Школата Гилеад — 50 години стара, а сѐ појака
„ПОСТОЈАТ многу места каде што не е дадено сведоштво за Царството во голем обем“, изјави Н. Х. Нор пред првиот клас на Гилеад на 1. февруари 1943, на денот на отворањето на Школата. Тој додаде: „Мора да има уште стотици и илјадници кои би можеле да бидат достигнати ако би имало повеќе работници на полето. Со Господова милост, ќе ги има уште“.
И имало повеќе работници — милиони повеќе! Редовите на објавители на Царството се намножија од 129.070 во 54 земји во 1943, на 4.472.787 во 229 земји во 1992! Школата Гилеад даде голем придонес за сведоштвото што доведе до тој пораст. После 50 години таа и понатаму игра клучна улога во обучувањето на мисионерски работници за да служат каде што се потребни на светското поле.
На 7. март 1993 беа поканети 4.798 гости и членови на американската Бетелска фамилија, кои се собраа во конгресната сала во Џерси Сити, во Њу Џерси, на промоцијата на 94-от клас. Оваа навистина посебна пригода пружи прилика да се направи и осврт на 50-те години на Школата Гилеад. Дали би сакал да дознаеш нешто за програмата?
По почетната песна, Џорџ Д. Гангас од Водечкото тело изговори горлива молитва. Потоа, по уводните забелешки на претседавачот, Кери В. Барбер, дипломците — како и сите присутни — внимателно сослушаа серија кратки говори.
Најпрвин зборуваше Роберт В. Волен, на темата „Никогаш не сте сами“. Во срдечен тон тој рече: ‚Во деновите што претстојат, во вашиот живот ќе се појават прилики кога ќе се чувствувате ах, толку осамени, толку далеку од семејството и пријателите‘. Како тогаш може да се рече: ‚Никогаш не сте сами‘? Тој објасни: ‚Затоа што на секого од вас ќе му биде достапна можноста за моментална комуникација со Јехова Бог‘. Тој ги поттикна дипломците да ја ценат предноста на молитвата и секојдневно да ја користат. Тогаш, како Исус, ќе можат да речат: „Јас не сум Сам“ (Јован 16:32). Колку охрабрувачки беа овие зборови за дипломците!
Разработувајќи ја темата „Држи се цврсто за твојата надеж“, (темелена на дневниот стих од 7. март), Лајман А. Свингл од Водечкото тело потоа говореше за потребата од две особини — истрајноста и надежта. ‚Срамот, непријателството, омразата, затворањето, дури и смртта, се причини зошто им е потребна истрајност на христијаните‘, рече тој. ‚Нема граница за силата која е над нормалната од којашто можат да црпат верните Сведоци во време на неволја. Ова сигурно ја враќа довербата, особено вам дипломците.‘ А што е со надежта? ‚Надежта е неизоставна‘, објасни тој. ‚Како што шлемот му ја штити главата на оној што го носи, така и надежта ги чува и штити умствените сили на христијанинот и му овозможува да задржи беспрекорност‘ (1. Солунјаните 5:8).
Следниот говорник, Ралф Е. Волс, избра интересна тема: „Како можеме да побегнеме на безбедно во ‚пространо место‘?“ Какво е ова „пространо место“? (Псалми 17:19). „Состојба на ослободеност која донесува душевен мир и безбедност во срцето“, објасни говорникот. Од што ни е потребно ослободување? ‚Од себеси — од своите недостатоци.‘ Тој додаде: ‚Исто така и од надворешните околности што ги поттикнува Сатана‘ (Псалми 117:5). Како можеме да побегнеме на безбедно во пространо место? ‚Ако ги бараме Јеховините заповеди во сѐ што правиме и ако го молиме Јехова со вера со сета наша сериозност.‘
„Што ве очекува?“ беше темата што ја избра Дон А. Адамс. А што навистина ги очекуваше новите мисионери? Период на прилагодување, објасни тој. „Пред вас се многу благослови.“ Како пример тој раскажа за двајца нови мисионери кои откако се доселиле на нивната доделба, напишале: „Помислете на најдобриот ден што некогаш сте го имале во служба, а токму таков е секој ден. Секогаш е потребно да носиме повеќе литература отколку што можеме да носиме, а луѓето нѐ молат за студии.“ Говорникот упати неколку коментари до семејствата и пријателите на дипломците: ‚Нема потреба да се плашите за овие дипломци. Можете да им помогнете со тоа што ќе им пишувате охрабрувачки зборови‘ (Соломонови изреки 25:25).
