Гледај го Извршителот на чудесни работи!
„Смири се и разгледај ги [обрни внимание на, NW] чудесните Божји дела“ (ЈОВ 37:14).
1, 2. До какво зачудувачко откритие дошло во 1922, и каква била реакцијата?
АРХЕОЛОГОТ и англискиот лорд со години соработувале во потрагата по богатство. Конечно, на 26 ноември 1922, во гробницата на египетските фараони во прочуената Долина на кралевите, археологот Хауард Картер и лорд Карнавон ја пронашле наградата — гробот на фараонот Тутанкамон. Кога стигнале до една запечатена врата, избушиле дупка. Картер ставил внатре свеќа и ѕирнал.
2 Подоцна Картер раскажал: „Кога лорд Карнавон, не можејќи повеќе да издржи, желно праша: ‚Гледаш ли нешто?‘, сѐ што можев да изустам беа зборовите: ‚Да, чудесни работи‘“. Меѓу илјадниците скапоцености, во гробот имало и еден масивен златен мртовечки сандак. Можеби си видел некои од овие „чудесни работи“ на фотографии или на некоја музејска изложба. Сепак, колку и да се чудесни музејските предмети, тие веројатно немаат врска со твојот живот. Затоа, да се префрлиме на чудесните работи кои дефинитивно имаат врска со тебе и имаат вредност за тебе.
3. Каде наоѓаме информации за чудесните работи кои можат да имаат вредност за нас?
3 На пример, помисли на еден човек кој живеел пред многу векови, човек кој бил позначаен од која и да е филмска или спортска ѕвезда, или член на кралско семејство. Бил наречен најголем од сите луѓе на Исток. Ќе го препознаеш неговото име — Јов. За него е напишана една цела библиска книга. Сепак, еден од современиците на Јов, младиот човек по име Елиу, се чувствувал должен да го исправи. Всушност, Елиу рекол дека Јов си придавал претерано внимание себеси и на луѓето околу себе. Во Јов, 37. поглавје, наоѓаме некои други конкретни и мудри совети кои можат да имаат вистинска вредност за сите нас (Јов 1:1-3; 32:1—33:12).
4. Што водело до поттикот на Елиу запишан во Јов 37:14?
4 Тројцата наводни пријатели на Јов надолго и нашироко расправале за некои подрачја на кои сметале дека Јов згрешил во мислите или во делата (Јов 15:1-6, 16; 22:5-10). Елиу стрпливо чекал да заврши тој дијалог. Потоа проговорил со увид и мудрост. Истакнал многу вредни точки, но забележи ја оваа клучна мисла: „Послушај го ова, Јове, смири се и разгледај ги чудесните Божји дела“ (Јов 37:14).
Оној што ги направил делата
5. Што вклучуваат „чудесните Божји дела“ на кои укажал Елиу?
5 Забележи дека Елиу не предложил Јов да си обрне внимание на себеси, на самиот Елиу или на другите луѓе. Елиу мудро го поттикнал Јов — и нас — да внимаваме на чудесните дела на Јехова Бог. Според тебе, што вклучува фразата: „чудесните Божји дела“? Освен тоа, со оглед на грижите што можеби ги имаш во врска со здравјето, финансиите, иднината, семејството, колегите на работа и соседите, зошто да обрнуваш внимание на Божјите дела? Несомнено, чудесните дела на Јехова Бог ја вклучуваат неговата мудрост и неговата власт над физичкото творештво околу нас (Неемија 9:6; Псалм 24:1; 104:24; 136:5, 6). За појасно да го видиме тоа, обрни внимание на една точка во книгата Исус Навин.
6, 7. а) Какви чудесни дела извршил Јехова во деновите на Мојсеј и на Исус Навин? б) Како ќе си реагирал да си бил сведок на некое од тие дела во времето на Мојсеј и на Исус Навин?
6 Јехова му нанел неволји на древниот Египет и потоа го разделил Црвеното Море така што Мојсеј можел да ги изведе древните Израелци на слобода (Излез 7:1—14:31; Псалм 106:7, 21, 22). Еден сличен настан е раскажан во Исус Навин, поглавје 3. Исус Навин, наследникот на Мојсеј, требало да го одведе Божјиот народ преку една друга вода и да го внесе во Ветената земја. Исус Навин рекол: „Посветете се за утре, зашто утре Господ ќе направи чуда [чудесни работи, NW] меѓу вас“ (Исус Навин 3:5). Какви чудесни работи?
