Фалете го Царот на вечноста!
„Господ е вечен цар, во сите времиња“ (ПСАЛМ 9:36).
1. Кои прашања се покренуваат во врска со вечноста?
ВЕЧНОСТ — што претставува тоа според тебе? Дали мислиш дека времето навистина може да трае засекогаш? Па, нема сомнение дека времето се протега во недогледност назад во минатото. Тогаш, зошто не би се протегало засекогаш и во иднината? Навистина, New World Translation (Нов свет превод) на Библијата укажува дека Бог е фален „од недогледно време до недогледно време“ (Псалм 41:13, НС). Што значи овој израз? За да го разбереме ова, од помош ќе ни биде ако се осврнеме на една сродна тема — просторот.
2, 3. а) Кои прашања во врска со вселената ни помагаат да ја цениме вечноста? б) Зошто треба да сакаме да го обожаваме Царот на вечноста?
2 Колкав е просторот? Дали тој има некакви граници? Сѐ до пред четиристотини години, се сметало дека нашата Земја е центар на вселената. Тогаш Галилео го развил телескопот и обезбедил многу поголема слика за небесата. Сега Галилео можел да види многу повеќе ѕвезди и бил во можност да покаже дека Земјата и другите планети се вртат околу Сонцето. Млечниот Пат повеќе не изгледал „млечно“. Се покажало дека тоа е галаксија од ѕвезди, и тоа од околу стотина милијарди ѕвезди. Ние никогаш не би можеле да изброиме толку многу ѕвезди, дури ни за еден цел животен век. Подоцна астрономите продолжиле да откриваат милијарди галаксии. Тие се простираат бескрајно во просторот, сѐ дотаму докај што можат да продрат најмоќните телескопи. Се чини дека просторот нема граници. Ист е случајот и со вечноста — таа нема граници.
3 Изгледа дека поимот за вечноста е вон способноста на разбирање на нашиот ограничен човечки мозок. Меѓутоа, постои Некој кој потполно го разбира тоа. Тој може да ги изброи, да, дури и да ги именува безграничните квадрилиони ѕвезди во нивните милијарди галаксии! Тој е Оној кој вели: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига. Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Господ Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив“ (Исаија 40:26, 28). Каков извонреден Бог! Секако, тој е Богот кого треба да сакаме да го обожаваме!
„Вечен цар“
4. а) На кој начин Давид изразил ценење за Царот на вечноста? б) Што заклучил еден од најголемите научници во историјата за потеклото на вселената?
4 Во Псалм 9:36, за Творецот, Бог, Давид вели: „Господ е вечен цар, во сите времиња“. А во Псалм 28:10, тој повторува: ‚Господ седи како Цар довека‘. Да, Јехова е Цар на вечноста! Понатаму, Давид сведочи дека овој возвишен Цар е Конструктор и Создател на сѐ што гледаме во просторот, па во Псалм 18:1 вели: „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески“. Околу 2.700 години подоцна, прочуениот научник Сер Исак Њутн изразил согласност со Давид, пишувајќи: „Овој крајно елегантен систем од сонца, планети и комети можел да настане само од намерата и сувереноста на едно просветлено и моќно битие“.
5. Што напишале Исаија и Павле за Изворот на мудроста?
5 Колку само треба да нѐ направи понизни сознанието дека Суверениот Господ Јехова, кого дури ниту пространите ‚небеса над небесата не можат да го соберат‘, живее вечно! (3. Царства 8:27). Јехова, кој во Исаија 45:18 е опишан како оној ‚Кој го создал небото . . . кој ѝ дал облик на земјата и кој ја создал‘, е Изворот на мудроста која е далеку пообемна од она што можат да го сфатат смртните човечки мозоци. Како што е истакнато во 1. Коринтјаните 1:19, Јехова рекол: „Ќе ја погубам мудроста на мудрите и ќе го отфрлам разумот на разумните“. На ова, во стих 20 апостол Павле додал: „Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?“ Да, како што Павле понатаму вели во поглавје 3 стих 19, „мудроста од овој свет е безумство пред Бога“.
6. Што покажува Проповедник 3:11 во врска со „недогледното време“ (НС)?
6 Небеските тела се дел од творбата на која укажал цар Соломон: „Сето она што [Бог] го направил да биде прекрасно во свое време, и го вложи во срцата нивни [недогледното време, НС], но да не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Он ги врши од почетокот до крајот“ (Проповедник 3:11). Навистина, во срцето на човекот е всадена желбата да се обиде да го пронајде значењето на „недогледното време“, т. е. на вечноста. Но, дали тој некогаш може да стекне такво спознание?
