Јов истрајал — можеме и ние!
„Ете, блажени се оние што претрпеа (истрајаа, НС)“ (ЈАКОВ 5:11).
1. Што рекол еден постар христијанин за своите искушенија?
‚ЃАВОЛОТ ми е зад петици! Се чувствувам исто како Јов!‘ Со овие зборови А. Х. Мекмилан му ги изразил своите чувства на еден близок пријател во главното седиште на Јеховините сведоци. Брат Мекмилан ја заврши својата земска трка на 26. август 1966, на старост од 89 години. Тој знаеше дека заслугата за верната служба на помазаните христијани како него ‚ги следи [оди веднаш со нив, НС]‘ (Откровение 14:13). Всушност, тие веднаш продолжуваат со Јеховината служба преку воскресение во бесмртен живот на небото. Неговите пријатели се радуваа што брат Мекмилан ја доби таа награда. Меѓутоа, во неговата длабока старост тој беше напаѓан од различни искушенија, вклучувајќи и здравствени проблеми кои го направија особено свесен за Сатановите обиди да ја скрши неговата беспрекорност кон Бог.
2, 3. Кој бил Јов?
2 Кога брат Мекмилан рекол дека се чувствува исто како Јов, тој се осврнал на еден човек кој претрпел големи испити на верата. Јов живеел „во земјата Уз“, веројатно во северна Арабија. Како потомок на Ноевиот син Сим, тој бил обожавател на Јехова. Јововите искушенија очигледно се случиле некаде помеѓу смртта на Јосиф и времето кога Мојсеј се докажал како праведен. Во текот на тој период, никој на Земјата не му бил рамен на Јов во побожноста. Јехова го сметал Јов за беспрекорен, праведен, богобојазлив човек (Јов 1:1, 8).
3 Како „најпрочуен меѓу сите синови на Исток“, Јов имал многу слуги, а неговата стока броела 11.500 грла. Но, за него било најважно духовното богатство. Како денешните побожни татковци, и Јов најверојатно ги поучил за Јехова своите седум синови и три ќерки. Дури и откако тие повеќе не живееле во неговиот дом, тој дејствувал како семеен свештеник така што принесувал жртви за нив, во случај да згрешиле (Јов 1:2-5).
4. а) Зошто прогонуваните христијани треба да размислуваат за Јов? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во врска со Јов?
4 Јов е оној за кого прогонуваните христијани треба да размислуваат за да зајакнат во стрпливата истрајност. „Ете“, напишал ученикот Јаков, „блажени се оние што претрпеа [истрајаа, НС]. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11). Како на Јов, така и на Исусовите помазани следбеници и на денешното „големо мноштво“ им е потребна истрајност за да излезат на крај со испитите на верата (Откровение 7:1-9). А, какви искушенија претрпел Јов? Зошто? Како можеме ние да извлечеме корист од неговите искуства?
Горливо спорно прашање
5. Што се случувало на небото без да знае Јов?
5 Без да знае Јов, на небото се готвело едно големо спорно прашање. Еден ден, ‚синовите Божји дошле за да застанат пред Господа‘ (Јов 1:6). Божјиот единороден Син, Речта, бил исто така присутен (Јован 1:1-3). Присутни биле и праведните ангели и непослушните ангелски ‚синови Божји‘ (1. Мојсеева 6:1-3). Тука бил и Сатана, бидејќи неговото протерување од небото не се случило сѐ до воспоставувањето на Царството во 1914 (Откровение 12:1-12). Во Јовово време, Сатана ќе подигне едно горливо спорно прашање. Се готвел да ја доведе во прашање законитоста на Јеховиниот суверенитет над сите Негови суштества.
6. Што се обидувал Сатана, и како го наклеветил Јехова?
6 „Од каде дојде?“, прашал Јехова. Сатана одговорил: „Одев по земјата и ја обиколив“ (Јов 1:7). Тој барал некого да го проголта (1. Петрово 5:8, 9). Ако им ја скрши беспрекорноста на поединци кои му служат на Јехова, Сатана би се обидел да докаже дека никој не го слуша Бог потполно од љубов. Зафаќајќи се со спорното прашање, Јехова го прашал Сатана: „Обрна ли внимание на Мојот слуга Јов? Оти на земјата нема таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото“ (Јов 1:8). Јов ги задоволувал божествените мерила кои ја земале во обѕир неговата несовршеност (Псалм 102:10-14). Но Сатана возвратил: „Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата“ (Јов 1:9, 10). На тој начин, Ѓаволот го наклеветил Јехова, сугерирајќи дека никој не Го сака и не Го обожава поради она што Тој е, туку дека Тој ги подмитува суштествата за да Му служат. Сатана тврдел дека Јов му служел на Бог од корист, а не од љубов.
