Исправно цени го дарот на живот
„Крвта на Христос . . . ќе ги исчисти нашите совести од мртви дела за да му принесуваме света служба на живиот Бог“ (ЕВРЕИТЕ 9:14).
1. Кои докази покажуваат дека многу го цениме животот?
КОГА некој би те замолил да кажеш колку цениш дека вреди твојот живот, што би одговорил? Ние многу го цениме животот — како нашиот така и животот на другите. Доказ за тоа е што одиме на лекар кога сме болни или правиме редовни прегледи. Сакаме да бидеме живи и здрави. Дури и повеќето стари или хендикепирани луѓе не сакаат да умрат; тие сакаат да живеат.
2, 3. а) Која обврска е нагласена во Пословици 23:22? б) На кој начин е вклучен Бог во обврската спомната во Пословици 23:22?
2 Твоето ценење за животот влијае врз твојот однос со другите. На пример, Божјата реч заповеда: „Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајката кога ќе остари“ (Пословици 23:22). Да се ‚слуша‘ значи нешто повеќе отколку само да се чујат зборови; оваа пословица значи да се слуша и потоа да се послуша (Излез 15:26; Второзаконие 7:12; 13:18; 15:5; Исус Навин 22:2; Псалм 81:13). Што вели Божјата реч, зошто треба да слушаш? Не само затоа што татко ти и мајка ти се постари од тебе и имаат повеќе искуство. Причината што ни е дадена е дека тие ти се ‚родители‘. Во некои преводи овој стих гласи вака: „Слушај го својот татко кој ти дал живот“. Се разбира, ако го цениш својот живот, ќе чувствуваш обврска кон изворот на тој живот.
3 Секако, ако си вистински христијанин, ти го признаваш Јехова како главен Извор на твојот живот. Преку него ‚имаш живот‘; можеш ‚да се движиш‘, да постапуваш како суштество со чувства; ‚постоиш‘ сега и можеш да размислуваш или да планираш за иднината, а и за вечен живот (Дела 17:28; Псалм 36:9; Проповедник 3:11). Во склад со Пословици 23:22, треба послушно да го ‚слушаш‘ Бог, со желба да го сфатиш неговото гледиште за животот и да постапуваш во согласност со него, наместо да претпочиташ нечие друго гледиште за вредноста на животот.
Покажувај почит кон животот
4. Како дошло до тоа почитта кон животот да стане спорно прашање уште во почетокот на човечката историја?
4 Уште во почетокот на човечката историја, Јехова јасно дал до знаење дека не им остава на луѓето да го употребуваат (или да го злоупотребуваат) животот за која и да е цел. Обземен од љубоморен гнев, Каин одзел еден невин живот — животот на брат му Авел. Дали мислиш дека Каин имал право да донесе таква одлука во врска со нечиј живот? Бог не мислел така. Тој го повикал Каин на одговорност: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон мене од земјата“ (Битие 4:10). Забележи дека крвта на Авел што била пролеана на земјата го претставувала неговиот живот, кој бил прекинат на брутален начин, и таа крв повикувала кон Бог за одмазда (Евреите 12:24).
5. а) Која забрана ја дал Бог во времето на Ное, и на кого се однесувала? б) Во кој поглед оваа забрана претставувала важен чекор?
5 По Потопот, човештвото имало еден нов почеток со само осум души. Во една објава што важела за сите луѓе, Бог открил нешто повеќе за тоа каква вредност имаат животот и крвта во негови очи. Тој рекол дека луѓето можат да јадат месо од животни, но го дал следново ограничување: „Сѐ што се движи и живее нека ви биде за храна; ви дадов сѐ како што ви ја дадов зелената трева. Само не јадете го месото со неговиот живот, односно со неговата крв“ (Битие 9:3, 4). Некои Евреи велат дека тоа значело луѓето да не јадат месо или крв од животно што сѐ уште било живо. Но, времето јасно покажало дека со тие зборови Бог забранувал да се консумира крв за да се одржи животот. Освен тоа, Божјата наредба дадена преку Ное била еден голем чекор напред во исполнувањето на Неговата возвишена намера во врска со крвта — намера што ќе им овозможи на луѓето да добијат вечен живот.
6. Преку Ное, на кој начин Бог го нагласил своето гледиште за вредноста на животот?
6 Понатаму Бог рекол: „А вашата крв, за вашиот живот, ќе барам сметка: ќе ја барам од секое животно; и од човекот за неговиот брат; ќе барам сметка за човечкиот живот. Кој пролее човечка крв, човек ќе ја пролее неговата крв! Зашто Бог го создаде човекот според Својот образ“ (Битие 9:5, 6). Од оваа изјава што ѝ е упатена на целата човечка фамилија можеш да видиш дека во Божји очи човечката крв го претставува човечкиот живот. Творецот му дава живот на човекот, и никој не смее да го одземе тој живот, кој е претставен со крвта. Ако некој изврши убиство, како што извршил Каин, Творецот има право да го „бара“ животот на убиецот.
