Уживај во личното проучување на Божјата реч
„Јас сигурно ќе медитирам за сета твоја активност, и ќе се занимавам со твоите постапки“ (ПСАЛМ 77:12, NW).
1, 2. а) Зошто мораме да одвојуваме време за да медитираме? б) Што се мисли со „медитира“ и „длабоко размислува“?
КАКО ученици на Исус Христос, најмногу треба да бидеме заинтересирани за нашиот однос со Бог и за причините зошто му служиме. Меѓутоа, денес повеќето луѓе живеат со толку забрзано темпо што не одвојуваат време за да медитираат. Сосема се преокупирани со лудата трка на материјализмот, купувањето и избезуменото трчање по задоволства. Како можеме да го избегнеме таквото трчање во место? Исто како што секој ден одвојуваме конкретно време за неопходните активности, на пример, јадење и спиење, така мораме секој ден да одвојуваме време и за да медитираме за Јеховините активности и постапки (Второзаконие 8:3; Матеј 4:4).
2 Дали некогаш застануваш за да медитираш? Што значи да се медитира? Еден речник го дефинира тој збор како „да се сосредоточат мислите на: да се размислува или длабоко да се размислува за“. А зборот „длабоко размислува“ значи „да мислиш на: да размислуваш за . . . да мислиш или да разгледуваш нешто особено спокојно, трезвено и длабоко“. Какво значење има ова за нас?
3. Со што е директно поврзан духовниот напредок?
3 Како прво, тоа треба да нѐ потсети на она што му го напишал апостол Павле на својот сослуга Тимотеј: „Додека не дојдам, посветувај се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето . . . Длабоко размислувај за овие работи; биди задлабочен во нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите“. Да, се очекувал напредок, а Павловите зборови покажале дека постои директна врска помеѓу длабокото размислување за духовни работи и напредокот. Истото е случај и денес. За да уживаме во задоволството од духовниот напредок, мораме и понатаму ‚длабоко да размислуваме‘ и ‚да бидеме задлабочени‘ во она што има врска со Божјата реч (1. Тимотеј 4:13—15).
4. Кои подготовки можеш да ги искористиш како помош редовно длабоко да размислуваш за Јеховината реч?
4 Од тебе и од рутината на твоето семејство зависи кога е најдобро време за да медитираш. Мнозина длабоко размислуваат за библискиот текст рано наутро кога читаат од брошурата Секојдневно испитување на Писмото. Всушност, околу 20.000 доброволци во бетелските домови во целиот свет го започнуваат денот со 15-минутно разгледување на библискиот стих за тој ден. Иако само неколкумина од бетелското семејство имаат устен коментар секое утро, останатите длабоко размислуваат за она што се кажува и што се чита. Други Сведоци длабоко размислуваат за Јеховината реч додека патуваат на работа. Ги слушаат аудиокасетите на Библијата и списанијата Стражарска кула и Разбудете се! што ги има на располагање на некои јазици. Многу домаќинки го прават тоа додека работат низ дома. Всушност, тие го имитираат псалмистот Асаф, кој напишал: „Ќе се сетам на постапките на Јах; бидејќи ќе се сетам на твоите чудесни дела од древнина. А јас сигурно ќе медитирам за сета твоја активност, и ќе се занимавам со твоите постапки“ (Псалм 77:11, 12, NW).
Исправниот став носи позитивни резултати
5. Зошто треба да ни биде важна личната студија?
5 Во нашава современа ера на ТВ, видеокасети и компјутери, читањето станува сѐ поретка навика и речиси изумира. Се разбира дека ова не би требало да биде случај и кај Јеховините сведоци. Впрочем, читањето на Библијата е како јаже за спасување што нѐ поврзува со Јехова. Пред илјадници години Исус Навин го наследил Мојсеј како водач на Израел. За да добие благослов од Јехова, Исус Навин морал лично да ја чита Божјата реч (Исус Навин 1:8; Псалм 1:1, 2, обата NW). Ова барање сѐ уште важи и денес. Меѓутоа, поради ограниченото образование, на некои им е тешко или заморно да читаат. Затоа, што може да ни помогне да сакаме да ја читаме и да ја проучуваме Божјата реч? Одговорот можеме да го најдеме во зборовите на цар Соломон запишани во Пословици 2:1—6. Те молиме, отвори ја твојата Библија и прочитај ги овие стихови. Потоа заедно ќе дискутираме за нив.
6. Каков став треба да покажуваме кон спознанието за Бог?
