Семејна студија која донесува радост
„Со умешност [спознание, НС] нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра“ — вели Библијата (Изреки 24:4). Овие вредни скапоцености не се само материјални богатства туку вклучуваат и вистинска љубов, божествен страв и цврста вера. Таквите особини навистина создаваат богат семеен живот (Изреки 15:16, 17; 1. Петрово 1:7). Но, за да ги стекнеме, спознанието за Бог треба да го донесеме во нашите домаќинства.
ГЛАВАТА на семејството ја има одговорноста да го всади ова спознание кај членовите на семејството (5. Мојсеева 6:6, 7; Ефесјаните 5:25, 26; 6:4). Еден од најдобрите начини да се стори ова е преку редовна семејна студија. Колку само ова може да биде пријатно за учесниците кога студијата е водена на начин кој е и поучен и радосен! Затоа, да разгледаме некои битни работи во водењето на една делотворна семејна студија.a
Семејната студија е најделотворна кога е редовна. Ако се препушти на случајноста или, пак, се одлучи на брза рака, во најдобар случај, таа веројатно ќе биде ретка. Затоа, мораш да ‚си откупиш време‘ (НС) за студијата (Ефесјаните 5:15—17). Да се избере редовен термин кој е згоден за сите, може да биде предизвик. „Имавме тешкотија нашата семејна студија да ја одржуваме редовна“ — признава главата на едно семејство. „Се обидовме со различни временски термини сѐ додека конечно не најдовме соодветен термин нешто подоцна навечер. Сега нашата семејна студија е редовна.“
Штом имате прикладен термин, внимавајте да не дозволите пречките да ви ја истиснат студијата. „Доколку дојдеа посетители за време на студијата“ — се присеќава Маријаb‚ сега на 33 години — „тато ќе ги поканеше да причекаат додека не завршеше студијата. А што се однесува до телефонските повици, едноставно ќе му речеше на лицето дека тој ќе му се јави подоцна.“
Меѓутоа, ова не значи дека не може да се направи место за флексибилност. Може да се појават итни случаи или непредвидени случки, и повремено може да биде неопходно студијата да се откаже или одложи (Проповедник 9:11). Но, биди внимателен да не дозволиш некоја од овие работи да ја исфрли од колосек вашата рутина (Филипјаните 3:16).
Колку долго треба да трае студијата? Роберт, кој успешно подигнал ќерка и син, вели: „Нашите студии обично траеја еден час. Кога децата беа мали, се трудевме да го задржиме нивниот интерес во текот на часот со тоа што разгледувавме различни работи, како што се неколку пасуси од студиската статија во Стражарска кула, избрани пасуси од Библијата и делови од други публикации. Марија се присеќава: „Кога моите две сестри и јас бевме многу мали, нашата студија траеше околу 20 минути, два-три пати во седмицата. Додека растевме, нашата седмична семејна студија траеше отприлика еден час“.
Што да студираме?
Размислувањето за ова прашање тогаш кога сите се собрани за студијата, би довело до фрустрација и губење на скапоценото време за проучување. Ако е таков случајот, децата не би имале нешто конкретно на кое би се радувале и набргу би го загубиле интересот. Затоа, избери однапред да разгледате некоја публикација на Заедницата.
‚Верниот и разборит роб‘ обезбедил изобилство публикации од кои може да се избира (Матеј 24:45—47, НС). Можеби можете да користите некоја книга која семејството уште не ја студирало. И какво само уживање е да се разгледуваат избрани делови од Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), доколку овие томови ги има на располагање на вашиот јазик! На пример, во текот на седмиците пред Меморијалот би можеле да ја разгледате статијата за Господовата вечера. Многу семејства уживаат да ја подготвуваат студијата на Стражарска кула за таа седмица. Но, секундарните статии во Стражарска кула исто така даваат извонреден материјал за студирање. Главата на семејството, кој ги знае духовните потреби на семејството, е во најдобра положба да одлучи кои публикации треба да се студираат.