7. Зошто треба да нѐ интересира она што Бог му го објавил на Ное во врска со крвта?
7 Со својата објава, Бог им заповедал на луѓето да не ја користат крвта на неисправен начин. Дали некогаш си се прашал зошто? Што стоело зад Божјето гледиште за крвта? Всушност, со одговорот на овие прашања е поврзано едно од најважните библиски учења. Тоа лежи во самата основа на христијанската порака, иако многу цркви решиле да го игнорираат. Кое е тоа учење, и каква врска имаат со него твојот живот, твоите одлуки и твоите постапки?
Крв — како би можела да се употребува?
8. Кое ограничување во врска со употребата на крв го дал Јехова со законот?
8 Јехова изнел повеќе детали во врска со животот и крвта кога му го дал на Израел законскиот зборник. При тоа, направил уште еден чекор напред во исполнувањето на својата намера. Веројатно знаеш дека со Законот се барало да му се даваат приноси на Бог, како што се жито, масло и вино (Левит 2:1—4; 23:13; Броеви 15:1—5). Се принесувале и животински жртви. Во врска со нив, Бог рекол: „Животот на телото е во крвта. Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот, за да ги покривате од грев вашите души, зашто оваа крв прави покривање на гревот за душата. Затоа им реков на Израелците: ‚Никој од вас нека не јаде крв‘ “. Јехова додал дека, ако некој, на пример, ловец или сточар, убие животно за храна, мора да ја исцеди крвта и да ја покрие со прав. Земјата е Божје подножје, и со тоа што човек ќе ја пролеел крвта врз неа признавал дека животот му се враќа на Животодавецот (Левит 17:11—13; Исаија 66:1).
9. Според Законот, само како можела да се користи крвта, и зошто?
9 Тој закон не бил само верски ритуал што нема никакво значење за нас. Дали забележа зошто Израелците не требало да консумираат крв? Бог рекол: „Затоа им реков на Израелците: ‚Никој од вас нека не јаде крв‘ “. Зошто? „Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот, за да ги покривате од грев вашите души.“ Гледаш ли како ова ни дава увид во тоа зошто Бог му рекол на Ное дека луѓето не треба да јадат крв? Творецот одлучил во негови очи крвта да има возвишено значење и ја издвоил само за една посебна намена што можела да спаси многу животи. Таа требало да одигра многу битна улога во покривањето, односно искупувањето, на гревовите. Така, според Законот, Бог одобрувал крвта да се користи само на жртвеникот за да се искупат животите на Израелците, кои барале простување од Јехова.
10. Зошто со животинската крв не можело да се постигне целосно простување, но какво потсетување давале жртвите што се барале со Законот?
10 Ваквата идеја не е непозната за христијанството. Осврнувајќи се на овој важен аспект на Законот за кој се погрижил Бог, христијанскиот апостол Павле напишал: „Според Законот скоро сѐ се чисти со крв, и без пролевање крв нема простување“ (Евреите 9:22). Павле јасно кажал дека жртвите што се барале не ги правеле Израелците совршени, безгрешни луѓе. Тој напишал: „Преку овие жртви од година на година се потсетува на гревовите, бидејќи не е можно крвта на бикови и јарци да ги однесе гревовите“ (Евреите 10:1—4). Сепак, таквите жртви служеле за нешто. Тие ги потсетувале Израелците дека се грешни и дека им требало уште нешто за да добијат целосно простување. Но, ако човечките гревови не можеле потполно да се покријат со крвта што го претставувала животот на животните, дали тоа можело да се постигне со некоја друга крв?
Решението на Животодавецот
11. Од каде знаеме дека жртвите што вклучувале животинска крв укажувале на нешто?
11 Законот, всушност, укажувал на нешто што ќе имало далеку поголем ефект врз исполнувањето на Божјата волја. Павле прашал: „Тогаш, зошто Законот?“ Потоа одговорил: „Тој беше додаден за да се направат очигледни престапите додека не дојде семето на кое му беше дадено ветувањето; и беше пренесен преку ангели со раката на посредник [Мојсеј]“ (Галатите 3:19). Павле исто така напишал: „Законот има сенка на идните добри работи, а не самата нивна суштина“ (Евреите 10:1).
12. Како можеме да го видиме разоткривањето на Божјата намера во врска со крвта?
12 Значи, од она што го разгледавме досега видовме дека во времето на Ное Бог одредил луѓето да јадат животинско месо за да се одржат во живот, но не смееле да јадат крв. Подоцна, Бог изјавил дека „животот на телото е во крвта“. Да, тој избрал во негови очи крвта да го претставува животот, и рекол: „Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот, за да ги покривате од грев вашите души“. Меѓутоа, Божјата намера требало и понатаму да се разоткрива на еден чудесен начин. Законот ги предочувал добрите работи што претстоеле. Кои се тие работи?
