Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Втора Самоил
ДАЛИ од нас се очекува совршена послушност за да покажеме дека ја признаваме Јеховината сувереност? Дали оној што е беспрекорен секогаш го прави она што е исправно во Божји очи? За кои личности вистинскиот Бог може да каже дека се ‚според неговото срце‘? (1. Самоил 13:14). Библиската книга Втора Самоил дава задоволувачки одговори на овие прашања.
Втора Самоил ја напишале Гад и Натан, двајца пророци што биле блиски со Давид, древниот цар на Израел.a Оваа книга, која била завршена околу 1040 година пр.н.е., кон крајот на 40-годишното владеење на цар Давид, главно зборува за Давид и за неговиот однос со Јехова. Во овие возбудливи извештаи се раскажува како една нација погодена од раздори станува успешно обединето царство под раката на еден храбар цар. Ликовите во оваа фасцинантна драма набиена со емоции ги искажуваат своите чувства со голем жар.
ДАВИД СТАНУВА „СЀ ПОСИЛЕН“
Реакцијата на Давид на веста дека Саул и Јонатан загинале открива што чувствувал кон нив и кон Јехова. Во Хеврон, Давид е поставен за цар на племето Јуда. Исвостеј, синот на Саул, станува цар на останатиот дел од Израел. Давид станува „сѐ посилен“, и околу седум и пол години подоцна станува цар на целиот Израел (2. Самоил 5:10).
Давид го освојува Ерусалим преземајќи го од Евусејците, и тој станува главен град на неговото царство. Неговиот прв обид да го пренесе ковчегот на сојузот во Ерусалим завршува трагично. Сепак, вториот обид е успешен и Давид игра од среќа. Јехова склучува со него сојуз за царство. Давид ги покорува своите непријатели додека Бог и понатаму му помага.
Одговорени библиски прашања:
2:18 — Зошто за Јоав и неговите двајца браќа се вели дека биле трите сина на Серуја, нивната мајка? Во хебрејските списи, родословијата обично се дадени од таткова страна. Можеби мажот на Серуја умрел многу млад или, пак, не се сметал за пример кој би можел да биде вклучен во Светите списи. Можно е да е наведена Серуја затоа што му била сестра или полусестра на Давид (1. Летописи 2:15, 16). Таткото на овие тројца браќа се спомнува само еднаш, во поврзаност со местото каде што бил закопан во Витлеем (2. Самоил 2:32).
3:29 (NW) — Што се мисли со изразот „мажи што се фаќаат за вретено“? Било вообичаено жените да предат волна. Затоа, овој израз може да се однесува на оние мажи што не биле способни за војска и кои затоа биле принудени да вршат работа што обично ја вршеле жени.
5:1, 2 — Колку време поминало од атентатот на Исвостеј до моментот кога Давид станал цар на целиот Израел? Се чини разумно да заклучиме дека Исвостеј го започнал своето двегодишно владеење кратко по смртта на Саул, отприлика во исто време кога Давид почнал да царува во Хеврон. Давид владеел над Јуда од Хеврон седум и пол години. Кратко откако се зацарил над целиот Израел, тој ја преместил својата престолнина во Ерусалим. Значи, поминале околу пет години по смртта на Исвостеј, пред Давид да стане цар на цел Израел (2. Самоил 2:3, 4, 8-11; 5:4, 5).
8:2 — Колкумина Моавци биле погубени откако завршил нивниот конфликт со Израел? Веројатно бројот бил одреден со мерење, а не со пребројување. Се чини дека Давид наредил Моавците да легнат на земја еден до друг во редови. Потоа дал да се измери редот со помош на јаже. Очигледно, две јажиња, односно две третини од Моавците биле погубени, а едно јаже, или една третина од нив, биле поштедени.
Поуки за нас:
2:1; 5:19, 23. Давид го прашал Јехова за совет пред да се пресели во Хеврон и пред да ги нападне непријателите. И ние треба да бараме водство од Јехова пред да донесеме одлуки што ќе влијаат врз нашата духовност.
3:26-30. Одмаздата носи жални последици (Римјаните 12:17-19).
3:31-34; 4:9-12. Тоа што Давид не сакал да се одмазди и не покажал непријателски став е многу добар пример за нас.
5:12. Никогаш не треба да заборавиме дека Јехова е тој што не поучил за своите патишта и ни овозможил да имаме добар однос со него.