6 Во почетокот ја наоѓаме оваа опомена: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш [ѝ обрнеш внимание на, NW] мудроста и го обратиш своето срце кон разумот [проникливоста, NW]. . .“ (Пословици 2:1, 2). Што учиме од овие зборови? Дека секој од нас си носи своја лична одговорност. Забележи го условот „ако ги примиш моите зборови“. Тоа е едно големо „ако“, затоа што повеќето луѓе не ѝ обрнуваат внимание на Божјата реч. За да најдеме радост во проучувањето на Божјата реч, мораме да бидеме спремни да ги примиме Јеховините зборови и да се однесуваме кон нив како кон богатство што не сакаме да го изгубиме. Никогаш не смееме да дозволиме поради нашата секојдневна рутина да станеме толку зафатени или преокупирани со други работи што ќе почнеме да се однесуваме кон Божјата реч со рамнодушност, дури и со сомневања (Римјаните 3:3, 4).
7. Секогаш кога сме во можност, зошто треба да бидеме присутни и да обрнуваме внимание на христијанските состаноци?
7 Дали навистина „обрнуваме внимание“ и грижливо слушаме кога се објаснува Божјата реч на нашите христијански состаноци? (Ефешаните 4:20, 21). Дали ‚го обраќаме своето срце‘ за да стекнеме проникливост? Можеби говорникот не е баш којзнае колку искусен, но сѐ додека ја користи Божјата реч, тој заслужува да му обрнеме грижливо внимание. Се разбира, за да обрнеме внимание на Јеховината мудрост, секогаш кога е можно мораме да бидеме присутни на христијанските состаноци (Пословици 18:1). Замисли си само колку ќе биле разочарани некои ако го пропуштеле состанокот во горната соба во Ерусалим на Пентекост 33 н.е.! Иако нашите состаноци не се толку спектакуларни како тој состанок, на нив се дискутира за Библијата, нашиот основен учебник. Значи, секој состанок може да биде благослов за нас ако обрнуваме внимание и следиме во нашите Библии (Дела 2:1—4; Евреите 10:24, 25).
8, 9. а) Што бара од нас личната студија? б) Како би ја споредил вредноста на златото со разбирањето на спознанието за Бог?
8 Следните зборови на мудриот цар се: „Ако го повикаш разумот [разбирањето, NW] и извикаш кон благоразумноста [проникливоста, NW] . . .“ (Пословици 2:3). Каков став, односно дух, ни пренесуваат овие зборови? Се разбира, искрена желба да се разбере Јеховината реч. Тие подразбираат спремност да се проучува со цел да се стекне проникливост, да се согледа која е Јеховината волја. Се разбира, за ова е потребен напор, а тоа нѐ води до следните зборови и илустрација што ги кажал Соломон (Ефешаните 5:15—17).
9 Тој продолжува: „Ако го бараш [разбирањето] како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште [богатство, NW] . . .“ (Пословици 2:4). Ова нѐ наведува да помислиме на потфатите на луѓето што со векови барале сребро и злато, метали што се сметаат за скапоцени. Луѓето убивале за злато. Други потрошиле цел живот во обидот да го најдат. Но, каква вистинска вредност има златото? Кога би се изгубил во пустина и би умирал од жед, што би сакал повеќе: шипка злато или чаша вода? Сепак, со каква само ревност луѓето барале злато, со неговата вештачка и променлива вредност!a Со колку само поголема ревност би требало ние да бараме мудрост, проникливост и разбирање за Бог и за неговата волја! Но, кои се користите од таквата потрага? (Псалм 19:7—10; Пословици 3:13—18).
10. Што можеме да најдеме ако ја проучуваме Божјата реч?
10 Говорот на Соломон продолжува: „Тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога [самото спознание за Бог, NW]“ (Пословици 2:5). Колку само зашеметувачка мисла — дека ние, грешни луѓе, можеме да го најдеме ‚самото спознание за Бог‘, Јехова, Суверениот Господ на универзумот! (Псалм 73:28; Дела 4:24). Филозофите и таканаречените мудри луѓе во светот со векови се обидувале да ги разберат мистериите на животот и на универзумот. Меѓутоа, не успеале да го најдат „самото спознание за Бог“. Зошто? Иако со илјадници години е достапно во Божјата реч, Библијата, тие го отфрлаат како премногу едноставно и затоа не успеваат да го прифатат и да го сфатат (1. Коринќаните 1:18—21).
11. Кои се некои користи од личната студија?
