поранешно осврнување, Творецот изјавил: „Сѐ што живее и се движи, ќе ти биде храна . . . Но не смееш да јадеш месо во кое се наоѓа неговата животна крв“. Тој додал: „За твојата животна крв сигурно ќе барам сметка“, а потоа го осудил убиството (1. Мојсеева 9:3—6, New International Version). Тоа му го рекол на Ное, еден заеднички предок кој е високо ценет и од Евреите и од муслиманите и од христијаните. На тој начин, сето човештво било известено дека, во очите на Творецот, крвта претставува живот. Ова било повеќе отколку еден пропис во врска со исхраната. Очигледно е дека било вклучено едно морално начело. Човечката крв има огромно значење и не треба да се злоупотребува. Творецот подоцна додал и други детали од кои можеме лесно да ги видиме моралните спорни прашања што тој ги поврзува со животната крв.
Тој повторно се осврнал на крвта кога му го дал законскиот зборник на древниот Израел. Иако многу луѓе ја почитуваат мудроста и етиката во тој зборник, малкумина се свесни за неговите сериозни закони за крвта. На пример: „Ако некој од домот Израелов или од странците кои престојуваат меѓу нив земе каква и да било крв, јас ќе го свртам Моето лице против тоа лице кое зема од крвта, и ќе го отсечам од неговото семејство. Зашто, животот на телото е во крвта“ (3. Мојсеева 17:10, 11, Tanakh). Бог потоа објаснил што треба да стори еден ловец со мртвото животно: „Треба да ја истури неговата крв и да ја покрие со земја . . . Не смееш да земаш од крвта на ниедно тело, зашто животот на секое тело е неговата крв. Секој кој зема од неа, ќе биде отсечен“ (3. Мојсеева 17:13, 14, Ta).
Научниците сега знаат дека еврејскиот законски зборник унапредувал добро здравје. На пример, тој барал изметот да се депонира надвор од логорот и да се покрива, а луѓето да не јадат месо што носи висок ризик од болест (3. Мојсеева 11:4—8, 13; 17:15, НС; 5. Мојсеева 23:12, 13). Иако законот во врска со крвта имал здравствени аспекти, било вклучено многу повеќе. Крвта имала симболично значење. Таа го претставувала животот што го дал Творецот. Постапувајќи со крвта како со нешто посебно, луѓето покажувале дека животот зависи од него. Да, главната причина зошто не смееле да земаат крв била не дека тоа е нездраво, туку затоа што за Бог таа има посебно значење.
Законот секогаш одново ја наведувал забраната на Творецот да се зема крв заради одржување на животот. „Не смееш да ја јадеш крвта; истури ја на земјата како вода. Не јади ја, за да ти биде добро тебе и на твоите деца по тебе, бидејќи ќе го правиш она што е исправно“ (5. Мојсеева 12:23—25, NIV; 15:23; 3. Мојсеева 7:26, 27; Језекиил 33:25).b
Спротивно на начинот како некои резонираат денес, Божјиот закон за крвта не требало да се игнорира само затоа што се појавил некаков итен случај. За време на една воена криза, некои израелски војници убиле животни и ‚јаделе заедно со крвта‘. Со оглед на итноста, дали им било дозволено да го одржат својот живот со крвта? Не. Нивниот заповедник истакнал дека нивниот начин на постапување претставувал тежок грев (1. Царства 14:31—35). Затоа, колку и да е скапоцен животот, нашиот Животодавач никогаш не рекол дека неговите мерила би можеле да се игнорираат во итен случај.
КРВТА И ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ
Каде стои христијанството по прашањето за спасување на човечкиот живот со крв?
Исус бил човек од интегритет и затоа е толку високо почитуван. Тој знаел дека Творецот рекол оти земањето крв било неисправно и дека овој закон бил задолжителен. Затоа, постои добра причина да се верува дека Исус би го поддржал законот за крвта дури и да бил под притисок да направи поинаку. Исус „не направил неправда, [и] на неговите усни не се нашло предавство“ (1. Петрово 2:22, Knox). На тој начин, им дал пример на своите следбеници, како и пример за почит кон животот и крвта. (Подоцна ќе разгледаме на кој начин Исусовата крв е вклучена во оваа битна работа која влијае врз твојот живот.)