13. Зошто била важна смртта на Исус?
13 Стварноста била сосредоточена на смртта на Исус Христос. Ти знаеш дека Исус бил мачен и прикован на столб. Умрел како злосторник. Павле напишал: „Додека уште бевме слаби, Христос умре за безбожните луѓе во одреденото време . . . Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“ (Римјаните 5:6, 8). Со тоа што умрел за нас, Христос обезбедил откуп за да ги покрие нашите гревови. Тој откуп лежи во самата основа на христијанската порака (Матеј 20:28; Јован 3:16; 1. Коринќаните 15:3; 1. Тимотеј 2:6). Каква врска има тоа со крвта и животот, и како е вклучен и твојот живот?
14, 15. а) На кој начин некои преводи на стихот од Ефешаните 1:7 ја нагласуваат смртта на Исус? б) Што би можело да се превиди во врска со Ефешаните 1:7?
14 Некои цркви ја нагласуваат смртта на Исус, и нивните следбеници велат нешто како, на пример, „Исус умрел за мене“. Забележи како е преведен стихот од Ефешаните 1:7 во некои библиски преводи: „Во него и преку неговата смрт имаме избавување, односно отстранување на нашите престапи“ (The American Bible, од Френк Шил Балентајн, 1902). „Преку Христовата смрт сме ослободени и простени ни се гревовите“ (Today’s English Version, 1966). „Во и преку Христос и со тоа што го жртвувал својот живот бевме ослободени, ослободување што значи простување на гревовите“ (The New Testament, од Вилијам Баркли, 1969). „Преку смртта на Христос нашите гревови се простени и ние сме ослободени“ (The Translator’s New Testament, 1973). Во таквите преводи можеш да видиш дека е нагласена Исусовата смрт. ‚Но‘, можеби ќе речат некои, ‚смртта на Исус навистина е важна. Затоа, што им недостига на овие преводи?‘
15 Всушност, кога би ги имал само овие преводи, би можел да превидиш една многу важна работа, а тоа би можело да го ограничи твоето разбирање на библиската порака. Таквите преводи го кријат фактот дека оригиналниот текст од Ефешаните 1:7 содржи еден грчки збор што значи „крв“. Затоа, многу Библии, како што е и Преводот Нов свет, потесно се држат за оригиналот: „Преку него имаме ослободување со откупнина со посредство на неговата крв, да, простување на нашите престапи, според богатството на неговата незаслужена љубезност“.
16. На кои важни работи треба да нѐ потсети преводот „неговата крв“?
16 Преводот „неговата крв“ има длабоко значење и треба да нѐ потсети на многу работи. Било потребно нешто повеќе од смрт, дури и од смртта на совршениот човек Исус. Тој го исполнил она што било предочено со Законот, особено со Денот на искупување. На тој ден се жртвувале одредени животни. Потоа, првосвештеникот земал дел од нивната крв и го носел во одделот на шаторот или храмот каде што се наоѓала Најсветата светиња и таму ја претставувал пред Бог, како да се наоѓа во негово присуство (Излез 25:22; Левит 16:2—19).
17. На кој начин Исус го исполнил она што било предочено со Денот на искупување?
17 Исус го исполнил она што било предочено со Денот на искупување, како што објаснил Павле. Најпрво тој спомнал дека првосвештеникот во Израел еднаш годишно влегувал во Најсветата светиња со крв што ја принесувал „за себе и за гревовите на народот направени во незнаење“ (Евреите 9:6, 7). Во склад со оваа претслика, откако бил воскреснат како дух, Исус отишол на самото небо. Како дух, кој нема тело од крв и месо, тој можел да се појави пред „Божјето лице за нас“. Што му принел на Бог? Тоа не било нешто материјално туку нешто што било од голема важност. Павле продолжил: „Кога Христос дојде како првосвештеник . . . не влезе со крвта на јарци и млади бикови, туку со својата сопствена крв, еднаш засекогаш во свето место и прибави вечно избавување за нас. Зашто ако крвта на јарци и бикови . . . посветува до таа мера што телото станува чисто, колку ли повеќе крвта на Христос, кој преку вечниот дух самиот себеси без дамка му се принесе на Бог, ќе ги исчисти нашите совести од мртви дела за да му принесуваме света служба на живиот Бог?“ Да, Исус му ја принел на Бог вредноста на својата крв (Евреите 9:11—14, 24, 28; 10:11—14; 1. Петрово 3:18).
18. Зошто за христијаните денес треба да биде важно сѐ што е кажано во Библијата во врска со крвта?
