Секогаш фрлај го своето бреме на Јехова
ДЕНЕС, многумина се чувствуваат згмечени од товари. Економски тешкотии, мачни семејни проблеми, здравствени проблеми, болка и страдање поради угнетување и тиранија, а и мноштво други болки, висат како тешки товари околу нивните вратови. Освен овие надворешни притисоци, некои се чувствуваат натоварени и од чувството на лична безвредност и неуспех поради нивните лични несовршености. Многумина се искушувани сосема да се откажат од битката. Како можеш да излезеш на крај кога товарите изгледаат неподносливи?
Едно време, Израеловиот цар Давид мислел дека притисокот бил скоро неподнослив. Според Псалм 54, тој бил доведен до лудило поради загриженоста од притисоците и омразата од страна на неговите непријатели. Чувствувал страв и голема болка во срцето. Можел само да стенка во својата тага (Псалм 54:2, 3а, 5, 17). И покрај сета негова мака, тој нашол начин да излезе на крај. Како? Барал поддршка од својот Бог. Неговиот совет до другите кои би можеле да се чувствуваат како него, бил: „Фрли го своето бреме на самиот Јехова“ (Псалм 55:22, НС).
Што мислел тој со „фрли го своето бреме на самиот Јехова“? Дали тоа едноставно значи да му се обратиме на Јехова во молитва и да му ја изразиме својата загриженост? Или, дали можеме самите да сториме нешто што ќе помогне да се олесни ситуацијата? Што ако се чувствуваме премногу недостојни за да му пристапиме на Јехова? Можеме да дознаеме што мислел Давид ако разгледаме некои искуства на кои сигурно живо се сеќавал кога ги запишал тие зборови.
Прави ги работите со Јеховина сила
Дали се сеќаваш како Голијат влевал страв во срцата на Израеловите борци? Овој џиновски човек, висок преку 2,7 метри, ги престрашувал (1. Царства 17:4-11, 24). Но, Давид не се плашел. Зошто? Затоа што не се обидувал да се справи со Голијат со своја сопствена сила. Откако бил наименуван за иден цар на Израел, тој му допуштал на Божјиот дух да го води и да го јакне во сѐ што правел (1. Царства 16:13). Затоа му рекол на Голијат: „Јас . . . одам против тебе во името на Господа Саваота, Бог на Израилевата војска, која ти ја навредуваш; сега ќе те предаде Господ во раката моја“ (1. Царства 17:45, 46). Давид вешто ракувал со прачка, но можеме да бидеме сигурни дека Јеховиниот свет дух го водел и го направил посмртоносен каменот што тој го фрлил кон Голијат (1. Царства 17:48-51).
Давид се соочил со овој огромен предизвик и излегол како победник поради тоа што имал доверба дека Бог ќе го поддржи и ќе го зајакне. Тој имал развиено добар, доверлив однос со Бог. Тоа несомнено било засилено со начинот на кој Јехова го избавувал и порано (1. Царства 17:34-37). Како Давид, и ти можеш да одржиш цврст личен однос со Јехова и да имаш потполна доверба во неговата способност и спремност дека ќе те зајакне и поткрепи во сите твои околности (Псалм 33:7, 8).
Стори што можеш за да го решиш проблемот
Меѓутоа, тоа не значи дека нема никогаш да има времиња на силна болка, загриженост, па дури и страв, како што јасно покажува Псалм 54. На пример, неколку години после овој бестрашен израз на доверба во Јехова, Давид доживеал огромен страв кога се соочил со своите непријатели. Тој ја загубил милоста кај царот Саул и морал да бега за да си го спаси животот. Обиди се да си замислиш колкав емоционален метеж тоа сигурно му нанело на Давид и кои прашања биле покренати во неговите мисли во врска со извршувањето на Јеховината намера. Сепак, тој бил помазан за иден цар на Израел, но сега морал да се бори да преживее како бегалец во пустината, ловен како некое диво животно. Кога се обидел да најде засолниште во градот Гет, родното место на Голијат, тој бил препознаен. Какви биле последиците? Извештајот вели дека тој ‚многу се плашел‘ (1. Царства 21:10-12).
Но, тој не дозволил неговиот страв и длабоката загриженост да го спречат да бара помош од Јехова. Според Псалм 33 (напишан како резултат на ова искуство), Давид рекол: „Го побарав Господа, и Он ме чу и од сите опасности мои ме избави. Кога несреќниот вика, — Господ го услишува и го спасува од сите негови беди“ (Псалм 33:4, 6).
