Она на што се сеќавал Исус Навин
„МОЈОТ слуга Мојсеј почина“, рекол Јехова, „затоа сега стани, помини преку тој Јордан, ти и сиот тој народ, во земјата што им ја давам на Израелевите синови“ (Исус Навин 1:2). Каква само задача лежела пред Исус Навин! Тој му бил помошник на Мојсеј речиси 40 години. Сега му било кажано да го заземе местото на неговиот господар и да ги води честопати проблематичните Израелеви синови во Ветената земја.
Додека Исус Навин размислувал за она што го чекало, можеби низ глава му прелетале испитите со коишто веќе се соочил и ги надминал. Без сомнение, она на што се сеќавал му било од непроценлива помош на Исус Навин тогаш, а може да им биде и на христијаните денес.
Од роб до заповедник
Долгите години ропство биле дел од спомените на Исус Навин (Излез 1:13, 14; 2:23). Низ какви искуства поминал Исус Навин во тој период можеме само да претпоставиме, зашто Библијата не ги кажува деталите. Можеби научил да биде добар организатор за време на својата служба во Египет, и можеби помагал во организирањето на излезот на Евреите и на ‚огромното мешано друштво‘ од таа земја (Излез 12:38, NW).
Исус Навин бил од семејство од племето на Ефрем. Неговиот дедо Елисам бил поглавар и изгледа раководел со 108.100 вооружени мажи на едно од триплеменските одделенија на Израел (Броеви 1:4, 10, 16; 2:18—24; 1. Летописи 7:20, 26, 27). Сепак, кога Амаликците го нападнале Израел набрзо по заминување од Египет, Мојсеј го повикал Исус Навин да ја организира одбраната (Излез 17:8, 9а). Зошто
Исус Навин, а не, на пример, дедо му или татко му? Едно можно објаснување е: „Како глава на влијателното племе на Ефрем, и како некој што веќе бил познат по своите вештини во организирањето и на кого луѓето потполно му верувале, Мојсеј му се обратил на [Исус Навин], како на водач што бил најдобро квалификуван да ги избере и да ги организира војниците“.
Како и да е, кога бил избран, Исус Навин направил токму како што Мојсеј му заповедал. Иако Израел бил сосема неискусен во војувањето, Исус Навин бил уверен во божествената помош. Затоа кога Мојсеј му рекол: „Ќе застанам утре на врвот на ридот со Божјиот стап во раката“, тоа му било доволно. Исус Навин сигурно се сетил дека Јехова штотуку ја збришал најголемата воена сила во тоа време. Наредниот ден, кога Мојсеј ги кренал рацете и ги држел високо сѐ до зајдисонце, ниеден непријател не можел да опстои против Израелците, и Амаликците биле поразени. Тогаш Јехова му заповедал на Мојсеј да ја запише во една книга и да ја ‚вреже во Исусовите уши‘ божествената одлука: „Јас ќе го избришам сосем споменот на Амаликците под небото“ (Излез 17:9б—14). Да, Јехова сигурно ќе ја извршел таа казна.
Како помошник на Мојсеј
Епизодата со Амалик сигурно воспоставила уште поблизок однос помеѓу Исус Навин и Мојсеј. Исус Навин имал чест да му биде личен помошник или „прислужител“ на Мојсеј „од својата младост“ па сѐ до смртта на Мојсеј, период од околу 40 години (Броеви 11:28).
Таа служба значела и предности и одговорности. На пример, кога Мојсеј, Арон, синовите на Арон и 70-мина од постарите мажи во Израел се качиле на гората Синај и виделе визија за Јеховината слава, веројатно и Исус Навин бил меѓу нив. Во својата улога на помошник, тој го придружувал Мојсеј погоре на гората и изгледа останал на одредена оддалеченост додека Мојсеј влегол во облакот што го симболизирал Јеховиното присуство. Зачудува тоа што Исус Навин изгледа останал на гората 40 дена и 40 ноќи. Тој верно чекал неговиот господар да се врати, зашто кога Мојсеј почнал да се симнува со плочите на Сведоштвото, Исус Навин бил таму да го пречека (Излез 24:1, 2, 9—18; 32:15—17).
