Јехова е наш Пастир
„Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува“ (ПСАЛМ 23:1).
1-3. Зошто не сме изненадени што Давид го споредил Јехова со пастир?
АКО ТИ речат да опишеш како Јехова се грижи за својот народ, што би рекол? Каква споредба би можел да направиш за да покажеш колку нежно се грижи за своите верни слуги? Пред повеќе од 3.000 години, цар Давид напишал еден псалм во кој на прекрасен начин го опишал Јехова, користејќи споредба што ја зел од она што го работел во својата младост.
2 Кога бил млад, Давид бил овчар, или пастир, па затоа знаел сѐ за грижата за овците. Му било добро познато дека овците, ако бидат препуштени сами на себе, лесно ќе се изгубат и ќе станат плен на крадци или на диви ѕверови (1. Самоил 17:34-36). Без грижлив пастир, можеби нема да си најдат пасиште и храна. На постари години, Давид несомнено имал пријатни спомени на долгите часови што ги поминал водејќи ги, штитејќи ги и хранејќи ги овците.
3 Не сме изненадени што Давид помислил на еден пастир кога бил инспириран да опише како Јехова се грижи за својот народ. Псалм 23, кој го напишал Давид, започнува со зборовите: „Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува“. Да видиме зошто овие зборови се сосема на место. Потоа, со помош на Псалм 23, ќе видиме на кои начини Јехова се грижи за своите обожаватели како што пастирот се грижи за своите овци (1. Петрово 2:25).
Соодветна споредба
4, 5. Како ги опишува Библијата особините на овците?
4 Во Светото писмо, на Јехова му се дадени многу титули, но зборот „Пастир“ е еден од најнежните описи (Псалм 80:1). За да можеме полесно да разбереме зошто Јехова со право е наречен Пастир, треба да знаеме две работи: прво, каков нарав имаат овците, и второ, кои се должностите и особините на еден добар пастир.
5 Во Библијата честопати се спомнуваат особините на овците, и за нив се вели дека веднаш реагираат на љубовта на овчарот (2. Самоил 12:3), питоми се (Исаија 53:7) и беспомошни (Михеј 5:8). Еден писател што многу години чувал овци забележал: „Овците не можат да се грижат самите за себе, како што си мислат некои. Повеќе отколку на кое и да е друго домашно животно, потребно им е многу големо внимание и нежна грижа“. За да преживеат, на овие беспомошни суштества им треба грижлив пастир (Езекиел 34:5).
6. Според еден библиски речник, како му течел денот на еден пастир од старо време?
6 Како му течел денот на еден пастир од старо време? Еден библиски речник објаснува: „Рано наутро го изведувал стадото од трлото, одејќи напред до местото каде што требало да пасат овците. Таму ги чувал цел ден, внимавајќи ниедна овца да не заталка, а ако некоја од нив за момент би му избегала од погледот и би се одвоила од останатите, грижливо би ја барал сѐ додека не ја нашол и не ја довел назад . . . Ноќе го враќал стадото во трлото, и за да се увери дека сите се тука, ги броел овците додека стоел на вратата а тие минувале под неговиот стап . . . Честопати морал да го варди стадото ноќе од нападот на дивите ѕверови, или од итрите обиди на крадецот што доаѓал кришум“.a
7. Зошто пастирот понекогаш требало да покажува поголема стрпливост и нежност?
7 Имало прилики кога овците, особено оние што биле пред објагнување и малите јагненца, барале поголема стрпливост и нежност (Битие 33:13). Во една библиска енциклопедија стои: „Во стадото, јагненцето честопати доаѓа на свет далеку на планината. Пастирот грижливо ја чува мајката додека е беспомошна и го зема јагнето за да го однесе во стадото. Неколку дена, сѐ додека не научи само да оди, тој го носи в раце или во широките набори на својата наметка“ (Исаија 40:10, 11). Јасно, еден добар пастир требало да биде и цврст и нежен.
8. Кои причини за својата доверба во Јехова ги наведува Давид?