18 Оваа божествена вистина ни помага да ги сфатиме сите извонредни аспекти на крвта за кои зборува Библијата — зошто Бог има такво гледиште за неа, какво гледиште за неа треба да имаме ние, и зошто треба да ги почитуваме ограничувањата што ги поставил Тој во врска со употребата на крвта. Додека ги читаш книгите од Христијанските грчки списи, ќе најдеш бројни осврнувања на крвта на Христос. (Види ја рамката.) Тие јасно покажуваат дека секој христијанин треба да положи вера „во неговата [Исусовата] крв“ (Римјаните 3:25). Само преку „крвта што [Исус] ја пролеа“ е можно да добиеме простување и да имаме мир со Бог (Колошаните 1:20). Ова сигурно важи за оние со кои Исус склучил посебен сојуз да владеат со него на небото (Лука 22:20, 28—30; 1. Коринќаните 11:25; Евреите 13:20). Исто така, важи и за денешното „големо мноштво“, кое ќе ја преживее претстојната ‚голема неволја‘ и ќе ужива вечен живот во рај на земјата. Во фигуративна смисла, тие ‚ги перат своите долги облеки во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:9, 14).
19, 20. а) Зошто Бог одлучил да ја ограничи употребата на крв, и како треба да гледаме на тоа? б) Што треба да нѐ интересира да дознаеме?
19 Јасно, крвта има посебно значење во Божји очи. Исто такво значење треба да има и за нас. Творецот, на кој животот многу му значи, има право да го ограничи она што луѓето го прават со крвта. Нему толку многу му значи и нашиот живот, што одлучил крвта да се употребува само на еден многу важен начин, единствениот начин што ќе овозможи вечен живот. Во тоа е вклучена Исусовата скапоцена крв. Колку само можеме да бидеме благодарни што Јехова Бог дејствувал за наше добро користејќи крв — Исусовата крв — на начин што спасува животи! И колку само треба да му бидеме благодарни на Исус за тоа што ја пролеал својата крв за нас кога се дал како жртва! Навистина, можеме да ги сфатиме чувствата што ги изразил апостол Јован: „Нему, кој нѐ љуби и кој со својата сопствена крв нѐ ослободи од нашите гревови — и нѐ направи царство, свештеници на својот Бог и Татко — да, нему нека му е славата и моќта засекогаш. Амин“ (Откровение 1:5, 6).
20 Нашиот семудар Бог и Животодавец долго време ја имал на ум оваа животоспасувачка улога. Затоа, би можеле да прашаме: ‚Како треба да влијае тоа врз нашите одлуки и постапки?‘ Во следната статија ќе го разгледаме ова прашање.
Како би одговорил?
• Што можеме да научиме за Божјето гледиште за крвта од извештаите за Авел и Ное?
• Кое ограничување во врска со употребата на крвта го поставил Бог во Законот, и зошто?
• На кој начин Исус го исполнил она што било предочено со Денот на искупување?
• Како може крвта на Исус да ни го спаси животот?
[Рамка на страница 18]
ЧИЈА КРВ СПАСУВА ЖИВОТИ?
„Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве наименува за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот сопствен Син“ (Дела 20:28).
„Затоа, дотолку повеќе што со неговата крв сега сме прогласени за праведни, ќе бидеме спасени преку него од гнев“ (Римјаните 5:9).
„Немавте надеж и бевте без Бог во светот. Но вие кои некогаш бевте далеку, сега во обединетост со Христос Исус дојдовте близу преку Христовата крв“ (Ефешаните 2:12, 13).
„Бог нашол за добро сета полнота да престојува во него, и преку него повторно да ги помири со себе сите други работи, воспоставувајќи мир преку крвта што ја пролеа на маченичкиот столб“ (Колошаните 1:19, 20).
„Затоа, браќа . . . имаме смелост во поглед на патот за влегување во светото место преку крвта на Исус“ (Евреите 10:19).
„Не со распадливи работи . . . сте избавени од својот бесплоден начин на однесување, што по традиција сте го примиле од своите прататковци. Туку со скапоцената крв, каква што е крвта на јагне без петно и без дамка, имено Христовата“ (1. Петрово 1:18, 19).
„Ако, пак, одиме во светлината, како што и тој самиот е во светлината, имаме соучество едни со други, и крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јованово 1:7).
„Достоен си да го земеш свитокот и да ги отвориш неговите печати, зашто беше заклан и со својата крв купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и нација“ (Откровение 5:9).
„Бидејќи е исфрлен долу обвинителот на нашите браќа . . . И тие го победија поради крвта на Јагнето и поради речта на своето сведочење“ (Откровение 12:10, 11).
[Слика на страница 16]
Преку Законот, Бог јасно покажал дека крвта може да служи за простување на гревовите
[Слика на страница 17]
Преку крвта на Исус можат да се спасат многу животи