Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Битие — I
КНИГАТА Битие раскажува како настанал универзумот, како земјата била подготвена за да биде населена со луѓе и како човекот почнал да живее на неа. Мојсеј ја напишал оваа книга во пустелијата Синај и веројатно ја завршил во 1513 пр.н.е.
Книгата Битие ни кажува за светот пред Потопот, што се случувало кога почнала ерата по Потопот и како Јехова постапувал со Авраам, Исак, Јаков и Јосиф. Оваа статија ќе ги разгледа врвните точки од Битие 1:1—11:9, всушност сѐ до времето кога Јехова почнал да комуницира со Авраам.
СВЕТОТ ПРЕД ПОТОПОТ
Почетните зборови од Битие, „во почетокот“, се протегаат милијарди години во минатото. Настаните од шесте „дена“ на создавање, или временските периоди на посебни дела на создавање, се опишани онака како што би му изгледале на еден човек кога би бил на земјата. До крајот на шестиот ден, Бог го создал човекот. Иако Рајот набрзо бил изгубен поради непослушноста на човекот, Јехова дава надеж. Првото пророштво во Библијата зборува за едно „семе“ кое ќе ги избрише последиците од гревот и кое ќе го сотре Сатана.
Во текот на следните 16 века, Сатана успева да ги одврати од Бог речиси сите луѓе освен неколкумина верни, како што се Авел, Енох и Ное. На пример, Каин го убива својот праведен брат Авел. ,Почнува да се повикува Господовото име‘, веројатно на безбожен начин. Одразувајќи го насилничкиот дух на неговото време, Ламех компонира песна за тоа како убил еден млад човек, наводно во самоодбрана. Условите се влошуваат кога непослушните ангелски синови на Бог си земаат жени за свои сопруги и им се раѓаат насилни џинови наречени Нефилими. Сепак верниот Ное ја гради арката, смело ги предупредува другите за претстојниот Потоп и, заедно со своето семејство, го избегнува уништувањето во Потопот.
Одговорени библиски прашања:
1:16 — Како можел Бог да создаде светлина првиот ден кога светилата биле создадени дури четвртиот ден? Хебрејскиот збор преведен со „направи“ во 16. стих не е ист со зборот „создаде“ што е употребен во Битие 1. поглавје, во стиховите 1, 21 и 27. „Небото“ кое ги вклучувало светилата било создадено многу пред воопшто да почне ,првиот ден‘. Но нивната светлина не продирала до површината на земјата. Првиот ден ,биднала светлина‘ зашто дифузната светлина продрела низ слоевите облаци и станала видлива на земјата. На тој начин, земјата која се вртела почнала наизменично да има ден и ноќ (Битие 1:1—3, 5). Изворот на таа светлина сѐ уште останал невидлив од земјата. Меѓутоа, во текот на четвртиот период на создавање се случила една значајна промена. Сонцето, месечината и ѕвездите сега биле поставени „да ја осветлуваат земјата“ (Битие 1:17). ,Бог ги направил‘ така за да можат да се видат од земјата.
3:8 — Дали Јехова Бог директно му зборувал на Адам? Библијата открива дека кога им зборувал на луѓето, Бог честопати го правел тоа преку ангел (Битие 16:7—11; 18:1—3, 22—26; 19:1; Судии 2:1—4; 6:11—16, 22; 13:15—22). Божјиот главен говорник бил неговиот единороден Син, наречен „Речта“ (Јован 1:1). Најверојатно Бог им зборувал на Адам и Ева преку „Речта“ (Битие 1:26—28; 2:16; 3:8—13).
3:17 — На кој начин и колку долго земјата била проклета? Клетвата изречена против земјата значела дека нејзиното обработување ќе стане многу тешко. Последиците од проколнатата земја, со нејзините трње и троскот, потомците на Адам толку силно ги почувствувале што таткото на Ное, Ламех, зборувал за „трудот и напорот на нашите раце, од земјата, која Бог ја проколна“ (Битие 5:29). По Потопот, Јехова ги благословил Ное и неговите синови, кажувајќи им дека Неговата намера е да ја наполнат земјата (Битие 9:1). Изгледа дека клетвата од Бог за земјата била укината (Битие 13:10).
