Нека ”мирот Божји“ го чува твоето срце
”Нека Јехова го подигне своето лице кон тебе и нека ти додели мир!“ (4. МОЈСЕЕВА 6:26, New World Translation of the Holy Scriptures).
1. Што му напишал Павле на Тимотеј недолго пред својата смрт, и што покажуваат тие зборови?
ВО 65. н. е., апостол Павле бил затвореник во Рим. Иако наскоро требало насилнички да умре од рацете на римскиот крвник, Павле поседувал мир. Ова е видливо од зборовите што му ги напишал на својот помлад пријател Тимотеј, кога рекол: ”Добра борба изборив, трката ја довршив, верата ја одржав. Отсега ми е зачувана круната на праведноста, која како награда во оној ден, ќе ми ја даде Господ, праведниот судија“ (2. Тимотеј 4:7, 8, NW).
2. Што го чувало Павловото срце во текот на неговиот бурен живот сѐ до неговата смрт?
2 Како можел Павле соочен со смртта да биде толку смирен? Поради тоа што ”мирот Божји кој ја надминува секоја мисла“ го чувал неговото срце (Филипјаните 4:7, NW). Истиот тој мир го штител низ сите години полни со доживувања од неговото поранешно обраќање кон христијанството. Му давал сила за време на нападите од толпите, затворањата, камшикувањата, и каменувања. Тој го јакнел кога се борел против отпадот и влијанијата од еврејството. Покрај тоа, му помогнал да се бори против невидливи демонски сили. Очигледно дека му давал сила сѐ до крајот (2. Коринтјаните 10:4, 5; 11:21-27; Ефесјаните 6:11, 12, NW).
3. Кои прашања се поставуваат во врска со Божјиот мир?
3 Павле открил дека тој мир е моќна сила! Дали можеме ние денес да го спознаеме? Дали ќе ни помогне да ги чуваме нашите срца и да ни даде сила додека ’се бориме во добрата борба на верата‘ во овие тешки, ’критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘? (1. Тимотеј 6:12; 2. Тимотеј 3:1, NW).
Мирот со Бог — Како бил изгубен
4. Кои се некои од значењата на зборот ”мир“ во Библијата?
4 Во Библијата зборот ”мир“ има многу значења. Следуваат некои како што ги наведува The New International Dictionary of New Testament Theology (Новиот меѓународен теолошки речник на Новиот завет): ”Секаде во С[тариот] З[авет], [шалом] (мир) се однесува на добробитта во најшироката смисла на зборот (Судиите 19:20, NW); благосостојба (Псалми 73:3, NW), дури и во врска со безбожните; телесно здравје (Исаија 57:18[, 19]; Псалми 38:3, NW); задоволеност (. . .) (1. Мојсеева 15:15 и т. н., NW); добри односи помеѓу народите и луѓето (Судиите 4:17; 1. Дневници 12:17, 18, NW); спасение (Еремија 29:11; спореди Еремија 14:3, NW)“. Најважен е мирољубивиот однос со Јехова, без кои секој друг мир, во најдобар случај, е само привремен и ограничен (2. Коринтјаните 13:11, NW).
5. Како бил нарушен мирот на Божјите дела на создавање во почетокот?
5 Во почетокот, целото творештво било во потполн мир со Јехова. Бог со добра причина изјавил дека сите негови дела на создавањето се многу добри. Навистина, небесните ангели гласно извикале и ракоплескале кога ги здогледале (1. Мојсеева 1:31; Јов 38:4-7, NW). За жал, тој сеопшт мир не траел. Бил нарушен кога духовното суштество, сега познато како Сатана, го одвратил најновото Божје интелигентно суштество, Ева, од послушноста кон Бог. Сопругот на Ева, Адам, ја следел, и со тројца бунтовници на слобода, дошло до несклад во универзумот (1. Мојсеева 3:1-6, NW).
6. Каква последица за човештвото омало губењето на мирот со Бог?