По настанот на идолопоклонство на Израел со златното теле, Исус Навин продолжил да му служи на Мојсеј во шаторот на средбата надвор од логорот. Таму Јехова разговарал со Мојсеј лице в лице. Но, кога Мојсеј се вратил во логорот, Исус Навин ‚не се помрднувал од Шаторот‘. Можеби неговото присуство таму било потребно за да ги спречи Израелците да влезат во шаторот во нечиста состојба. Колку само сериозно ја сфатил Исус Навин својата одговорност! (Излез 33:7, 11).
Пријателството со Мојсеј, кој, според историчарот Јосиф, бил 35 години постар од Исус Навин, сигурно неизмерно ја зајакнало неговата вера. Нивниот однос се нарекува „средба на зрелоста и младоста, на учителот и ученикот“, и како резултат на тоа Исус Навин станал „одлучен човек достоен за доверба“. Ние денес немаме меѓу нас пророци како Мојсеј, но во собранијата на Јеховиниот народ има постари лица кои поради нивното искуство и нивната духовност претставуваат вистински извор на сила и охрабрување. Ги цениш ли таквите? И, извлекуваш ли корист од нивното друштво?
Шпион во Ханаан
Пресудната епизода во животот на Исус Навин се одиграла набрзо откако Израел го добил Законот. Тој бил избран да го претставува своето племе во извидувањето на Ветената земја. Приказната е добро позната. Сите 12 шпиони се согласиле дека во земјата навистина „течат мед и млеко“, токму како што Јехова им ветил. Меѓутоа, десетмина од нив безверно се плашеле дека Израел не ќе може да ги избрка жителите од земјата. Само Исус Навин и Халев ги поттикнале луѓето да не се бунтуваат поради страв, зашто Јехова сигурно ќе биде со нив. На тоа, целото општество се побунило и почнало да зборува да ги каменуваат и двајцата. Можеби и ќе го направеле тоа да не се замешал Јехова со приказ на својата слава. Поради нивниот недостиг на вера, Бог одредил никој од оние што биле попишани во Израел на возраст од дваесет години нагоре да не доживее да влезе во Ханаан. Од нив преживеале само Исус Навин, Халев и Левитите (Броеви 13:1—16, 25—29; 14:6—10, 26—30).
Зарем Јеховините моќни дела во Египет не ги виделе сите луѓе? Што е тогаш тоа што му овозможило на Исус Навин да има вера во Божјата помош додека поголемиот дел од нив се сомневале? Исус Навин сигурно јасно задржал на ум сѐ што Јехова ветил и направил, и медитирал за тоа. Со години подоцна можел да каже дека ‚ниту еден единствен збор од сите добри зборови што Јехова му ги говорел на Израел, не изостанал. Сите се исполниле‘ (Исус Навин 23:14, NW). Затоа, Исус Навин имал вера дека и сите ветувања што Јехова ги дал во врска со иднината сигурно ќе се исполнат (Евреите 11:6). Ова треба да нѐ поттикне да се запрашаме: ‚А како е со мене? Дали напорот што го посветив на проучување и размислување за Јеховините ветувања ме увери во нивната веродостојност? Верувам ли дека Бог може да ме заштити заедно со неговиот народ за време на претстојната голема неволја?‘
Исус Навин не само што практикувал вера туку и покажувал морална храброст. Тој и Халев застанале сами, а целото општество почнало да зборува да ги каменуваат. Како ќе си се чувствувал ти? Исплашен? Но, не и Исус Навин. Тој и Халев одлучно го кажале она во што верувале. Лојалноста кон Јехова можеби ќе бара еден ден и ние да го сториме истото.
Приказната за шпионите, исто така, нѐ информира дека името на Исус Навин било променето. На неговото оригинално име Осиј, што значи „спасение“, Мојсеј го додал слогот што го означува божественото име и го нарекол Јехошуа, или Јошуа — „Јехова е спасение“. Септуагинтата го преведува неговото име со „Исус“ (Броеви 13:8, 16, NW). Верно на тоа величествено име, Исус Навин храбро објавувал дека Јехова е спасение. Не е можно промената на Исусовото име да биде чиста случајност. Таа го одразувала големото ценење што Мојсеј го имал за карактерот на Исус Навин и одговорала на привилегираната улога што тој требало да ја изврши во водењето на една нова генерација во Ветената земја.
