Угледајте се на нивната вера
Таа постапила разборито
АВИГЕЈА ја видела паниката во очите на младиот човек. Тој бил преплашен — и тоа со добра причина. Се заканувала голема опасност. Токму во тој момент, околу 400 војници доаѓале накај нив, решени да го убијат секое машко во домот на Навал, мажот на Авигеја. Зошто?
Целата работа ја започнал Навал. Тој постапил грубо и дрско, што било вообичаено за него. Но, овојпат навредил погрешен човек — саканиот водач на една лојална и добро обучена чета војници. Тогаш, еден од младите работници на Навал, можеби еден од овчарите, дошол кај Авигеја со доверба дека таа ќе смисли план да ги спаси. Но, што можела да направи една жена против цела војска?
Прво, да дознаеме нешто повеќе за оваа извонредна жена. Која била Авигеја? Како дошло до таа тешка ситуација? И што можеме да научиме од верата што ја покажала?
„Многу разборита и убава“
Авигеја и Навал не си одговарале како брачна двојка. Тешко дека Навал можел да најде подобра сопруга од Авигеја, но таа го добила најлошиот можен сопруг. Точно, тој бил богат. Затоа се сметал себеси за многу важен човек, но како гледале другите на него? Ретко која друга личност во Библијата е прикажана во толку лошо светло. Самото негово име значи „Безумен“ или „Глупав“. Дали родителите му го дале тоа име кога се родил или, пак, тоа било прекар што го добил подоцна? Како и да е, името сосема му одговарало. Навал бил „груб и зол“ човек. Бидејќи бил насилник и пијаница, сите се плашеле од него и никој не го сакал (1. Самоилова 25:2, 3, 17, 21, 25).
Авигеја била сосема поинаква. Нејзиното име значи „Татко ми се израдува“. Многу татковци се гордеат што имаат убава ќерка, но еден мудар татко е многу посреќен ако во своето дете види и внатрешна убавина. Честопати, некој што е надворешно убав не гледа потреба да стекне особини како што се разборитост, мудрост, храброст или вера. Но, Авигеја не била таква. Библијата вели дека таа била „многу разборита и убава“ (1. Самоилова 25:3).
Можеби некои денес се прашуваат зошто една толку интелигентна девојка се омажила за толку расипан човек. Сети се дека во библиски времиња многу бракови биле договорени. Но, дури и да не бил договорен некој брак, сепак било многу важно родителите да ја дадат својата согласност. Дали родителите на Авигеја го сакале тој брак, па дури и го договориле, затоа што им значеле богатството и положбата на Навал? Дали на тоа ги натерала сиромаштијата? Во секој случај, тоа што Навал имал пари не значело дека е добар сопруг.
Мудрите родители внимателно ги учат своите деца да гледаат со ценење на бракот. Ниту ги тераат да се мажат и женат заради парите ниту, пак, ги тераат да почнат да се гледаат со некого додека сѐ уште се премногу млади за да ги преземат улогата и одговорностите на возрасен човек (1. Коринќаните 7:36). Меѓутоа, за Авигеја било премногу доцна да мисли на тие работи. Од некоја причина, таа била мажена за Навал и била решена да го направи најдоброто што може во таа тешка ситуација.
„Тој им се развика“
Во конкретниов случај, Навал уште повеќе ѝ ја отежнал положбата на Авигеја. Човекот што го навредил бил Давид. Тој бил верниот Јеховин слуга што пророкот Самоил го помазал, а со тоа покажал дека Давид е човекот што Бог го избрал да биде цар по Саул (1. Самоилова 16:1, 2, 11-13). Бидејќи Саул бил љубоморен и сакал да го убие, Давид морал да бега и да живее во пустината со своите 600 верни војници.
Навал живеел во Маон, но работел и веројатно имал земја во блискиот Кармил.a Во близината на овие градови се протегале тревни висорамнини погодни за одгледување овци, а Навал имал 3.000 овци. Но, наоколу имало само дивина. На југ лежела огромната пустина Фаран. На исток, патот до Соленото Море минувал низ пусти предели полни со клисури и пештери. Во овие предели Давид и неговите луѓе се мачеле да преживеат. Без сомнение, морале да ловат за да дојдат до храна, а поднесувале и многу тешкотии. Честопати ги среќавале младите луѓе што работеле како овчари кај богатиот Навал.