Сатана напаѓа!
7. Како Ѓаволот го предизвикал Јехова Бог, но како реагирал Тој?
7 „Но“, рекол Сатана, „пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш [нема ли да те проколне в лице, НС]“. Како ќе одговори Бог на еден таков навредлив предизвик? „Еве“, рекол Јехова, „сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака“. Ѓаволот рекол дека сѐ што поседувал Јов било благословено, намножено и оградено. Бог дозволил Јов да страда, но само неговото тело не смеело да се допира. Решен да направи зло, Сатана го напуштил собирот (Јов 1:11, 12).
8. а) Какви материјални загуби доживеал Јов? б) Која била вистината за ‚Божјиот оган‘?
8 Набргу започнал сатанскиот напад. Еден од Јововите слуги му ги донел следниве лоши вести: „Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив, кога Савејците нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија“ (Јов 1:13-15). Оградата била отстранета од Јововиот имот. Скоро веднаш била применета директна демонска моќ, оти еден друг слуга известил: „Оган Божји од небото падна, ги изгори овците и момоците и ги голтна“ (Јов 1:16). Колку ѓаволски било да се направи да изгледа дека Бог е одговорен за таквата неволја врз неговиот слуга! Бидејќи молњите биле од небото, Јехова лесно можел да биде обвинет, но всушност огнот бил со демонско потекло.
9. Како влијаела економската пропаст врз Јововиот однос со Бог?
9 Додека Сатана продолжувал со нападот, еден друг слуга известил дека Халдејците ги одвеле Јововите камили и ги убиле сите други служители (Јов 1:17). Иако Јов на тој начин доживеал економска пропаст, тоа не го уништило неговиот однос со Бог. Дали би можел ти да поднесеш голема материјална загуба без да ја скршиш својата беспрекорност кон Јехова?
Се случува поголема трагедија
10, 11. а) Што се случило со десетте Јовови деца? б) Како гледал Јов на Јехова по трагичната смрт на своите деца?
10 Ѓаволот уште не бил готов со нападот врз Јов. Еден друг слуга известил: „Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на првородениот брат свој; ете, дувна силен ветар откај пустињата и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам“ (Јов 1:18, 19). Погрешно информираниот би можел да рече дека пустошот што го предизвикал тој ветар бил ‚Божје дело‘. Меѓутоа, демонската сила го погодила Јов во едно особено ранливо место.
11 Ожалостен, Јов ‚ја раскинал горната облека, ја остригол главата своја и паднал на земја, па се поклонил‘. Сепак, слушни ги неговите зборови. „Господ даде, Господ го зеде; . . . Нека е благословено името Господово [Јеховино, НС]!“ Извештајот додава: „Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога“ (Јов 1:20-22). Сатана повторно бил поразен. Што ако ние доживееме некаква загуба и жалост како Божји слуги? Несебичната оддаденост спрема Јехова и довербата во него можат да нѐ оспособат да истраеме како чувари на беспрекорноста, исто како што сторил Јов. Помазаниците и нивните придружници со земска надеж, можат со сигурност да црпат утеха и сила од овој извештај за Јововата истрајност.
Спорното прашање достигнува кулминација
12, 13. Што побарал Сатана при еден друг собир на небото, и како одговорил Бог?
12 Наскоро, Јехова свикал друг собир во небесните дворови. Јов останал без деца, сиромав, навидум казнет од Бог, но неговата беспрекорност не била скршена. Се разбира, Сатана не би признал дека неговите оптужби против Бог и Јов биле лажни. Сега ‚Божјите синови‘ требало да ги чујат аргументите и противаргументите, додека Јехова го наведувал Ѓаволот да го доведат спорното прашање до разврска.