8 „Господ е Пастир мој“ — зар со овие зборови не е прекрасно опишан нашиот небесен Татко, Јехова? Додека го разгледуваме 23. Псалм, ќе видиме како Бог се грижи за нас покажувајќи цврстина и нежност како еден пастир. Во првиот стих, Давид ја изразува својата доверба дека Бог ќе направи сѐ што е потребно за да не им ‚недостасува ништо‘ на Неговите овци. Во следните стихови, Давид наведува три причини за ваквата доверба: Јехова ги води, ги заштитува и ги храни своите овци. Да ги разгледаме една по една.
„Ме води“
9. Каква сцена на спокојство опишува Давид, и како овците би дошле таму?
9 Прво, Јехова го води својот народ. Давид пишува: „На зелени пасишта Тој ми дава починка; при тивки води — ме води. Ја освежува мојата душа, ме води по патеките на правдата, поради Своето име“ (Псалм 23:2, 3). Стадо што мирно си лежи среде изобилство — со ова Давид опишува сцена на задоволство, освежување и сигурност. Хебрејскиот збор што е преведен со „пасишта“ може да значи и „пријатно место“. Најверојатно, овците сами нема да најдат освежувачко место за да си лежат во мир. Нивниот пастир мора да ги одведе до некое такво „пријатно место“.
10. Како Бог покажува доверба во нас?
10 Како нѐ води Јехова денес? Еден начин на кој го прави тоа е со пример. Неговата Реч нѐ поттикнува ‚да го имитираме Бог‘ (Ефешаните 5:1). Во контекстот на овие зборови се спомнати сочувство, простување и љубов (Ефешаните 4:32; 5:2). Се разбира, Јехова остава најдобар пример во покажувањето такви нежни особини. Дали тој е нереален кога бара од нас да го имитираме, да бидеме како него? Не. Овој инспириран совет е прекрасен израз на неговата доверба во нас. Зошто? Ние сме создадени според Божјиот лик, што значи дека сме надарени со морални особини и со духовност (Битие 1:26). Според тоа, Јехова знае дека, иако сме несовршени, ние можеме да ги стекнеме истите особини што ги има и тој. Замисли — нашиот добар Бог е уверен дека можеме да бидеме како него. Ако го следиме неговиот пример, тој ќе нѐ води, така да се каже, до некое пријатно место на „починка“. Во овој насилнички свет, ќе ‚лежиме спокојно‘, чувствувајќи го мирот што доаѓа од сознанието дека Бог нѐ прифаќа (Псалм 4:8; 29:11).
11. Што зема предвид Јехова кога ги води своите овци, и како се гледа тоа во она што го бара од нас?
11 Јехова нѐ води нежно и стрпливо. Пастирот ги зема предвид ограничувањата на своите овци, па затоа ги води ‚колку што може да оди добитокот‘ (Битие 33:14, ПСП). И Јехова ги води своите овци „колку што можат“ да одат. Тој ги зема предвид нашите способности и околности. Всушност, тој го усогласува својот чекор со нашиот, и никогаш не бара повеќе од она што можеме да го направиме. Сепак, она што го бара од нас е да му служиме со сета душа (Колошаните 3:23). Меѓутоа, што ако си во поодминати години и не можеш да го правиш она што си го правел во минатото? Или, пак, што ако имаш некоја тешка болест што те ограничува? Во тоа е убавината на барањето да му служиме на Бог со сета душа. Сите луѓе не се исти. Да служиш со сета душа значи сета твоја сила и енергија да ги користиш најмногу што можеш ти во Божјата служба. И покрај слабостите што можат да ни го забават чекорот, Јехова цени кога го обожаваме со сета душа (Марко 12:29, 30).
12. Кој пример од Мојсеевиот закон покажува дека Јехова ги води своите овци „колку што можат“ да одат?
12 За да покажеме дека Јехова ги води своите овци да одат толку „колку што можат“, да разгледаме што е речено за некои жртви за грев што биле пропишани со Мојсеевиот Закон. Јехова сакал луѓето да му принесуваат убави жртви од благодарноста што ја чувствувале во срцето. Во исто време, жртвите биле класификувани според можностите на оној што ги принесувал. Законот велел: „Ако не е во состојба да принесе овца . . . нека Му принесе на Господа две грлици или две гулапчиња“. А што ако немал да принесе дури ни две гулапчиња? Тогаш можел да донесе малку „пченично брашно“ (Левит 5:7, 11). Ова покажува дека Бог не барал повеќе од она што можел да го даде оној што принесувал жртва. Бидејќи Бог не се менува, можеме да се утешиме од сознанието дека никогаш не бара повеќе од она што можеме да го дадеме; напротив, со задоволство го прифаќа она што го можеме (Малахија 3:6). Колку е убаво да нѐ води еден таков Пастир полн со разбирање!
„Нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене“
13. Како зборовите на Давид од Псалм 23:4 укажуваат на поголема блискост со Јехова, и зошто тоа не нѐ изненадува?
13 Давид дава уште една причина за својата доверба: Јехова ги штити своите овци. Читаме: „Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене. Твојот жезал и Твојата палка ме утешуваат“ (Псалм 23:4). Сега Давид му се обраќа на Јехова со „ти“, што укажува на поголема блискост. Ова не нѐ изненадува, бидејќи Давид зборува за тоа како Бог му помогнал да истрае во неволја. Давид поминал низ многу долини на смртта — моменти кога животот му бил во опасност. Но, не дозволил да му подлегне на стравот, бидејќи чувствувал дека со него е Бог — со подготвени „жезол“ и „палка“. Свесноста за ваквата заштита го утешила Давид и несомнено уште повеќе го зближила со Јехова.b
14. Како нѐ уверува Библијата дека Јехова ќе нѐ штити, но што не значи тоа?
14 Како ги штити Јехова своите овци денес? Библијата нѐ уверува дека ниеден противник — било да е тоа демон или човек — нема да успее да ги отстрани неговите овци од Земјата. Јехова никогаш не би го дозволил тоа (Исаија 54:17; 2. Петрово 2:9). Меѓутоа, ова не значи дека нашиот Пастир ќе нѐ заштити од секоја неволја. Ни се случуваат неволјите што ги снаоѓаат сите луѓе, и се соочуваме со противењето што го имаат сите вистински христијани (2. Тимотеј 3:12; Јаков 1:2). Ќе има моменти кога и ние, така да се каже, ќе одиме „низ долината на смртната сенка“. На пример, можеби ќе бидеме блиску до смртта поради прогонство или поради здравствени проблеми. Или, пак, некој што ни е драг можеби ќе биде блиску до смртта или дури и ќе ѝ подлегне. Дури и кога ни се чини дека сме се нашле во најтешките и најмрачни моменти, нашиот Пастир е со нас, и тој ќе нѐ чува. Како?
15, 16. а) На кои начини Јехова ни помага да ги совладаме препреките што ќе ни застанат на патот? б) Раскажи некое искуство што покажува како ни помага Јехова кога ни е тешко.
15 Јехова не ветува дека ќе нѐ заштити со некакво чудо.c Но, можеме да бидеме сигурни во ова: Јехова ќе ни помогне да совладаме секаква препрека што ќе ни застане на патот. Тој може да ни даде мудрост да се справиме со „разни искушенија“ (Јаков 1:2-5). Еден пастир го користи својот стап не само за да ги брка крволочните животни туку и за да ги поттурнува своите овци во исправна насока. Јехова може да нѐ „поттурнува“, можеби преку некој сообожавател, да ги примениме библиските совети што можат многу да ја променат нашата ситуација. Освен тоа, Јехова може да ни даде сила да истраеме (Филипјаните 4:13). Преку својот свет дух, тој може да ни ја даде „силата која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Божјиот дух може да ни помогне да го издржиме секое искушение што ќе ни го наметне Сатана (1. Коринќаните 10:13). Зар не е утешно да знаеме дека Јехова секогаш е спремен да ни помогне?
16 Да, во каква и темна долина да се најдеме, не мора сами да одиме низ неа. Нашиот Пастир е со нас, и ни помага на начини што во почетокот можеби не ги сфаќаме потполно. Размисли за искуството на еден христијански старешина што имал малиген тумор на мозокот. „Морам да признаам дека во почетокот се прашував дали Јехова ми се лути, па дури и дали воопшто ме сака. Но, бев решен да не се оддалечам од Јехова. Наместо тоа, му ги кажав своите грижи. И Јехова ми помогна, честопати тешејќи ме преку моите браќа и сестри. Мнозина ми кажаа корисни мисли врз основа на нивните лични искуства со некоја тешка болест. Нивните урамнотежени зборови ме потсетија дека она што го доживувам не е ништо необично. Практичната помош, вклучувајќи и некои трогателни понуди за помош, ме уверија дека Јехова не ми се лути. Се разбира, и понатаму морам да се борам со мојата болест, и не знам како ќе заврши сѐ. Но, уверен сум дека Јехова е со мене и дека и понатаму ќе ми помага во овие тешки моменти“.