Како постапувале со овчарите тие вредни војници? Па, многу лесно можеле одвреме-навреме да се послужат со некоја овца, но не направиле такво нешто. Напротив, тие биле како заштитен ѕид околу стадата и слугите на Навал (1. Самоилова 25:15, 16). Овците и пастирите честопати биле во опасност. Во тоа време имало многу грабливи животни. А во близина се наоѓала и јужната граница на Израел, па затоа често имало напади од пљачкосувачки банди од другите земји.b
Сигурно не било баш лесно да им се обезбеди храна на сите тие луѓе во пустината. Затоа, еден ден Давид испратил десет гласници кај Навал за да го замолат да им помогне. Давид мудро го избрал вистинскиот момент. Владеела радост поради стрижењето на овците, време кога било обичај луѓето да бидат дарежливи и да се гоштеваат. Исто така, Давид внимателно ги избрал и своите зборови, користејќи учтиви изрази и облици на обраќање. Тој дури и рекол за себе дека е негов „син Давид“, со што веројатно покажал почит кон годините на Навал. Како реагирал Навал? (1. Самоилова 25:5-8).
Тој се разлутил! „Им се развика“, ѝ раскажал на Авигеја младиот човек што го спомнавме во почетокот. Скржавиот Навал гласно ги жалел својот скапоцен леб, водата и стоката што ја заклал. Го потценил Давид како да е безначаен човек и го споредил со избеган слуга. Можеби Навал гледал на работите слично како Саул, кој го мразел Давид. Ниту едниот ниту другиот не гледал на Давид како што гледал Јехова. Бог го сакал Давид и во негови очи тој не бил бунтовен роб туку иден цар на Израел (1. Самоилова 25:10, 11, 14).
Кога луѓето на Давид се вратиле и му кажале што се случило, тој се разбеснил. „Опашете го секој својот меч!“, заповедал. И самиот се опашал и повел во напад 400 од своите луѓе. Се заколнал дека ќе го убие секое машко од домот на Навал (1. Самоилова 25:12, 13, 21, 22). Гневот на Давид бил разбирлив, но не бил исправен начинот на кој сакал да го излее. Библијата вели: „Човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“ (Јаков 1:20). Но, како можела Авигеја да го спаси својот дом?
„Благословена да биде твојата разумност“
Во извесна смисла, веќе видовме дека Авигеја го направила првиот чекор за да го исправи ова големо зло. За разлика од нејзиниот сопруг, Навал, таа била спремна да сослуша. Еве што рекол младиот слуга за Навал: „Тој е толку расипан човек што не може ни да се разговара со него“c (1. Самоилова 25:17). За жал, Навал се сметал себеси за толку важен што не сакал ни да сослуша. Таквата ароганција е многу вообичаена во денешно време. Но, младиот слуга знаел дека Авигеја не е таква, па веројатно затоа отишол кај неа.
Авигеја размислила и брзо презела нешто. „Тогаш Авигеја брзо“ почнала да дејствува. Четири пати во овој извештај го наоѓаме истиот збор, „брзо“, употребен во врска со оваа жена. Таа подготвила великодушен подарок за Давид и за неговите луѓе. Им ставила леб, вино, овчо месо, пржени зрна, пити со суво грозје и пити со смокви. Јасно е дека Авигеја добро знаела со што располага и многу добро се грижела за своите домашни одговорности, исто како вредната жена што подоцна е опишана во книгата Изреки (Изреки 31:10-31). Прво, испратила неколкумина слуги да му ја однесат на Давид храната, а потоа и самата отишла кај него. „Но не му кажа ништо на својот маж Навал“, пишува понатаму во Библијата (1. Самоилова 25:18, 19).
Дали ова значи дека Авигеја се побунила против маж ѝ, нејзиниот поглавар? Воопшто не. Навал постапил злобно со еден помазан слуга на Јехова, постапка поради која мнозина невини членови од домот на Навал би го изгубиле животот. Да не презела ништо, Авигеја веројатно би била соучесник во вината на нејзиниот сопруг. Како и да е, морала да ја стави својата подложност кон Бог пред подложноста кон својот маж.
По кратко време, Авигеја ги пресретнала Давид и неговите луѓе. Таа повторно побрзала — овојпат брзо се симнала од магарето и се поклонила пред Давид (1. Самоилова 25:20, 23). Потоа му кажала сѐ што ја притискало и од срце го замолила да покаже милост кон нејзиниот сопруг и нејзиниот дом. Зошто нејзините зборови имале ефект?
Таа ја презела одговорноста за проблемот и го замолила Давид да ѝ прости неа. Била реална и признала дека нејзиниот маж е безумен, како што покажувало неговото име, со што можеби сакала да му каже на Давид дека ќе биде под неговото достоинство да се расправа со еден таков човек. Покажала доверба дека Давид е Јеховин претставник, признавајќи дека тој ги водел „војните на Јехова“. Исто така, покажала дека знае за ветувањето што Јехова му го дал на Давид во врска со царството, бидејќи рекла: „Јехова... ќе те постави за водач на Израел“. Исто така, го молела да не направи нешто поради што би бил виновен за крв или, пак, подоцна би ‚зажалил‘ — очигледно мислела на тоа дека ќе го мачи совеста (1. Самоилова 25:24-31). Колку љубезни, трогателни зборови!