Се разбира, Јехова го поддржувал. Сепак, забележи дека Давид едноставно не седнал да чека Јехова да го избави. Тој ја увидел потребата да стори сѐ што можел под дадените околности за да излезе од тешката ситуација. Ја признал Јеховината рака во своето избавување, но и самиот презел акција, преправајќи се дека е луд, па така царот на Гет не го убил (1. Царства 21:14-22:1). И ние треба да сториме сѐ што можеме за да излеземе на крај со нашите товари, а не само да чекаме Јехова да нѐ избави (Јаков 1:5, 6; 2:26).
Не си ги зголемувај товарите
Подоцна во својот живот, Давид научил и една друга лекција, и тоа болна. Што било тоа? Дека понекогаш ние самите си ги зголемуваме товарите. По победата на Филистејците, за Давид работите тргнале на лошо кога решил да го врати заветниот ковчег во Ерусалим. Историскиот извештај ни кажува: „Па стана и тргна Давид и сиот народ, што беше со него, од Ваал Јудин, за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег . . . И го поставија Божјиот ковчег на нова кола . . . А синовите Аминадавови, Оза и Ахио, ја водеа новата кола“ (2. Царства 6:2, 3).
Користењето на кола за превоз на ковчегот било повреда на сите упатства што Јехова ги имал дадено во врска со тоа. Јасно било наведено дека само овластени носачи, Каатовите левити, треба да го носат ковчегот на своите рамења, со помош на лостови, провлечени низ алките што биле специјално направени на ковчегот (2. Мојсеева 25:13, 14; 4. Мојсеева 4:15, 19; 7:7-9). Игнорирањето на овие упатства донело неволја. Кога говедата што влечеле скоро ја превртеле колата, Оза, кој веројатно бил левит но сигурно не и свештеник, посегнал да го потпре ковчегот и Јехова го убил поради неговото непочитување (2. Царства 6:6, 7).
Како цар, Давид морал да сноси некаква одговорност за ова. Неговата реакција покажува дека дури и оние кои имаат добар однос со Јехова, повремено можат лошо да реагираат на искушувачките ситуации. Отпрвин Давид се разгневил. Потоа се исплашил (2. Царства 6:8, 9, НС). Неговиот доверлив однос со Јехова бил ставен на тежок испит. Сега настанала прилика кога тој навидум пропуштил да го фрли своето бреме на Јехова тогаш кога не ги следел неговите наредби. Дали би можело понекогаш и со нас да се случил истото? Дали некогаш го обвинуваме Јехова за проблемите до кои доаѓа затоа што ги игнорираме неговите упатства? (Изреки 19:3).
Да се излезе на крај со товарот на вината
Подоцна, Давид си создал огромен товар на вина со тоа што направил тежок грев против Јеховините морални мерила. Во оваа прилика, Давид се одрекол од својата обврска да ги води своите мажи во битка. Останал во Ерусалим додека тие излегле да се борат. Тоа довело до сериозен проблем (2. Царства 11:1).
Цар Давид ја видел прекрасната Вирсавија како се капе. Се вплеткал во неморална врска со неа и таа забременила (2. Царства 11:2-5). Обидувајќи се да го прикрие лошото однесување, тој наместил нејзиниот сопруг, Урија, да се врати од бојното поле назад во Ерусалим. Урија одбил да има брачни односи со својата сопруга додека Израел е во битка (2. Царства 11:6-11). Давид сега прибегнал кон еден злобен и обиколен начин со цел да го прикрие својот грев. Подготвил соборците да го остават Урија на некоја отворена позиција во битката за да биде убиен. Колку гнасен и жалосен грев! (2. Царства 11:12-17).
Се разбира, на крајот гревот го стигнал Давида и тој бил разоткриен (2. Царства 12:7-12). Обиди се да си ја замислиш тежината на жалоста и вината што Давид сигурно ги чувствувал кога му станала јасна големината на она што го сторил поради неговата страст. Можеби бил совладан од сопственото чувство на промашување, особено поради тоа што веројатно бил емоционален, осетлив човек. Можеби се чувствувал потполно безвреден!
