Целосната доверба во Јехова ни влева сигурност
„Јехова ќе слушне кога ќе го повикам“ (ПС. 4:3)
1, 2. а) Во каква опасна ситуација се нашол Давид? б) Кои псалми ќе ги разгледаме?
ОТКАКО со години владеел со Израел, цар Давид се нашол во една опасна ситуација. Неговиот син Авесалом сковал завера против него и се прогласил за цар, и поради тоа Давид бил принуден да замине од Ерусалим. Освен тоа, бил изневерен и од еден близок пријател. Плачејќи и бос, заедно со уште неколку души што му останале верни, тој побегнал од Ерусалим преку Маслинската Гора. Подоцна и Симеј, кој бил од домот на цар Саул, фрлал камења и прав по царот и без престан го колнел (2. Сам. 15:30, 31; 16:5-14).
2 Дали овие неволји биле почеток на еден срамен и тажен крај за Давид? Не, затоа што тој имал доверба во Јехова. Ова јасно се гледа од 3. Псалм, кој го напишал додека бегал од Авесалом. Давид го напишал и 4. Псалм. И двата псалма покажуваат колку бил сигурен дека Бог ги слуша молитвите и одговара на нив (Пс. 3:4; 4:3). Тие нѐ уверуваат дека Јехова е со своите верни слуги дење и ноќе, и дека им дава поддршка и мир, и им помага да се чувствуваат сигурни (Пс. 3:5; 4:8). Да ги разгледаме и да видиме како ни влеваат сигурност и како ја зајакнуваат нашата доверба во Бог.
Кога ‚мнозина се креваат против нас‘
3. Според Псалм 3:1, 2, во каква ситуација бил Давид?
3 Еден гласник му го јавил следново на Давид: „Срцето на Израелците се приклони кон Авесалом“ (2. Сам. 15:13). Зачуден како Авесалом успеал да придобие толку многу луѓе, Давид прашал: „О Јехова, зошто се толку бројни моите противници? Зошто мнозина се креваат против мене? Мнозина велат за мојата душа: ‚За него нема спасение од Бог!‘“ (Пс. 3:1, 2). Многу Израелци мислеле дека Јехова нема да го избави Давид од рацете на Авесалом и неговите сојузници.
4, 5. а) Во што бил сигурен Давид? б) Што значат зборовите „оној што ми ја подига главата“?
4 Но, Давид се чувствувал сигурен затоа што имал безрезервна доверба во Бог. Тој пеел: „Ти, Јехова, си мој штит, моја слава, оној што ми ја подига главата“ (Пс. 3:3). Давид бил цврсто уверен дека Јехова ќе го заштити. Додека остарениот цар бегал, главата му била покриена и наведната од срам. Но, Севишниот ќе го претворел неговиот срам во слава. Јехова ќе го подигнел и ќе му помогнел повторно да чекори со крената глава. Давид го повикувал Јехова знаејќи дека тој ќе му одговори. Дали и ти покажуваш таква доверба во Јехова?
5 Со тоа што рекол дека Јехова е ‚оној што му ја подига главата‘, Давид признал дека Бог е тој што ќе му помогне. Во еден превод на Библијата, овој стих гласи: „Но, ти, Господи, секогаш ме штитиш од опасност; ти ми даваш победа и ми ја враќаш храброста“ (Today’s English Version). Во врска со изразот „оној што ми ја подига главата“, во еден библиски речник стои: „Кога Бог некому ќе му ја подигне... ‚главата‘, Тој го исполнува со надеж и му влева сигурност“. Давид имал причина да биде потиштен затоа што бил принуден привремено да го напушти престолот. Но, тој знаел дека, откако Бог ќе му ја подигнел главата, повторно ќе му се вратела храброста, ќе му се зајакнела довербата и ќе се чувствувал уште посигурен.
‚Јехова ќе ме услиши‘
6. Зошто Давид рекол дека Јехова ќе ја услиши неговата молитва од својата света гора?
6 Бидејќи имал доверба во Јехова и знаел дека Тој одговара на молитвите, Давид рекол: „На сет глас ќе го повикувам Јехова, и тој ќе ме услиши од својата света гора“ (Пс. 3:4). На заповед на Давид, ковчегот на сојузот, кој ја симболизирал Божјата присутност, бил вратен на гората Сион. (Прочитај 2. Самоилова 15:23-25.) Затоа тој со право можел да каже дека Јехова ќе ја услиши неговата молитва од својата света гора.