„Приготвуваш трпеза пред мене“
17. Каков опис за Јехова дава Давид во Псалм 23:5, и зошто тоа не противречи на сликата на еден пастир?
17 Сега Давид ја наведува третата причина за довербата што ја има во својот Пастир: Јехова ги храни своите овци, и тоа во изобилство. Давид пишува: „Приготвуваш трпеза пред мене, пред погледот на моите непријатели. Ја помаза мојата глава со масло, мојата чаша се прелева“ (Псалм 23:5). Во овој стих, Давид го опишува својот Пастир како дарежлив домаќин што послужува храна и пијалак во изобилство. Двата примера — на грижлив пастир и на великодушен домаќин — не се противречни. Па, еден добар пастир мора да знае каде да најде богати пасишта и доволно вода за пиење за ‚ништо да не му недостасува‘ на неговото стадо (Псалм 23:1, 2).
18. Што покажува дека Јехова е великодушен домаќин?
18 Дали нашиот Пастир е и великодушен домаќин? Тоа воопшто не е спорно! Помисли на квалитетот, квантитетот и разновидноста на духовната храна што ја имаме денес. Преку класата на верниот и разборит роб, Јехова ни дава корисни публикации и богата програма на состаноците, собирите и конгресите — а сето тоа ги задоволува нашите духовни потреби (Матеј 24:45-47). Секако дека не ни недостига духовна храна. „Верниот и разборит роб“ отпечатил милиони Библии и други библиски публикации, кои сега ги има на 413 јазици. Јехова ни дава најразновидна духовна храна — од „млеко“, основните библиски учења, до „тврда храна“, подлабоките духовни информации (Евреите 5:11-14). Затоа, кога се соочуваме со проблеми или одлуки, обично можеме да го најдеме баш тоа што ни треба. Каде би биле ние без таа духовна храна? Нашиот Пастир навистина многу великодушно нѐ храни! (Исаија 25:6; 65:13).
„Ќе престојувам во Господовиот дом“
19, 20. а) Во што покажува доверба Давид со зборовите од Псалм 23:6, и како можеме и ние да стекнеме таква доверба? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Откако размислува за постапките на својот Пастир и Хранител, Давид заклучува: „Навистина, благоста и милоста ќе ме следат, низ сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во Господовиот дом засекогаш“ (Псалм 23:6). Давид зборува од срце исполнето со благодарност и вера — благодарност кога ќе се сети на минатото, и вера кога ќе помисли на иднината. Овој поранешен пастир е на сигурно, знае дека сѐ додека е близу до својот небесен Пастир, како да живее во Неговиот дом, Јехова секогаш со љубов ќе се грижи за него.
20 Многу сме благодарни за прекрасните зборови што се запишани во 23. Псалм! Давид не би можел да најде посоодветен начин да опише како Јехова ги води, ги штити и ги храни своите овци. Нежните зборови на Давид се зачувани за да стекнеме доверба дека и ние можеме да гледаме на Јехова како на наш Пастир. Да, сѐ додека сме близу до Јехова, тој ќе се грижи за нас како Пастир што многу нѐ сака, и тоа „засекогаш“, во сета вечност. Меѓутоа, како негови овци, имаме одговорност да одиме со нашиот голем Пастир, Јехова. Во следната статија ќе разгледаме што значи тоа.
[Фусноти]
b Давид составил многу псалми во кои го фалел Јехова затоа што го избавил од опасност. (Види ги, на пример, натписите на Псалмите 18, 34, 56, 57, 59 и 63.)
c Види ја статијата „Божествена интервенција — што можеме да очекуваме?“ во Стражарска кула од 1 октомври 2003.
Се сеќаваш ли?
• Зошто е на место тоа што Давид го споредил Јехова со пастир?
• Како покажува Јехова разбирање додека нѐ води?
• На кои начини Јехова ни помага да ги издржиме неволјите?
• Што покажува дека Јехова е великодушен домаќин?
[Слика на страница 18]
Како пастирите во Израел, Јехова ги води своите овци