„Секогаш студиравме некоја однапред избрана публикација“ — се присеќава Марија. „Но, кога ќе се појавеше некое прашање или ќе настанеше некаква ситуација в училиште, тогаш се префрлувавме на соодветната информација.“ Се појавуваат посебни грижи, како што се проблемите со кои се соочуваат младите в училиште, состанувањето, воншколските активности и слично. Кога ќе се случи тоа, проберете статии или публикации кои зборуваат за присутниот проблем. Ако видите некоја информација во последното издание на Стражарска кула или Разбудете се! која би сакале веднаш да ја обработите со семејството, не се колебајте да го подготвите тоа. Се разбира, вие ќе сакате однапред да ги информирате членовите на семејството во врска со промената. Но, погрижете се да се вратите на планираниот материјал штом потребата е задоволена.
Атмосферата држете ја спокојна
Учењето најдобро се одвива под мирни околности (Јаков 3:18). Затоа, негувајте опуштена атмосфера, но сепак полна со почит. Главата на едно семејство од Соединетите Држави вели: „Без разлика дали студираме во дневната соба или на верандата, се трудиме да седиме прилично близу еден до друг, наместо да се рашириме во некоја голема просторија. За нас, ова создава срдечно чувство“. И Марија се присеќава со голема наклонетост: „На моите сестри и мене ни беше дозволено да избереме каде во куќата би ја имале студијата таа седмица. Ова правеше да се чувствуваме удобно“. Задржете на ум дека кон спокојството придонесуваат и исправното осветлување, соодветниот распоред за седење, како и ведрата и уредна околина. Ако после студијата се има закуска за семејството, тоа исто така помага вечерта да се направи радосна.
Некои семејства дури избираат повремено да вклучат и други семејства во својата студија, зголемувајќи го со тоа интересот, како и разновидноста на коментарите. Кога новите во вистината се поканети да учествуваат во оваа подготовка, тие можат да извлечат корист од набљудувањето како една искусна глава на семејство води семејна студија.
Оживејте ја Библијата
Направете ги периодите на студирање живи за децата, па тие желно ќе ги очекуваат. Тоа можете да го сторите со тоа што ќе ги охрабрувате малечките деца да цртаат слики од некои библиски сцени. Кога е прикладно, дајте им на децата да изведат библиски настани и драми. Со малечките деца не е неопходно да се држите за некој формален метод прашање-одговор. Читањето или раскажувањето приказни за библиски ликови претставува радосен начин да се всадат божествените начела. Роберт, споменат порано, се сеќава: „Понекогаш ќе читавме библиски пасуси, при што се менувавме додека ги читавме различните ‚гласовни‘ улоги што ни беа доделени“. Децата можат да бидат поканети да го изберат ликот што сакаат да го глумат во читањето.
Користењето мапи и табели ќе им помогне на поголемите деца да си ги претстават подрачјата и обележјата на земјата каде што се случиле настаните за кои се дискутира. Јасно, со малку имагинација, семејната студија може да се направи жива и разновидна (1. Петрово 2:2, 3).
Помогни му на секој да учествува
За да уживаат во студијата, децата мораат и да се чувствуваат вклучени во неа. Меѓутоа, може да претставува вистински предизвик да наведеш да се вклучат деца од различни возрасти. Но, едно библиско начело вели: „Оној кој претседава, нека го прави тоа со вистинска сериозност“ (Римјаните 12:8, НС). Корисно е да се биде ентузијастичен, бидејќи ентузијазмот е заразен.
Роналд ја вклучува својата петгодишна ќеркичка Дина со тоа што ѝ дава да ги чита поднасловите од студискиот материјал и ја замолува да коментира за сликите. Минатата година, кога наближи Меморијалот за Христовата смрт, се сосредоточил на умесни илустрации од книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел.c Тој забележува: „Тоа ѝ помогна да го разбере значењето на настанот“.
