Елисеј видел огнени коли — дали ги гледаш и ти?
Сирискиот цар испратил потера по Божјиот пророк Елисеј и дознал дека тој е во Дотан, утврден град кој се наоѓал на врвот на еден рид. Затоа царот испратил таму коњи, бојни коли и силна војска. Кога се разденило, неговите војници веќе го опколиле градот (2. Цар. 6:13, 14).
Кога станал и излегол надвор тоа утро, слугата на Елисеј ја здогледал непријателската војска. „Леле, господару! Што ќе правиме?“, извикал тој. „Не плаши се“, му рекол Елисеј, „зашто нашите се побројни од нивните!“ А потоа пророкот се помолил: „Јехова, те молам, отвори му ги очите за да види!“ Извештајот продолжува: „Јехова му ги отвори очите на слугата и, гледај, виде дека планините околу Елисеј се полни со огнени коњи и коли“ (2. Цар. 6:15-17). Што учиме од овој и од други настани во животот на Елисеј?
И покрај тоа што сириската војска ги опколила, Елисеј останал смирен затоа што имал доверба во Јехова и видел дека тој го штити. Иако денес не можеме да очекуваме чуда, воопшто не се сомневаме дека Јехова го штити својот народ како група. Во некоја смисла, и ние сме опколени со огнени коњи и коли. Ако ги „гледаме“ со очите на верата и ако секогаш се потпираме на Бог, ‚ќе живееме без страв‘ и ќе имаме благослов од него (Пс. 4:8). Да видиме што може да научиме и од некои други случки од животот на Елисеј.
ЕЛИСЕЈ ПОЧНУВА ДА МУ СЛУЖИ НА ИЛИЈА
Еднаш, кога Елисеј ја орал нивата, пророкот Илија му пришол и ја фрлил врз него својата пророчка наметка. Елисеј знаел што значи тоа. Направил гозба, се збогувал со татка си и мајка си, и заминал од дома за да му служи на Илија (1. Цар. 19:16, 19-21). Бидејќи Елисеј спремно се ставил на располагање, Јехова го користел во својата служба, и подоцна го поставил за пророк на местото на Илија.
Најверојатно Елисеј му служел на Илија шест години. Во текот на тоа време, тој ‚му ги полевал со вода рацете на Илија‘ (2. Цар. 3:11). Тогаш луѓето имале обичај да јадат со раце, и не користеле вилушки, ножеви или друг прибор. По секој оброк, кога господарот ги миел рацете, слугата му полевал вода. Според тоа, барем некои од задачите на Елисеј биле навидум безначајни. Сепак, за него било чест да му служи на Илија.
И денес многу христијани учествуваат во различни видови полновремена служба. Зошто? Затоа што имаат вера во Јехова и сакаат да му служат најдобро што можат. На пример, некои си заминуваат од дома за да служат во Бетел или, пак, да работат на некои градежни проекти. Можеби таму извршуваат задачи што многумина ги сметаат за безначајни. Но, Јехова многу ја цени таквата служба, и затоа ниту еден христијанин не треба да мисли дека таа е неважна или понижувачка (Евр. 6:10).
ЕЛИСЕЈ НЕ СЕ ОТКАЖАЛ ОД СВОЈАТА СЛУЖБА
Пред „да го земе Илија на небото во виор“, Бог го испратил овој пророк од Гилгал во Ветил. Илија му рекол на Елисеј дека не мора да оди со него, но Елисеј му одговорил: „Нема да те оставам!“ Додека оделе по патот, Илија уште двапати го наговарал да не оди со него, но залудно (2. Цар. 2:1-6). Исто како што Рут не сакала да ја остави Ноемина, и Елисеј не сакал да го остави Илија (Рут 1:8, 16, 17). Зошто? Очигледно, Елисеј сметал дека е голема чест да му служи на Илија бидејќи таа задача му ја доверил Бог.
Елисеј ни дал одличен пример. Доколку и ние добиеме некоја одговорност во Божјата организација, многу ќе ја цениме ако постојано имаме на ум дека со тоа му служиме на Јехова. За нас не постои поголема чест (Пс. 65:4; 84:10).
