Направи го Јехова свое прибежиште
„Тебе, о Јехова, сум те направил свое прибежиште“ (ПСАЛМ 31:1, НС).
1. Како изразува Псалм 30 доверба во Јеховината способност да ни даде прибежиште?
МЕЛОДИЧНИОТ глас пее за еден човек кој, иако умствено и физички исцрпен, се фрла пред Јехова. Верата триумфира, вели текстот на таа света песна. Во подадените раце на Семоќниот, овој човек наоѓа закрила од прогонителите кои го гонат. „Тебе, о Јехова, сум те направил свое прибежиште“, гласи неговиот псалм. „О, нека никогаш не бидам посрамен. Во твојата праведност погрижи се за моето избавување“ (Псалм 31:1, НС).
2. а) На темел на кои два столба можеме да имаме доверба во Јехова како наша утврда? б) Каков Бог е Јехова?
2 Псалмистот има едно прибежиште — најдоброто што може да биде! Нека сѐ друго биде во сомнение, но овој факт останува: Јехова е негова утврда, негова крепост. Неговата доверба почива на два сигурни столба. Прво, неговата вера, која Јехова нема да ја посрами, и второ, Јеховината праведност, што значи дека Тој нема никогаш трајно да го отфрли Својот слуга. Јехова не е Бог кој ги посрамува своите верни слуги; тој не ги крши ветувањата. Наместо тоа, тој е Бог на вистината и ги наградува оние кои со сета сериозност имаат доверба во него. На крајот, верата ќе биде наградена! Избавувањето ќе дојде! (Псалм 30:5, 6).
3. Како псалмистот го велича Јехова?
3 Компонирајќи ја својата музика со музикални мелодии кои се движат од мрачни тонови што изразуваат жалост и болка, па до врвни точки кои изразуваат доверба, псалмистот наоѓа внатрешна сила. Тој го велича Јехова заради Неговата лојална љубов. „Нека е благословен Господ“ — пее тој — „зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост во утврдениот [угнетениот, НС] град!“ (Псалм 30:21).
Моќен хор од објавители на Царството
4, 5. а) Каков голем хор го фали Јехова денес, и како тие го правеле тоа во текот на минатата службена година? (Види ја табелата на стр. 12-15.) б) Како покажува присутноста на Споменот дека постојат уште поединци кои се спремни да му се придружат на хорот од објавители на Царството? (Види ја повторно табелата.) в) Која група во вашето собрание можеби е во положба да му се придружи на хорот?
4 Денес, зборовите на тој псалм повторно оживуваат. Песните на фалба на Јехова не може да ги задуши ниту некој злобен противник, ниту некаква природна катастрофа, ниту каква и да е економска неволја; навистина, Јеховината љубезна доброљубивост станала прекрасна за неговиот народ. Ширум светот, во минатата службена година моќен хор кој достигна највисок број од 4.709.889 во 231 земја, ја пееше пораката за Божјето Царство. Јеховината небесна влада под Христос Исус е прибежиште кое нема да ги разочара. Минатата година, овие објавители на Царството од 73.070 собранија поминаа вкупно 1.057.341.972 часа во делото на евангелизација. Тоа резултираше со 296.004 лица кои го симболизираа своето предание на Бог преку крштевање во вода. И на какво прекрасно изненадување се радуваа сите присутни на меѓународниот конгрес Божествена поука што во минатиот август се одржа во Киев (Украина). Тие видоа историски настан и беа свидетели на најголемото забележано масовно крштевање на вистински христијани досега! Како што е проречено во Исаија 54:2, 3, Божјиот народ расте во невидени размери.
5 Меѓутоа, додатен број на спремни поданици на Божјето Царство чекаат да му се придружат на хорот. Лани, на Споменот на Исусовата смрт, присуствуваше изненадувачки вкупен број од 11.865.765 луѓе. Да се надеваме дека многу од овие ќе се покажат способни да ја пеат песната на Царството од врата до врата во текот на оваа службена година. Колку ли тој изглед го исполнува со гнев непријателот на вистината, Сатана Ѓаволот! (Откровение 12:12, 17).
6, 7. Објасни како еден интересент го надминал вознемирувањето од демони со Јеховина помош.
6 Сатана ќе се обидува да ги спречи другите да не ги придружат своите гласови во тој моќен хор. На пример, објавителите во Тајланд наидуваат на сѐ поголем број луѓе кои се вознемирувани од демони. Сепак, многумина искрени биле ослободени со помошта од Јехова. Откако од љубопитност посетил некој врач, еден човек десет години бил под влијание на демоните. Настојувал да се ослободи од нив со помошта на некој свештеник, но не доживеал некакво олеснување. Еден полновремен слуга од Јеховините сведоци започнал библиска студија со човекот и го поучил од Библијата за единствениот начин како да се ослободи од моќта на демоните — да расте во точното спознание за вистината, да верува во Јехова Бог и понизно да го моли (1. Коринтјаните 2:5; Ефесјаните 4:6, 7; 1. Тимотеј 2:3, 4).