6:1-7. Иако Давид имал добра намера, неговиот обид да го пренесе Ковчегот со кола претставувал кршење на Божјата заповед и затоа бил неуспешен (Излез 25:13, 14; Броеви 4:15, 19; 7:7-9). Тоа што Уза посегнал со раката за да го придржи Ковчегот исто така покажува дека дури и да имаме добри намери, тоа не го менува она што Бог го бара од нас.
6:8, 9. (NW). Во една тешка ситуација, Давид прво се разгневил, а потоа се уплашил — можеби дури и го обвинувал Јехова за трагедијата. Мора да пазиме да не го обвинуваме Јехова за проблеми што се последица на тоа што не ги слушаме неговите заповеди.
7:18, 22, 23, 26. Понизноста што ја покажал Давид, како и тоа што му бил оддаден само на Јехова и бил заинтересиран да се возвиши Божјето име се многу добар пример за нас.
8:2. Се исполнува едно пророштво дадено пред скоро 400 години (Броеви 24:17). Јеховината реч секогаш се исполнува.
9:1, 6, 7. Давид си стоел на зборот. И ние мора да се трудиме да си стоиме на зборот.
ЈЕХОВА ПОДИГА ЗЛО ПРОТИВ СВОЈОТ ПОМАЗАНИК
„Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом“, му вели Јехова на Давид. „Ќе ги земам твоите жени од пред твоите очи и ќе му ги дадам на твојот ближен, кој ќе спие со твоите жени пред ова сонце“ (2. Самоил 12:11). Која е причината за ваквата објава? Гревот што Давид го направил со Витсавеа. Иако Давид се каел и му било простено, сепак не бил поштеден од последиците од својот грев.
Најпрво умира детето што му го раѓа Витсавеа. Потоа Давидовата ќерка Тамара, која била девица, ја силува нејзиниот полубрат Амнон. Нејзиниот брат Авесалом се одмаздува убивајќи го Амнон. Потоа Авесалом кове завера против сопствениот татко и се поставува самиот за цар во Хеврон. Давид е присилен да бега од Ерусалим. Авесалом спие со десетте конкубини на татко му кои останале да се грижат за куќата. Давид се враќа како цар дури откако Авесалом е убиен. Побуната на Венијаминецот Сева завршува со смртта на Сева.
Одговорени библиски прашања:
14:7 — Што се мисли со „жеравицата што им остана“? Жеравицата што тлее се користи како симбол на живи потомци.
19:29 — Зошто Давид реагирал така на објаснувањето на Мефивостеј? Откако го ислушал Мефивостеј, Давид мора да сфатил дека згрешил кога му поверувал на Сива само на збор (2. Самоил 16:1-4; 19:24-28). Најверојатно ова го налутило Давид, и тој повеќе не сакал да слушне ништо во врска со тоа.
Поуки за нас:
11:2-15. Искрениот извештај за грешките на Давид сведочи за фактот дека Библијата е инспирирана Божја реч.
11:16-27. Ако направиме тежок грев, не треба да се обидеме да го прикриеме како што го криел Давид. Напротив, треба да му го признаеме гревот на Јехова и да бараме помош од старешините во собранието (Пословици 28:13; Јаков 5:13-16).
12:1-14. Натан е добар пример за наименуваните старешини во собранието. Од нив се очекува да им помогнат на оние што ќе направат грев повторно да тргнат по прав пат. Старешините мора да ја вршат оваа одговорност на разумен начин.
12:15-23. Давид реагирал правилно на неволјата затоа што имал исправно гледиште за она што му се случува.
15:12; 16:15, 21, 23. Кога изгледало дека Авесалом ќе се зацари на престолот, гордоста и амбицијата го навеле паметниот советник Ахитофел да стане предавник. Интелигенцијата без понизност и лојалност може да биде замка.
19:24, 30. Мефивостеј искрено ја ценел верната љубов на Давид. Тој спремно се подложил на одлуката на царот во врска со Сива. Ценењето за Јехова и за неговата организација треба да нѐ поттикне да бидеме подложни.
20:21, 22. Мудроста на еден човек може да спаси многу други од некоја опасност (Проповедник 9:14, 15).
ДА ПАДНЕМЕ „ВО РАЦЕТЕ НА ГОСПОДА“
Во земјата три години владее глад поради вината за крв што ја навлекол Саул со тоа што ги погубил Гаваонците (Исус Навин 9:15). Со цел да се одмаздат за таа крвна вина, Гаваонците бараат да им бидат предадени седум потомци на Саул за да ги погубат. Давид ги предава во рацете на Гаваонците, и сушата завршува со пороен дожд. Четворица филистејски џинови ‚гинат од Давидовата рака и од рацете на неговите слуги‘ (2. Самоил 21:22).