4:15 — Како Јехова ,му ставил знак на Каина‘? Библијата не кажува дека некаков знак или белег бил ставен на телото на Каин. Знакот веројатно се состоел од свечена одредба што другите ја знаеле и ја почитувале и која имала цел да го заштити Каин да не биде убиен од одмазда.
4:17 — Каде си нашол Каин жена? На Адам „му се родија синови и ќерки“ (Битие 5:4). Така, Каин си зел за жена една од своите сестри или можеби една од своите внуки. Подоцна Божјиот закон за Израелците не дозволувал брак помеѓу телесен брат и сестра (Левит 18:9).
5:24 — На кој начин Бог ,го зел Енох‘? Изгледа Енох бил во смртна опасност, но Бог не дозволил да пострада од рацете на неговите непријатели. „Енох беше пренесен за да не види смрт“, напишал апостол Павле (Евреите 11:5). Ова не значи дека Бог го зел на небото за Енох да продолжи таму да живее. Исус бил првиот што се качил на небото (Јован 3:13; Евреите 6:19, 20). Тоа што Енох бил „пренесен за да не види смрт“ може да значи дека Бог го ставил во некој пророчки транс и потоа му го прекинал животот додека бил во таа состојба. Во такви околности, Енох не пострадал, или не ,видел смрт‘ од рацете на своите непријатели.
6:6 [NW] — Во која смисла може да се каже дека Јехова ,зажалил‘ поради тоа што го создал човекот? Овде хебрејскиот збор преведен со „зажали“ се однесува на промена во ставот или намерата. Јехова е совршен и според тоа не направил грешка кога го создал човекот. Меѓутоа, кај него се променил умствениот став во поглед на злобната претпотопна генерација. Ставот на Бог се сменил од став на Творец на луѓето во став на нивни уништувач затоа што бил незадоволен од нивната злоба. Фактот што зачувал некои луѓе покажува дека неговото жалење се однесувало само на оние што станале злобни (2. Петрово 2:5, 9).
7:2 — Што било употребено како темел за да се направи разлика помеѓу чисти и нечисти животни? Изгледа дека темелот за разликата се однесувал на употребата на жртви во обожавањето , а не на тоа што можело а што не можело да се јаде. Пред Потопот животинското месо не било дел од исхраната на човекот. Ознаките „чисто“ и „нечисто“ во врска со храната ги имало само во Мојсеевиот закон, и престанале да се користат кога Законот бил укинат (Дела 10:9—16; Ефешаните 2:15). Изгледа Ное знаел што било погодно за жртва во обожавањето на Јехова. Веднаш штом ја напуштил арката, Ное ,му изградил жртвеник на Господа; зел од секое чисто животно и од секоја чиста птица и принел на жртвеникот жртви паленици‘ (Битие 8:20).
7:11 — Од каде дошла водата што го предизвикала глобалниот Потоп? Во текот на вториот период, или „ден“, на создавање, кога бил обликуван атмосферскиот „свод“ на земјата, имало води „под сводот“ и води „над сводот“ (Битие 1:6, 7). Водите „под“ биле оние што веќе се наоѓале на земјата. Водите „над“ биле огромни количини на влага што лебделе високо над земјата, образувајќи „извори на бездната“. Тоа биле водите што паднале на земјата во времето на Ное.
Поуки за нас:
1:26. Бидејќи се создадени според Божјиот лик, луѓето имаат способност да ги одразуваат Божјите особини. Се разбира, треба да се трудиме да негуваме особини како што се љубов, милост, љубезност, доброта и трпеливост, одразувајќи го Оној што нѐ создал.
2:22—24. Бракот е Божје уредување. Бракот е врска што е трајна и света и во која сопругот е поглавар на семејството.
3:1—5, 16—23. Среќата зависи од тоа дали го признаваме Јеховиниот суверенитет во нашиот личен живот.
3:18, 19; 5:5; 6:7; 7:23. Јеховината реч секогаш се исполнува.
4:3—7. Јехова бил задоволен од приносот на Авел зашто Авел бил праведен човек од вера (Евреите 11:4). Од друга страна, пак, на Каин му недостигала вера, како што покажале и неговите постапки. Неговите дела биле зли, обележани со љубомора, омраза и убиство (1. Јованово 3:12). Освен тоа, тој веројатно само површно размислил за својот принос и само механички го принел. Зарем не треба нашите жртви на фалба за Јехова да бидат дадени од сѐ срце и да бидат придружени со исправен став и однесување?