6 Губењето на мирот со Бог било погубно за Адам и Ева, кои сега биле подложни на бавно телесно распаѓање кое довело до нивна смрт. Наместо да се радува на мирот во Рајот, Адам морал да се мачи со необработената земја надвор од Еден за да го прехрани своето растечко семејство. Наместо со задоволство да го одгледува совршениот човечки род, Ева раѓала несовршено потомство во болки и страдање. Губитокот на мир со Бог довел до љубомора и насилство меѓу луѓето. Каин го убил својот брат Авел, и во времето на потопот, целата Земја била исполнета со насилство (1. Мојсеева 3:7-4:16; 5:5; 6:11, 12, NW). Кога умреле нашите прародители, сигурно не отишле в гроб задоволни, ”во мир“, како што тоа било случај со Аврахам многу стотици години подоцна (1. Мојсеева 15:15, NW).
7. (а) Кое пророштво што го изговорил Бог го свртува вниманието на обновата на потполниот мир? (б) Колку влијателен станал Божјиот непријател Сатана?
7 Откако Адам и Ева го изгубиле мирот, во Библијата за првпат се споменува непријателство. Бог разговарал со Сатана и му рекол: ”Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа ќе ти ја згмечи главата, а ти ќе му ја згмечиш петата“ (1. Мојсеева 3:15, NW). Како што поминувало времето, влијанието на Сатана се зголемило до таа мера што апостол Јован можел да каже: ”Сиот свет [е] во власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19, NW). Светот под влијание на Сатана сигурно не е во мир со Бог. Затоа, е соодветно што апостол Јаков ги предупредил христијаните: ’Не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство со Бог!“ (Јаков 4:4, NW ).
Во мир во непријателскиот свет
8, 9. Како можеле луѓето да бидат во мир со Бог откако Адам згрешил?
8 Кога Бог, во Еден, за првпат го спомнал зборот ”непријателство“, тој исто така прорекол на кој начин потполниот мир ќе му се врати на делото на создавање. Ветеното семе на Божјата жена ќе му ја згмечи главата на првобитниот нарушител на мирот. Од Еден па наваму, оние кои покажувале вера во тоа ветување се радувале да бидат во мир со Бог. Кај Аврахам тој однос се развил во пријателство (2. Дневници 20:7; Јаков 2:23, NW).
9 Во времето на Мојсеј, Јехова од децата на Израел, Аврахамовиот внук, создал нација. Ѝ го понудил својот мир на таа нација, како што е видливо од благословот што првосвештеникот Арон го изговорил над нив: ”Да те благослови Господ и да те чува! да погледне милозливо кон тебе Господ со светлото Свое лице на тебе и да те помилува; да го сврти Господ кон тебе лицето Свое и да ти даде мир!“ (4. Мојсеева 6:24-26) Јеховиниот мир би донел богати награди, но бил понуден под дадени условно.
10, 11. Од што зависел мирот на Израел со Бог, и до што би довел?
10 Јехова ѝ рекол на нацијата: ”Ако постапувате според Моите повелби и ги запазувате Моите наредби, и ги исполнувате, ќе ви дадам дожд во свое време, и земјата ќе го даде родот свој, и дрвјата полски ќе го дадат својот плод, Ќе ѝ дадам мир на земјата ваша, ќе спиете и никој нема да ве обеспокојува, ќе ги истребам лутите ѕверови од земјата ваша; војна нема да мине преку вашата земја (. . .) Ќе се движам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ“ (3. Мојсеева 26:3, 4, 6, 7, 12). Израел можел да се радува на мирот така што би бил заштитен од своите непријатели, би имал материјално изобилство и близок однос со Јехова. Но, тоа би зависело од неговата послушност спрема Божјиот закон (Псалми 119:165, NW).
11 Во текот на националната историја, Израелците кои верно настојувале да ги чуваат Јеховините одредби се радувале на мирот што го имале со него, и тоа често донело многу други благослови. Во раните години од владеењето на цар Соломон, мирот со Бог донел материјална благосостојба, како и одмор од војни со Израелските соседи. Опишувајќи го тоа време, Библијата вели: ”Јуда и Израил и понатаму живееја во безбедност, секој под лозата своја и под својата смоква, од Дан до Беер-шеба во сите денови на Соломон” (1. Царевите 4:25, NW). Дури и кога избувнале непријателства со соседните земји, верните Израелци сѐ уште го имале мирот кој е најважен, мирот со Бог. Затоа, царот Давид, познат воин, напишал: ”Затоа мирно легнувам и спијам; оти Ти, Господи, си ми влил надеж да живеам без опасност“ (Псалми 4:8).
