Користи од стравот од вистинскиот Бог
„Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш“ (ИСАИЈА 48:17).
1. Какви неволји можеле да бидат спречени преку божествениот страв?
ДА НЕГУВАЛ Адам божествен страв, тој ќе го спречел да не направи грев кој довел до негова вечна смрт и илјадници години тага за неговото потомство. Да го слушала Јеховиниот совет да се плашат од него и да го сакаат, древната израелска нација не би била одведена во заробеништво во Вавилон ниту би го одбиле Божјиот Син, станувајќи на тој начин виновни за пролевање на неговата крв. Да се плашел денешниот свет од Бог, не би имало корупција во владите или во бизнисот ниту криминал ниту војна (Изреки 3:7).
2. Зошто треба да негуваме страв од Јехова и покрај околностите во светот околу нас?
2 Сепак, без оглед на тоа што прави светот околу нас, ние како поединци, како семејства и како собранија на Јеховини слуги, можеме да имаме корист ако негуваме страв од вистинскиот Бог. Ова е во склад со опомената што ѝ ја дал Мојсеј на израелската нација: „Што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа; да ги пазиш заповедите на Господа . . . за да ти биде добро?“ (5. Мојсеева 10:12, 13). Кои се некои од користите што ги имаме ако се плашиме од Јехова, вистинскиот Бог?
Мудроста — поскапоцена од злато
3. а) Која е најголемата корист што можеме да ја добиеме? б) Какво е значењето на Псалм 110:10?
3 Најголемата корист е вистинската мудрост. Псалм 110:10 изјавува: „Почеток на мудроста е стравот од Господа“. Што значи тоа? Мудроста е способност успешно да се употреби знаењето за да се решат проблемите, да се спречи опасност и да се постигнат извесни цели. Таа подразбира здраво расудување. Почетокот, првиот дел, темелот на таквата мудрост, е стравот од Јехова. Зошто? Затоа што сето творештво е дело на неговите раце. Тоа е зависно од него. Тој го обдарил човештвото со слободна волја, но не и со способност успешно да ги управуваат своите чекори без негово водство (Исус Навин 24:15; Јеремија 10:23). Само ако ги цениме тие основни факти во врска со животот и ако живееме во склад со нив, можеме да имаме траен успех. Ако нашето спознание за Јехова ни дава цврсто уверување дека Божјата волја сигурно ќе успее и дека неговото ветување и способноста да ја награди верноста се сигурни, тогаш божествениот страв ќе нѐ мотивира да постапуваме мудро (Изреки 3:21-26; Евреите 11:6).
4, 5. а) Зошто факултетското образование на еден младич не му дало вистинска мудрост? б) Како овој човек и неговата сопруга подоцна стекнале вистинска мудрост, и на кој начин таа ги променила нивните животи?
4 Да разгледаме еден пример. Пред неколку децении, еден младич студирал на универзитетот во Саскачивен (Канада). Во наставниот план била вклучена биологија и бил поучуван за еволуција. По дипломирањето се специјализирал за атомска физика и добил стипендија за да ги продолжи студиите на универзитетот во Торонто. Додека студирал, видел извонредни докази за редот и конструкцијата на атомските структури. Но, не добил одговори на прашањата: Кој го конструирал сето тоа? Кога? И зошто? Без тие одговори, дали било можно да го употреби мудро своето знаење во свет кој тогаш бил во II Светска војна? Што би го водело? Национализам? Желбата за материјалистички награди? Навистина, дали стекнал вистинска мудрост?
5 Набргу по дипломирањето, тој младич и неговата сопруга почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Од самата Божја Реч почнале да ги добиваат одговорите што порано им недостигале. Го запознале Творецот, Јехова Бог. Додека проучувале за Мојсеј на Црвеното Море и за Даниил и неговите другари во Вавилон, научиле колку е важно да не се плашиме од човек, туку од Бог (2. Мојсеева 14:10-31; Даниил 3:8-30). Таквиот божествен страв, заедно со вистинската љубов кон Јехова, почнал да ги мотивира. Наскоро се променил целиот тек на нивниот живот. Младичот конечно го запознал Оној чијашто ракотворба ја студирал преку биологијата. Почнал да ја разбира целта на Оној чијашто мудрост ја видел како се рефлектира преку неговото студирање на физиката. Наместо да го употреби своето знаење за производство на направи што би ги уништиле неговите ближни, тој и неговата сопруга сакале да им помогнат на другите да го засакаат Бог и своите ближни. Стапиле во полновремена служба како објавители на Божјето Царство. Подоцна ја завршиле Библиската школа Гилеад на Стражарска кула и биле испратени како мисионери.
