„Живеалиштето на праведниците ќе процвета“
КОГА ќе почне виорот на Армагедон и ќе му стави крај на Сатановиот злобен систем на работи, „домот на нечесните ќе пропадне“. Но, што е со „живеалиштето на праведниците“? Па, во новиот свет што Бог ќе го создаде, тоа „ќе процвета“ (Пословици 14:11).
Меѓутоа, додека ‚беззакониците да бидат збришани од земјата, и богохулниците да бидат искоренети од неа‘, невините ќе мораат да живеат заедно со нив (Пословици 2:21, 22). Можат ли праведните да живеат под овие околности? Стиховите од 1 до 11 од 14. поглавје од библиската книга Пословици ни покажуваат дека, ако ѝ дозволиме на мудроста да ни ги води говорот и постапките, уште сега ќе можеме да имаме благосостојба и стабилност во извесна мера.
Кога мудроста го изградува домот
Коментирајќи за тоа какво влијание има жената врз благосостојбата на семејството, цар Соломон од древниот Израел вели: „Мудрата жена го изградува нејзиниот дом, а лудата го разурнува со рацете“ (Пословици 14:1). Како го изградува својот дом една жена што има мудрост? Мудрата жена го почитува Божјето уредување за поглаварство (1. Коринќаните 11:3). Врз неа не влијае духот на независност што преовладува во Сатановиот свет (Ефешаните 2:2). Таа му е подложна на својот маж и добро зборува за него, со што придонесува и другите да го почитуваат уште повеќе. Мудрата жена активно е вклучена во духовното и практичното воспитание на своите деца. Таа марливо работи за доброто на домашните и прави домот да биде пријатно и удобно место за семејството. Начинот на којшто ги води работите се карактеризира со разумост и штедливост. Една вистински мудра жена придонесува за благосостојбата и стабилноста на нејзиното домаќинство.
Една луда, или неразумна жена, пак, не го почитува Божјето уредување за поглаварство. Не се притеснува да зборува лошо за својот маж. Бидејќи не е штедлива, ги расфрла тешко стекнатите средства на домаќинството. Исто така, попусто си го троши времето. Како последица од тоа, куќата не е уредна, а децата страдаат и физички и духовно. Да, неразумната жена си го разурнува домот.
Но, што одредува дали некој е мудар или неразумен? Пословици 14:2 вели: „Кој живее од чесност, се бои од Господа, а кој оди по страничен пат, Го презира“. Чесниот се бои од вистинскиот Бог, а „почеток на мудроста е стравот од Господа“ (Псалм 111:10). Еден човек што е вистински мудар знае дека има обврска да ‚се бои од Бог и да ги исполнува Неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13). Од друга страна, пак, неразумниот си тера по пат што не е во склад со Божјите мерила за чесност. Неговите патишта се расипани. Таквиот човек го презира Бог и си вели во срцето: „Нема Бог“ (Псалм 14:1).
Кога мудроста ги води усните
Што може да се рече за говорот на човек што има страв од Јехова и за говорот на човек што го презира Бог? „Во устата на лудиот е прачката за неговата гордост“, вели царот, „а мудроста ја пазат сопствените усни“ (Пословици 14:3). Затоа што му недостига мудрост одозгора, лудиот, или глупавиот човек не е ниту мирољубив ниту разумен. Мудроста што ги води неговите чекори е земна, животинска, демонска. Тој зборува кавгаџиски и арогантно. Неговата горделива уста предизвикува многу проблеми, како за него самиот така и за другите (Јаков 3:13—18).
Усните на мудриот го пазат, или го заштитуваат, а тоа му донесува чувство на благосостојба. Како? Библијата вели: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е исцелување“ (Пословици 12:18). Зборовите на мудриот не се непромислени или зајадливи. Неговото срце размислува што ќе одговори (Пословици 15:28). Неговиот промислен говор исцелува — ги охрабрува депримираните души и ги освежува угнетените. Наместо да ги нервира другите, со своите усни придонесува за мир и спокојство.
Кога мудроста ги води напорите на луѓето
Понатаму Соломон кажува една интересна пословица што изгледа зборува за тоа дека пред да се преземе некоја работа, треба да се одмерат нејзините добри и лоши страни. Тој вели: „Каде нема волови, јаслите се празни [чисти, NW], а жетвата е изобилна од силата на воловите“ (Пословици 14:4).
