Јехова ги слуша нашите итни повици за помош
ПОМОШТА била итно потребна. Тоа било очигледно од големата тага на лицето на царевиот пехарник. Кога го прашале што не е во ред, пехарникот ја искажал својата жалост поради опустошената состојба на Ерусалим и неговите ѕидини. Потоа му било поставено прашањето: ’Што бараш?‘ ”Веднаш му се помолив на Богот небески“, напишал подоцна пехарникот Неемија. Тоа било брз, тивок и итен повик за Јеховина помош. Со каков резултат? Персискиот цар Артаксеркс веднаш го овластил Неемија повторно да ги изгради ѕидовите на Ерусалим! (Неемија 2:1-6, NW).
Да, Бог ги слуша итните молби на оние кои го љубат (Псалми 65:2, NW). Затоа, ако некое искушение изгледа поголемо отколку што можеш да поднесеш, можеш да се молиш како псалмистот Давид во 70. Псалм, кога имал потреба од итна божествена помош. Поднасловот на овој псалм покажува дека неговата цел е ”за спомен“. Со мали измени, тој го повторува Псалм 40:13-17 (NW). Но како може 70-ти Псалм да ни помогне нам како Јеховин народ?
Молба за брзо ослободување
Давид започнува со молбата: ”О боже, ослободи ме, о Јехова, побрзај на моја помош“ (Псалми 70:1, NW). Кога сме во неволја, можеме да го молиме Бог бргу да дојде да ни помогне. Јехова не нѐ искушува со лоши работи, и ”знае како да ги ослободи од искушение луѓето оддадени на Бог“ (2. Петрово 2:9, NW; Јаков 1:13). Но што ако дозволува искушението и понатаму да трае за да можеби нѐ поучи нешто? Тогаш можеме да го молиме за мудрост за да излеземе на крај со него. Ако молиме со вера, тој ќе ни подари мудрост (Јаков 1:5-8). Бог исто така ни дава сила која е потребна да ги поднесеме нашите искушенија. На пример, тој ’нѐ поткрепува на болничката постела‘ (Псалми 41:1-3, NW; Евреите 10:36).
Нашата наследена грешност, како и постојаната изложеност на искушенија и напорите на Ѓаволот да го уништи нашиот однос со Јехова, треба да нѐ поттикнат да се молиме за Божјата помош секој ден (Псалми 51:1-5, ДК; Римјаните 5:12; 12:12). Значајни се следните зборови од Исусовата примерна молитва: ”Не доведувај нѐ во искушение, туку ослободи нѐ од злобниот“ (Матеј 6:13, NW). Да, можеме да го молиме Бог да не дозволи да подлегнеме и да му бидеме непослушни кога сме искушани и да го спречи Сатана, ”злобниот“, да не нѐ надмудри. Меѓутоа, нашите повици за ослободување да ги поврземе со чекори да ги избегнеме ситуациите кои непотребно би нѐ изложиле на искушение и на замките на Сатана (2. Коринтјаните 2:11).
Оние кои викаат ”Така! Така!“
Би можеле да бидеме болно искушани бидејќи непријателите нѐ срамотат заради верата што ја покажуваме. Ако тоа ти се случи, сети се на зборовите од Давид: ”Нека поцрвенат и нека се засрамат оние, што ја бараат душата моја! Нека се уплашат и засрамат оние, кои ми пожелуваат зло. Нека отстапат и нека се посрамат оние што ми викаат: ’така! така!‘“ (Псалми 69:2, 3 [70:2, 3, NW]). Давидовите непријатели сакале да го видат мртов; ја барале ’неговата душа‘, или животот. Меѓутоа, наместо да се одмаздува, тој покажал вера дека Бог ќе ги посрами. Давид се молел неговите непријатели да ’поцрвенат и се засрамат‘ — збунети, збркани, вознемирени и спречени во обидот да ги спроведат своите злобни сплетки. Да, нека оние кои бараат да го повредат и кои уживаат во неговата несреќа бидат збунети и нека доживеат срам.
Кога би почувствувале, така да се каже, злонамерна радост кога нашите непријатели ги снајде несреќа, ќе мораме да му положиме сметка на Јехова за нашиот грев (Изреките 17:5; 24:17, 18). Меѓутоа, кога непријателите го срамотат Бог и неговиот народ, можеме да го молиме Јехова заради своето свето име ’да ги одврати и понизи‘ во очите на луѓето пред кого бараат слава (Псалми 106:8, NW). Одмаздата е Божја, и тој може да ги посрами и понижи своите и нашите непријатели (5. Мојсеева 32:35). На пример, нацистичкиот водач Адолф Хитлер сакал да ги истреби Јеховините сведоци од Германија. Колку очајнички потфрлил, заштоа денес илјадници таму ја објавуваат пораката за Царството!
Со омаловажувачко исмејување, нашите непријатели можат да кажат: ”Така! Така!“ Бидејќи му се подбиваат на Бог и на неговиот народ, нека тие грешници ”со срам се вратат назад“, претрпувајќи срамота (Псалми 70:3, ДК). Додека молиме за тоа, да ја задржиме нашата беспрекорност и да го радуваме Јеховиното срце, за да може да му одговори на Сатана и кој и да е друг што Му се подбива (Изреките 27:11). И никогаш да не се плашиме од нашите вообразени непријатели, зашто ”оној кој има доверба во Јехова ќе биде заштитен“ (Изреките 29:25, NW). Горделивиот вавилонски цар Навуходоносор, кој го заробил Божјиот народ, доживеал срам и морал да признае дека ’Царот небески е во состојба да ги понизи оние кои се гордеат‘ (Даниел 4:37, NW).