6. Кои кусогледи тежнеења ќе ги избегнуваме ако имаме мудрост што се темели на стравот од Јехова, и што ќе правиме наместо тоа?
6 Се разбира, секој не може да биде мисионер. Но сите ние можеме да се радуваме на мудроста што се темели на стравот од Јехова. Ако негуваме таква мудрост, нема ревносно да ги впиваме човечките филозофии кои претставуваат само нагаѓања околу тоа што е животот. Ќе се зафатиме со проучување на Библијата, која е инспирирана од Изворот на животот, Јехова Бог, оној кој може да ни даде вечен живот (Псалм 35:9; Колосјаните 2:8). Наместо да бидеме робови на комерцијалниот свет којшто и самиот се тетерави на работ од пропаста, ќе го послушаме Јеховиниот совет да бидеме задоволни со храна и со покрив над главата, а нашиот однос со Бог да го направиме најважната работа во животот (1. Тимотеј 6:8-12). Наместо да постапуваме како иднината да ни зависи од постигнувањето на добра ситуираност во овој свет, ќе ѝ веруваме на Јеховината Реч кога ни вели дека светот поминува и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја, останува засекогаш (1. Јованово 2:17).
7. а) Како ни помага стихот од Изреки 16:16 да имаме урамнотежено гледиште за вредностите? б) Какви награди ќе имаме ако вршењето на Божјата волја го направиме централна точка во нашиот живот?
7 Изреки 16:16 нѐ охрабруваат со вистинитата изјава: „Да се здобиеш со мудрост [со мудрост која почнува со стравот од Јехова] е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за предпочитување отколку одбрано сребро“. Таквата мудрост и разум ќе нѐ поттикнат вршењето на Божјата волја да го направиме централна точка во нашиот живот. А кое е делото што Бог им го доверил на своите Сведоци за овој период од човечката историја? Проповедање за неговото Царство и помагање на лицата со чесни срца да станат вистински ученици на Исус Христос (Матеј 24:14; 28:19, 20). Тоа е дело кое носи награди на вистинско задоволство и многу среќа. Затоа, со добра причина, Библијата вели: „Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост“ (Изреки 3:13).
Заштита од погрешно постапување
8. а) Наведи уште една корист од стравот од Бог. б) Што е лошото од кое сме заштитени? в) Како божествениот страв станува силна мотивирачка сила?
8 Втората корист од стравот од Бог е таа што со него сме заштитени од правење на она што е лошо. Оние кои длабоко го почитуваат Бог, не одлучуваат самите што е добро а што лошо. Тие не го сметаат за лошо она за коешто Бог вели дека е добро ниту ги сметаат за добри оние работи за кои Бог вели дека се лоши (Псалм 36:1, 27; Исаија 5:20, 21). Освен тоа, лицето кое е мотивирано од божествен страв, не се задоволува само со тоа да знае што вели Јехова дека е добро а што лошо. Таквото лице го сака она што Јехова го сака, а го мрази она што Јехова го мрази. Како последица на тоа, тој и постапува во склад со Божјите мерила. На тој начин, како што е наведено во Изреки 16:6 (НС), „во стравот Јеховин човек отстапува од лошото“. Таквиот божествен страв станува моќна мотивирачка сила за да се постигне она што некое лице не би можело да го стори со сопствена сила.
9. Како силната желба да не го ожалости Бог влијаела врз одлуката на една жена од Мексико, и каков бил исходот?
9 Дури и ако божествениот страв тукушто почнува да се развива кај едно лице, тој може да го зацврсти да избегнува да прави нешто за кое би можел да жали цел живот. На пример, некоја бремена жена од Мексико разговарала со една жена Јеховин сведок во врска со абортусот. Сестрата ѝ прочитала на жената повеќе библиски стихови, а потоа заклучила: „За Творецот, животот е многу важен, па дури и животот на оние кои сѐ уште не се родени“ (2. Мојсеева 21:22, 23; Псалм 138:13-16). Клиничките испитувања укажувале дека нејзиното бебе би можело да биде абнормално. Но сега, мотивирана од она што го видела во Божјата Реч, жената одлучила да го роди бебето. Нејзиниот лекар одбил да ја прегледа повторно, а сопругот ѝ се заканувал дека ќе ја напушти, но таа била непоколеблива. Со текот на времето, родила нормално, здраво и прекрасно девојченце. Трогната од благодарност, ги побарала Сведоците, и тие почнале да ја проучуваат Божјата Реч со неа. За една година, таа и нејзиниот сопруг се крстиле. По неколку години, биле одушевени кога на еден обласен конгрес повторно ја сретнале сестрата и ја запознале со нивната прекрасна четиригодишна ќеркичка. Исправната почит кон Бог и силната желба да не го ожалостиме, сигурно многу влијаат врз животот на едно лице.