13 Повикувајќи го Сатана на одговорност, Јехова прашал: „Од каде дојде?“ Каков бил одговорот? „Одев по земјата и ја обиколив.“ Јехова повторно го свртел вниманието кон својот беспрекорен, праведен, богобојазлив слуга Јов, кој сѐ уште цврсто се држел за својата беспрекорност. Ѓаволот одговорил: „Кожа за кожа, а за животот свој човек ќе даде и сѐ што има; но ајде пружи рака и допри се до коските негови и плотта негова, — ќе Те благословува ли и тогаш?“ Затоа Бог рекол: „Ете, тој е во твоја рака; само душата не земај му ја“ (Јов 2:2-6). Алудирајќи на тоа дека Јехова сѐ уште не ја отстранил сета заштита, Сатана побарал да посегне врз Јововите коски и месо. На Ѓаволот не му било дозволено да го убие Јов; но, Сатана знаел дека таа физичка болест ќе го мачи и направил да изгледа како да поднесува казна од Бог поради тајни гревови.
14. Со што го удрил Сатана Јов, и зошто не можел ниеден човек да му даде ослободување на страдалникот?
14 Откако бил отпуштен од тој собир, Сатана започнал со душманско уживање. Го удрил Јова со „лута рана — од стапалките на нозете негови до самото теме негово“. Колкава беда поднесувал Јов додека седел во правта и се чешал со парче цреп! (Јов 2:7, 8). Ниеден човечки лекар не можел да му даде ослободување од оваа ужасно болна, одвратна и понижувачка несреќа, затоа што била предизвикана со сатанска сила. Само Јехова можел да го оздрави Јов. Ако си Јеховин слуга кој боледува, никогаш не заборави дека Бог може да ти помогне да истраеш и може да ти даде живот во еден нов свет без болести (Псалм 40:1-3; Исаија 33:24).
15. На што го поттикнала Јов неговата жена, и како реагирал тој?
15 Најпосле, Јововата жена рекла: „Зар уште си цврст во добротата [беспрекорноста, НС] своја. Навреди Го Бога и умри!“ „Беспрекорност“ означува оддаденост без маана, а жена му можеби зборувала саркастично за да го натера Јов да го проколне Бог. Но тој одговорил: „Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ Дури ни оваа тактика на Сатана не му успеала, бидејќи читаме: „Во сето тоа Јов не згреши со устата своја“ (Јов 2:9, 10). Да претпоставиме дека членови на семејството кои се противат ќе ни речат дека неразумно се трошиме во христијанските активности и ќе нѐ тераат да се одречеме од Јехова Бог. Како Јов, и ние можеме да издржиме еден таков испит затоа што го сакаме Јехова и сакаме да го фалиме неговото свето име (Псалм 144:1, 2; Евреите 13:15).
Тројца арогантни измамници
16. Кој дошол за наводно да го теши Јов, но како Сатана ги изманипулирал?
16 Се покажало дека имало уште еден сатански трик кога тројца „пријатели“ дошле за наводно да го тешат Јов. Едниот бил Елифаз, веројатно потомок на Авраам преку Исав. Бидејќи Елифаз имал предност во зборувањето, без сомнение, бил најстариот. Присутен бил и Вилдад, потомок на Сува, еден од Авраамовите синови преку Хетура. Третиот бил Софар, наречен Софар од Нам, за да се идентификува неговото семејство или местото на живеење, можеби во северозападна Арабија (Јов 2:11; 1. Мојсеева 25:1, 2; 36:4, 11). Како и оние кои денес се обидуваат да ги натераат Јеховините сведоци да се одречат од Бог, оваа тројка била изманипулирана од Сатана, обидувајќи се да го натераат Јов да ги признае лажните обвиненија и да ја скршат неговата беспрекорност.
17. Што сториле, а што не тројцата посетители за седум дена и седум ноќи?
17 Тројката приредила голема претстава на сочувство, плачејќи, распорувајќи ги горните облеки и фрлајќи прав на главите. А потоа седеле со Јов седум дена и седум ноќи без да изговорат ниту еден збор на утеха! (Јов 2:12, 13; Лука 18:10-14). Овие тројца арогантни измамници биле толку лишени од духовност, што немале ништо утешно да кажат за Јехова и за неговите ветувања. Сепак, извлекувале погрешни заклучоци и биле готови да ги употребат против Јов, штом ја исполниле формалноста на јавно тагување. Интересно е што пред да заврши седумдневното молчење, на извесно растојание од нив седнал младичот Елијуј.
18. Зошто Јов барал мир во смртта?