7. Зошто Давид не се плашел?
7 Давид не се плашел затоа што знаел дека Јехова ќе ја чуе неговата молитва. Тој пеел: „Ќе легнам и ќе заспијам, а потоа ќе се разбудам, зашто Јехова ме крепи“ (Пс. 3:5). Дури и ноќе, кога постои најголема опасност непријателот ненадејно да нападне, Давид не се плашел да заспие. Тој бил уверен дека ќе се разбуди. Поради она што го доживеал порано, имал целосна доверба дека Јехова сигурно ќе го поткрепи. И ние може да имаме таква доверба ако се држиме „за Јеховините патишта“ и ако никогаш не го напуштиме. (Прочитај 2. Самоилова 22:21, 22.)
8. Како Псалм 27:1-4 ни покажува дека Давид имал доверба во Бог?
8 Од еден друг псалм на Давид исто така се гледа дека тој се чувствувал сигурен и дека имал безрезервна доверба во Бог. Под водство на светиот дух, Давид напишал: „Јехова е мојата светлина и моето спасение. Од кого да се плашам? Јехова е тврдината на мојот живот. Од кого да треперам?.. И војска да се улогори против мене, моето срце нема да се плаши... За едно го молам Јехова, само тоа го барам, да живеам во Јеховиниот дом во сите денови на мојот живот, за да гледам колку е добар Јехова и да се восхитувам на неговиот храм“ (Пс. 27:1-4). Ако и ти се чувствуваш како Давид и ако околностите ти дозволуваат, редовно ќе присуствуваш на христијанските состаноци заедно со своите соверници (Евр. 10:23-25).
9, 10. И покрај она што стои во Псалм 3:6, 7, зошто може да се каже дека Давид не бил одмаздољубив човек?
9 Иако бил изневерен од Авесалом и мнозина други не му останале верни, Давид пеел: „Нема да ме исплашат десетте илјади луѓе, кои ме опколија од сите страни. Стани, Јехова! Спаси ме, Боже мој! Удри ги по вилиците сите мои непријатели. Скрши им ги забите на злите“ (Пс. 3:6, 7).
10 Давид не бил одмаздољубив човек. Бог е тој што ќе ‚ги удрел‘ неговите непријатели „по вилиците“. Бидејќи и самиот го препишал Законот, Давид знаел дека во него Јехова изјавил: „Мои се одмаздата и казната“ (5. Мој. 17:14, 15, 18; 32:35). Освен тоа, Бог е тој што ќе ‚им ги скрши забите на злите‘. Ова значи дека тој ќе ги онеспособи да прават зло. Јехова знае кои се злите бидејќи „го гледа она што е во срцето“ (1. Сам. 16:7). Колку сме благодарни што Бог ни дава вера и сила да му се спротивставиме на најзлобниот, Сатана! Овој непријател наскоро ќе биде фрлен во бездна како разрикан лав на кој му биле скршени забите, и кој не заслужува ништо друго освен да биде уништен! (1. Пет. 5:8, 9; Отк. 20:1, 2, 7-10).
„Спасението е од Јехова“
11. Зошто треба да се молиме за соверниците?
11 Псалмистот Давид бил свесен дека само Јехова може да го избави од очајната ситуација во која се наоѓал. Но, тој не мислел само на себеси туку бил заинтересиран и за целиот Божји народ. Затоа ја заклучил својата вдахновена песна со следниве зборови: „Спасението е од Јехова. Твојот благослов нека биде над народот твој“ (Пс. 3:8). Иако Давид имал огромни проблеми, тој сепак мислел и на Јеховиниот народ и барал од Бог да го благослови. Зарем не треба и ние да мислиме на нашите соверници? Секогаш да ги спомнуваме кога се молиме, и да бараме од Јехова да им дава свет дух за да соберат храброст и исполнети со доверба во Него да ја објавуваат добрата вест (Еф. 6:17-20).
12, 13. Што се случило со Авесалом, и како реагирал Давид?