10. Од кои облици на погрешно постапување ќе се ослободат луѓето со помош на божествениот страв?
10 Божествениот страв нѐ штити од разни видови погрешно постапување (2. Коринтјаните 7:1). Ако исправно се негува, тој може да му помогне на едно лице да престане со тајни гревови што ги знаат само тој и Јехова. Тој страв може да му помогне да се ослободи од ропството на злоупотреба на алкохол и дрога. Еден поранешен наркоман од Јужна Африка објаснил: „Додека растев во спознанието за Бог, развив и страв да не го повредам или да не го налутам. Знаев дека тој ме гледа и копнеев да имам одобрување од него. Тоа ме поттикна да ги уништам дрогите што ги поседував така што ги фрлив во WC-шолјата“. На слични начини, божествениот страв им помогнал и на илјадници други луѓе (Изреки 5:21; 15:3).
Заштита од треперење од луѓе
11. Од која вообичаена замка може да нѐ заштити здравиот страв од Јехова?
11 Здравиот страв од Бог нѐ штити и од стравот од човек. Повеќето луѓе, повеќе или помалку, се под влијание на стравот од човек. Дури и апостолите го напуштиле Исус Христос и побегнале кога војниците го фатиле во Гетсиманската градина. Подоцна, во дворот на првосвештеникот, исфрлен од рамнотежа и под притисок на стравот, Петар негирал дека е Исусов ученик и рекол дека не го ни познава (Марко 14:48-50, 66-72; Јован 18:15-27). Но, на апостолите им било помогнато да ја повратат својата духовна рамнотежа. Од друга страна, во деновите на цар Јоаким, Уриј, синот на Семаја, бил толку обземен од страв што ја отфрлил својата служба како Јеховин пророк и побегнал од земјата, но и онака бил фатен и убиен (Јеремија 26:20-23).
12. а) На каква заштита од стравот од човек укажува стихот од Изреки 29:25? б) Како се развива довербата во Бог?
12 Што може да му помогне на едно лице да го победи стравот од човек? По предупредувањето дека ‚оние што се плашат од луѓето, ќе се сопнат‘, Изреки 29:25 додава: „А кој се надева на Господа, ќе се развесели [ќе биде заштитен, НС]“. Клучот е довербата во Јехова. Таквата доверба се темели на спознание и искуство. Преку проучување на неговата Реч, ги гледаме доказите за исправноста на Јеховините патишта. Се запознаваме со настани кои ја покажуваат неговата доверливост, сигурноста на неговите ветувања (вклучувајќи го и она за воскресението), неговата љубов и семоќната сила. Потоа, кога постапуваме според тоа спознание, вршејќи ги работите онака како што упатува Јехова и категорично отфрлајќи го она на што тој предупредува, почнуваме самите да ја чувствуваме неговата љубезна грижа и доверливост. Лично го гледаме доказот дека неговата моќ се употребува за извршување на неговата волја. Расте нашата доверба во него, а со тоа и нашата љубов кон него и искрената желба да не го ожалостиме. Таквата доверба е изградена на цврст темел и служи како заштита од стравот од човек.
13. Како може божествениот страв да ни помогне на нашето работно место, дома и во училиште?
13 Нашата доверба во Јехова, заедно со божествениот страв, ќе нѐ направи непоколебливи во поглед на она што е исправно доколку работодавачот ни се заканува со отпуштање од работа затоа што одбиваме да учествуваме во нечесните деловни постапки. (Спореди Михеј 6:11, 12.) Таквиот божествен страв им овозможува на многу илјади христијани да истраат во вистинското обожавање кога се соочени со противење од членови на семејството кои не се соверници. Исто така, на младите кои одат во училиште, им дава храброст да се идентификуваат како Јеховини сведоци и ги засцврстува да излезат на крај со исмејувањето од страна на соучениците кои се подбиваат со библиските мерила. Така, една тинејџерка Сведок рекла: „Не е важно што мислат тие. Важно е што мисли Јехова“.