Коментирајќи за значењето на оваа пословица, една книга вели: „Празни јасли укажуваат на тоа дека нема волови што треба да се хранат и, според тоа, нема потреба некој да чисти и да се грижи за животните, а и трошоците ќе бидат помали. Но, оваа ‚добра страна‘ е поништена во с[тих] 4б: без волови, како што се укажува, жетвата нема да биде голема“. Земјоделецот мора мудро да одлучи.
Зарем начелото од оваа пословица не важи и кога размислуваме за тоа дали да го смениме работното место, да избереме одреден вид стан, да купиме автомобил, да земеме домашно милениче и слично? Еден мудар човек ќе ги одмери добрите и лошите страни и ќе процени дали за тоа навистина вреди да се вложат труд и пари.
Кога сведокот е мудар
„Вистинскиот сведок не лаже“, продолжува Соломон, „а лажниот сведок шири лаги“ (Пословици 14:5). Лагите на лажниот сведок можат да предизвикаат навистина голема штета. Езраелецот Навутеј бил каменуван затоа што двајца никаквеци лажно сведочеле против него (1. Цареви 21:7—13). А зарем не истапиле и против Исус лажни сведоци, што било причина за неговата смрт? (Матеј 26:59—61). И против Стефан — првиот ученик на Исус што бил убиен поради неговата вера — сведочеле лажни сведоци (Дела 6:10, 11).
Лажливиот човек може да помине некое време неразоткриен, но размисли за неговата иднина. Јехова мрази „лажен сведок, кој шири лага“, вели Библијата (Пословици 6:16—19). Делот на таквиот човек ќе му биде во езерото што гори со оган и сулфур — втората смрт — заедно со престапници како што се убијци, блудници и идолопоклоници (Откровение 21:8).
Вистинскиот, или верниот сведок, пак, не сведочи лажно. Неговото сведоштво не е извалкано со лаги. Меѓутоа, ова не значи дека има обврска да им ги даде сите информации на оние што можеби на некој начин сакаат да му нанесат зло на Јеховиниот народ. Патријарсите Авраам и Исак не им кажале факти на некои луѓе што не го обожавале Јехова (Битие 12:10—19; 20:1—18; 26:1—10). Рава од Ерихон им дала погрешни информации на луѓето на царот (Исус Навин 2:1—7). И самиот Исус Христос не ги откривал сите информации доколку тоа можело да предизвика непотребна штета (Јован 7:1—10). Тој рекол: „Не давајте им го на кучињата она што е свето“. Зошто? За „да не . . . се свртат и да ве растргнат“ (Матеј 7:6).
Кога ‚лесно се доаѓа до знаење‘
Дали сите луѓе имаат мудрост? Пословици 14:6 вели: „Потсмевачот бара мудрост и не ја наоѓа, а разумниот лесно доаѓа до знаење“. Еден потсмевач, или подбивач, можеби бара мудрост, но вистинската мудрост го заобиколува. Бидејќи потсмевачот арогантно се подбива со Божјите работи, не успева да го задоволи основниот предуслов за мудрост — точно спознание за вистинскиот Бог. Тоа што е горд и надуен не му дозволува да учи за Бог и да стекне мудрост (Пословици 11:2). Зошто воопшто и се мачи да бара мудрост? Пословицата не ни кажува, но можеби го прави тоа за другите да мислат дека е мудар.
Разумниот човек „лесно доаѓа до знаење“. Разумноста се дефинира како „умствено разбирање: способност за сфаќање“, „способност да се сфати општата поврзаност на деталите“. Тоа е способност да се поврзат различни аспекти на една тема и да се увиди целата слика, а не само поединечните делови. Оваа пословица вели дека човек што има ваква способност лесно доаѓа до знаење.