Потоа говореа инструкторите на Школата. Џек Д. Редфорд ја избра темата „Не очекувајте ништо од никого“. Еден од предизвиците со којшто ќе се соочат дипломците е справувањето со луѓето, објасни тој. Што може да помогне? „Не гледајте на нивните грешки. Не очекувајте премногу од другите луѓе. Не ја очекувајте секогаш полната мера од она што мислите дека ви припаѓа. Попуштајте им на другите заради нивната несовршеност, а ваквата доброљубивост ќе ви помогне да се согласувате со нив. Вашата способност да се справите со другите луѓе ќе биде мерка за вашата зрелост“ (Соломонови изреки 17:9). Секако, применувањето на овој мудар совет ќе им помогне на дипломците да постигнат успешно прилагодување за да бидат мисионери во странска земја!
„Ова богатство го имаме во земјени садови, за изобилството на сила да биде од Бог а не од нас“, вели 2. Коринћанима 4:7 (ДК). Јулизис В. Глас, регистраторот на Школата Гилеад, коментираше за овој стих додека ја изнесуваше темата „Имајте доверба во вашите проверени, верни браќа“. Што се „земјените садови“? „Тие мора да се однесуваат на нас како несовршени луѓе“, забележа тој. Што е „богатството“? „Тоа е нашата христијанска служба“, објасни тој (2. Коринтјаните 4:1). А што би требало да се прави со ова богатство? „Богатството кое Јехова ни го доверил не смее да се натрупува. Затоа, драги идни мисионери, делете го тоа богатство каде и да одите и поучете многу други како да го делат.“
Носталгичен беше моментот кога почна да зборува Алберт Д. Шредер, зашто тој беше регистратор на Школата Гилеад во нејзиниот почеток. „Половина век теократско обучување“ беше неговата тема. „Јехова знае како да даде делотворно обучување, и токму тоа го стори“, изјави тој. Како? Брат Шредер се осврна на обуката што е примена низ двете школи што беа основани пред 50 години — Теократската школа на проповедање и Школата Гилеад. Тој истакна дека едно вредно орудие во обезбедувањето на точно спознание е New World Translation (Преводот Нов Свет). Тој ги увери дипломците: „Можете да одите на вашите странски доделби со голема увереност дека Друштвото добро ќе ве снабдува со точно спознание за Јеховините намери“.
Милтон Г. Хеншел, претседателот на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, говореше на темата „Повеќе од победници“. Брат Хеншел својата тема ја зеде од годишниот стих за 1943: „Повеќе од победници преку оној кој нѐ љубеше“ (Римјаните 8:37, King James Version). Тоа беше прикладен годишен стих, објасни тој, зашто среде II Светска војна нашите браќа во многу земји доживуваа големо прогонство. Брат Хеншел прочита некои извадоци од изданијата на Стражарска кула што го обработуваа тој годишен стих и потоа објасни: „Оваа статија од Стражарска кула [15. јануари 1943] првиот клас на Гилеад ја студираше во месец февруари, а таа ги подготви за она што претстоеше“. Многумина од дипломците низ последниве 50 години веќе се покажаа како победници, објасни тој. А како е со 94. клас? „Останете блиску до Јехова, останете блиску до неговата љубов, и победата ви е загарантирана.“
По претпладневните говори, претседавачот предаде неколку поздрави добиени од разни земји. Потоа дојде моментот којшто 24-те брачни двојки желно го очекуваа — доделувањето на дипломите, зашто сега Гилеад студентите официјално станаа Гилеад дипломци! Тие дојдоа од 5 земји, но нивните доделби ги одведоа во 17 земји, вклучувајќи ги Хонг Конг, Тајван, Мозамбик и делови на Источна Европа.
После паузата, попладневната програма започна со скратена студија на Стражарска кула што ја водеше Роберт Л. Батлер. Потоа дипломците инсценираа некои истакнати искуства што ги доживеале додека сведочеле близу Волкил (Њујорк). Програмата одрази нешто што без сомнение ги довело во Гилеад — нивната длабока љубов кон службата на проповедање.