7 Ноќта по таа дискусија, човекот имал еден сон во кој неговиот татко му се заканувал да се врати да биде спиритистички медиум. Неговото семејство почнало да страда. Не сакајќи да биде поколебан, човекот продолжил со библиските поуки и почнал да присуствува на состаноците. Во текот на тие студии, пионерот му објаснил дека понекогаш предметите што биле употребувани во спиритистички ритуали можат да им пружат на демоните прилика да ги вознемируваат луѓето кои се обидуваат да се ослободат од нивното влијание. Човекот се сетил дека имал некакво масло што го користел како амајлија. Сега увидел дека мора да го фрли. Откако го отстранил, повеќе не бил тормозен од злите духови. (Спореди Ефесјаните 6:13; Јаков 4:7, 8.) Тој и неговата сопруга добро напредуваат во нивното проучување и редовно присуствуваат на состаноците за библиска подука.
8, 9. Какви други препреки морале да совладаат некои објавители на Царството?
8 И други препреки можат да го задушат звукот на добрата вест. Поради многу тешката економска ситуација во Гана, работниците ги отпуштаат. Животните трошоци растат со вртоглава брзина, што создава вистински проблем да се задоволат основните животни потреби. Како излегува на крај Јеховиниот народ? Така што имаат доверба не во самите себе, туку во Јехова. На пример, еден ден некој човек оставил запечатен плик на рецепцијата во подружницата. Во пликот имало 200 американски долари, односно тримесечна минимална плата. Пликот дошол од некој анонимен дарител, но на обвивката пишувало: „Ја загубив работата, но Јехова ми најде друга. Му благодарам нему и на неговиот Син, Христос Исус. За да помогнам во ширењето на добрата вест за Царството пред да дојде крајот, приложувам скромен прилог“. (Спореди 2. Коринтјаните 9:11.)
9 Присуствувањето на состаноците помага да се обучат оние кои се придружуваат на моќниот хор за фалба на Јехова. (Спореди Псалм 21:22.) Така, во јужниот дел на Хондурас постои едно мало собрание наречено Ел Хордан. Со што се одликува оваа мала група? Со нивното верно присуство на состаноците. Од 19 објавители, 12 мораат секоја седмица да минуваат една широка река за да присуствуваат на состаноците. Тоа не е голем проблем во сувата сезона, бидејќи можат да ја поминат реката газејќи по карпите. Но, за време на дождовната сезона условите се менуваат. Она што некогаш било не толку значајно растојание, станува порој кој брише сѐ пред себе. За да ја надминат оваа препрека, браќата и сестрите мораат да бидат добри пливачи. Пред да ја поминат, ја ставаат облеката во една тина (метално корито) и го покриваат со пластична вреќа. Најјакиот пливач ја користи тината како пловен знак и ја води групата преку реката. Безбедни на другата страна, се сушат, се облекуваат и пристигнуваат во Царската сала ведри и блескаво чисти! (Псалм 39:9).
Тврдина каде што можеме да живееме
10. Зошто можеме да му се обратиме на Јехова во времиња на притисок?
10 Сеедно дали директно те напаѓаат демони или чувствуваш притисок од друга страна, Јехова може да биде твоја утврда. Повикај го во молитва. Тој ги слуша дури и најбојазливите офкања на својот народ. Псалмистот се уверил во тоа и напишал: „Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште, за да се спасам. Зашто Ти си крепост моја и прибежиште мое, заради името Твое поведи ме и управувај со мене. Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник [тврдина, НС]“ (Псалм 30:2-4).
11. Објасни зошто Јеховината тврдина не е привремено место?
11 Јехова пружа не само привремено прибежиште туку и несовладлива тврдина каде што можеме безбедно да живееме. Неговото водење и водство не го изневериле неговиот народ. Божествената сила ќе ги направи бескорисни сите лукави дела на Сатана и неговото легло (Ефесјаните 6:10, 11). Додека со цело срце ја ставаме довербата во Јехова, тој ќе нѐ извлече од Сатановите замки (2. Петрово 2:9). Во текот на последните четири години, проповедничкото дело на Јеховините сведоци се отвори во околу 35 земји. Исто така, во некои подрачја од светот, каде што општествените, економските или политичките прилики го попречуваат проповедањето на добрата вест, некои луѓе слични на овци се преселиле таму каде што можат да бидат полесно достигнати. Едно такво место е Јапонија.
12. Како еден пионер од Јапонија го направил Јехова своја утврда?