Забележи што се случило по повеќе години од Исусовата смрт, кога било покренато едно прашање во врска со тоа дали некој кој станува христијанин мора да ги држи сите закони на Израел. За тоа било дискутирано на еден совет на христијанското водечко тело, во кое биле и апостолите. Исусовиот полубрат Јаков се осврнал на списите кои ги содржеле заповедите во врска со крвта, што му биле кажани на Ное и на израелската нација. Дали истите би биле задолжителни за христијаните? (Дела 15:1—21).
Тој совет ја испратил својата одлука до сите собранија: Христијаните не мораат да го држат зборникот што му бил даден на Мојсеј, туку „потребно“ е да ‚се воздржуваат од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено [неискрвавено месо] и од блудство‘ (Дела 15:22—29). Апостолите не изнесувале само некаков ритуален или диететски налог. Во одлуката биле изложени фундаментални етички норми, на кои раните христијани се потчиниле. По околу една деценија, тие признале дека сѐ уште треба „да се воздржуваат од идолски жртви, од крв . . . и од блудство“ (Дела 21:25).
Ти знаеш дека милиони луѓе одат в црква. Повеќето од нив веројатно ќе се сложат дека христијанската етика подразбира да не се обожаваат идоли и да не се учествува во тежок неморал. Па сепак, вредно е да забележиме дека избегнувањето на крвта апостолите го ставиле на истото високо морално ниво како и избегнувањето на тие зла. Нивната одлука заклучила: „Ако се пазите од ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“ (Дела 15:29).
Апостолската одлука долго време била сфаќана како задолжителна. Евзебиј кажува за некоја млада жена од крајот на вториот век која, пред да умре со маченичка смрт, истакнала дека на христијаните „не им е дозволено да јадат крв ниту од неразумните животни“. Таа не го применила правото на смрт. Сакала да живее, но не сакала да ги компромитира своите начела. Зарем не ги почитуваш оние кои начелото го ставаат пред личната добивка?
Научникот Џозеф Пристли заклучил: „Изгледа дека забраната за јадење крв што му била дадена на Ное, била задолжителна за сето негово потомство . . . Ако забраната од апостолите ја толкуваме преку постапувањето на првобитните христијани, за кои тешко може да се претпостави дека не ја разбрале исправно нејзината природа и обем, не можеме а да не заклучиме дека намерата била таа да биде апсолутна и трајна, бидејќи со векови ниеден христијанин не јадел крв“.
ШТО Е СО УПОТРЕБАТА НА КРВТА КАКО ЛЕК?
Дали библиската забрана за крвта би ги опфаќала и медицинските употреби, како што е трансфузијата, која секако не била позната во времето на Ное, Мојсеј или апостолите?
Иако современите терапии со примена на крв не постоеле во тоа време, медицинската употреба на крвта не е нова. Околу 2.000 години, во Египет и на други места човечката „крв била сметана за најдобар лек против лепрата“. Еден лекар ја открил терапијата што му била давана на синот на царот Езар-Хадон кога асирската нација била на чело на технологијата: „На [кнезот] му е многу подобро; царот, мојот господар, може да биде среќен. Почнувајќи од 22-от ден, [му] давам да пие крв, а ќе [ја] пие 3 дена. Уште 3 дена ќе [му] давам [крв] за внатрешна примена“. Езар-Хадон имал врски со Израелците. Сепак, бидејќи Израелците го имале Божјиот Закон, тие никогаш не пиеле крв како лек.
Дали во римско време крвта се користела како лек? Природонаучникот Плиниј (современик на апостолите) и лекарот Аретеј од вториот век, известуваат дека човечката крв била терапија против епилепсија. Подоцна Тертулијан напишал: „Погледнете ги оние кои на претставите во арената лакомо ја земаат свежата крв од злобните злосторници . . . и ја носат за да ја лечат својата епилепсија“. Тој ги споредил со христијаните кои „при [своите] оброци немаат крв ниту од животни . . . На судењата на христијаните им нудите колбаси полнети со крв. Се разбира, уверени сте дека [тоа] е незаконско за нив“. Според тоа, раните христијани порадо ризикувале смрт отколку да земат крв.