После студентската програма, мнозина во публиката се прашуваа дали програмата ќе прикаже нешто посебно за одбележување на 50-те години на Школата Гилеад. И не беа разочарани! (Види ја придружната рамка „Осврт на 50-те години на школата Гилеад“.)
Пред педесет години, братот Нор покажа дека е човек од вера и визија. Неговото уверување дека Школата Гилеад ќе успее беше изразено во уводната реч до првиот клас, кога изјави: „Веруваме дека, во склад со своето име ‚куп сведоштво‘, ќе заминат од ова место во сите делови на светот и дека таквото сведоштво ќе стои како споменик на Божја слава кој никогаш не може да биде уништен. Вие како поставени слуги ќе ја положите сета ваша доверба во Највишиот, знаејќи дека тој ќе ве води и управува во секое време на неволја, а исто така ќе знаете дека тој е и Бог на благослов“.a
После педесет години, Школата Гилеад сѐ уште јакне! Дипломците од 94. клас сега ја имаат предноста да ги следат повеќе од 6.500-те дипломци кои им претходеа. Нека ја положат својата полна доверба во Највишиот додека го вршат нивниот дел во натрупувањето на ‚купот сведоштво‘ кој ќе стои како споменик на слава на Јехова Бог.
[Фуснота]
a На хебрејски изразот „Гилеад“ значи „куп сведоштво“ (1. Мојсеева 31:47, 48).
[Рамка на страница 25]
Податоци за класот
Вкупен број на студенти: 48
Број на земји од кои доаѓаат: 5
Број на земји во кои се доделени: 17
Просечна возраст: 32
Просек на години во вистина: 15,3
Просек на години во полновремена служба: 9,6
[Рамка на страници 26 и 27]
ОСВРТ НА 50-ТЕ ГОДИНИ НА ШКОЛАТА ГИЛЕАД
Каков подобар осврт на историјата на Гилеад може да се направи освен преку искуствата на оние кои ја доживеале — првите дипломци, инструктори и други коишто помогнале таа да се организира? Публиката беше одушевена кога го слушнаа делот „Осврт на 50-те години на Школата Гилеад“ што го водеше Теодор Џерес.
Какви беа околностите кои доведоа до основањето на школата? Брат Шредер објасни дека нему и на двајца други инструктори им биле дадени само четири месеци да ја организираат школата. „Но до понеделник, 1. февруари 1943, бевме спремни за свеченото отворање.“
Како им било на првите мисионери коишто биле испратени? Брат Хеншел се сеќава: „На експедитот при Друштвото му дадовме да ги спакува во сандаци сите предмети коишто тие сакаа да ги понесат. Кога сандаците пристигнале, внимателно ги отвориле и ги извадиле своите работи. Но потоа сандаците ги употребиле да си направат мебел“. Најпосле, забележа тој, Друштвото се погрижи за скромно опремени мисионерски домови.
Потоа на програмата, некои дипломци од првите класови на Гилеад кои сега се членови на Американската бетелска фамилија, ги споделија своите сеќавања, своите чувства и искуства. Нивните коментари ги трогнаа срцата на сите присутни.
„Откако добив покана да присуствувам во првиот клас, дознав дека мајка ми имала рак. Но бидејќи таа беше пионерка уште од 16-годишна возраст, строго ме посоветува да ја прифатам поканата. Така со измешани чувства и со доверба во Јехова, отпатував за Саут Ленсинг. Потполно уживав и длабоко ја ценев обуката во Гилеад. Мајка ми го заврши својот земски пат некое време по моето дипломирање“ (Шарлот Шредер, служела во Мексико и Ел Салвадор).
„Бидејќи Јехова веќе се грижеше за мене во оној дел од Земјата каде што живеев, сметав дека каде и да појдам, секаде е неговата Земја и дека тој ќе се грижи за мене. Затоа, навистина бев среќна да ја прифатам поканата во првиот клас“ (Џулија Вилдман, служела во Мексико и Ел Салвадор).