12 Во Јапонија постои прилив на гастарбајтери од прекуокеанските земји, па се основани многу собранија на странски јазици. Искуството на еден брат од едно јапонско собрание илустрира колку е продуктивно ова поле на странски јазик. Сакал да оди да служи таму каде што потребата била поголема. Меѓутоа, веќе водел десет библиски студии таму каде што бил. Еден негов пријател во шега му рекол: „Ако одиш таму каде што потребата е поголема, ќе мораш таму да водиш 20 библиски студии!“ Добил доделба и заминал за Хирошима. Но, по четири месеци водел само една библиска студија. Еден ден, посетил некој човек од Бразил кој зборувал само португалски. Бидејќи братот не можел да комуницира со човекот, купил учебник по португалски. Откако научил неколку едноставни изрази за конверзација, повторно го посетил човекот. Кога братот го поздравил на португалски јазик, човекот бил вчудоневиден и со широка насмевка ја отворил ширум вратата и го поканил внатре. Била започната библиска студија. Наскоро братот водел вкупно 22 студии, 14 на португалски, 6 на шпански и 2 на јапонски!
Проповедање со доверба
13. Зошто не треба никој да се обидува да нѐ натера со срам да му служиме на Јехова?
13 Јеховиниот народ со доверба ја пее песната на Царството со полна вера дека Јехова е нивно прибежиште (Псалм 30:14). Тие нема да бидат посрамени — Јехова нема да ги понизи, зашто ќе ја исполни својата реч (Псалм 30:17). Ѓаволот и неговите демонски ортаци ќе бидат посрамени. Бидејќи Јеховиниот народ има налог да проповеда порака која не е срамна, тие не се срамат од другите луѓе да им проповедаат. Ниту Јехова, ниту неговиот Син, не го тера својот народ да Го обожаваат. Кога срцата на луѓето се полни со вера и ценење за Јеховината доброта и љубезна доброљубивост, добрата состојба на нивните срца е таа која ги тера нивните усти да говорат (Лука 6:45). Така, без оглед колкаво време поминуваме во служба секој месец, особено ако тоа време го претставува најдоброто коешто можеме да го сториме, тоа е добро, а не срамно. Зарем Исус и неговиот Татко не го ценеле во потполност малиот прилог на вдовицата? (Лука 21:1-4).
14. Какви коментари можеш да дадеш во врска со пионерското дело? (Види ја табелата.)
14 Да се биде со цела душа во своето обожавање, за еден сѐ поголем број на објавители вклучува да служат како пионери — 890.231 беше највисокиот број лани! Ако продолжи ланскиот напредок, оваа бројка веројатно ќе надмине 1.000.000. Следново искуство покажува како една сестра од Нигерија стапила во пионерските редови. Таа пишува: „Кога требаше да го завршам средното училиште, појдов да помогнам околу готвењето за оние кои ја посетуваат школата за пионери на Јеховините сведоци. Таму запознав две сестри кои беа постари од баба ми. Кога дознав дека биле пионерки кои присуствуваат на школата, си помислив: ‚Ако можат тие двете да бидат пионерки, зошто да не можам јас?‘ И така, откако матурирав, и јас станав општ пионер“.
15. На кој начин може неформалното сведочење да им го отвори патот на другите да го направат Јехова свое прибежиште?
15 Сите не можат да бидат пионери, но можат да сведочат. Во Белгија, една 82-годишна сестра отишла да купува месо. Забележала дека жената на месарот била доста возбудена поради неодамнешните политички немири. Затоа сестрата го вметнала трактатот Што веруваат Јеховините сведоци? сосе парите кога ја плаќала својата сметка. Кога сестрата се вратила во дуќанот, жената на месарот без никакво колебање, прашала што вели Библијата во врска со евентуална трета светска војна. Сестрата ѝ ја донела книгата Вистински мир и безбедност — Како можат да се најдат? По неколку дена, кога старата сестра влегла во дуќанот, жената на месарот имала повеќе прашања за неа. Сестрата почувствувала наклоност спрема оваа жена; едноставно морала да ѝ понуди библиска студија која била прифатена. Сега жената на месарот сака да биде крстена. А што е со месарот? Го прочитал трактатот и сега и тој ја проучува Библијата.
‚Богатство на доброта‘
16. Како сочувал Јехова богатство на доброта за својот народ?
16 Зарем Јехова не „покажал прекрасна љубезна доброљубивост“ во текот на овие напорни последни денови спрема оние кои него го направиле свое прибежиште? Како љубезен татко што заштитува, Јехова сочувал богатство на доброта за неговите земски деца. Тој ги опсипува со среќа пред сите посматрачи, токму како што вели псалмистот: „Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои се бојат од Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои се надеваат на Тебе [те прават свое прибежиште, НС] пред синовите човечки“ (Псалм 30:19, 21).