„КАЖИ МИ ШТО САКАШ ДА НАПРАВАМ ЗА ТЕБЕ“
Додека оделе по патот, Илија му рекол на Елисеј: „Кажи ми што сакаш да направам за тебе пред да бидам земен од тебе“. Слично на Соломон, и Елисеј побарал нешто со кое ќе можел подобро да му служи на Јехова. Тој рекол: „Те молам, нека ми припадне двоен дел од твојот дух“ (1. Цар. 3:5, 9; 2. Цар. 2:9). Во Израел, првородениот син добивал двоен дел од наследството (5. Мој. 21:15-17). Според тоа, кога замолил да му припадне двоен дух, Елисеј, всушност, побарал од Илија да го признае за свој духовен наследник. Исто така, очигледно сакал да ја има истата храброст како Илија, кој ‚љубоморно го бранел Јехова‘ (1. Цар. 19:13, 14, фус.).
Како одговорил Илија на ова барање од својот слуга? „Многу бараш“, му рекол тој. „Ако ме видиш кога ќе бидам земен од тебе, ќе ти биде така, а ако не, нема да ти биде“ (2. Цар. 2:10). Очигледно овие зборови на пророкот имале две значења. Прво, само Бог можел да одлучи дали Елисеј ќе го прими она што го побарал. Второ, ако сакал да го добие, Елисеј требало да биде решен да остане со Илија без оглед на сѐ.
ШТО ВИДЕЛ ЕЛИСЕЈ
Што мислел Бог за тоа што Елисеј побарал двоен дел од духот на Илија? Извештајот вели: „И додека одеа така и разговараа, гледај, огнена бојна кола со огнени коњи застана меѓу нив, и Илија се вознесе во виор на небото. А Елисеј го гледаше тоа“.a Тоа бил Јеховиниот одговор на молбата на Елисеј. Тој видел како Илија бил земен во виор, добил двоен дел од духот на Илија и станал Божји пророк наместо него (2. Цар. 2:11-14).
Елисеј ја подигнал пророчката наметка која паднала од Илија и ја облекол. Кога другите виделе дека ја носи таа наметка, сфатиле дека Бог сега го користи него како свој пророк. Друг доказ дека Елисеј е Божји пророк било тоа што подоцна направил чудо кога ја разделил водата на реката Јордан.
Она што Елисеј го видел кога Илија се вознел во виор на небото сигурно оставило незаборавен впечаток врз него. А кој не би се запрепастил да види огнена бојна кола и огнени коњи! Сите овие работи биле доказ дека Јехова му го дал на Елисеј она што го побарал. Кога Бог одговара на нашите молитви, ние не гледаме видение за огнени коли и коњи. Но сепак, имаме јасен доказ дека Бог ја користи својата огромна моќ за да се изврши неговата волја. А кога гледаме како Јехова го благословува земниот дел од својата организација, ние, всушност, гледаме како небесната кочија незапирливо се движи напред (Езек. 10:9-13).
Елисеј доживеал многу работи што го увериле во Јеховината неизмерна моќ. Всушност, со помош на Божјиот свет дух, овој пророк направил 16 чуда — двојно повеќе од Илија.b Елисеј вторпат видел огнени коњи и бојни коли кај Дотан, кога овој град бил опколен од сириската војска.
ЕЛИСЕЈ ИМАЛ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА
Елисеј останал смирен иако бил опколен со непријателска војска кај Дотан. Зошто? Бидејќи имал силна вера во Јехова. И нам ни е потребна таква вера. Затоа, да го молиме Јехова да ни дава свет дух за да ги покажуваме сите негови плодови, во кои спаѓа и верата (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23).
Она што се случило кај Дотан сигурно уште повеќе ја зајакнало довербата на Елисеј во Јехова и во неговите ангелски војски. Пророкот сфатил дека Бог ги испратил своите ангели за да го опколат градот и оние што го опсадиле. Потоа Јехова со чудо ги избавил Елисеј и неговиот слуга така што ја ослепел непријателската војска (2. Цар. 6:17-23). Во тие пресудни мигови, исто како и во други ситуации, Елисеј покажал вера и потполна доверба во Јехова.
Исто како Елисеј, и ние треба да се потпираме на Јехова Бог (Изр. 3:5, 6). Ако го правиме тоа, тој ‚ќе ни се смилува и ќе нѐ благослови‘ (Пс. 67:1). Точно, ние не сме дословно опколени со огнени коли и коњи. Но, во претстојната „голема неволја“, Јехова ќе нѐ заштити како свој народ (Мат. 24:21; Отк. 7:9, 14). Сѐ дотогаш, да не забораваме дека „Бог е наше прибежиште“ (Пс. 62:8).
a Илија не се вознел на небото каде што се наоѓаат Јехова и ангелите. Види во Стражарска кула од 15 септември 1997, страница 15.
b Види ја рамката на страница 10, во Стражарска кула од 1 август 2005.