Млади — дали ќе го положите испитот на христијанската лојалност?
”НЕМОРАЛНОТО однесување не го сметаш за нелојалност. Едноставно се забавуваш. Вистина, свесен си дека ако твоите родители или старешините дознаат, тоа ќе им нанесе тешка тага и многу проблеми. Но, додека се забавуваш, ги исклучуваш сите такви мисли.“
Младичот чиишто зборови ги цитираме, продолжил со тајниот обичај да прави блуд. Водел дволичен живот, мамејќи ги своите родители и христијанското собрание. Тоа едвај можело да се забележи во времето кога паѓал на испитот по христијанска лојалност.
Илјадници христијански младинци паднале на таквиот испит на лојалност. И не е за чудо, бидејќи Сатана Ѓаволот ’води борба‘ против Божјиот народ и прави сѐ што може да ја скрши нивната беспрекорност (Откровение 12:17). Мета на неговите ”препредени дела“ се особено младите (Ефесјаните 6:11, Kingdom Interlinear). Затоа е потребен вистински напор и одлучност да се остане лојален.
Но, што е лојалност? Изворниот збор за ”лојалност“ во Хебрејските списи покажува љубезна приврзаност кон некого со некоја цел во изглед (Псалм 18:25, ДК). Тој не опишува нечиј слаб сојуз кој може лесно да биде скршен, туку приврзаност која останува недопрена сѐ додека се исполни неговата цел во врска со таа личност. Во Христијанските грчки списи, изворниот збор за ”лојалност“ ја содржи мислата на светост, праведност или почитување.
Така, лојалноста вклучува правилен однос со Бог. Во Ефесјаните 4:24 (NW) ни е речено ”да ја облечеме новата личност која е создадена (...) во вистинска праведност и лојалност“. Дали сакаш да му бидеш лојален на Јехова? Тогаш мораш да негуваш лојална приврзаност кон него, нераскинлив сојуз, одлучен да му угодиш на сите свои патишта. Мораш да се придржуваш на Јеховините праведни мерила — без разлика колку и да е примамливо да постапиш поинаку!
Притисокот да бидеш нелојален
За пофалба е што повеќето млади меѓу Јеховините сведоци се стремат да останат лојални и се радуваат на чистата совест како резултат на тоа. Сепак, апостолот Павле прорекол дека во ”последните денови“ луѓето воопшто ќе се одликуваат со нелојалност (2. Тимотеј 3:1, 2, NW). За жал, некои христијани дозволиле овој нелојален свет да ги набие во својот калап (Римјаните 12:2, Phillips). Како Сатана го постигнал тоа?
Притисокот од врсниците е моќно орудие на Сатана. Повеќето луѓе сакаат да бидат почитувани од другите, а Сатана знае како да ја искористи таа природна желба. Сакајќи да бидат сметани за нормални, некои христијански младинци се впуштиле во нездрави разговори, неморално однесување, пушење, пијанство — па дури и дроги — а сето тоа само за да бидат прифатени од своите врсници.
Сатана сака да ’управува со нас според желбите на нашето тело, да правиме работи според желбите на телото‘ (Ефесјаните 2:3, NW). Тој добро знае колку силно може да биде влијанието на сексуалниот нагон во ”цутот на младоста“ (1. Коринтјаните 7:36, NW). А тој сака да им попуштите на ваквите желби. Некои христијански младинци несвесно се ставаат во негови раце така што гледаат порнографска литература, филмови и видео или имаат навика да мастурбираат. Овие работи, за возврат, често пати водат кон сериозни постапки на нелојалност. Дали сатанскиот свет ’те набил во својот калап‘ на некое од овие подрачја?
Водење на дволичен живот
Истовремено додека прават големи грешки како што е блудот, кое само по себе е многу сериозна работа, некои младинци ги зголемуваат своите тешкотии. Тие се како ”луѓето на невистината“, за кои се зборува во Псалм 26:4 (NW), ”кои кријат какви се“. Таквите млади водат дволичен живот, и постапуваат на еден начин кога се во друштво со своите родители или другите сохристијани, а на друг начин кога се во друштво со своите врсници.
Меѓутоа, водењето на двоен живот е штетно за самите нив и е опасно. Доколку лошите постапки не се ограничат, скоро секогаш водат кон други лоши дела. И додека совеста на некого во почетокот може да биде вознемирена, колку што повеќе продолжува во грешното постапување, толку помалку совеста реагира на грешењето. Некои можеби буквално ’престанале да чувствуваат болка‘ додека постапуваат погрешно (Ефесјаните 4:19, Kingdom Interlinear).
На овојстепен станува многу тешко некој да го признае своето погрешно постапување и да добие помош. Ова особено е случај ако во погрешното постапување се вклучени и други христијански младинци. Заведеното чувство за лојалност често пати преовладува. Младинецот кој беше цитиран на почетокот, објаснил: ”Самиот увидуваш што правиш и знаеш дека тоа е погрешно. За да не ги доведеш во непријатност останатите поединци кои се вмешани во тоа, се согласуваш да не кажеш никому.“
Но додека некој може од своите родители или од собранието ’да крие каков е‘, тој не може да го скрие тоа од Јехова. ”Нема творба која не е откриена пред неговите очи, туку сите работи се голи и разобличени пред очите на оној пред кого треба да положиме сметка“ (Евреите 4:13, NW). Библијата ни гарантира: ”Кој ги крие престапите свои нема да напредува“ (Книга Соломонови изреки 28:13). Со време грешката ќе излезе на виделина. Не може некој едноставно да го надмудри Јехова. Во Книгата Соломонови изреки 3:7 стои: ”Не се сметај за мудрец; бој се од Господа [Јехова, NW] и бегај од злото“. Запомни исто така, дека ”очите Јеховини се на секое место, и ги надгледуваат лошите и добрите“ (Изреките 15:3, NW).
