СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
Јехова многу те сака
Самиот Татко ве сака (ЈОВАН 16:27)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме како љубовта на Јехова ќе ни помогне да станеме поблиски со него и да се чувствуваме безбедно, згрижено и зајакнато.
1. Како си го замислуваш Јехова?
ДАЛИ некогаш си се обидел да замислиш како изгледа Јехова? Кога му се молиш, каква претстава имаш за него? Ние не можеме да го видиме Јехова, но во Библијата тој е опишан на различни начини. Јехова е наречен „сонце и штит“ и „оган што голта“ (Пс. 84:11; Евр. 12:29). Езекиел го опишал присуството на Јехова како нешто што личело на камен сафир, сјајно бело злато и блескаво виножито (Езек. 1:26-28). Некои од овие описи за Јехова можат да ни влеат восхит, па дури можат да ни влеат и страв.
2. Зошто на некои може да им биде тешко да се зближат со Јехова?
2 Бидејќи не можеме да го видиме Јехова, може да ни биде тешко да веруваме дека тој нѐ сака. Некои мислат дека Јехова никогаш не би можел да ги сака поради некои лоши искуства од минатото. Можеби нивниот татко не им пружил љубов. Јехова ги разбира таквите чувства и разбира како тие влијаат врз нас. За да ни помогне, во својата Реч тој ни ги открил своите прекрасни особини.
3. Зошто треба да дознаеме нешто повеќе за љубовта на Јехова?
3 Јехова најдобро може да се опише со зборот љубов. Всушност, Библијата вели дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Јехова сѐ прави од љубов. Неговата љубов е толку голема и силна што тој им ја покажува дури и на оние што не го сакаат (Мат. 5:44, 45). Во оваа статија ќе дознаеме нешто повеќе за Јехова и за неговата љубов. Колку повеќе дознаваме за нашиот Бог, толку повеќе ќе го сакаме.
ЈЕХОВА МНОГУ НЀ САКА
4. Какви чувства буди во тебе сочувството на Јехова? (Види ја и сликата.)
4 „Јехова е полн со сочувство“ (Јак. 5:11). Во Библијата, тој се споредува себеси со мајка која е полна со сочувство (Иса. 66:12, 13). Замисли си една мајка која со љубов се грижи за своето мало детенце. Таа нежно го држи во својот скут и му зборува со пријатен, смирувачки тон на гласот. Кога детенцето плаче или нешто го боли, мајката се труди да му го обезбеди она што му е потребно. Кога ние имаме некоја мака, можеме да сметаме на Јеховината љубов. Псалмистот напишал: „Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата“ (Пс. 94:19).
5. Какво значење има за тебе верната љубов на Јехова?
5 Јехова е верен Бог (5. Мој. 32:4). Тој не крева раце од нас кога ќе направиме нешто погрешно. Израелците го разочарувале Јехова одново и одново. Сепак, кога тие ќе се покаеле, тој ги уверувал во својата верна љубов. На пример, во една прилика тој му кажал на својот народ: „Бидејќи си драгоцен во моите очи, достоен си за чест и јас те сакам“ (Иса. 43:4, 5). Јехова чувствува иста таква љубов и кон нас денес. Секогаш можеме да сметаме на неа. Дури и ако сме направиле сериозни грешки, Јехова нема да нѐ напушти. Ако се покаеме и ако му се вратиме на Јехова, ќе видиме дека тој сѐ уште нѐ сака. Тој ветува дека ќе ни прости великодушно (Иса. 55:7). Библијата вели дека тогаш за нас ќе дојдат „времиња на закрепнување од лицето на Јехова“ (Дела 3:19).
6. Што учиме од Захарија 2:8 за Јехова?
6 Прочитај Захарија 2:8. Јехова нѐ споредува со зеницата на своето око. Окото е осетлив и важен дел од нашето тело. Според тоа, со други зборови, Јехова како да ни вели: „Оној што те повредува тебе, народе мој, го повредува она што е скапоцено за мене“. Бидејќи нѐ сака, Јехова забележува како се чувствуваме и има силна желба да нѐ заштити. Кога ние чувствуваме болка, и тој чувствува болка. Затоа, можеме слободно да му се молиме на следниов начин: „Чувај ме како зеницата на окото“ (Пс. 17:8).