Прекрасен животен изглед
7, 8. а) Каков прекрасен животен изглед му претстои на човештвото, и како може тој да се постигне? б) Зошто треба да се радуваме што божественото образование ќе продолжи во сета вечност?
7 Во молитва до Јехова, Исус Христос рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат [да примаат спознание за, НС] Тебе, Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Како можеме да постигнеме такво спознание? Треба да ја проучуваме Божјата Реч, Библијата. Со тоа ќе можеме да постигнеме точно спознание за Божјите величествени намери, вклучувајќи ја и подготовката направена преку неговиот Син за вечен живот на една рајска Земја. Тоа ќе биде „вистинскиот живот“ на кој се укажува во 1. Тимотеј 6:19 (НС). Тоа ќе биде во склад со она што стихот од Ефесјаните 3:11 го опишува како ‚предвечно определение [вечна намера, НС], кое [Бог] го извршил во Христа Исуса, нашиот Господ‘.
8 Да, ние грешните луѓе можеме да постигнеме вечен живот преку божествено образование и преку вера во Исусовата откупна жртва. Колку долго ќе трае тоа образование? Тоа ќе продолжи во сета вечност и за тоа време човештвото ќе биде прогресивно поучувано за мудроста на нашиот Творец. Јеховината мудрост нема граници. Признавајќи го ова, апостол Павле извикал: „О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Навистина е соодветно тоа што во 1. Тимотеј 1:17 Јехова е наречен ‚Цар на вековите [Цар на вечноста, НС]‘.
Јеховината творечка мудрост
9, 10. а) Какви величествени дела извршил Јехова кога ја подготвувал Земјата како подарок за човештвото? б) На кој начин Јеховината надмоќна мудрост се покажала во неговите творби? (Види ја рамката.)
9 Размисли за прекрасното наследство што Царот на вечноста го обезбедил за нас луѓето. Псалм 113:24 ни кажува: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“. Зарем не мислиш дека тоа е прекрасна работа што е доверена на чување? Секако дека е! И колку само ја цениме извонредната замисла на нашиот Творец кога ја подготвувал Земјата за наш дом! (Псалм 106:8).
10 Во текот на шесте творечки „денови“ од 1. поглавје на 1. Мојсеева, на Земјата се одиграле чудесни настани, а секој таков ден траел илјадници години. Овие Божји творби на крајот требало да ја покријат целата Земја со зелен тревен тепих, величествени шуми и разнобојно цвеќе. Таа требало да врие од мноштва егзотични морски суштества, јата од прекрасни крилести птици и огромно мноштво од домашни и неприпитомени животни, од кои секое се размножувало „според својот род и вид“. После описот за создавањето на мажот и жената, 1. Мојсеева 1:31 раскажува: „Виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал“. Каква само прекрасна околина ги опкружувала тие први луѓе! Зарем не ги согледуваме во сите овие творби мудроста, предвидувањето и грижата на еден Творец кој е полн со љубов? (Исаија 45:11, 12, 18).
11. На кој начин Соломон ја величал Јеховината творечка мудрост?
11 Некој кој се одушевувал од мудроста на Царот на вечноста, бил Соломон. Тој секогаш одново свртувал внимание на мудроста на Творецот (Изреки 1:1, 2; 2:1, 6; 3:13-18). Соломон нѐ уверува дека „земјата си постои секогаш [до недогледно време, НС]“. Тој ги ценел многуте чуда на создавањето, вклучувајќи ја и улогата на дождовните облаци во освежувањето на нашата Земја. Затоа напишал: „Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак“ (Проповедник 1:4, 7). Затоа се случува, откако дождовите и реките ќе ја освежат Земјата, нивните води од океаните повторно да се враќаат во облаците. Каква би била оваа Земја и што би било со нас без тоа прочистување и повторно кружење на водата?
12, 13. Како можеме да покажеме ценење за Божјите творби?
12 Нашето ценење за рамнотежата во творбите треба да биде поткрепено со дела, како што забележал цар Соломон во завршните зборови од Проповедник: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот; оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13, 14). Треба да се плашиме да сториме нешто кое не би му угодило на Бог. Наместо тоа, треба да настојуваме да му бидеме послушни со стравопочитување.
