„Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив“
ТОЈ бил млад, интелигентен, „со складна става и убав“. Сопругата на неговиот работодавач била сензуална и бесрамна. Неодоливо привлечена кон младичот, таа секојдневно се обидувала да го заведе. „Еден ден Јосиф влезе во куќата по работа. Бидејќи никој од слугите не беше во куќата, таа го фати за наметката и рече: ‚Легни со мене!‘“ Но Јосиф, синот на патријархот Јаков, ја оставил својата наметка и побегнал од сопругата на Петефриј (Битие 39:1—12).
Се разбира, секој не бега од една искушувачка ситуација. На пример, разгледај го случајот на еден младич кого цар Соломон, од древниот Израел, го видел на улиците во ноќта. Откако бил заведен од една своеглава жена ‚тој тргнал лудо по неа, како што волот оди на кланица‘ (Пословици 7:21, 22).
Христијаните се опоменати да ‚бегаат од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18). На младиот христијански ученик Тимотеј, апостол Павле му напишал: „Бегај од желбите кои ѝ се својствени на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Кога се соочуваме со ситуации кои навестуваат блуд, прељуба или други морални престапи, и ние мораме да бегаме исто толку решително како што бегал Јосиф од жената на Петефриј. Што ќе ни помогне да бидеме решени да го сториме тоа? Во 7. поглавје од библиската книга Пословици, Соломон ни дава непроценливи совети. Тој не зборува само за поуки кои нѐ чуваат од триковите на неморалните луѓе туку ја изложува и нивната метода на дејствување живо опишувајќи сценарио во кое еден младич е заведен од распуштена жена.
‚Заврзи ги моите заповеди на твоите прсти‘
Царот почнува со татковскиот совет: „Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси. Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око“ (Пословици 7:1, 2).
Родителите, особено татковците, имаат одговорност од Бог да ги поучуваат своите деца за Божјите мерила за добро и лошо. Мојсеј силно ги поттикнал татковците: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7). А апостол Павле напишал: „Вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Според тоа, упатствата на родителот кои треба високо да се ценат, или високо да се вреднуваат, сигурно ги вклучуваат потсетувањата, заповедите и законите кои се наоѓаат во Божјата реч, Библијата.
Родителското поучување може да вклучува и други одредби — семејни правила. Тие се за доброто на членовите на семејството. Секако, зависно од потребите, правилата може да варираат од едно семејство до друго. Но, родителите се тие кои имаат одговорност да одлучат што е најдобро за нивното семејство. А правилата кои ги донесуваат тие се обично израз на нивната вистинска љубов и грижа. Советот до младите е да се придржуваат за овие правила, како и за библиските поуки кои ги добиваат од своите родители. Да, постои потреба да се постапува со таквите упатства ‚како со зеницата на своето око‘ — чувајќи ги со најголема грижа. Тоа е начинот да се избегне смртоносната последица од игнорирањето на Јеховините мерила и така да ‚се биде жив‘.
„Заврзи ги [моите заповеди] на своите прсти“, продолжува Соломон, „запиши ги врз плочата на своето срце“ (Пословици 7:3). Како што прстите ни се постојано пред очите и се животоважни за да ги исполниме своите цели, поуките добиени од библиското воспитување или стекнувањето библиско спознание треба да бидат постојан потсетник и водич во сѐ што правиме. Треба да ги впишеме на плочата на своето срце, да ги направиме дел од себе.
Не заборавајќи ја важноста на мудроста и разбирањето, царот силно поттикнува: „Речи ѝ на мудроста. ‚Моја сестра си‘, и разумот наречи го роднина“ (Пословици 7:4). Мудроста е способност правилно да се употреби спознанието кое го дава Бог. Треба да имаме наклоност кон мудроста како кон драга сакана сестра. Што е разбирање? Тоа е способност да се проникне во некоја работа и да се сфати нејзината смисла преку разбирање на поврзаноста меѓу нејзините делови и целината. Разбирањето мора да ни биде толку блиско како присен пријател.
Зошто треба да се придржуваме за библиското обучување и да негуваме блискост со мудроста и со разбирањето? За да „[се] чуваме од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво“ (Пословици 7:5). Да, тоа ќе нѐ заштити од ласкавите и убедливи патишта на туѓинецот, или непознатиот — неморална личност.a
Младичот среќава ‚измамничка жена‘
Царот на Израел потоа опишува една сцена која самиот ја забележал: „Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката, видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец: Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа, во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушти ноќната темнина“ (Пословици 7:6—9).
Прозорецот низ кој Соломон гледа надвор има дрвена решетка — изгледа рамка од летвички и можеби раскошни резби. Додека примракот исчезнува, темнината на ноќта се спушта над улиците. Тој здогледува младич кој е особено ранлив. Бидејќи му фали проникливост, или здрав разум, му недостига срце. Веројатно е свесен за тоа во какво соседство влегол и што би можело да му се случи таму. Младичот се приближува кон „нејзиниот агол“, кој е на патот кон нејзината куќа. Која е таа? Што прави?
Проникливиот цар продолжува: „Го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето. Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома; беше час на улица, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол“ (Пословици 7:10—12).
Начинот на облекување на оваа жена зборува многу за неа (Битие 38:14, 15). Облечена е нескромно, како проститутка. Освен тоа, има измама во срцето — нејзиниот ум е ‚предавнички‘, нејзината намера ‚подмолна‘ (Стварност, СП). Таа е бучна и разуздана, зборлива и тврдоглава, гласна и самоволна, бесрамна и пркосна. Наместо да остане дома, претпочита често да ги посетува јавните места, дебнејќи на аглите на улиците за да го фати својот плен. Чека некого како младичот.