7 Па, извештајот покажува дека Јехова отворил една водна преграда, реката Јордан, така што многу илјади мажи, жени и деца можеле да преминат на суво копно (Исус Навин 3:7-17). Да сме биле таму и да сме виделе како се отвора реката и сите луѓе поминуваат безбедно, ќе сме биле импресионирани од тоа колку било чудесно ова достигнување! Тоа ја покажало Божјата моќ над творештвото. Сепак, токму сега — за време на нашиот живот — има работи кои се подеднакво чудесни. За да видиме кои се некои од нив и зошто треба да им обрнеме внимание, да го разгледаме Јов 37:5-7.
8, 9. На какви чудесни дела се укажува во Јов 37:5-7, но зошто треба да размислуваме за нив?
8 Елиу изјавил: „Бог грми со величествен глас [на чудесен начин, NW], создава несфатливи големи дела“. Што мислел Елиу со тоа дека Бог ги прави работите на „чудесен начин“? Па, тој спомнува снег и поројни дождови. Тие би ја довеле до застој работата на еден земјоделец на нивата, давајќи му време и причина да размислува за Божјите дела. Можеби ние не сме земјоделци, но врз сите нас може да имаат влијание дождот и снегот. Во зависност од тоа каде живееме, снегот и дождот можат да ги попречат и нашите активности. Дали одвојуваме време да размислиме за тоа кој стои зад тие чудеса и што значи тоа? Дали некогаш си го сторил тоа?
9 Значајно е тоа што додека читаме во Јов, 38. поглавје, самиот Јехова Бог следи еден сличен начин на размислување, поставувајќи му смисловни прашања на Јов. Иако нашиот Творец му ги упатил овие прашања на Јов, јасно е дека тие се однесуваат и на нашиот став, нашето постоење и нашата иднина. Затоа, да видиме што прашал Бог, и да размислиме за ефектите од тоа, да, да видиме на што нѐ поттикнува Јов 37:14.
10. Каков ефект треба да има врз нас Јов, 38. поглавје, и кои прашања ги покренува тоа?
10 Поглавје 38 започнува вака: „Господ му одговори на Јова од бура и рече: Кој е тој кој со безумни зборови ја замрачува божествената промисла! Препаши си го крстот како јунак, Јас ќе те прашам, а ти поучи Ме“ (Јов 38:1-3). Ова го дало призвукот. Му помогнало на Јов да го приспособи своето размислување кон реалноста — дека стои пред Творецот на универзумот и дека е одговорен пред него. Добро е и ние и нашите современици да го правиме тоа. Потоа Бог се осврнал на оние работи што ги спомнал Елиу. „Каде беше кога ја основав земјата, кажувај, ако знаеш? Знаеш ли кој ѝ ги одреди мерките и кој го оптегна измерувачкото јаже над неа? На што ѝ почиваат основите? [Во што се вкопани нејзините подножја, NW?] Кој ѝ постави крајаголен камен?“ (Јов 38:4-6).
11. Што треба да ни помогне да сфатиме Јов 38:4-6?
11 Каде бил Јов — всушност, каде бевме сите ние — кога настанала Земјата? Ние ли бевме архитектите кои ја скицираа нашата Земја и, од таа скица, ги одредија димензиите како со линијар? Не, никако! Луѓето не ни постоеле. Како нашата Земја да е некаква градба, Бог прашал: „Кој ѝ постави крајаголен камен?“ Знаеме дека Земјата се наоѓа токму на исправното растојание од нашето Сонце за да можеме да живееме и напредуваме. А ја има и исправната големина. Да била Земјата малку поголема, водородот не би можел да ја напушти атмосферата и планетата би станала негостољубива за живот. Јасно, некој ‚ѝ поставил крајаголен камен‘ на исправно место. Дали заслугата за тоа му припаѓала на Јов? Дали ни припаѓа нам? Или, пак, на Јехова Бог? (Пословици 3:19; Еремија 10:12).
Кој човек ги има одговорите?
12. На какво размислување нѐ наведува прашањето кое се наоѓа во Јов 38:6 (NW)?
12 Исто така, Бог прашал: „Во што се вкопани нејзините подножја?“ Зарем ова не е добро прашање? Нам веројатно ни е познат еден термин кој не му бил познат на Јов — гравитација. На повеќето од нас ни е јасно дека гравитационата сила од огромната маса на Сонцето е таа што ја држи нашата Земја на нејзиното место, како нејзините подножја да се вкопани, така да се каже. Сепак, кој целосно ја разбира гравитацијата?
13, 14. а) Што мора да се признае за гравитацијата? б) Како треба да реагираме на ситуацијата која е истакната во Јов 38:6?