Подобар темел за мир
12. Како Израел на крај го отфрлил мирот со Бог?
12 Конечно, Семето кое требало да го врати потполниот мир дошло во личноста на Исус, и при неговото раѓање ангелите пееле: ”Слава на Бог горе на висините, а на земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:14, NW). Исус се појавил во Израел, но и покрај тоа што биле под Божјиот сојуз, таа нација како целина го отфрлила и го предала на Римјаните да го убијат. Кратко пред својата смрт, Исус го оплакувал Ерусалим со зборовите: ”Кога ти, барем кога ти во овој ден би ги спознал работите што се поврзани со мирот — но сега се сокриени од твоите очи“ (Лука 19:42; Јован 1:11, NW). Поради тоа што го отфрлил Исус, Израел потполно го изгубил својот мир со Бог.
13. Кој нов начин го поставил Јехова за да луѓето постигнат со Него?
13 Меѓутоа, Божјите намери не биле спречени. Исус бил воскреснат од мртвите, и на Јехова му ја понудил вредноста на својот совршен живот како откупнина за луѓето со праведо срце (Евреите 9:11-14, NW). Исусовата жртва станала нов и подобар начин за луѓето — како природните Израелци така и не-Евреите — да најдат мир со Бог. Во своето писмо до христијаните во Рим, Павле рекол: ”Бидејќи (. . .) измирени сме со Бог преку смртта на неговиот Син уште додека бевме непријатели“ (Римјаните 5:10, Ст). Оние кои во првиот век постигнале мир на тој начин биле помазани со свет дух да Бог ги прифати како синови и членови на новата духовна нација наречена ”Божји Израел“ (Галатјаните 6:16; Јован 1:12, 13; 2. Коринтјаните 1:21, 22; 1. Петрово 2:9, NW).
14, 15. Опиши го ”Божјиот мир“, и објасни како ги заштитува христијаните дури и кога се цел на непријателството од Сатана.
14 Овие нови духовни Израелци ќе станат цел на непријателството на Сатана и неговиот свет (Јован 17:14, NW). Меѓутоа, тие ќе поседуваат ”мир од Бог Отецот и од Христа Исуса нашиот Господ“ (2. Тимотеј 1:2). Исус им рекол: ”Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“ (Јован 16:33).
15 Таквиот мир им помогнал на Павле и неговите сохристијани да истрајат и покрај сите потешкотии со кои се соочувале. Тој одразува еден спокоен, хармоничен однос со Бог кој е овозможен преку Исусовата жртва. Му дава безгрижен душевен мир на оној кој го поседува додека станува свесен за Јеховината грижа. Детето, во прегратката на таткото полн со љубов, чувствува сличен мир, потполно уверено во тоа дека го чува некој кој се грижи за него. Павле ги охрабрил Филипјаните: ”За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7).
16. Како мирот со Бог влијаел на односот меѓу христијаните од првиот век?
16 Една од последиците од човековото губење на мирот со Бог била омразата и неслогата. За христијаните од првиот век постигнувањето на мир со Бог довело до токму спротивното: мир и единство меѓу нив, кое Павле го нарекол ’обединувачка врска на мирот‘ (Ефесјаните 4:3, NW). ’Биле едномислени и живееле во мир, и Богот на љубовта и мирот бил со нив‘. Покрај тоа, ја проповедале ’добрата вест на мирот‘, која всушност била добра вест за спасение за ’пријателите на мирот‘, оние кои реагираат на добрата вест (2. Коринтјаните 13:11; Дела на апостолите 10:36; Лука 10:5, 6, NW).
Сојуз на мир
17. Што склопил Бог со својот народ во наше време?