Во врска со ова, размисли за тоа како ти лично си стекнал спознание за библиската вистина. Кога си почнал да ја проучуваш Библијата, првите вистини што си ги научил веројатно биле основните учења за Бог, за неговите ветувања и за неговиот Син. Некое време, тоа биле само неповрзани детали. Но, како што си продолжил да проучуваш, деловите почнале да се составуваат и си можел јасно да видиш на кој начин различни детали се поврзани со целокупната намера на Јехова за човештвото и за Земјата. Вистината од Библијата ти станала логична и поврзана. Потоа ти било полесно да учиш и да запамтиш нови детали зашто си можел да видиш каде се вклопуваат тие во целокупната слика.
Мудриот цар опоменува каде не треба да се бара знаење. „Оди си од безумниот“, вели тој, „зашто нема да запознаеш усни што зборуваат знаење“ (Пословици 14:7). На безумниот човек му фали вистинско знаење. Неговите усни не зборуваат знаење. Советот е да бегаме од таквиот човек, и мудро е да се држиме што подалеку од него. Секој што „другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20).
„Мудроста на мудриот човек е во тоа: што внимава на својот пат“, продолжува Соломон, „а глупоста на безумникот е заблуда“ (Пословици 14:8). Еден мудар човек размислува пред да направи нешто. Ги разгледува разните опции што ги има и размислува за можниот исход од секоја од нив. Мудро избира како ќе постапи. А како е со глупавиот? Тој избира да постапи глупаво, верувајќи дека знае што прави и дека ја донел најдобрата одлука. Поради својата глупост, живее во заблуда.
Кога мудроста ги води односите со другите
Оној кого го води мудроста има мирољубиви односи со другите. „На лудите гревот им е шега“, забележува царот на Израел, „а среде праведните е Божјата наклонетост [владее слога, NW]“ (Пословици 14:9). Чувството на вина, или грижа на совест, е нешто смешно за лудиот. Тој си ги расипал односите дома и на секое друго место зашто е „премногу арогантен за да се извини“ и да бара мир (The New English Bible). Праведниот човек е спремен да ги прифати недостатоците на другите. Спремен е да се извини и да попушти кога не е во право. Затоа што тежнее по мир, има добри и стабилни односи со другите (Евреите 12:14).
Соломон понатаму укажува на еден фактор што ги ограничува меѓучовечките односи. Тој вели: „Срцето ја познава својата душевна мака, и неговата радост не може да ја дели никој друг“ (Пословици 14:10). Можеме ли секогаш да им ги кажеме нашите најдлабоки чувства — сеедно дали се работи за тага или радост — на другите и точно да им објасниме низ што поминуваме? И може ли некој секогаш потполно да разбере како се чувствува некој друг? И на двете прашања одговорот е ‚не‘.
Како пример, да ги разгледаме чувствата за самоубиство. Некој што има вакви чувства честопати не може отворено да им ги искаже тие чувства на некој член од семејството или на некој пријател. А другите не можат секогаш да ги препознаат знаците за вакви чувства кај своите пријатели. Не треба да чувствуваме вина кога не ги гледаме овие знаци и кога пропуштаме да преземеме нешто за да помогнеме. Исто така, оваа пословица нѐ учи дека иако е утешно да се побара емоционална поддршка од некој сочувствителен пријател, луѓето можат да дадат само ограничена утеха. Кога треба да издржиме некои неприлики, можеби ќе мораме да се потпреме само на Јехова.
„Благосостојба и богатство ќе биде во неговиот дом“
„Домот на нечесните ќе пропадне“, вели царот на Израел, „а живеалиштето на праведниците ќе процвета“ (Пословици 14:11). Еден нечесен човек можеби ќе напредува во овој систем на работи и можеби ќе живее во убава куќа, но од каква корист ќе му биде сето тоа кога него ќе го нема? (Псалм 37:10). Од друга страна, пак, домот на праведникот можеби ќе биде прилично скромен. Но, „благосостојба и богатство ќе биде во неговиот дом“, вели Псалм 112:3. Што значи тоа?
Кога мудроста ги води нашите зборови и постапки, ги имаме „богатството и славата“ што доаѓаат од мудроста (Пословици 8:18). Во нив спаѓаат и мирољубиви односи со Бог и со другите луѓе, чувство на благосостојба и извесна мера на стабилност. Да, „живеалиштето на праведниците“ може да процвета уште сега.
[Слика на страница 27]
Мудрата жена го изградува својот дом
[Слика на страница 28]
„Јазикот на мудрите е исцелување“