13 Една неодамна издадена книга со наслов The Universe Explained (Универзумот објаснет) признава дека ‚гравитацијата е најпознатата, но сепак најмалку разбраната од сите други сили во природата‘. Таа додава: „Изгледа дека гравитационата сила патува низ празниот простор веднаш, без некаков очигледен начин. Меѓутоа, во последниве години физичарите почнаа да шпекулираат дека гравитацијата можеби патува во бранови кои се состојат од честички наречени гравитони . . . Но, никој не е сосема сигурен во нивното постоење“. Помисли само што би значело ова!
14 Откако Јехова му ги поставил овие прашања на Јов, науката отишла напред 3000 години. Сепак, ниту ние ниту експертите физичари не можат целосно да ја објаснат гравитацијата која ја држи нашата Земја во исправната орбита, точно во онаа положба каде што треба да биде за да можеме да уживаме во животот на неа (Јов 26:7; Исаија 45:18). Со ова не сакаме да укажеме дека сите ние треба да се впуштиме во една темелна студија на тајните на гравитацијата. Наместо тоа, обрнувањето внимание на само овој аспект на Божјите чудесни дела треба да влијае врз нашето гледиште за него. Дали стоиш со страхопочит пред неговата мудрост и спознание, и дали сфаќаш зошто треба да научиме повеќе за неговата волја?
15-17. а) На што се фокусира Јов 38:8-11, и до кои прашања водело тоа? б) Што мора да се признае во врска со сознанијата за океаните и нивната распределба на Земјината топка?
15 Творецот продолжил со своето испрашување: „Кој го затвори морето со врати, кога заизвори од мајчиното крило, кога го облеков со облак како со облека и кога го завиткав со густа магла како со пелени; кога ја одредив неговата меѓа, ставив врати со лостови? Дотаму, не подалеку, му реков нему, тука нека се крши гордоста на твоите бранови!“ (Јов 38:8-11).
16 Затворањето на морето ги вклучува континентите, океаните, плимата и осеката. Колку време човекот ги набљудувал и ги проучувал? Илјади години — а мошне интензивно последниов век. Би можел да претпоставиш дека поголем дел од она што треба да се знае за нив досега мора да е веќе утврдено. Сепак, во оваа 2001 година, ако истражуваш на таа тема во големите библиотеки или ја користиш огромната моќ за истражување на Интернет за да ги пронајдеш најновите податоци, што ќе откриеш?
17 Во еден општоприфатен прирачник, би можел да го пронајдеш ова признание: „Распределбата на континенталните плочи и океанските басени на површината на Земјината топка и распределбата на главните копнени формации долго време биле еден од најфасцинантните проблеми за научно истражување и теоретизирање“. После оваа изјава, штотуку цитираната енциклопедија дава четири можни објаснувања, но вели дека тие спаѓаат „во многуте хипотези“. Како што можеби знаеш, под хипотеза „се подразбира недоволни докази за да се даде нешто повеќе од провизорно објаснување“.
18. До кои заклучоци те води Јов 38:8-11?
18 Зарем ова не нагласува колку се навремени прашањата што ги прочитавме во Јов 38:8-11? Се разбира, не треба нам да ни се припише заслугата за уредувањето на сите овие аспекти на нашата планета. Не сме биле ние тие кои ја поставиле месечината на таков начин што нејзината привлечна сила помага да настанат плимите и осеките кои во нормални услови не ги преплавуваат нашите брегови или нас лично. Ти знаеш кој го сторил тоа, Извршителот на чудесните работи (Псалм 33:7; 89:9; Пословици 8:29; Дела 4:24; Откровение 14:7).
Припиши му ја должната заслуга на Јехова
19. Кон кои физички факти ни го насочуваат вниманието поетските изрази во Јов 38:12-14?
19 Луѓето не можат да си ја припишат себеси заслугата за ротацијата на Земјата, на која се алудира во Јов 38:12-14. Оваа ротација го предизвикува разденувањето, кое честопати е со зашеметувачка убавина. Со изгревањето на сонцето, облиците на нашата Земјина топка стануваат појасни, како што глината се преобразува кога врз неа ќе се стави печат. Ако обрнеме макар и малку внимание на движењето на Земјата, сигурно ќе бидеме зачудени што таа не се врти пребрзо, нешто што, нема збор, би било катастрофално. Ниту, пак, се врти премногу бавно за деновите и ноќите, кои би биле многу подолги, да доведат до толкави крајности меѓу топло и ладно што би го оневозможиле човечкиот живот. Искрено речено, треба да бидеме среќни што Бог, а не некоја група луѓе, ја одредил брзината на ротацијата (Псалм 148:1-5).