Претходно спомнатиот младинец, заедно со уште неколкумина други, бил вплеткан во таен престап, кој сепак излегол на виделина, и морал да биде исклучен од христијанското собрание. Подоцна се поправиле духовно и биле повторно примени. Сепак, колку скап начин да се сфати значењето на лојалноста!
’Да се исправат работите‘ со Бог
А што ако некој веќе се покажал нелојален на некој начин, можеби со тоа што направил престап? Лесно е да се лажеш себеси и да одречуваш дека треба да ги поправиш работите. Еден младинка која тајно правела блуд, рекла: ”Ја зголемив својата служба, мислејќи дека тоа некако ќе го покрие престапот.“ Своеволната нација Израел слично се обидувала да го умири Јехова со жртви. Но, Јехова ја отфрлил таквата лицемерна побожност. Тој ги поттикнувал: ”Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло.“ Јехова би ги прифатил нивните жртви само ако тие ’ги исправат работите со него‘ (NW). Истото важи и денес за секој што можеби е вплеткан во престап (Исаија 1:11, 15-18).
Не може некој да ги исправи работите со Јехова само ако му се довери на некој врсник. Како прво, врсниците не нудат секогаш најдобра помош, бидејќи често пати тие исто така имаат ограничено животно искуство. Што е уште поважно, тие не можат да ти го простат гревот. Само Бог може да го стори тоа. Затоа, ”излиј му го своето срце“ во исповед (Псалм 62:8, ДК). Иако можеш да бидеш длабоко посрамен поради своето однесување, биди сигурен дека Јехова ’простува многу‘ (Исаија 55:7, ДК).
Ќе ти треба и додатна помош. ”Нека знаат твоите родители, и веднаш кажи им на старешините — уште на почетокот“, поттикнува еден млад христијанин кој имал корист од таквата помош. Да, твоите родители веројатно се во добра позиција да ти помогнат. ’Дај им го своето срце‘ и кажи им ја вистинската големина на својот проблем (Книга Соломонови изреки 23:26). Тие можат да ти помогнат да добиеш натамошна поддршка од собраниските старешини кога ќе биде потребно (Јаков 5:14, 15).
Да се покаже вистинска лојалност — Како?
Се разбира, најдобро би било никогаш да не паднеш во нелојално однесување. Во Псалм 18:25 (NW) пишува: ”Со лојалниот ти [Јехова] ќе постапуваш лојално; со беспрекорниот, телесно способен човек ќе постапуваш беспрекорно.“ Јехова богато ги благословува оние кои лојално одржуваат високи мерила на однесување.
Сепак, постојат и други начини на кои може да биде испитана лојалноста. На пример, да претпоставиме дека некој твој пријател се вплеткал во своеволно постапување. Дали ќе дозволиш заведената лојалност спрема тој пријател да ја засени твојата лојалност спрема Јехова? Она што би било љубезно да направиш е да му пријдеш на тој пријател и да го поттикнеш да ги извести своите родители или старешините за таа работа. Кажи му на својот пријател дека ако не го стори тоа во тек на еден разумен временски период, тогаш тоа ќе мораш да го сториш ти. Во Изреките 27:5 се вели: ”Подобар е јавниот укор отколку тајната љубов“ (ДК). Ако го поддржиш својот пријател на овој начин, ќе го покажеш не само твоето искрено пријателсто, туку и длабочината на твојата лојалност спрема Јехова.
Каков и да е испитот, јачината да се покаже лојалност зависи од негувањето на цврстиот личен однос со Јехова. Значајната молитва и марливата лична студија се животоважни ако сакаме да се радуваме на таков однос. Интересно е дека сите овие споменати младинци кои згрешиле, изјавиле дека нивните молитви и навиката за лична студија им станале рутински — и со тек на време исчезнале. Јехова престанал да биде вистински за нив, и набрзо уследило нечисто однесување. Дали преку молитвата и личната студија го јакнеш својот однос со Јехова за да останеш лојален?
Вистина, понекогаш можеби ќе ти биде чудно ако пропушташ да се забавуваш. ”Понекогаш се чини дека светските луѓе се забавуваат“, рекла една млада жена. ”Но, ако се најдеш во таква ситуација, ќе видиш дека тоа воопшто не е забавно.“ Таа зборувала од искуство, бидејќи порано била вплеткана во сексуален неморал, кој завршил со бременост и абортус. ”Да се биде во вистината е заштита“, вели таа сега — лекција која скапо ја платила. Псалмите 119:165 нѐ потсетуваат дека ”изобилен мир им припаѓа на оние кои го љубат [Божјиот] закон“ (NW).
Затоа, дај сѐ од себе за да останеш лојален. Работи на тоа да изградиш траен однос со Јехова. Мрази го она што е лошо и држи се за она што е добро (Римјаните 12:9). Во Псалмите 97:10 пишува: ”О вие, кои го љубите Јехова, мразете го лошото. Тој ги чува душите на своите лојални; ги ослободува од раката на злобниот“ (NW). Да, како христијански младинец/-нка ќе извлечеш корист од Јеховината заштита и ќе се радуваш на вечен живот ако го положиш испитот на христијанска лојалност.