Варзелај — свесен за своите ограничувања
‚ЗОШТО да ти бидам на товар?‘ Осумдесетгодишниот старец кој му го кажал ова на израелскиот цар Давид се викал Варзелај. Библијата вели дека тој бил „многу богат“ (2. Самоилова 19:32, 35). Варзелај живеел во Галад, планински предел источно од реката Јордан (2. Самоилова 17:27; 19:31).
Кога Варзелај му ги кажал овие зборови на Давид? И зошто овој стар човек зборувал на таков начин?
Побуна против царот
Давид бил во опасност. Неговиот син Авесалом си го присвоил престолот откако ‚ги придобил срцата на Израелците‘. Било јасно дека Авесалом нема да поштеди никого од оние што му останале верни на неговиот татко. Затоа Давид и неговите слуги побегнале од Ерусалим (2. Самоилова 15:6, 13, 14). Кога Давид стигнал во Маханаим, област на исток од Јордан, Варзелај му помогнал.
Варзелај, заедно со двајца други луѓе, Совиј и Махир, великодушно му дал на Давид изобилство храна и други работи. Овие тројца верни поданици навистина покажале разбирање за тешката ситуација во која се нашле Давид и неговите луѓе, кога рекле: „Народот огладнел, се уморил и ожеднел во пустината“. Варзелај, Совиј и Махир направиле сѐ што можеле за да им помогнат на Давид и на луѓето што биле со него, така што им дале постели, пченица, јачмен, брашно, пржени зрна, грав, леќа, мед, маст, овци и други работи (2. Самоилова 17:27-29).
Било многу ризично да му се помага на Давид. Немало шанси ниту еден поданик што му помагал на законскиот цар да си помине без казна од Авесалом. Според тоа, Варзелај бил многу храбар кога покажал дека му е верен на Давид.
Пресвртница
Наскоро потоа, бунтовниците на Авесалом се сретнале со луѓето на Давид. Во шумата на Ефрем, веројатно во близина на Маханаим, се повела тешка битка. Војската на Авесалом била поразена, ‚и во тој ден таму изгинале многу луѓе‘. Авесалом се обидел да избега, но наскоро бил убиен (2. Самоилова 18:7-15).
Давид повторно бил неприкосновен цар на Израел. Неговите следбеници повеќе не морале да бегаат и да се кријат. Што е уште поважно, Давид им бил многу благодарен и уште повеќе ги почитувал затоа што му останале верни.
Кога Давид бил на пат кон Ерусалим, ‚Галадецот Варзелај дошол од Рогелим за да отиде со царот на Јордан и да го испрати до Јордан‘. Во таа прилика, Давид му ја упатил на остарениот Варзелај следнава покана: „Појди со мене и остани кај мене во Ерусалим, и јас ќе се грижам за тебе“ (2. Самоилова 19:15, 31, 33).
Без сомнение, Давид многу ја ценел помошта што му ја дал Варзелај. Се чини дека царот не сакал само да му врати за услугата со тоа што материјално би се грижел за него. На богатиот Варзелај воопшто не му била потребна таква помош. Можеби Давид сакал овој постар човек да живее во неговиот дворец затоа што имал прекрасни особини. За Варзелај ќе било голема чест да живее во дворецот на царот, бидејќи тогаш ќе можел да ужива во блиското пријателство на царот.
Скромен и реален
Како одговор на поканата на цар Давид, Варзелај рекол: „Уште колку години живот ми остануваат, па да одам со царот во Ерусалим? Сега имам осумдесет години. Можам ли да распознаам што е добро, а што зло? Може ли твојот слуга да го почувствува вкусот на она што го јаде и го пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачите и пејачките?“ (2. Самоилова 19:34, 35). На тој начин, Варзелај со почит ја одбил поканата и се одрекол од една голема чест. Но, зошто го сторил тоа?
Една причина за одлуката на Варзелај можеби биле неговите поодминати години и ограничувањата што му ги носела староста. Можеби Варзелај чувствувал дека нема да живее уште долго (Псалм 90:10). Тој направил сѐ што можел за да му помогне на Давид, но исто така бил свесен дека годините си го носат своето. Варзелај не дозволил реалната проценка на сопствените способности да му биде замаглена од желбата да биде некој и нешто. За разлика од амбициозниот Авесалом, Варзелај мудро покажал скромност (Изреки 11:2).
Можеби Варзелај донел таква одлука и затоа што не сакал неговите ограничувања на кој и да било начин да ги спречат активностите на царот што бил поставен од Бог. Варзелај прашал: „Зошто твојот слуга да му биде товар на мојот господар, царот?“ (2. Самоилова 19:35). Иако сѐ уште го поддржувал Давид, Варзелај, по сѐ изгледа, сметал дека некој помлад човек може многу подобро да ги врши задачите. Веројатно имајќи го на ум својот син, Варзелај рекол: „Еве го твојот слуга Химам, тој нека појде со мојот господар, царот! Направи му што е добро во твои очи!“ Наместо да се навреди, Давид го прифатил овој предлог. Всушност, пред да го премине Јордан, Давид ‚го бакнал Варзелај и го благословил‘ (2. Самоилова 19:37-39).
Потребна е урамнотеженост
Извештајот за Варзелај ја нагласува потребата од урамнотеженост. Од една страна, не треба да одбиеме некоја посебна одговорност или воопшто и да не ја посакуваме затоа што би сакале да водиме мирен живот или се чувствуваме неспособни да носиме одговорности. Бог може да го надомести секој наш недостаток ако се потпираме на него за сила и за мудрост (Филипјаните 4:13; Јаков 4:17; 1. Петрово 4:11).
Од друга страна, пак, мора да бидеме свесни за своите ограничувања. На пример, можеби некој христијанин веќе прави многу на духовно поле. Тој гледа дека, ако прифати додатни одговорности, би можел да ги занемари другите библиски обврски како, на пример, грижата за семејството. Зарем во таков случај нема да покаже дека е скромен и разумен ако во тој момент не прифати некои додатни одговорности? (Филипјаните 4:5; 1. Тимотеј 5:8).
Варзелај е многу добар пример за нас, и добро е да размислуваме за него. Тој бил верен, храбар, великодушен и скромен. Но, пред сѐ, Варзелај бил решен да ја стави Божјата волја пред сопствените интереси (Матеј 6:33).
[Карта на страница 15]
(Види во публикацијата)
Осумдесетгодишниот Варзелај поминал долг и тежок пат за да му помогне на Давид
ГАЛАД
Рогелим
Сохот
Маханаим
Јордан
Гилгал
Ерихон
Ерусалим
ЕФРЕМ
[Слика на страница 13]
Зошто Варзелај не ја прифатил поканата на Давид?