20. Како би одговорил на прашањата што се поставени во Јов 38:16, 18?
20 Сега, замисли си дека Бог ти ги поставува и овие прашања: „Зар си проникнал до морските извори? Зар си одел некогаш по дното на бездната?“ На ова не би можел да даде целосен одговор дури ни еден океанограф! „Ги согледа ли пространствата на земјата? Зборувај, доколку го знаеш сѐ тоа?“ (Јов 38:16, 18). Дали си ги посетил и истражил сите региони на Земјата, или барем поголем дел од нив? Колку животни века ќе бидат потребни за да им се обрне внимание на прекрасните места и чудеса на нашата Земја? И какво само прекрасно време би било тоа!
21. а) Кои научни гледишта може да бидат покренати со прашањата во Јов 38:19? б) На што нѐ поттикнуваат фактите за светлината?
21 Разгледај ги и длабоките прашања во Јов 38:19: „Кои патишта водат во домот на светлината, на кое место престојуваат темнините?“ Можеби знаеш дека долго време преовладувало гледиштето дека светлината патува како бран, како бранчиња кои можеме да ги набљудуваме во едно езерце. Потоа, во 1905, Алберт Ајнштајн објаснил дека светлината се однесува како снопови, или честички на енергија. Дали со тоа се решиле работите? Па, една понова енциклопедија го поставува прашањето: „Дали светлината е бран или честичка?“ Таа одговара: „Навидум, [светлината] не може да биде и едното и другото затоа што обата модела [бранови и честички] се сосема различни. Најдобар одговор е дека светлината не е ниту едното ниту другото“. Сепак, сончевата светлина и понатаму нѐ грее (директно или индиректно), иако ниеден човек сѐ уште не може во целост да ги објасни Божјите дела во тој поглед. Ние уживаме во храната и во кислородот кои се создаваат затоа што растенијата реагираат на светлината. Можеме да читаме, да ги гледаме лицата на нашите сакани, да го набљудуваме залезот итн. Додека го правиме тоа, зарем не треба да им оддадеме признание на чудесните Божји дела? (Псалм 104:1, 2; 145:5; Исаија 45:7; Еремија 31:35).
22. Како реагирал Давид од старо време на Божјите чудесни дела?
22 Дали целта на нашето медитирање за Јеховините чудесни дела е само да бидеме импресионирани, како да сме совладани од страхопочит или шокирани од сево ова? Никако. Псалмистот Давид признал дека не е можно да ги сфатиме и да зборуваме за сите Божји дела. Давид напишал: „О Господи, Божје мој, Ти твориш многу чудеса . . . Сакам да ги кажувам и да ги објавам. Но премногу се за да можат да бидат преброени“ (Псалм 40:5). Но, тој сигурно не мислел дека ќе молчи за овие величествени дела. Давид го докажал тоа со својата одлучност изразена во Псалм 9:1: „Ќе Те славам, Господи, со целото свое срце; ќе ги раскажувам сите Твои чудесни дела!“
23. Каква е твојата реакција на Божјите чудесни дела, и како можеш да им помогнеш на другите?
23 Зарем не треба и ние да бидеме поттикнати на сличен начин? Зарем нашето чувство на зачуденост од Божјите величествени дела не треба да нѐ поттикне да зборуваме за него, за она што го сторил тој и за она што допрва ќе го стори? Одговорот е очигледен — треба ‚да им ја кажуваме на многубошците Неговата слава, на сите народи Неговите чуда [чудесни дела, NW]‘ (Псалм 96:3-5). Да, нашето понизно ценење за Божјите чудесни дела можеме да го покажеме на тој начин што ќе го споделуваме со другите она што сме го научиле за него. Дури и ако тие растеле во општество каде што се отфрла постоењето на Творец, нашите позитивни, информативни изјави можат да ги освестат да го признаат Бог. Освен тоа, ова може да ги поттикне да сакаат да научат и да му служат на оној кој ‚создал сѐ‘, Извршителот на чудесни дела, Јехова (Откровение 4:11).
Како би одговорил?
• На кои Божји дела те наведува да размислуваш поттикот запишан во Јов 37:14?
• Кои се некои работи истакнати во Јов, поглавја 37 и 38, што науката не може целосно да ги објасни?
• Што мислиш ти за Божјите чудесни дела, и на што те поттикнуваат тие?
[Слика на страница 7]
Кој го затворил морето, и го држи на неговото место?
[Слика на страница 7]
Кој ги посетил сите прекрасни места на нашата Земја што ги создал Бог?