Меѓутоа, Давид брзо ја признал својата грешка, кога на пророкот Натан му рекол: „Згрешив пред Господа“ (2. Царства 12:13). Псалм 50 ни кажува како се чувствувал тој и како го преколнувал Јехова Бог да го очисти и да му прости. Тој молел: „Многупати ме изми [Темелно измиј ме, НС] од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене“ (Псалм 50:2, 3). Поради тоа што навистина се каел, тој бил во состојба да изгради цврст, близок однос со Јехова. Давид не се сосредоточувал на чувствата на каење и на безвредност. Тој го фрлил своето бреме на Јехова со тоа што понизно ја признал својата вина, покажал искрено каење и горливо молел за Јеховино проштавање. Така тој повторно ја стекнал Божјата милост (Псалм 50:7-12, 15-19).
Излегување на крај со предавство
Ова нѐ доведува до епизодата која го натерала Давида да го напише Псалм 54. Тој бил под голем емоционален притисок. „Срцето мое затрепери во мене“, напишал тој, „и смртен страв ме спопадна“ (Псалм 54:4). Што му ја предизвикало оваа болка? Авесалом, Давидовиот син, кроел план да му го одземе царството на Давид (2. Царства 15:1-6). Самото ова предавство од страна на неговиот син било доволно тешко за носење, но она што направило да биде уште потешко било тоа што Давидовиот најдоверлив советник, еден човек по име Ахитофел, се придружил кон заговорот против Давида. Токму Ахитофел е тој кого Давид го опишува во Псалм 54:12-14. Како последица на заговорот и предавството, Давид морал да бега од Ерусалим (2. Царства 15:13, 14). Колкава само мака ова мора да му нанело!
Сепак, тој не дозволил неговото силно чувство и жалоста да му ја ослабнат вербата и довербата во Јехова. Тој го молел Јехова да ги расипе плановите на заговорниците (2. Царства 15:30, 31). Повторно гледаме дека Давид не седел пасивно, чекајќи Јехова да ја направи сета работа. Штом се укажала прилика, сторил што можел за да го сузбие заговорот против самиот него. Испратил еден друг свој советник, Хусиј, назад во Ерусалим за наводно да се придружи во заговорот, иако всушност отишол за да го поткопа (2. Царства 15:32-34). Со Јеховина поддршка, овој план успеал. Хусиј му овозможил на Давид да добие доволно време за да се прегрупира и организира за одбрана (2. Царства 17:14).
Колку само Давид низ сиот свој живот сигурно ја ценел Јеховината заштитничка грижа, како и неговата стрпливост и спремност да простува! (Псалм 33:18, 19; 50:17). Токму со една ваква позадина, Давид доверливо нѐ охрабрува во нашиве времиња на неволја да се свртиме кон Јехова за помош, да го ‚фрлиме своето бреме на Јехова‘. (Спореди 1. Петрово 5:6, 7.)
Изгради и одржи цврст, доверлив однос со Јехова
Како да стекнеме таков однос со Јехова каков што имал Давид, однос што го поткрепувал него во времиња на голем испит и неволја? Таков однос ќе изградиме ако сме марливи проучувачи на Божјата Реч, Библијата. Ние му дозволуваме да нѐ поучува за неговите закони, начела и личност (Псалм 18:7-11). Додека медитираме за Божјата Реч, сѐ повеќе и повеќе се зближуваме со него и учиме да имаме безусловна доверба во него (Псалм 142:1-5). Тој однос го продлабочуваме и зајакнуваме додека се дружиме со сообожавателите за понатаму да бидеме поучени од Јехова (Псалм 121:1-4). Нашиот однос со Јехова го засилуваме преку искрената молитва (Псалм 54:1).
Вистина, Давид исто како нас, имал свои слаби точки кога неговиот однос со Јехова не бил толку цврст колку што требало да биде. Угнетувањето може да нѐ натера да ‚постапуваме лудо‘ (Проповедник 7:7, НС). Но, Јехова гледа што се случува и тој знае што се наоѓа во нашето срце (Проповедник 4:1; 5:7). Треба да се напрегаме за да го задржиме јак нашиот однос со Јехова. Тогаш, без разлика каков товар мораме да носиме, можеме да се ослониме на Јехова дека ќе го олесни притисокот или дека ќе ни даде сила за да излеземе на крај со нашата ситуација (Филипјаните 4:6, 7, 13, НС). Се работи за тоа да останеме блиску до Јехова. Кога Давид го правел тоа, тој бил апсолутно безбеден.
Затоа, какви и да се твоите околности, вели Давид, секогаш фрлај го своето бреме на Јехова. Тогаш ќе ја доживееме вистината на ветувањето: „Тој самиот ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се тетерави“ (Псалм 55:22, НС).