11 Еве уште еден поттик што го истакнува Соломон: „Самиот Јехова дава мудрост; од неговата уста се спознанието и проникливоста“ (Пословици 2:6, NW). Јехова доброволно и великодушно му дава мудрост, спознание и проникливост на секој што сака да тргне во потрага по нив. Секако дека ја имаме секоја причина да ја цениме личната студија на Божјата реч, дури и ако за тоа се потребни напор, дисциплина и жртвување. Ние барем имаме отпечатени примероци на Библијата и не мораме да направиме рачно препишани примероци како што правеле некои луѓе во древно време! (Второзаконие 17:18, 19).
Да одиме достојно на Јехова
12. Каков треба да биде нашиот мотив во стремежот по спознание за Бог?
12 Каков мотив треба да имаме за лична студија? Да испаднеме подобри од другите? Да покажеме поголемо спознание? Да станеме, на некој начин, подвижна библиска енциклопедија? Не. Нашата цел е да бидеме активни христијани, секогаш спремни да им помагаат на другите, во освежувачкиот дух на Христос (Матеј 11:28—30). Апостол Павле опоменал: „Спознанието дуе, но љубовта изградува“ (1. Коринќаните 8:1). Затоа, треба да го имаме понизниот став што го покажал Мојсеј кога му рекол на Јехова: „Покажи ми ги Своите патишта за да Те сфатам и за да ја уживам и натаму Твојата благонаклоност“ (Излез 33:13). Да, треба да имаме желба за спознание за да му угодиме на Бог, а не за да ги импресионираме луѓето. Сакаме да бидеме достојни, понизни слуги на Бог. Како можеме да ја постигнеме таа цел?
13. Што е потребно за да се стане достоен слуга на Бог?
13 Павле го советувал Тимотеј како да му угоди на Бог, велејќи: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бог, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15). Изразот „исправно ракува“ доаѓа од еден сложен грчки глагол што првобитно имал значење „право сечење“, односно ‚да исечеш право‘ (Kingdom Interlinear). Според некои, ова ја пренесува мислата за кројач што ја сече ткаенината по некој терк, земјоделец што ора бразди на поле, итн. Во секој случај, крајниот резултат мора да биде точен, односно правилен. Поентата е дека, за да биде достоен и одобрен слуга на Бог, Тимотеј морал ‚да даде сѐ од себе‘ за да се увери дека неговото поучување и однесување се во склад со речта на вистината (1. Тимотеј 4:16).
14. Како треба да влијае нашата лична студија врз она што го правиме и зборуваме?
14 Павле ја изнел истата мисла кога ги поттикнал сохристијаните во Колоси ‚да одат достојно на Јехова, за потполно да му угодат‘ со тоа што ‚и понатаму ќе донесуваат плод во секое добро дело и ќе растат во точното спознание за Бог‘ (Колошаните 1:10). Овде Павле вели дека има врска помеѓу тоа да се биде достоен на Јехова и ‚да се донесува плод во секое добро дело‘, како и ‚да се расте во точното спознание за Бог‘. Со други зборови, она што вреди кај Јехова не е само тоа колку го цениме спознанието туку и колку тесно се придржуваме за Божјата реч во она што го правиме и зборуваме (Римјаните 2:21, 22). Ова значи дека, ако сакаме да му угодиме на Бог, нашата лична студија мора да влијае врз нашето размислување и однесување.
15. Како можеме да го заштитиме и да го контролираме нашиот ум и нашите мисли?
15 Денес, Сатана е решен да ја уништи нашата духовност со тоа што унапредува борба за умот (Римјаните 7:14—25). Затоа, мораме да го заштитиме и да го контролираме нашиот ум и нашите мисли за да се покажеме достојни за нашиот Бог, Јехова. Оружјето што го имаме е „самото спознание за Бог“, кое може ‚да ја зароби секоја мисла за да ја направи послушна на Христос‘. Ова е уште поголема причина да обрнеме внимание на секојдневното проучување на Библијата, доколку сакаме да ги отстраниме себичните, телесни мисли од нашиот ум (2. Коринќаните 10:5).
Помагала за да разбереме
16. Како можеме да извлечеме корист додека нѐ поучува Јехова?
16 Јеховиното поучување носи духовни и физички користи. Тоа не е некаква досадна, академска теологија. Затоа, читаме: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Како прави Јехова да одиме по неговиот корисен пат? Прво, ја имаме неговата инспирирана Реч, Светото писмо. Тоа е нашиот основен учебник, на кого постојано му се обраќаме. Затоа е добро да следиме со отворена Библија на христијанските состаноци. Корисните резултати од тоа можат да се видат од извештајот за етиопскиот евнух, запишан во Дела, 8. поглавје.