7. Зошто треба да си ја зајакнеме довербата во Јеховината љубов?
7 Јехова сака да бидеш уверен дека те сака тебе лично. Но, знае дека поради твоите искуства од минатото можеби се прашуваш дали тој би можел да те сака. Или, можеби во моментов се наоѓаш во некоја ситуација поради која твојата доверба во Јеховината љубов е ставена на испит. Што ќе ти помогне да си ја зајакнеш довербата? Тоа што ќе дознаеш како Јехова ја изразува својата љубов кон Исус, кон помазаниците и кон сите нас.
КАКО ЈЕХОВА ЈА ИЗРАЗУВА СВОЈАТА ЉУБОВ
8. Зошто Исус бил уверен дека неговиот Татко го сака?
8 Низ вековите, помеѓу Јехова и неговиот сакан Син се развила нераскинлива врска на љубов. Никој друг во универзумот не поминал толку време заедно. Јехова јасно ја изразил својата љубов кон Исус. Тоа го дознаваме од Матеј 17:5. Јехова можел едноставно да каже: „Ова е оној кој е по мојата волја“. Но, тој сакал да знаеме колку многу го сака Исус, и затоа го нарекол „мојот сакан Син“. Јехова се гордеел со Исус, особено поради тоа што бил спремен да го жртвува својот живот (Еф. 1:7). А Исус не се сомневал дека неговиот Татко го сака. Јеховината љубов била толку реална за Исус што можел да ја почувствува длабоко во себе. Во повеќе прилики, тој ја изразил својата увереност дека Таткото го сака (Јован 3:35; 10:17; 17:24).
9. Кој збор ја опишува Јеховината љубов кон помазаниците? Објасни (Римјаните 5:5).
9 Јехова ја изразил својата љубов и кон помазаниците. (Прочитај Римјаните 5:5.) Забележи го зборот „излеана“. Според еден библиски речник, овој стих ја пренесува мислата дека Јеховината љубов кон помазаниците е толку силна што може да се спореди со река што се прелева. Оваа споредба јасно покажува колку многу Јехова ги сака помазаниците. Тие знаат дека Бог ги сака (Јуда 1). Апостол Јован ги изразил нивните чувства со следниве зборови: „Видете каква љубов ни дал Таткото, да се наречеме деца Божји“ (1. Јов. 3:1). Дали Јехова ги сака само помазаниците? Не. Јехова докажал дека нѐ сака сите нас.
10. Кој е најголемиот доказ за Јеховината љубов кон тебе?
10 Кој е најголемиот доказ за Јеховината љубов? Тоа е откупнината — најголемиот чин на љубов во универзумот! (Јован 3:16; Рим. 5:8). Јехова го дал како жртва својот сакан Син и дозволил тој да умре за сите луѓе, за да можат нашите гревови да бидат простени и да можеме да бидеме негови пријатели (1. Јов. 4:10). Колку повеќе размислуваме за цената што ја платиле Јехова и Исус, толку повеќе сфаќаме колку многу го сакаат секој еден од нас (Гал. 2:20). Откупнината не била платена само за да се задоволи Јеховината правда. Таа е подарок што Јехова го дал од љубов. Тој ја докажал својата љубов кон нас така што го жртвувал она што му било најскапоцено — Исус. Јехова дозволил неговиот Син да страда и да умре за нас.
11. Што учиме од Еремија 31:3?
11 Како што видовме, Јехова не само што чувствува љубов кон нас туку и ја изразува на срдечен начин. (Прочитај Еремија 31:3, фуснота.) Јехова нѐ привлекол кон себе бидејќи нѐ сака. (Спореди со 5. Мојсеева 7:7, 8.) Никој и ништо не може да нѐ одвои од таа љубов (Рим. 8:38, 39). Како се чувствуваш ти поради тоа што знаеш дека Јехова те сака? Прочитај го Псалм 23, а потоа размисли како влијаело врз Давид тоа што знаел дека Јехова го сака и дека се грижи за него, и размисли како тоа може да влијае врз тебе.