6:22. Иако биле потребни многу години за да се изгради арката, Ное направил токму онака како што Бог му заповедал. Затоа Ное и неговото семејство биле сочувани во Потопот. Јехова ни зборува преку својата пишана Реч и ни дава упатства преку својата организација. За наша корист е да слушаме и да бидеме послушни.
7:21—24. Јехова не ги уништува праведните заедно со злобните.
ЧОВЕШТВОТО ВЛЕГУВА ВО НОВА ЕРА
По исчезнувањето на претпотопниот свет, човештвото влегува во една нова ера. На луѓето им е дозволено да јадат месо, но со заповед да се воздржуваат од крв. Јехова ја одобрува смртната казна за убиство и го воспоставува сојузот на виножитото, ветувајќи дека никогаш повеќе нема да предизвика Потоп. Трите синови на Ное стануваат предци на целата човечка раса, но неговиот правнук Нимрод станува „моќен ловец кој му се противи на Јехова“. Наместо да се рашират за да ја населат земјата, луѓето решаваат да изградат град по име Вавилон и кула со која ќе си стекнат славно име. Нивните намери се осуетени кога Јехова им го збркува јазикот и ги растерува по целата земја.
Одговорени библиски прашања:
8:11 — Ако дрвјата биле уништени во Потопот, тогаш каде нашол гулабот маслинов лист? Има две можности. Бидејќи маслиновото дрво е многу издржливо, можеби преживеало под водата неколку месеци за време на Потопот. Со повлекувањето на потопните води, маслиново дрво што било потопено повторно би било на суво копно и би можело да пушти лисја. Исто така, можно е маслиновиот лист што гулабот му го донел на Ное да бил земен од некој млад ластар што никнал откако се повлекле потопните води.
9:20—25 — Зошто Ное го проколнал Ханаан? Најверојатно Ханаан бил крив за некакво злоупотребување или разврат против својот дедо Ное. Иако таткото на Ханаан, Хам, бил сведок на ова, не презел ништо туку изгледа ја раширил приказната. Меѓутоа, другите два сина на Ное, Сим и Јафет, го покриле својот татко. Поради тоа тие биле благословени, но Ханаан бил проколнат, а Хам страдал како последица од срамот што му го нанел на своето потомство.
10:25 — Како била земјата ,разделена‘ во времето на Фалек? Фалек живеел од 2269 до 2030 пр.н.е. „Во негово време“ Јехова направил голема поделба со тоа што им го збркал јазикот на градителите на Вавилон и ги растерал по целата земја (Битие 11:9). На тој начин, во времето на Фалек ,се разделила земјата [или, населението на земјата]‘.
Поуки за нас:
9:1; 11:9. Ниеден човечки план не може да ја осуети намерата на Јехова.
10:1—32. Двата извештаи за генеалогијата што се наоѓаат во Библијата пред и по Потопот — 5. и 10. поглавје — ја поврзуваат целата човечка раса со првиот човек, Адам, преку трите сина на Ное. Асирците, Халдејците, Евреите, Сиријците и некои арапски племиња се потомци на Сим. Етиопјаните, Египќаните, Ханаанците и некои африкански и арапски племиња потекнуваат од Хам. Индоевропејците се потомци на Јафет. Сите луѓе се поврзани и сите се родени еднакви пред Бог (Дела 17:26). Овој факт мора да влијае врз тоа како гледаме на другите и како постапуваме со нив.
Божјата реч може да врши силно влијание
Првиот дел од книгата Битие го содржи единствениот точен извештај за раната човечка историја. Од овие страници добиваме увид во Божјата намера зошто ги ставил луѓето на земјата. Колку охрабрува тоа што гледаме дека никакви човечки напори, како оние на Нимрод, не можат да го спречат нејзиното исполнување!
Додека го читаш седмичниот библиски извештај како подготовка за Теократската школа за служба, тоа што ќе го разгледаш она што е наведено во делот „Одговорени библиски прашања“ ќе ти помогне да разбереш некои од тешките библиски стихови. Коментарите под „Поуки за нас“ ќе ти покажат како да извлечеш корист од читањето на Библијата за таа седмица. Кога е соодветно, тие исто така можат да дадат темел за точката „Локални потреби“ во Состанокот за служба. Јеховината реч навистина е жива и може да врши силно влијание во нашиот живот (Евреите 4:12).