12 Авесалом завршил со срамна смрт. Ова е предупредување за сите оние што им прават зло на другите, а особено за оние што им прават зло на Божјите помазани слуги како што бил Давид. (Прочитај Изреки 3:31-35.) Во битката што следела после побуната, војската на Авесалом била поразена. Самиот Авесалом побегнал на маска, но неговата бујна коса се заплеткала во испреплетените гранки на едно големо дрво. Останал да виси таму — жив, но беспомошен — сѐ додека Јоав не го убил забивајќи му три стрели во срцето (2. Сам. 18:6-17).
13 Дали Давид се радувал кога дознал што се случило со син му? Не. Целиот потресен, тој плачејќи чекорел низ собата и тажел: „Сине мој, Авесаломе! Сине мој! Сине мој, Авесаломе! Да умрев јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине мој!“ (2. Сам. 18:24-33). Дури кога Јоав зборувал со него, Давид успеал да се прибере. Колку трагичен крај за Авесалом! Заслепен од себичната желба за власт, тој се кренал против својот роден татко — помазаникот на Јехова — и со тоа се осудил на пропаст (2. Сам. 19:1-8; Изр. 12:21; 24:21, 22).
Давид повторно покажува доверба во Бог
14. Што може да се каже во врска со 4. Псалм?
14 Исто како третиот, и четвртиот псалм е горлива молитва на Давид од која се гледа дека тој имал безусловна доверба во Јехова (Пс. 3:4; 4:3). Можеби Давид ја напишал оваа песна откако била задушена побуната на Авесалом за да му изрази благодарност на Бог што го избавил. А можно е да ја напишал и за левитските пејачи. Како и да е, ако размислуваме за овој псалм, нашата доверба во Јехова ќе се зајакне.
15. Зошто можеме со доверба да му се молиме на Јехова преку неговиот Син?
15 Давид повторно покажал целосна доверба во Бог и во моќта на молитвата. Тој пеел: „Кога те повикувам, услиши ме, Боже мој праведен! Во мојата мака избави ме! Смилувај ми се и чуј ја мојата молитва!“ (Пс. 4:1). Ако постапуваме праведно, и ние може да бидеме цврсто уверени дека нашиот небесен Татко ќе ни ги услиши молитвите. Бидејќи знаеме дека Јехова, ‚праведниот Бог‘, ги благословува своите верни слуги, можеме со доверба да му се молиме преку неговиот Син Исус, покажувајќи вера во неговата откупна жртва (Јован 3:16, 36). Ова навистина ни помага да чувствуваме душевен мир!
16. Зошто Давид можеби се разочарал?
16 Понекогаш би можеле да се чувствуваме разочарани поради некоја ситуација. Можеби за кратко време ова било случај и со Давид, бидејќи пеел: „Синови човечки, до кога ќе биде срамотена мојата слава? До кога ќе сакате празни работи? До кога ќе барате лага?“ (Пс. 4:2). Очигледно овде изразот „синови човечки“ има негативен призвук. Непријателите на Давид ‚сакале празни работи‘. Во еден превод на Библијата овој стих гласи: „До кога ќе сакате суети и ќе одите по лажни богови?“ (New International Version). Дури и да се разочараме од она што го прават другите, да продолжиме горливо да се молиме и да покажеме целосна доверба во единствениот вистински Бог.
17. Објасни како би можеле да постапиме во склад со она што е кажано во Псалм 4:3.
17 Следните зборови на Давид покажуваат колкава доверба имал во Бог: „Знајте дека Јехова ќе постапува на посебен начин со оној што му е лојален нему, Јехова ќе слушне кога ќе го повикам“ (Пс. 4:3). За да му останеме верни на Јехова, мора да бидеме храбри и со сето срце да се потпираме на него. На пример, ова му е потребно на едно христијанско семејство кога некој непокајнички роднина ќе биде исклучен. Бог им укажува чест на оние што му се лојални и верно ги следат неговите патишта. Верноста и целосната доверба во Јехова придонесуваат да владее радост меѓу неговиот народ (Пс. 84:11, 12).
18. Во склад со Псалм 4:4, што треба да правиме ако некој нѐ повреди со нељубезен збор или постапка?