КАКО СЕ ЧУВСТВУВАШ ЗАТОА ШТО ЗНАЕШ ДЕКА ЈЕХОВА ТЕ САКА?
12. Во кратки црти кажи што пишува во Псалм 23.
12 Прочитај Псалм 23:1-6. Во Псалм 23, Давид ја изразил својата увереност дека Јехова го сака и дека се грижи за него. Тој го опишал блиското пријателство што постоело помеѓу него и неговиот Пастир, Јехова. Давид се чувствувал безбедно бидејќи му дозволувал на Јехова да го води и потполно се потпирал на него. Давид знаел дека Јехова ќе му ја покажува својата љубов секој ден од неговиот живот. Зошто бил толку уверен во тоа?
13. Зошто Давид бил уверен дека Јехова ќе се грижи за него?
13 „Ништо нема да ми недостасува.“ Давид се чувствувал згрижено бидејќи Јехова секогаш му го давал она што му било потребно. Исто така, Давид знаел дека Јехова го смета за свој пријател и дека го има неговото одобрување. Затоа бил уверен дека, без разлика што ќе му се случи во иднина, Јехова ќе продолжи да се грижи за сите негови потреби. Тоа што Давид бил уверен дека Јехова го сака и дека ќе се грижи за него му помогнало да не биде премногу загрижен, туку да биде среќен и задоволен (Пс. 16:11).
14. Како би можел Јехова да покаже дека со љубов се грижи за нас?
14 Јехова со љубов се грижи за нас, особено кога ни се случуваат лоши работи во животот. Клер,a која служи во Бетел повеќе од 20 години, се чувствувала беспомошно кога нејзиното семејство се соочило со неколку проблеми едноподруго. Татко ѝ доживеал тежок мозочен удар, а една од нејзините сестри била исклучена. Освен тоа, нејзиното семејство било принудено да го затвори својот мал бизнис и банката им ја одзела куќата. Како Јехова покажал дека со љубов се грижи за нив? Клер вели: „Јехова се погрижи моето семејство секој ден да го има она што му е потребно. Тој многупати ни даваше и повеќе од она што ни беше потребно. Честопати размислувам за тие моменти во кои ја почувствував Јеховината љубов и никогаш нема да ги заборавам. Тоа ми помогна да продолжам со радост да му служам на Јехова кога се соочив и со други проблеми во мојот живот“.
15. Зошто Давид се чувствувал зајакнато? (Види ја и сликата.)
15 „Ми ја крепи душата.“ Понекогаш, Давид се чувствувал вознемирено поради проблемите и неволјите со кои се соочувал (Пс. 18:4-6). Сепак, љубовта и грижата од Јехова го зајакнале. Јехова го водел својот исцрпен пријател на „зелени пасишта“ и на „почивалишта обилни со вода“. Тоа му помогнало на Давид да си ја обнови силата и да продолжи да му служи на Јехова со радост (Пс. 18:28-32).
16. Како Јеховината љубов те зајакнала тебе?
16 Слично како Давид, Јеховината лојална љубов ни помага и нам денес да истраеме кога се соочуваме со проблеми во животот (Плач 3:22; Кол. 1:11). Размисли за примерот на Рејчел. Таа била скршена од болка кога нејзиниот сопруг ги напуштил и неа и Јехова за време на пандемијата со КОВИД-19. Што направил Јехова за неа? Таа вели: „Јехова се погрижи да се чувствувам сакано. Тој ме опкружи со пријатели кои поминуваа време со мене, ми носеа храна, ми испраќаа охрабрувачки пораки и библиски стихови, ми се насмевнуваа и ме потсетуваа дека Јехова се грижи за мене. Постојано му благодарам на Јехова што ми даде едно големо семејство полно со љубов“.
17. Зошто Давид рекол: „Нема да се плашам од зло“?