14. Како успеваат Јеховините слуги да излезат како победници дури и тогаш кога им е во прашање животот?
14 Истата увереност ги зајакнува вистинските христијани да се држат цврсто за Јеховините патишта дури и кога животот им е во прашање. Тие знаат дека мораат да очекуваат прогонства од светот. Сфаќаат дека апостолите биле камшикувани и дека самиот Исус Христос бил тепан и убиен од злобни луѓе (Марко 14:65; 15:15-39; Дела 5:40; спореди Даниил 3:16-18). Но, Јеховините слуги имаат потполна доверба дека тој може да ги зајакне да издржат; дека со Божја помош можат да излезат како победници; дека Јехова, без сомнение, ќе ги награди оние кои се верни — ако е потребно и преку воскресение во живот во неговиот нов свет. Нивната љубов кон Бог, како и божествениот страв, силно ги мотивираат да избегнуваат да прават нешто што би го ожалостило.
15. Што им помогнало на Јеховините сведоци да ја задржат својата беспрекорност во нацистичките концлогори?
15 Оваа мотивација ги оспособила Јеховините сведоци да ги издржат ужасите во нацистичките концентрациони логори во текот на 1930-тите и 1940-тите. Тие го зеле при срце Исусовиот совет од Лука 12:4, 5: „Ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат; но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам од Него бојте се!“ Така, Густав Аушнер, Сведок кој бил во концентрациониот логор Заксенхаузен, подоцна напишал: „Есесовците го стрелаа Аугуст Дикман и се заканија дека ќе нѐ убијат и нас останатите ако не потпишеме еден документ со кој се откажуваме од верата. Никој од нас не потпиша. Повеќе се плашевме од Јеховиното незадоволство отколку од нивните куршуми“. Стравот од човек води до компромис, но стравот од Бог нѐ зацврстува во поглед на она што е исправно.
Зачувување на животот
16. Што му помогнало на Ное да задржи исправен правец на постапување од деценија во деценија сѐ до Потопот, и каков бил исходот за него и за неговото домаќинство?
16 Ное ги преживеал последните денови од претпотопниот свет. Поради човековата расипаност, Јехова одлучил да го уништи злобниот свет од тоа време. Но, во меѓувреме, Ное се наоѓал среде тој свет што бил исполнет со насилство, голем неморал и рамнодушност спрема божествената волја. И покрај Ноевото проповедање на праведност, тие ‚не узнале додека не дошол потопот и истребил сѐ‘ (Матеј 24:39). Сепак, Ное не бил одвратен од делото што Бог го поставил пред него. Тој ‚направил сѐ: направил така како што му заповедал Господ Бог‘ (1. Мојсеева 6:22). Што му помогнало на Ное да задржи исправен правец на постапување од година во година сѐ до Потопот? Евреите 11:7 ни одговара: „Со вера покажа Ное божествен страв откако прими божествено предупредување за работите кои сѐ уште не можеа да се видат“ (НС). Како последица на тоа, тој и неговата сопруга, како и синовите со нивните сопруги, биле сочувани низ Потопот.
17. а) Без разлика што прават другите луѓе, што треба да правиме ние? б) Зошто оние кои се плашат од Јехова се навистина среќни луѓе?
17 Ние живееме во период кој по многу нешта е сличен на Ноевото време (Лука 17:26, 27). Повторно се дава едно предупредување. Откровение 14:6, 7 ни кажува за еден ангел кој лета среде небото и ги поттикнува луѓето од секоја нација, племе и јазик ‚да се бојат од Бога и да Му подадат слава‘. Без оглед на тоа што прави светот околу тебе, послушај ги тие зборови, а потоа упати го повикот до другите. Како Ное, постапувај со вера и покажи божествен страв. Таквото твое постапување може да доведе до зачувување на твојот живот и на животите на многу други. Додека размислуваме за користите што ги уживаат оние кои се плашат од вистинскиот Бог, можеме само да се сложиме со инспирираниот псалмист кој испеал: „Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“ (Псалм 111:1).
Како би одговорил?
◻ Кои се некои од истакнатите користи ако се плашиме од вистинскиот Бог?
◻ Како може да нѐ заштити мудроста што се темели на божествениот страв?
◻ Зошто божествената мудрост нѐ тера да се одвраќаме од лошото?
◻ Како божествениот страв нѐ штити од стравот од човек?
◻ Какво влијание има божествениот страв врз нашите идни изгледи за живот?
[Слики на страници 16 и 17]
„Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“ (Псалм 111:1)