18 Што ако некој каже или направи нешто што нѐ вознемирува? Ќе останеме радосни ако го послушаме она што го рекол Давид: „Ако се вознемирите, немојте да грешите! Задржете ги зборовите во своето срце, на својата постела, и молчете!“ (Пс. 4:4). Ако некој нѐ повреди со нељубезен збор или постапка, да не му враќаме мило за драго, бидејќи така би направиле грев (Рим. 12:17-19). Наместо тоа, можеме на својата постела да му го излееме срцето на Јехова. Ако му кажеме во молитва што нѐ мачи, можеби ќе гледаме поинаку на таа работа и, поттикнати од љубов, ќе бидеме спремни да простиме (1. Пет. 4:8). Во врска со ова, апостол Павле дал добар совет кој очигледно се темелел на Псалм 4:4. Тој рекол: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Еф. 4:26, 27).
19. Како Псалм 4:5 може да ни помогне да принесуваме прифатливи духовни жртви?
19 Нагласувајќи колку е важно да имаме доверба во Бог, Давид продолжил: „Принесете жртви праведни и имајте доверба во Јехова“ (Пс. 4:5). Жртвите што ги принесувале Израелците биле прифатливи за Бог само ако биле дадени од исправни мотиви (Иса. 1:11-17). За нашите духовни жртви да му бидат прифатливи на Бог, и ние мора да имаме исправни мотиви и безрезервна доверба во него. (Прочитај Изреки 3:5, 6; Евреите 13:15, 16.)
20. На што се однесува изразот ‚светлината на Јеховиното лице‘?
20 Понатаму Давид додал: „Мнозина велат: ‚Кој ќе ни покаже што е добро?‘ Јехова, подигни ја над нас светлината на своето лице!“ (Пс. 4:6). Изразот ‚светлината на Јеховиното лице‘ се однесува на Божјата милост (Пс. 89:15). Затоа, кога Давид рекол: „Подигни ја над нас светлината на своето лице“, тој, всушност, го молел Бог да им ‚покаже милост‘ на своите слуги. Бидејќи се потпираме на Јехова, ја имаме неговата милост и чувствуваме голема радост додека ја вршиме неговата волја.
21. Во што можеме да бидеме сигурни додека даваме сѐ од себе во денешната духовна жетва?
21 Во врска со големата радост што очекувал да му ја донесат благословите од Бог, Давид му пеел на Јехова: „Ти ќе ми дадеш радост во срцето поголема од радоста што ја имаат тие кога обилно ќе им роди пченицата и кога изобилува младото вино“ (Пс. 4:7). И ние сигурно ќе чувствуваме длабока радост ако даваме сѐ од себе во денешната духовна жетва (Лука 10:2). Заедно со помазаниците кои денес предводат во жетвата, ние се радуваме што бројот на жетвари сѐ повеќе расте (Иса. 9:3). Дали и ти го даваш својот дел во оваа радосна жетва?
Продолжи да служиш со целосна доверба во Бог
22. Во склад со Псалм 4:8, како живееле Израелците кога го држеле Божјиот закон?
22 Давид го заклучува овој псалм со следниве зборови: „Во мир ќе легнам и ќе спијам, зашто ти, Јехова, самиот ми даваш да живеам без страв“ (Пс. 4:8). Кога Израелците го држеле Јеховиниот закон, биле во мир со својот Бог и се чувствувале сигурни. На пример, за време на владеењето на Соломон, ‚луѓето во Јуда и во Израел живееле без страв‘ (1. Цар. 4:25). Оние што имале доверба во Бог живееле во мир дури и кога околните народи биле непријателски настроени кон нив. Исто како Давид, и ние спиеме мирно бидејќи Бог ни влева сигурност.
23. Што ќе доживееме ако имаме целосна доверба во Бог?
23 Затоа, да продолжиме со доверба да му служиме на Јехова. И понатаму да се молиме со вера и така да го почувствуваме „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7). Колкава радост ни носи тој мир! И, ако и понатаму покажуваме целосна доверба во Јехова, можеме да бидеме сигурни дека нѐ очекува светла иднина.
Како би одговорил?
• Со какви проблеми се соочил Давид поради Авесалом?
• Како 3. Псалм ни влева сигурност?
• Како може 4. Псалм да ја зајакне нашата доверба во Јехова?
• Какви благослови ќе добиеме ако имаме безрезервна доверба во Бог?
[Слика на страница 29]
Дури и кога бегал од Авесалом, Давид имал доверба во Јехова
[Слика на страница 32]
Дали имаш безрезервна доверба во Јехова?