А како реагирал Давид? Тој го прифатил подарокот што го донела Авигеја и рекол: „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, кој денес те испрати да ме пресретнеш! Благословена да биде твојата разумност и благословена да бидеш ти, која ме задржа денес да не бидам виновен за крв“. Давид ја пофалил што храбро побрзала да го пресретне, и признал дека таа го спречила да си навлече вина за крв. „Оди со мир во својата куќа“, ѝ рекол тој, и понизно додал: „Ќе го послушам твојот глас“ (1. Самоилова 25:32-35).
„Еве ја твојата робинка“
Откако се разделиле, Авигеја не можела а да не мисли на таа средба ниту, пак, останала слепа за разликата помеѓу верниот, љубезен Давид и грубијанот за кого била мажена. Но, не се задржувала на тие мисли. Во Библијата читаме: „И Авигеја се врати кај Навал“. Да, се вратила кај својот сопруг, спремна како и секогаш да ја извршува најдобро што може својата улога на сопруга. Морала да му каже за подарокот што им го дала на Давид и на неговите луѓе. Тој имал право да знае. Исто така, морала да му каже за опасноста што била избегната — пред тој да дознае од некој друг, што би претставувало уште поголем срам за него. Но, не можела да му каже во тој момент. Тој се гоштевал како цар и бил сосема пијан (1. Самоилова 25:36).
Авигеја повторно покажала храброст и разумност со тоа што чекала до следното утро за Навал да се отрезни од виното. Така ќе бил доволно трезен за да ја разбере, но во исто време и поопасен поради лошиот нарав. Сепак, отишла кај него и му кажала сѐ. Без сомнение, очекувала да се разбесни, можеби и да биде насилен. Наместо тоа, тој само седел и не мрдал (1. Самоилова 25:37).
Што се случило со тој човек? „Тогаш му замре срцето и тој стана како камен.“ Можеби во тој момент добил мозочен удар. Меѓутоа, умрел 10 дена подоцна — но не само од здравствени причини. „Јехова го удри Навал и тој умре“ (1. Самоилова 25:38). Со ваквата праведна казна, бракот што за Авигеја претставувал вистински кошмар завршил. Иако денес Јехова не прави чуда за да казни некого на таков начин, овој извештај е потсетување дека тој не замижува пред ниеден случај на семејно насилство или малтретирање. Во свое време, Јехова секогаш ќе донесе правда.
Освен што се ослободила од еден лош брак, Авигеја ја чекал уште еден благослов. Кога Давид чул за смртта на Навал, испратил гласници да ѝ предложат брак во негово име. „Еве ја твојата робинка“, одговорила таа, „која како слугинка ќе им ги мие нозете на слугите на својот господар.“ Очигледно, Авигеја не се возгордеала затоа што можела да му стане жена на Давид. Таа дури и се понудила да биде слугинка на неговите слуги! Потоа, како што читаме, повторно побрзала, овој пат за да се подготви да отиде кај него (1. Самоилова 25:39-42).
Ова не значи дека сѐ завршило како во приказните. Авигеја не ја чекал само лесен живот со Давид. Тој веќе бил оженет со Ахиноама, и најверојатно полигамијата била посебен предизвик за верните жени во тоа време.d Освен тоа, Давид сѐ уште не бил цар и требало да помине многу препреки и тешкотии пред да почне да му служи на Јехова во тоа својство. Но, додека Авигеја го поддржувала и му помагала на Давид во животот, а подоцна дури и му родила син, таа сфатила дека има сопруг што ја ценел и ја штител. Во една ситуација дури ја спасил од напаѓачите што ја грабнале! (1. Самоилова 30:1-19). На тој начин Давид се угледал на Јехова Бог, кој ги сака и ги цени таквите разумни, храбри и верни жени.
[Фусноти]
a Не станува збор за познатата планина Кармил далеку на север, туку за едно гратче на југ, на работ на пустината Фаран.
b Давид веројатно сметал дека е дел од службата за Јехова Бог да ги штити локалните земјопоседници и нивните стада. Во тоа време, Јеховината намера била потомците на Авраам, Исак и Јаков да живеат во таа земја. Затоа, нејзината заштита од туѓинците и од пљачкосувачките банди што напаѓале претставувало еден вид света служба.
c Фразата што ја употребил младичот буквално значи „син на Велијар (безвреден)“. Во други библиски преводи, во оваа реченица Навал е опишан како човек „што не сакал да слуша никого“, а во заклучокот пишува дека „нема корист да се зборува со него“.
d Види ја статијата „Дали Бог ја одобрува полигамијата?“ на 30. страница.
[Слика на страница 19]
За разлика од нејзиниот сопруг, Авигеја знаела да сослуша
[Слика на страница 20]
Авигеја покажала понизност, храброст и разумност кога зборувала со Давид