„Крвта во својот посекојдневен облик . . . не излегла од мода како состојка во медицината и магијата“, известува книгата Flesh and Blood (Тело и крв). „На пример, во 1483 година умирал Луј XI од Франција. ‚Секој ден му станувало сѐ полошо, а лекарствата ништо не му помогнале, иако биле од чуден карактер; имено, тој горливо се надевал дека ќе се опорави со човечката крв што ја земал и голтал од извесни деца.‘“
А како е со трансфундирањето крв? Експериментите со тоа започнале во почетокот на XVI век. Томас Бартолин (1616—1680), професор по анатомија на универзитетот во Копенхаген, приговорил: ‚Оние кои сосила ја воведуваат употребата на човечка крв како интерно лекарство за болести, изгледа дека ја злоупотребуваат и дека прават тежок грев. Канибалите се осудени. Зошто не се гадиме од оние кои го валкаат своето грло со човечка крв? Слично е и со примањето туѓа крв од пресечена вена, било преку уста или преку инструменти за трансфузија. Авторите на таа операција ги држи во страв божествениот закон со кој јадењето крв е забрането‘.
Затоа, во минатите векови, луѓето кои размислувале сфатиле дека библискиот закон важи и за земањето крв преку вените исто како што важел за земањето преку уста. Бартолин заклучил: „Обата начина на земање [крв] се во согласност со една и иста цел, т. е. дека преку оваа крв болното тело е нахрането или обновено“.
Овој преглед може да ти помогне да го разбереш бескомпромисниот религиозен став што го заземаат Јеховините сведоци. Тие високо го ценат животот и бараат добра медицинска нега. Но одлучни се да не го повредат Божјето мерило кое е доследно: Оние кои го почитуваат животот како дар од Творецот, не се обидуваат да го одржат животот со земање крв.
Па сепак, со години се тврди дека крвта спасува животи. Лекарите можат да раскажат за случаи во кои некој имал голем губиток на крв, но му била дадена трансфузија и потоа брзо се подобрил. Затоа, можеби се прашуваш: ‚Колку е тоа мудро или немудро од медицински аспект?‘ Се наведуваат медицински докази како поддршка за терапијата со крв. Според тоа, си должиш самиот на себе да ги дознаеш фактите за да направиш информиран избор во врска со крвта.
[Фусноти]
a Павле, во Дела 17:25, 28, New World Translation of the Holy Scriptures (Нов свет превод на Светото писмо).
b Слични забрани подоцна биле напишани во Коранот.
[Рамка на страница 4]
„Прописите што се запишани овде [во Дела 15] на еден прецизен и систематски начин, оквалификувани се како неопходни, давајќи го најсилниот доказ дека во мислите на апостолите ова не била некаква привремена уредба или провизорна мерка“ (професор Едуард Ројс, универзитет во Стразбур).
[Рамка/слика на страница 5]
Мартин Лутер укажал на импликациите од апостолската одлука: „Ако сакаме да имаме црква која ќе се повинува на овој совет . . . мораме да поучуваме и да инсистираме отсега па натаму ниеден кнез, господар, граѓанин или селанин да не јаде гуска, срна, елен или свинско, готвени во крв . . . А граѓаните и селаните мораат особено да се воздржуваат од црвени колбаси или од колбаси полнети со крв“.
[Извор на слика]
Дрворез од Лукас Кранах
[Рамка на страница 6]
„Бог и луѓето ги гледаат работите во многу различна светлина. Она што изгледа важно во наши очи, честопати нема никаква вредност според проценката на бесконечната мудрост; а она што нам ни изгледа безначајно, честопати е од огромна важност за Бог. Така било од почетокот“ („An Enquiry Into the Lawfulness of Eating Blood“ — „Испитување за законитоста на јадењето крв“, Александер Пири, 1787).
[Слика на страница 3]
Medicine and the Artist од Карл Цигросер/Dover Publications
[Слика на страница 4]
На еден историски совет, христијанското водечко тело потврдило дека Божјиот закон за крвта сѐ уште е задолжителен
[Слика на страница 7]
Без оглед на последиците, раните христијани одбивале да го повредат Божјиот закон за крвта
[Извор на слика]
Слика од Жером, 1883, со љубезна дозвола од Walters Art Gallery, Балтимор