17. Каков бил случајот со етиопскиот евнух и што илустрира тоа?
17 Етиопскиот евнух бил преобратеник во јудаизмот. Тој бил искрен верник на Бог и го проучувал Писмото. Патувајќи во својата двоколка, тој го читал текстот од Исаија кога Филип дотрчал покрај него и го прашал: „Го разбираш ли всушност тоа што го читаш?“ Што одговорил евнухот? „,Навистина, како би можел ако некој не ме упати?‘ И упорно го молеше Филип да се качи и да седне до него“. Потоа Филип, воден од светиот дух, му помогнал на евнухот да го разбере пророштвото на Исаија (Дела 8:27—35). Што илустрира ова? Дека не е доволно сами да си ја читаме Библијата. Јехова, со својот дух, ја користи класата на верниот и разборит роб за да ни помогне да ја разбереме неговата Реч во исправно време. Како го прави тоа? (Матеј 24:45—47; Лука 12:42).
18. Како ни помага класата на верниот и разборит роб?
18 Иако класата на робот е идентификувана како ‚верна и разборита‘, Исус не рекол дека таа ќе биде и непогрешлива. Оваа група на верни помазани браќа сепак се состои од несовршени христијани. Дури и со најдобри намери, тие можат да згрешат, како што понекогаш било случај со таквите мажи во првиот век (Дела 10:9—15; Галатите 2:8, 11—14). Меѓутоа, нивниот мотив е чист, а Јехова ги користи за да ни обезбеди помагала за проучување на Библијата за да ја изградиме својата вера во Божјата реч и во Божјите ветувања. Основната подготовка за лична студија што ни ја дала класата на робот е Превод Нов свет на Светото писмо. Сега тој е достапен, целосно или делумно, на 42 јазика, а отпечатени се 114 милиони примероци во неколку изданија. Како можеме делотворно да ја користиме во нашето лично проучување? (2. Тимотеј 3:14—17).
19. Кои се некои карактеристики на Превод Нов свет на Светото писмо — со референции што можат да бидат од корист во личната студија?
19 Да го земеме за пример New World Translation of the Holy Scriptures—With References (Превод Нов свет на Светото писмо — со референции). Има колони со паралелни стихови, фусноти, мини конкорданција во облик на „Индекс на библиски зборови“ и „Индекс за зборови од фуснота“, како и апендикс со опширна обработка на 43 теми, вклучувајќи мапи и карти. Има и „Вовед“, со објаснување на многуте извори што се користени за овој превод на Библијата. Ако стои на располагање на јазик што можеш да го разбереш, не пропуштај добро да се запознаеш со овие негови обележја и да ги користиш. Во секој случај, Библијата е почетна точка во нашата програма за проучување, а Превод Нов свет е верзија што исправно го истакнува божественото име додека го нагласува владеењето на Божјето Царство (Псалм 149:1—9; Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10).
20. Кои прашања за личната студија сега бараат одговор?
20 Сега, би можеле да прашаме: ‚Која натамошна помош ни е потребна за да ја разбереме Библијата? Како можеме да испланираме време за лична студија? Како можеме да ја направиме нашата студија поделотворна? Како треба нашата студија да влијае врз другите?‘ Следната статија ќе ги разгледа овие многу важни аспекти на нашиот христијански напредок.
[Фуснота]
a Од 1979, вредноста на златото се менувала од висока, 850.00 $ за 31 грам во 1980, до ниска, 252,00 $ за 31 грам во 1999.
Се сеќаваш ли?
• Што значи да се медитира и длабоко да се размислува?
• Каков став треба да имаме кон проучувањето на Божјата реч?
• Каков мотив треба да имаме во нашата лична студија?
• Кои помагала за разбирање на Библијата ги имаме?
[Слика на страница 15]
За членовите на бетелското семејство е духовно зајакнувачки да го започнат секој ден со разгледување на библиски стих
[Слики на страница 15]
Може да се искористи скапоцено време ако слушаме библиски касети додека патуваме
[Слика на страница 16]
Луѓето работеле напорно и долго за да дојдат до злато. Колкав напор вложуваш ти во проучувањето на Божјата реч?
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на California State Parks, 2002
[Слики на страница 17]
Библијата е богатство што може да води до вечен живот