„Тоа беше прекрасно! Можевме да разговараме на секоја врата. Првиот месец дадов 107 книги и водев 19 библиски студии. Вториот месец имав 28 библиски студии. Се разбира, имаше некои работи на кои моравме да се навикнеме — вруќина, влага, тафтабити. Но, беше извонредна предност да се биде таму. Тоа е нешто што секогаш ќе го ценам“ (Мери Адамс, втори клас, за нејзината доделба на Куба).
„Времето беше една од големите препреки со коишто моравме да се соочуваме на Аљаска. На северот беше многу, многу студено, со температури кои се спуштаа до -50°C и пониско. До индијанските села и малите изолирани места во југоисточна Аљаска стигнувавме или со чамец или со авион“ (Џон Ерикети, трети клас).
„За мене Гилеад беше покана од Јехова преку неговата земска организација за духовно да нѐ зајакне и ни покаже еден прекрасен начин на живот“ (Милдред Бар, 11. клас, служела во Ирска).
Следуваа уште попрекрасни интервјуа — Лусил Хеншел (14. клас, служела во Венецуела), Маргарета Клајн (20. клас, служела во Боливија), Лусил Колтрап (24. клас, служела во Перу), Лорин Волен (27. клас, служела во Бразил), Вилијам и Сандра Маленфонт (34. клас, служеле во Мароко), Герит Леш (41. клас, служел во Австрија) и Дејвид Сплејн (42. клас, служел во Сенегал).
Што да се каже за браќата кои служеа како инструктори? И некои од нив беа интервјуирани — Расел Курцен, Карл Адамс, Харолд Џексон, Фред Раск, Хари Пелојан, Џек Редфорд и Јулизис Глас. Тие се потсетија на нивната предност и раскажаа како тоа влијаело на нив до денешен ден.
Возбудливо сведоштво за делотворноста на мисионерите обучени во Гилеад пружи Лојд Бери, кој служел во Јапонија. Во 1949, кога таму беа испратени 15 мисионери, во цела Јапонија имаше помалку од 10 објавители. Но 44 години подоцна, во таа земја има повеќе од 175.000 објавители на Царството! Роберт Волен потоа раскажа за извонредниот успех што го имале некои мисионери во помагањето на луѓето да дојдат во вистината, вклучувајќи една сестра мисионерка која била во Панама преку 45 години и која им помогнала на 125 лица да дојдат до предание и крштение.
Кулминација на целата програма беше кога сите присутни коишто биле дипломци на Гилеад, беа повикани на подиумот. Тоа беше навистина трогателен момент. Долга река од браќа и сестри — 89 од бетелската фамилија плус дипломците кои беа во посета — течеше меѓу редовите сѐ до скалите на подиумот. Ним им се придружија браќата кои служеа како инструктори низ сиве овие години, а потоа и 94-от клас — сѐ на сѐ околу 160!
„Дали работата на Школата Гилеад во обучување на мисионери за странски земји имала сигурен успех?“, запраша братот Џерес. „Доказот од изминатите 50 години е громовито ‚Да!‘“
[Слика на страница 25]
Дипломци на 94. клас на Watchtower–библиската школа Гилеад
Во долниот попис редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.
1) Де ла Гарса, С.; Борг, Е.; Ариага, Е.; Чу, Е.; Парвис, Д.; Фозбери, А.; Делгадо, А.; Дрешер, Л. 2) Скот, В.; Фридлунд, Л.; Кетула, С.; Копленд, Д.; Ариага, Ј.; Тиде, Ј.; Олсон, Е.; Видегрен, С.; 3) Делгадо, Ф.; Киген, С.; Леинонен, А.; Финиген, Е.; Фозбери, Ф.; Холбрук, Џ.; Берглунд, А.; Џонс, П.; 4) Вотсон, Б.; Фриас, К.; Чу, Б.; Холбрук, Џ.; Парвис, Џ.; Финиген, С.; Џонс, А.; Кучиа, М. 5) Скот, Џ.; Копленд, Д.; Дрешер, Б.; Де ла Гарса, Р.; Леионен, И.; Киген, Д.; Вотсон, Т.; Кетула, М.; 6) Видегрен, Ј.; Борг, С.; Кучиа, Л.; Берглунд, А.; Олсон, Б.; Фриас, Ј.; Фридлунд, Т.; Тиде, П.