17 „Нема да се плашам од зло, зашто ти си со мене.“ Животот на Давид честопати бил во опасност и имал голем број моќни непријатели. Сепак, затоа што знаел дека Јехова го сака, Давид се чувствувал безбедно и заштитено. Тој можел да почувствува дека Јехова е со него во секоја ситуација, и тоа му влевало храброст. Затоа, во врска со Јехова, Давид во песна рекол: „Од сите мои стравови ме ослободи“ (Пс. 34:4). Иако понекогаш бил многу исплашен, Давид можел да ги надмине своите стравови бидејќи знаел дека Јехова го сака.
18. Како тоа што знаеш дека Јехова те сака, те зајакнува кога си исплашен?
18 Како тоа што знаеме дека Јехова нѐ сака ни дава сила кога се наоѓаме во застрашувачки ситуации? Една сестра по име Сузи, која служи како пионер, опишува како се чувствувале таа и нејзиниот сопруг кога нивниот син си го одзел животот: „Кога ќе доживееш нешто толку страшно во животот, тоа многу силно влијае врз тебе и се чувствуваш беспомошно. Но, сочувството од Јехова ни помогна да се чувствуваме безбедно и заштитено“. Рејчел, која ја спомнавме претходно, се сеќава: „Една ноќ, кога срцето ми се кинеше од болка и бев многу загрижена и исплашена, со солзи му се молев на Јехова. Во тој момент почувствував дека тој го утеши моето срце и ме смири, исто како што една мајка го теши своето бебе, и потоа заспав. Никогаш нема да го заборавам тој момент“. Еден старешина по име Тасос поминал четири години во затвор затоа што одбил да оди во војска. Како тој почувствувал дека Јехова го сака и се грижи за него? Тасос вели: „Јехова се погрижи да имам сѐ што ми е потребно, па дури и повеќе од тоа. Ова уште повеќе ме увери дека можам да имам потполна доверба во него. Исто така, преку својот дух Јехова ми помогна да чувствувам радост и покрај тоа што затворот беше многу депресивно место. Ова ми помогна да сфатам дека, колку поблиску соработувам со него, толку повеќе ќе ја чувствувам неговата добрина. Затоа, почнав да служам како општ пионер додека бев во затвор“.
СТАНУВАЈ СЀ ПОБЛИЗОК СО ТВОЈОТ СОЧУВСТВИТЕЛЕН БОГ
19. а) Како тоа што знаеме дека Бог нѐ сака влијае врз тоа што ќе му кажеме во нашите молитви? б) Кој стих во врска со Јеховината љубов најмногу ти значи? (Види ја рамката „Стихови кои ни помагаат да ја почувствуваме Јеховината љубов“.)
19 Искуствата што ги разгледавме докажуваат дека Јехова, „Богот на љубовта“, е со нас! (2. Кор. 13:11). Тој се грижи за секого од нас поединечно. Уверени сме дека нѐ опкружува неговата лојална љубов (Пс. 32:10, фус.). Колку повеќе размислуваме за тоа на кој начин ни ја покажува својата љубов, толку пореален ни станува и се чувствуваме сѐ поблиски со него. Можеме слободно да му се обратиме во молитва и да му кажеме колку многу ни е потребна неговата љубов. Можеме да му ги кажеме сите наши грижи, потполно уверени дека тој нѐ разбира и дека многу сака да ни помогне (Пс. 145:18, 19).
20. Како Јеховината љубов ни помага да станеме поблиски со него?
20 Исто како што огнот нѐ грее во еден студен ден, така и Јеховината љубов може да нѐ теши кога се соочуваме со тешкотии. Затоа, да ја прифатиме Јеховината љубов која ни дава утеха и мир, и да му возвратиме на неговата љубов така што ќе кажеме: „Ќе те сакам, Јехова!“ (Пс. 18:1).
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Како би ја опишал Јеховината љубов?
Зошто можеш да бидеш уверен дека Јехова многу те сака?
Како се чувствуваш затоа што знаеш дека Јехова те сака?
ПЕСНА 108 Божјата верна љубов
a Некои имиња се сменети.