‚Изобилно убедување‘
Така младичот среќава разуздана жена со препреден план. Колку само ова мора да му го привлекло вниманието на Соломон! Тој продолжува: „Го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице: ‚Бев должна да принесам помирителна [заедничка, NW] жртва и денес го исполнив својот завет; затоа ти излегов во пресрет, да те барам и те најдов“ (Пословици 7:13—15).
Усните на оваа жена се мазни. Со безобразно лице, таа уверливо ги изговара зборовите. Сѐ што кажува е внимателно пресметано за да го заведе младичот. Наведувајќи дека истиот ден принела заедничка жртва и дека ги исполнила своите завети, таа се покажува како праведна, навестувајќи дека не ѝ недостига духовност. Заедничката жртва во храмот во Ерусалим се состоела од месо, брашно, масло и вино (Левит 19:5, 6; 22:21; Броеви 15:8—10). Со оглед на тоа што оној кој ја принесувал заедничката жртва можел да земе дел од неа за себе и за своето семејство, таа укажува дека во нејзиниот дом има изобилство јадење и пиење. Импликацијата е јасна: Младичот убаво би се забавувал таму. Таа излегла од дома специјално за да го бара. Колку трогателно — ако некој би можел да проголта таква приказна. „Точно е дека таа барала некого“, вели еден библиски изучувач, „но, дали всушност го барала токму тој човек? Само глупав — можеби токму овој — би и поверувал.“
Откако се направила привлечна со изгледот на својата облека, со тонот на ласкавите зборови, со допирот на својата прегратка и со вкусот на своите усни, заводничката го користи сетилото за мирис. Таа вели: „Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи; својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела“ (Пословици 7:16, 17). Таа естетски го подготвила својот кревет со разнобоен египетски лен и го намирисала со квалитетни мириси од смирна, алоја и канела.
„Ајде да се ситиме со нежности до утрото“, продолжува таа, „и да се насладуваме во љубовта.“ Поканата е за нешто повеќе од само пријатна вечера за двајца. Таа ветува уживање во сексуална интимност. За младичот, повикот е авантуристички и возбудлив! Како натамошна побуда, таа додава: „Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат; зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина“ (Пословици 7:18—20). Тие би биле потполно безбедни, го уверува таа, зашто нејзиниот сопруг е на деловно патување и не го очекува да се врати за некое време. Колку само е таа талентирана да измами една млада личност! „Така го заведе со своето наговарање [изобилно убедување, NW], го одвлече со своите мазни усни“ (Пословици 7:21). Би бил потребен човек од калибарот на Јосиф за да се спротивстави на ваква измамничка покана (Битие 39:9, 12). Дали овој младич е дораснат на тоа?
‚Како вол на кланица‘
„И тој тргна лудо по неа“, известува Соломон, „како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот“ (Пословици 7:22, 23).
Поканата се покажува неодолива за младичот. Отфрлајќи го здравиот разум, тој оди по неа ‚како вол на кланица‘. Како што човек во пранги не може да ја избегне својата казна така и младичот е вовлечен во гревот. Тој не ја гледа опасноста од сето тоа сѐ додека „стрелата не му го прониже црниот дроб“ т.е. сѐ додека не добие рана која може да го усмрти. Смртта може да биде физичка во таа смисла што се изложува на смртоносни сексуално преносливи болести.b Раната може да предизвика и негова духовна смрт; ‚тоа ќе го чини живот‘. Целото негово битие и целиот негов живот се сериозно погодени, и тој прави тежок грев пред Бог. На тој начин влетува во стисокот на смртта како птица во клопка!
‚Не скитај по нејзините патеки‘
Извлекувајќи лекција од она што го гледал, мудриот цар поттикнува: „Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста: Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки, зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби. Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта“ (Пословици 7:24—27).
Јасно, советот на Соломон е да се одвраќаме од смртоносните патишта на неморалното лице и да ‚бидеме живи‘ (Пословици 7:2). Колку само навремен е овој совет за нашево време! Сигурно дека има потреба да избегнуваме места што често ги посетуваат оние кои чекаат од заседа да фатат плен. Зошто да се изложуваш на нивните тактики одејќи на такви места? Навистина, зошто да бидеш еден од оние на кои им „недостига срце“ (NW) и да скиташ по патеките на „туѓинка“?
‚Туѓинката‘ која ја видел царот го завела младичот со покана ‚да се насладуваат во љубовта‘. Зарем многу млади — особено девојки — не биле искористени на сличен начин? Но, размисли: Кога некој се обидува да те намами во погрешно сексуално однесување, дали тоа е вистинска љубов или себична страст? Зошто еден маж кој вистински сака една жена би вршел притисок врз неа таа да го прекрши своето христијанско воспитување и совест? „Нека твоето срце не застранува“ по таквите патишта, опоменува Соломон.
Зборовите на заводникот обично се милозвучни и добро пресметани. Ако мудроста и разбирањето ни се секогаш близу, тоа ќе ни помогне да ги проѕреме таквите. Ако никогаш не забораваме што заповедал Јехова, тоа ќе нѐ заштити. Затоа, секогаш да настојуваме да ‚ги држиме Божјите заповеди и да живееме‘, дури и засекогаш (1. Јованово 2:17).
[Фусноти]
a Зборот „туѓинец“ се применувал на оние кои се отуѓиле од Јехова така што се одвратиле од Законот. Затоа на неморална жена, како што е проститутка, се укажува како на „туѓинка“.
b Некои сексуално преносливи болести го оштетуваат црниот дроб. На пример, во напреднатите фази на сифилис, бактериите го уништуваат црниот дроб. А микроорганизмот кој предизвикува гонореја може да предизвика воспаление на црниот дроб.
[Слики на страница 29]
Како гледаш на родителските правила?
[Слика на страница 31]
Држењето на Божјите заповеди значи живот