”Бог нека се величи!“
Иако непријателите можеби ќе ни создадат неволја, секогаш да го фалиме Јехова заедно со другите сообожаватели. Наместо да дозволи да биде проголтан од мака што не успеал да го величи Бог, Давид рекол: ”Нека ликуваат и се радуваат во тебе сите кои те бараат, и постојано нека викаат: ’Бог нека се величи!‘ — оние кои го љубат твоето спасение“ (Псалми 70:4, NW). Јеховиниот народ и понатаму е многу радосен бидејќи ”ликуваат и се радуваат“ во него. Како негови предадени, крстени сведоци, имаат голема радост која произлегува од блискиот однос со него (Псалми 25:14, Ст). Сепак, може да се каже дека понизно го бараат Бог. Како верници кои ги држат Божјите заповеди, постојано бараат натамошно спознание за него и неговата Реч (Книга Проповедник 3:11; 12:13, 14; Исаија 54:13).
Додека Јеховините сведоци ја објавуваат добрата вест, тие навистина постојано извикуваат: ”Бог нека се величи!“ Го величат Јехова и го ценат повисоко од сѐ. Радосно им помагаат на оние кои ја бараат вистината да учат за Бог и да го слават. За разлика од светските љубители на задоволствата, Јеховиниот народ ’го љуби неговото спасение‘ (2. Тимотеј 3:1-5, NW). Свесни за својата наследена грешност, длабоко се благодарни за љубезните подготовки од Јехова Бог за спасение во вечен живот, што се овозможени преку помирбената жртва на неговиот драг Син, Исус Христос (Јован 3:16; Римјаните 5:8; 1. Јованово 2:1, 2). Дали ти го величаш Бог и дали покажуваш дека ’го љубиш неговото спасение‘ со тоа што вршиш вистинско обожавање на негова слава? (Јован 4:23, 24).
Имај доверба во Спасителот
Кога Давид се изразил во овој псалм, чувствувал толкава очајна потреба што рекол: ”Но јас сум потиштен и јаден. О Боже, постапувај брзо за мене. Ти си моја помош и Оној кој дава излез за мене. О Јехова, немој да доцниш“ (Псалми 70:5, NW). Погодени од искушенија кои ги притискаат верниците — неволји како што се прогонствата, искушенијата и нападите од Сатана — можеби изгледаме ’јадни‘. Иако можеби не сме сиромашни, изгледаме беспомошни пред безобѕирните непријатели. Сепак, можеме да бидеме сигурни дека Јехова може и ќе нѐ избави како свои верни слуги (Псалми 9:17-20, NW).
Јехова е ”оној кој дава излез“ кога ни треба спасение. Нашите сопствени недостатоци можеби нѐ довеле во ситуација на искушение. Но ако ’нашата глупост ни го искривила патот‘, нека нашето срце не ’се гневи против Јехова‘ (Изреките 19:3, NW). Тој не ја заслужува вината и подготвен е да ни помогне ако му се молиме со вера (Псалми 37:5, Ст). Што ако се бориме да избегнеме некој грев? Тогаш да бидеме конкретни во молитвата, барајќи божествена помош да продолжиме да одиме по праведниот пат (Матеј 5:6; Римјаните 7:21-25). Бог ќе одговори на нашата искрена молитва, и духовно ќе напредуваме ако се подложиме на водството од неговиот свет дух (Псалми 51:17, ДК; Ефесјаните 4:30).
Кога сме во маки поради испит на верата, можеби чувствуваме дека не можеме повеќе да издржиме. Бидејќи нашето грешно тело е слабо, може да копнее по брзо избавување (Марко 14:38). Затоа можеби се молиме: ”О Јехова, немој да доцниш“. Особено ако сме загрижени поради срамотењето на Божјето име, можеби ќе бидеме поттикнати да се молиме како пророкот Даниел: ”О Јехова, слушни. О Јехова, прости. О Јехова, обрати внимание и дејствувај. Не чекај заради самиот себе, о Боже мој, зашто твоето име е привикано (. . .) над твојот народ“ (Даниел 9:19, NW). Можеме да имаме вера дека нашиот небесен Татко нема премногу да доцни, бидејќи апостол Павле загарантирал: ”Да пристапиме (...) со слобода на говор кон престолот на незаслужената доброта, да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена доброта како помош во право време“ (Евреите 4:16, NW).
Никогаш не заборавај дека Јехова е Оној кој дава излез. Како негови слуги, ќе биде добро за нас да се сетиме на тоа како и на богоугодните чувства од 70. Псалм. Понекогаш можеби ќе биде потребно секогаш одново да се молиме за некое прашање од длабоко значење (1. Солунјаните 5:17). Можеби се чини дека нема решение за некој посебен проблем, дека нема излез од тешката положба во која се наоѓаме. Меѓутоа, нашиот небесен љубезен Татко ќе нѐ зајакне и нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме. Затоа, никогаш да не се умориме да дојдеме пред престолот на Царот на вечноста во искрена молитва (1. Коринтјаните 10:13; Филипјаните 4:6, 7, 13; Откровение 15:3). Моли се со вера, и безрезервно имај доверба во него, зашто Јехова ги слуша нашите итни повици за помош.