Додека да изумрат нивните татковци, Израелците скитале низ пустелијата 40 напорни години. Не знаеме ништо за Исус Навин во тој период. Меѓутоа, сигурно многу научил од тоа. Веројатно бил сведок на Божјиот суд врз бунтовниците Кореј, Датан и Авирон, нивните следбеници и оние што учествувале во понижувачкото обожавање на Ваал-Фегор. Без сомнение, со голема тага Исус Навин дознал дека, затоа што пропуштил да го посвети Јехова кај водите на Мерива, ниту на Мојсеј нема да му биде дозволено да влезе во Ветената земја (Броеви 16:1—50; 20:9—13; 25:1—9).
Наименуван како наследник на Мојсеј
Кога му наближила смртта, Мојсеј побарал од Бог да наименува негов наследник за Израел да не стане „како стадо што нема пастир“. Каков бил одговорот на Јехова? Исус Навин, „човек во кого има дух“, требало да биде наименуван пред целото општество. Тие требало да го слушаат него. Каква само препорака! Јехова ги видел верата и способноста на Исус Навин. Водството на Израел не можело да биде доверено во подобри раце (Броеви 27:15—20). Сепак, Мојсеј знаел дека Исус Навин ќе се соочи со огромни предизвици. Затоа Мојсеј го поттикнал својот наследник да биде „храбар и силен“, зашто Јехова ќе продолжи да биде со него (Второзаконие 31:7, 8, NW).
Бог лично му го повторил истото охрабрување на Исус Навин и додал: „Само биди одлучен и храбар за да направиш сѐ верно според наредбите што ти ги даде Мојсеј, Мојот слуга. Не свртувај од тоа ни десно ни лево, за да ти биде среќно сѐ што ќе преземеш. Книжниот свиток на Законот нека биде во твојата уста: размислувај за него: само тогаш ќе бидеш среќен и ќе успееш во потфатите. Нели ти заповедав: биди силен и биди храбар? Не бој се и не плаши се, зашто каде и да тргнеш, со тебе е Господ, твојот Бог“ (Исус Навин 1:7—9).
Со Јеховините зборови што му одѕвонувале во ушите и со искуството што веќе го насобрал, како воопшто Исус Навин можел да се сомнева? Освојувањето на земјата било гарантирано. Се разбира, ќе имало проблеми, од кои ни најмалку лесен не бил уште првиот предизвик, да ја прегазат реката Јордан и тоа во време на поплави. Сепак, самиот Јехова заповедал: „Стани, помини преку тој Јордан“. Па, каков проблем можело да има? (Исус Навин 1:2).
Настаните во животот на Исус Навин што следеле — освојувањето на Ерихон, постепеното покорување на непријателите и разделувањето на земјата — откриваат дека тој никогаш не ги изгубил од вид Божјите ветувања. При крајот на својот живот, кога Јехова им дал на Израелците мир со нивните непријатели, Исус Навин го собрал народот за да повтори како Бог постапувал со нив и да ги поттикне да му служат со цело срце. Како резултат на тоа, Израел свечено го обновил својот сојуз со Јехова, и без сомнение поттикнат од примерот на својот водач, ‚Израел му служел на Господа во текот на целиот век на Исуса‘ (Исус Навин 24:16, 31).
Исус Навин е извонреден пример за нас. Христијаните денес се соочуваат со многубројни испити на верата. За да го задржиме Јеховиното одобрување и на крај да ги наследиме неговите ветувања, многу е важно успешно да се справиме со нив. Успехот на Исус Навин зависел од неговата цврста вера. Точно, ние не сме ги виделе Божјите моќни дела како што ги видел Исус Навин, но ако некој се сомнева, библиската книга што го носи името на Исус Навин дава сведоштво на очевидец за веродостојноста на Јеховината реч. Ако секојдневно ја читаме Божјата реч и ако се трудиме да ја применуваме, и нам, како и на Исус Навин, ни се гарантирани мудрост и успех.
Дали понекогаш си повреден од однесувањето на сохристијаните? Размисли за истрајноста на Исус Навин во текот на 40-те години во кои морал, иако не по своја вина, да скита низ пустелијата заедно со неверните придружници. Дали сметаш дека е тешко да го браниш она во што веруваш? Сети се што направиле Исус Навин и Халев. За својата вера и послушност, добиле прекрасна награда. Да, Исус Навин навистина имал вера дека Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања. Нека истото биде случај и со нас (Исус Навин 23:14).
[Слика на страница 10]
Пријателството со Мојсеј ја зајакнало верата на Исус Навин
[Слика на страница 10]
Исус Навин и Халев имале доверба во Јеховината моќ
[Слика на страница 10]
Водството на Исус Навин ги поттикнало луѓето да останат близу до Јехова