13 Се разбира, би требало да сакаме да го фалиме Царот на вечноста заради неговите славни дела на создавањето! Псалм 103:24 објавува: „Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија“. Радосно да се сложиме со последниот стих од овој псалм со тоа што ќе си кажеме на самите себе и на другите: „Благословувај го, душо моја, Јехова. Фалете го Јах!“ (НС).
Крунска земна творба
14. На кои начини Божјата човечка творба е понадмоќна во однос на животните?
14 Сета Јеховина творба е мајсторски направена. Но, најзначајната земна творба сме ние — човештвото. Адам, а потоа и Ева, биле создадени како кулминација на Јеховиниот шести творечки ден — творба која е далеку понадмоќна од рибите, птиците и животните! Додека многу од нив се инстинктивно мудри, човештвото е надарено со моќ на разумот, со совест која може да разликува помеѓу исправно и погрешно, со способност да планира за иднината и со вродена желба да обожава. Како настанало сето ова? Човекот бил создаден на Божји лик, а не се развил од брутални ѕверови. Според тоа, само човекот може да ги одразува особините на нашиот Творец, кој себеси се идентификувал како „Господ, Господ Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински!“ (2. Мојсеева 34:6).
15. Зошто треба понизно да го фалиме Јехова?
15 Да го фалиме и да му благодариме на Јехова за извонредната конструкција на нашите тела. Нашиот крвоток, неопходен за животот, циркулира низ телото секои 60 секунди. Како што наведува 5. Мојсеева 12:23, „крвта е душа“ — нашиот живот — и е скапоцена во Божји очи. Цврстите коски, флексибилните мускули и нервниот систем кој реагира, се крунисани со мозок што е далеку понадмоќен од каков и да е животински мозок, како и со способности коишто еден компјутер со величина на облакодер не би можел ниту за момент да ги има. Зарем ова не те прави да се чувствуваш понизен? Би требало (Изреки 22:4, НС). А размисли и за следново: Нашите бели дробови, гркланот, јазикот, забите и устата содејствуваат во создавањето на човечки говор на некој од илјадниците јазици. Давид му испеал соодветна мелодија на Јехова, велејќи: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава“ (Псалм 138:14). Да му се придружиме на Давид во благодарното фалење на Јехова, нашиот величествен Конструктор и Бог!
16. Каква мелодија компонирал еден прочуен музичар за фалба на Јехова, и на која моќна покана можеме да се оѕвиеме?
16 Либретото на еден ораториум од XVIII век од Јозеф Хајдн, за фалба на Јехова наведува: „Благодарете Му, сите вие прекрасни Негови дела! Опевајте ја Неговата чест, пејте за Неговата слава, благословувајте и величајте го Неговото Име! Јеховината фалба трае засекогаш, Амин, Амин!“ Уште попрекрасни се често повторуваните изрази во Псалмите, како што е поканата која четири пати е повторена во 106. Псалм: „Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки“. Дали ти се придружуваш во таа фалба? Би требало, бидејќи сѐ што е вистински убаво, извира од Јехова, Царот на вечноста.
Уште помоќни дела
17. На кој начин ‚песната на Мојсеј и на Агнецот‘ го величаат Јехова?
17 Во текот на изминатите шест илјади години, Царот на вечноста ставил во движење уште помоќни дела. Во последната книга од Библијата, во Откровение 15:3, 4, читаме за оние на небото кои триумфирале над демонските непријатели: „Ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Агнецот, велејќи: ‚Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови станаа јавни!‘“ Зошто ова е наречено ‚песна на Мојсеј и на Агнецот‘? Да видиме.
18. Кое моќно дело е зачувано за спомен во песната од 2. Мојсеева, поглавје 15?
18 Пред околу 3.500 години, кога моќната фараонова војска загинала во Црвеното Море, Израелците благодарно го фалеле Јехова во песна. Во 2. Мојсеева 15:1, 18 читаме: „Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: ‚Да го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море. Господ ќе царува секогаш и во вечност‘“. Праведните одлуки на овој Цар на вечноста се покажале во неговото судење и погубување на непријателите кои ѝ пркоселе на неговата сувереност.
19, 20. а) Зошто Јехова ја оформил нацијата Израел? б) Како одговориле Јагнето и другите на Сатановиот предизвик?