18 Јов најпосле го прекинал молчењето. Откако не добил никаква утеха од тројката што го посетила, тој го проколнал денот на своето раѓање и се чудел зошто трае неговиот беден живот. Барал мир во смртта, без да помисли дека некогаш повторно ќе има вистинска радост пред да умре, сега, откако е сиромав, ожалостен и тешко болен. Но, Бог не ќе дозволел Јов да биде оштетен до смрт (Јов 3:1-26).
Јововите обвинители напаѓаат
19. Во кои погледи Елифаз лажно го обвинил Јов?
19 Во трите круга на расправата, со која и понатаму се испитувала Јововата беспрекорност, Елифаз зборувал прв. Во својот прв говор, Елифаз прашал: „Кога праведните биле искоренувани?“ Тој заклучил дека Јов сигурно сторил некакво зло штом добил Божја казна (Јов, поглавја 4, 5). Во својот втор говор, тој ја исмејал Јововата мудрост и прашал: „Што знаеш ти, што ние не го знаеме?“ Елифаз дал на знаење дека Јов се обидува да се покаже понадмоќен од Семоќниот. Завршувајќи го својот втор напад, тој го опишал Јов како виновен за отпадништво, подмитување и заведување (Јов, поглавје 15). Во својот завршен говор, Елифаз лажно го обвинил Јов за многу злосторства — лихварење, скусување на лебот и водата од сиромашните и угнетување на вдовици и сирачиња (Јов, поглавје 22).
20. Какви биле Вилдадовите напади врз Јов?
20 Започнувајќи како втор во секој од трите круга од расправата, Вилдад обично ја следел главната тема што ќе ја поставел Елифаз. Вилдадовите говори биле покуси, но позајадливи. Тој ги обвинил дури и Јововите деца дека правеле лошо и дека со тоа заслужиле смрт. Погрешно резонирајќи, ја употребил оваа илустрација: Како што папирусот и трската се сушат и умираат без вода, така е и со „сите, што го забораваат Бога“. Изјавата е точна, но таа не важела за Јов (Јов, поглавје 8). Вилдад ги класифицирал Јововите несреќи како такви кои доаѓаат врз злите (Јов, поглавје 18). Во својот кус трет говор, тој аргументирал дека човекот е „молец“ и „црв“ и затоа е нечист пред Бога (Јов, поглавје 25).
21. За што бил обвинет Јов од Софар?
21 Софар бил третиот кој говорел во расправата. Неговото аргументирање главно го следи она на Елифаз и Вилдад. Софар го обвинил Јов за злоба и го повикал да ги напушти своите грешни навики (Јов, поглавја 11, 20). По вториот круг, Софар престанал да зборува. Во третиот круг немал што да додаде. Но, во текот на целата дебата, Јов храбро им одговарал на своите обвинители. На пример, во еден момент им рекол: „Немили утешители сте сите вие! Ќе имаат ли крај празните зборови?“ (Јов 16:2, 3).
Можеме да истраеме
22, 23. а) Како може Ѓаволот да се обиде да ја скрши нашата беспрекорност кон Јехова Бог, како во случајот со Јов? б) Што можеме да прашаме за ставот на Јов иако тој претрпел различни искушенија?
22 Како Јов, и ние може да бидеме соочени со повеќе од едно искушение наеднаш, а Сатана може да употреби обесхрабрување или други фактори за да ја скрши нашата беспрекорност. Може да се обиде да нѐ сврти против Јехова доколку имаме економски тешкотии. Ако ни умре некој близок или имаме лошо здравје, Сатана може да се обиде да нѐ наведе да го обвиниме Бог. Како Јововите пријатели, некој може дури и лажно да нѐ обвини. Како што покажал брат Мекмилан, Сатана може да ни биде ‚зад петиците‘, но ние можеме да истраеме.
23 Како што забележавме досега, Јов ги издржал неговите различни искушенија. Меѓутоа, дали едвај издржал? Дали всушност имал скршен дух? Да видиме дали Јов навистина ја изгубил сета надеж.
Како би одговорил?
◻ Кое големо спорно прашање го подигнал Сатана во времето на Јов?
◻ Со што бил искушан Јов до крајни граници?
◻ За што го обвиниле Јов тројцата негови „пријатели“?
◻ Како може Сатана да се обиде да ја скрши нашата беспрекорност кон Јехова, како во случајот со Јов?
[Слика на страница 10]
А. Х. Мекмилан