Со својата десетгодишна ќерка Миша, Роналд оди чекор понатаму. „Миша напредуваше до точката да може да разбере не само што претставуваат илустрациите туку и значењето што го прикажуваат“ — вели Роналд. „Затоа, кога ја разгледувавме книгата Откривење — Близу је величанствени врхунац!d се сосредоточувавме на значењето на илустрациите, и тоа ѝ помогна.“
Додека децата растат кон своите тинејџерски години, поканувајте ги да коментираат за практичната примена на материјалот што се разгледува. Кога ќе се јават прашања за време на студијата, доделувајте им задачи за истражување. Роберт го сторил тоа кога неговиот 12-годишен Пол прашал за еден новооформен школски клуб, во кој била вклучена играта Темници и змејови. Пол и другите во семејството побарале информации користејќи го Watchtower Publications Index (Индексот на публикации на Watchtower) и ги разгледале на нивната семејна студија. „Како резултат од тоа“ — вели Роберт — „Пол брзо разбра дека играта е неисправна за христијаните.“
Роберт доделувал истражувања и другпат. Неговата сопруга Ненси се присеќава: „Кога ги истражувавме Исусовите апостоли, секому од нас му беше доделуван по еден апостол секоја седмица. Колку само возбудливо беше да се види како децата восхитено го изнесуваат својот извештај на семејната студија!“ Правењето сопствено истражување и споделувањето на информациите со семејството им помага на децата да ‚растат со Јехова‘ (1. Царства 2:20, 21, НС).
Поставувањето прашања — не само за гледиштето туку и сугестивни прашања — исто така претставува добар начин да се наведат децата да се вклучат. Главниот Учител, Исус, поставувал прашања за гледиштето, како што е: „Што мислиш?“ (Матеј 17:25, НС). „Кога некој од нас имаше некакво прашање, нашите родители никогаш не ни одговараа директно“ — се сеќава Марија. „Секогаш ни поставуваа сугестивни прашања, помагајќи ни да резонираме за работата.“
Комуницирај — не раздразнувај!
Радоста на една семејна студија е зголемена ако сите присутни можат да комуницираат за своите гледишта и чувства, без страв дека ќе бидат исмејувани. Но, „добрата комуникација во текот на една семејна студија е можна само ако линиите на комуникација се отворени и во другите времиња“ — вели еден татко. „Не можеш да се преправаш само за време на студијата.“ Секако, избегнувај непромислени коментари кои повредуваат, како: ‚Дали тоа е сѐ? Мислев дека е нешто важно‘; ‚Тоа е глупаво‘; ‚Па, што може да се очекува? Ти и онака си само дете‘ (Изреки 12:18). Биди сочувствителен и милостив спрема своите деца (Псалм 102:13; Малахија 3:17). Радувајте им се на своите деца и поддржувајте ги додека настојуваат да го применуваат она што го учат.
Расположението на семејната студија треба да биде такво што умот на детето ќе биде приемчив за поуката. „Кога ќе почнеш да ги исправаш децата“ — објаснува еден успешен родител на четири деца — „имаш некако непријателски настроена публика.“ Во една таква атмосфера, информациите веројатно нема да продрат. Затоа, избегнувај периодите на студијата да ги правиш сесии за стегање и казнување. Доколку се потребни, давај ги подоцна и поединечно.
Напорот се исплаќа
Изградувањето духовно богато семејство бара време и напор. Но, псалмистот изјавува: „Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот“ (Псалм 126:3). А на родителите им е доверена одговорноста да ги ‚подигаат [децата] во стега и Јеховино мисловно насочување‘ (Ефесјаните 6:4, НС). Затоа, развивај ги вештините да водиш делотворна и радосна семејна студија. Прави го најдоброто што можеш за да го обезбедиш „нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта“ за да можат твоите деца ‚да порастат до спасение‘ (1. Петрово 2:2, НС; Јован 17:3).
[Фусноти]
a Иако многу предлози што се изнесени во оваа статија се однесуваат на помагањето на децата во една семејна студија, концептите важат и за една семејна студија каде што нема деца.
b Некои од имињата се изменети.
c Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
d Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.