17-19. Какво добро произлегло од тоа што еден стар човек од Гана го озаконил својот брак?
17 Затоа, световните луѓе стануваат очевидци на чесноста на оние кои го обожаваат Јехова и се восхитуваат. На пример, во Гана еден 96-годишен човек отишол во канцеларијата на матичарот и побарал да биде регистриран неговиот 70-годишен невенчан брак. Матичарот бил шокиран и запрашал: „Сигурни сте дека сакате да го сторите тоа? На ваша возраст?“
18 Човекот објаснил: „Сакам да бидам Јеховин сведок и да учествувам во најважното дело пред крајот на светот — во делото на проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Ова дело води до вечен живот. Јеховините сведоци го почитуваат граѓанското право, вклучувајќи го и законот за регистрирање на бракот. Затоа, молам, регистрирајте ме“. Службеникот бил запрепастен. Почнал со регистрирањето, а стариот си заминал среќен што сега има законит брак. (Спореди Римјаните 12:2.)
19 После тоа, матичарот размислувал за работите што ги слушнал. „Јеховини сведоци . . . најважното дело . . . крајот на светот . . . Божјето Царство . . . вечен живот.“ Збунет со тоа што сево ова значи во животот на еден 96-годишен човек, решил да ги побара Сведоците за поблиску да ја испита работата. Прифатил домашна библиска студија и брзо напредувал. Денес, овој матичар е крстен Сведок. Така, ако го слушаме Јехова дури и во она кое другите го сметаат за мала работа, тоа може да доведе до неискажливо добро како за нас така и за оние кои се свидетели на нашето однесување. (Спореди 1. Петрово 2:12.)
20. Како довела до добро сведоштво чесноста на една млада сестра од Мјанмар?
20 Постарите кои дозволиле вистината да ги обликува во чесни луѓе, дале добар пример за младите во овој нечесен свет. Во Мјанмар живее една таква млада сестра. Потекнува од сиромашно и скромно семејство со десет деца. Таткото, пензионер, е општ пионер. Еден ден сестрата нашла во училиштето дијамантски прстен кој веднаш го однела кај наставникот. Кога одделението се собрало следниот ден, наставникот кажал пред сите како бил најден прстенот и вратен на сопственичката. Потоа ја замолил младата сестра да стане пред целото одделение и да објасни зошто го сторила тоа, знаејќи дека други деца би можеле да си го задржат. Сестрата објаснила дека е Сведок на Јехова и дека нејзиниот Бог не го сака крадењето или било каква нечесност. За ова слушнало целото училиште и тоа ѝ дало прилика на младата сестра да им сведочи и на наставниците и на учениците.
21. Како се одразува на Јехова однесувањето на младите кога тие имаат доверба во него?
21 Во Белгија, некој наставник на часот изнел интересна забелешка во врска со Јеховините сведоци. Тој го посматрал однесувањето на една од неговите ученички, која исто така била млада сестра, и рекол: „Сега имам поинакво мислење за Јеховините сведоци. Предрасудите ме натераа да мислам дека тие се најнетолерантните луѓе. Тие испаднаа најтолерантни, иако не ги компромитират своите начела“. Секоја година наставниците им доделуваат награда на најдобите ученици. Меѓу другото, постои и награда во поглед на моралот. Три години едноподруго, наградите во трите највисоки категории овој наставник им ги доделува на деца на Јеховини сведоци. Така се случува често со оние кои имаат лојална доверба во Јехова (Псалм 30:23).
22. Каков е триумфалниот завршеток на 30. Псалм, и како тоа ни помага во текот на завршните денови од овој систем на ствари?
22 Псалм 30 [31, НС] завршува со триумфален заклучок: „Вие сите бидете силни [храбри, НС] и нека крепне срцето ваше што се надевате на Господа!“ (Псалм 30:24). Затоа, додека се соочуваме со последните денови на Сатановиот зол систем, не само што нема да нѐ напушти, туку Јехова ќе биде многу блиску до нас и ќе ни ја даде својата сила. Јехова е верен и нема да изневери. Тој е нашето прибежиште; тој е наша кула (Изреки 18:11).
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто можеме со доверба да го направиме Јехова наше прибежиште?
◻ Каков доказ постои дека еден моќен хор храбро пее фалба за Царството?
◻ Зошто можеме да бидеме уверени дека Сатановата мрежа нема да го фати Јеховиниот народ?
◻ Какво богатство сочувал Јехова за оние кои го прават него свое прибежиште?
[Табела на страници 12-15]
ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА СЛУЖБЕНАТА 1993
(Види во публикацијата)
[Слики на страници 16 и 17]
Оние кои го прават Јехова свое прибежиште сочинуваат моќен хор од објавители на Царството — 4.709.889 на број!
1. Сенегал
2. Бразил
3. Чиле
4. Боливија