17 Дали денес може да се најде таков мир? Да, може. Од воспоставувањето на Божјето Царство под прославениот Исус Христос во 1914, Јехова од овој свет ги собирал преостанатите од Божјиот Израел и склучил со нив сојуз на мир. На тој начин го исполнил своето ветување преку пророкот Езекиел: ”Ќе склучам со нив завет мир, вечен ќе биде заветот со нив. И ќе ги средам, ќе ги размножам и ќе го поставам меѓу нив Моето светилиште засекогаш“ (Езекиел 37:26). Јехова го склучил тој сојуз со помазаните христијани кои, како своите браќа од првиот век, покажувале вера во Исусовата жртва. Исчистени од духовната загаденост, тие му се предале на својот небесен Татко и се трудат да ги следат неговите заповеди, што најмногу може да се види од тоа што ширум светот предводат во проповедањето на добрата вест за Божјето воспоставено Царство (Матеј 24:14).
18. Како реагирале некои од народите кога сознале дека Божјето име почива на Божјиот Израел?
18 Пророштвото продолжува: ”И при нив ќе биде Моето живеалиште, па ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И ќе познаат народите, дека Јас сум Господ, Кој го осветува Израилот кога Моето светилиште ќе биде помеѓу нив засекогаш“ (Езекиел 37:27, 28). Во склад со тоа, стотици илјади, да, милиони од ”народите“ сознале дека Јеховиното име е на Божјиот Израел (Захарија 8:23). Од сите народи, тие се собрале да му служат на Јехова заедно со таа духовна нација, сочинувајќи го така ”големото мноштво“ што е проречено во Откровението. Бидејќи ’тие ги испрале своите облеки и ги избелиле со крвта на [Ј]Агнецот“, ќе ја преживеат големата неволја и ќе влезат во новиот свет на мирот (Откровение 7:9, 14).
19. На каков мир се радува Божјиот народ денес?
19 Божјиот Израел и големото мноштво заедно се радуваат на духовниот мир кој може да се спореди со мирот на кој се радувал Израел под царот Соломон. Во врска со нив, Михеј прорекол: ’Ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои — во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат; секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да ги плаши‘ (Михеј 4:3, 4; Исаија 2:2-4). Во согласност со тоа, им свртеле грб на војната и на караницата, симболично прековувајќи ги своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Затоа се радуваат на мирољубивото братство ширум својата меѓународна заедница, без оглед на националноста, јазикот, расата или општественото потекло. Се радуваат цврсто уверени во Јеховината заштитничка грижа над нив. ’Никој не ги плаши‘. Вистина, ’Јехова навистина им дал сила на својот народ. Самиот Јехова го благословил својот народ со мир‘ (Псалми 29:11, NW).
20, 21. (а) Зошто мора да се напрегаме да го зачуваме својот мир со Бог? (б) Што може да се каже за настојувањата на Сатана да го разори мирот на Божјиот народ?
20 Но, како во првиот век н. е., мирот на Божјите слуги го предизвикал непријателството на Сатана. Исфрлен од небото после воспоставувањето на Божјето Царство во 1914, Сатана оттогаш води војна ’со преостанатите од семето на жената‘ (Откровение 12:17, NW). Дури во свое време, Павле предупредил: ”Зашто не се бориме против крв и месо, туку против (. . .) злобните духовни сили во небесните простории“ (Ефесјаните 6:12, NW). Со Сатана сега затворен во близината на Земјата, тоа предупредување е итно.
21 Сатана се користел со секоја тактика што ја има на располагање во настојувањето да го уништи мирот на Божјиот народ, но не успеал. Во 1919, немало ни 10 000 од оние кои се труделе верно да му служат на Бог. Денес има преку четири милиони кои преку својата вера го освојуваат светот (1. Јованово 5:4). За нив мирот со Бог и мирот едни со други е реалност, дури и кога го поднесуваат непријателството на Сатана и неговото семе. Но имајќи го предвид ова непријателство, и со оглед на нашата несовршеност и ”критичните времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ а во кои живееме ние, мораме марливо да се напрегаме за да го зачуваме својот мир (2. Тимотеј 3:1). Во следната статија ќе видиме што сѐ тоа вклучува.
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто човекот во почетокот го изгубил мирот со Бог?
◻ Од што зависел мирот на Израел со Бог?
◻ На што се темели мирот со Бог денес?
◻ Што е ”Божјиот мир“ кој ги чува нашите срца?
◻ На кои понатамошни благослови се радуваме ако имаме мир со Бог?