Давид прави тежок грев со тоа што заповеда да се спроведе незаконски попис на населението. Се покајува и избира да падне „во рацете на Господа“ (2. Самоил 24:14). Како резултат на тоа, од поморот гинат 70.000 луѓе. Давид ја послушува Јеховината заповед, и поморот престанува.
Одговорени библиски прашања:
21:8 — Како може да се каже дека Михала имала пет сина, кога во 2. Самоил 6:23 се вели дека умрела без деца? Најшироко прифатеното објаснување е дека тие биле синови на Мерава, сестрата на Михала која се омажила за Адрил. Веројатно Мерава умрела млада, па Михала, која немала деца, ги подигнала нејзините синови.
21:9, 10 — Колку долго Ресфа бдеела над своите два сина и петте внуци на Саул кои биле погубени од Гаваонците? Овие седуммина биле обесени на „почетокот на јачменовата жетва“ — во март или април. Нивните тела останале да висат на планината. Ресфа ги чувала седумте тела дење и ноќе сѐ додека Јехова не ѝ ставил крај на сушата, покажувајќи со тоа дека гневот му стивнал. Многу слаба е веројатноста да имало каков и да е пороен дожд пред да се сврши жетвата во октомври. Значи, можеби Ресфа бдеела дури пет или шест месеци. Потоа, Давид заповедал да се закопаат коските на тие мажи.
24:1 — Зошто пребројувањето на луѓето што го направил Давид било тежок грев? Попишувањето на населението не било нешто само по себе забрането во Законот (Броеви 1:1-3; 26:1-4). Библијата не кажува со која цел Давид наредил да се пребројат луѓето. Сепак, 1. Летописи 21:1 покажува дека Сатана го поттикнал да го направи тоа. Во секој случај, неговиот воен заповедник, Јоав, знаел дека одлуката на Давид да се попише населението е погрешна, и тој пробал да го разубеди Давид да не го прави тоа.
Поуки за нас:
22:2-51. Колку само прекрасен опис дава Давид на Јехова во својата песна! Тој е вистински Бог, достоен за нашата безрезервна доверба!
23:15-17. Давид толку многу го почитувал Божјиот закон за животот и крвта што во оваа прилика не сакал да направи нешто што макар и само навидум ќе изгледало како прекршување на тој закон. Мораме да имаме таков став кон сите Божји заповеди.
24:10. Совеста го поттикнала Давид да се покае. Дали и нашата совест е доволно осетлива за да реагираме исто како Давид?
24:14. Давид многу добро знаел дека Јехова е помилостив од луѓето. Дали и ние сме уверени во тоа?
24:17. Давид чувствувал жалење што поради неговиот грев страдала целата нација. Еден покајнички престапник треба да чувствува жалење поради срамот што со својот грев му го нанел на собранието.
Можно е да бидеме ‚според Божјето срце‘
Вториот цар на Израел покажал дека е ‚човек според Јеховиното срце‘ (1. Самоил 13:14). Давид никогаш не се сомневал во Јеховините праведни мерила и не сакал да биде независен од Бог. Секојпат кога ќе згрешел, Давид го признавал гревот, прифаќал исправање и се поправал. Давид бил беспрекорен човек. Зарем не е мудро и ние да бидеме како него, особено кога грешиме?
Животната приказна на Давид јасно ни покажува дека да се признае Јеховиниот суверенитет значи човек да ги прифати Неговите мерила за добро и лошо и да се труди да живее според нив додека во исто време останува беспрекорен. Ова можеме да го правиме. Навистина, колку благодарни можеме да бидеме за поуките што ги извлекуваме од книгата Втора Самоил! Инспирираната порака што ја содржи таа е навистина жива и врши силно влијание (Евреите 4:12).
[Фуснота]
a Иако Самоил не напишал ниту еден дел од оваа книга, таа го носи неговото име затоа што двете книги што го носат неговото име во почетокот биле на еден ист свиток од хебрејскиот канон. Самоил го напишал поголемиот дел од книгата Прва Самоил.
[Слика на страница 16]
Давид можел да остане понизен затоа што задржал на ум кој е оној што цврсто го утврдил како цар
[Слики на страница 18]
„Еве Јас ќе подигнам зло против тебе од твојот дом“
Витсавеа
Тамара
Амнон