19 Зошто тоа било неопходно? Во градината Едем, лукавата Змија ги навела нашите прародители на грев. Тоа довело до грешна несовршеност која била пренесена на сето човештво. Меѓутоа, Царот на вечноста веднаш презел чекори во склад со својата првобитна намера која требало да доведе до истерување на сите негови непријатели од подрачјето на Земјата и до обновување на рајските услови. Царот на вечноста ја оформил нацијата Израел и го дал својот Закон за да навести како ќе го изврши тоа (Галатјаните 3:24).
20 Сепак, со текот на времето, самиот Израел западнал во неверие, а таа жалосна состојба достигнала кулминација кога неговите водачи им го предале Божјиот единороден Син на Римјаните за да биде злобно мачен и убиен (Дела 10:39; Филипјаните 2:8). Меѓутоа, Исусовата беспрекорност до смрт како жртвено ‚Јагне Божјо‘, на истакнат начин го побила предизвикот на Божјиот древен Непријател, Сатана — дека ниеден човек на Земјата не би можел да остане верен на Бог под тежок испит (Јован 1:29, 36; Јов 1:9-12; 27:5). Иако наследиле несовршеност од Адама, милиони други богобојазливи луѓе ги следеле Исусовите стапки со тоа што задржале беспрекорност и покрај сатанските напади (1. Петрово 1:18, 19; 2:19, 21).
21. Во склад со Дела 17:29-31, за што ќе стане збор во продолжение?
21 Сега дошол денот Јехова да ги награди тие верни лица и да им суди на сите непријатели на вистината и на праведноста (Дела 17:29-31). Како ќе се случи тоа? Нашата следна статија ќе ни го каже тоа.
За повторување
◻ Зошто Јехова со право е наречен „Цар на вечноста“?
◻ На кој начин Јеховината мудрост се гледа во неговите творби?
◻ На кои начини човештвото претставува ремек-дело на создавањето?
◻ Кои дела даваат повод за ‚песната на Мојсеј и на Агнецот‘?
[Рамка на страница 12]
Јеховината надмоќна мудрост
Мудроста на Царот на вечноста се одразува на толку многу начини во неговите дела на Земјата! Забележи ги зборовите на Агур: „Секој збор од Бога е чист; Он му е штит на оној, што се надева на Него“ (Изреки 30:5). Потоа Агур укажува на многуте Божји живи дела на создавањето, големи и мали. На пример, во стиховите 24 до 28 (НС), тој опишува „четири работи кои се најмалите на Земјата, но се инстинктивно мудри“ (НС). Тоа се мравката, јазовецот, скакулецот и гуштерот.
„Инстинктивно мудри“ — да, животните се така создадени. Тие не размислуваат за стварите како луѓето, туку се ослонуваат на вродената мудрост. Дали некогаш си се одушевувал од тоа? Каква само организирана творба се тие! На пример, мравките се организирани во колонии, во кои спаѓаат кралицата, работниците и војниците. Кај некои видови, мравките работници дури ги собираат билните вошки во оградени фарми кои ги имаат самите изградено. Таму ги молзат билните вошки, додека мравките војници ги бркаат сите непријателски напаѓачи. Во Изреки 6:6 се дава советот: „Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар“. Зарем ваквите примери не треба да нѐ наведат нас луѓето да бидеме „богати во делото Господово“? (1. Коринтјаните 15:58).
Човекот направил огромни авиони. Но, колку само се поподвижни птиците, вклучувајќи ја и птицата колибри, која тежи помалку од 30 грама! Еден Боинг 747 мора да носи 180.000 литри гориво, мора да биде опслужуван од обучен персонал и да користи комплицирани навигациони системи за да направи едно прекуокеанско патување. Меѓутоа, ситниот колибри се ослонува само на 1 грам гориво од маст, кое ќе го пренесе од Северна Америка преку Мексиканскиот Залив, сѐ до Јужна Америка. Нема тежок товар од гориво, нема обучување за навигација, нема комплицирани мапи или компјутери! Дали таа способност настанала од некој случаен процес на еволуција? Се разбира дека не! Таа малечка птичка е инстинктивно мудра, бидејќи таква е програмирана од нејзиниот Творец, Јехова Бог.
[Слика на страница 10]
Разновидните творби на ‚Царот на вечноста‘ ја величаат неговата слава
[Слика на страница 15]
Како што Мојсеј и сиот Израел ја славеле Јеховината победа кај Црвеното Море, такво големо радување ќе има и после Армагедон