Какво е твоето гледиште за смртта?
СМРТТА фрла сенка над нас додека си продолжуваме со нашето секојдневие, без разлика колку сме физички здрави или колку сме богати. Може да нѐ погоди следниот пат кога ќе ја преминеме улицата или кога ќе си легнеме. Несреќите, како што беа терористичките напади на 11 септември 2001, во Њујорк и Вашингтон Д.К., нѐ доведуваат очи в очи со фактот дека ‚последниот непријател‘, смртта, си ги собира своите жртви од сите општествени слоеви и од сите старосни групи, понекогаш земајќи илјадници животи за само неколку минути (1. Коринќаните 15:26).
И покрај тоа, се чини дека смртта ги фасцинира луѓето. Изгледа ништо не продава повеќе весници или не привлекува повеќе луѓе пред телевизиските екрани отколку извештаите за смрт, особено смртта на голем број луѓе во ужасни околности. Како на луѓето никогаш да не им е доста од смртта, сеедно дали е тоа смрт од војна, природна катастрофа, криминал или од болест. Оваа опседнатост со смртта најзбунувачки е изразена во силните природни чувства што се покажуваат при смртта на славните и јавните личности.
Сето ова е неоспорно. Луѓето и понатаму остануваат фасцинирани од смртта — смртта на другите. Меѓутоа, кога се соочени со сопствената смрт, се стресуваат. Нашата сопствена смрт е темата за која повеќето од нас не сакаат ни да помислат.
Збунети од смртта?
Помислата на нашата смрт е, и секогаш ќе биде, непријатна. Зошто тоа е така? Затоа што Бог вметнал во нас силна желба да живееме засекогаш. „Им ја всадил вечноста во нивните срца“ вели Проповедник 3:11. Затоа, неизбежноста на смртта создава внатрешен конфликт во луѓето, една постојана неусогласеност. За да се справат со овој внатрешен конфликт и да го задоволат природниот копнеж да продолжат да живеат, луѓето измислиле секакви верувања, од доктрината за бесмртност на душата до верувањето во реинкарнација.
Во секој случај, смртта е вознемирувачки, застрашувачки настан, и овој страв од смртта е универзален. Затоа, не треба да нѐ изненади тоа што за човечкото општество смртта е еден застрашувачки изглед. Едно е јасно, смртта ја разоткрива крајната ништожност на животот посветен на стремежот по богатство и моќ.
Отуѓени со смртта?
Во минатото, на едно неизлечиво болно или смртно рането лице му било допуштано да умре во познатата и сакана средина на својот дом. Тоа било случај во библиски времиња, и сѐ уште е така во некои култури (Битие 49:1, 2, 33). Во таквите случаи, семејството се собира заедно, а во разговорот се вклучени и децата. Ова му дава на секој член на семејството чувство дека не е осамен во жалоста, а фактот дека заедно ги споделуваат одговорноста и тагувањето, му донесуваат утеха.
Ова е во остра спротивност со она што се случува во општество каде што разговорот за смртта, на која се гледа како на нешто морбидно, е табу-тема, од кој децата се исклучени под претпоставка дека тоа е „премногу“ за нив. Умирањето денес се разликува на многу начини и честопати е поосамено. Иако повеќето би сакале да умрат дома, мирно и негувани со љубов од семејството, за многумина суровата реалност е дека умираат во болница, обично изолирани и во болка, поврзани со застрашувачки куп од опрема со висока технологија. Од друга страна, милиони едноставно умираат анонимно — безлични жртви на геноцид, глад, СИДА, граѓанска војна или крајна сиромаштија.
Тема за размислување
Библијата не одвратува од размислување за смртта. Всушност, Проповедник 7:2 ни кажува: „Подобро е да се влезе во куќа каде е жалост, отколку во куќа каде е гозба, зашто онаму е крајот на секој човек“. Кога сме соочени со реалноста на смртта, може да се оттргнеме од нашите вообичаени грижи или активности и да се сосредоточиме на краткотрајноста на животот. Тоа може да ни помогне да го живееме животот на еден посмисловен начин наместо едноставно да се провлекуваме низ него или залудно да си го потрошиме.
Какво е твоето гледиште за смртта? Си ги испитал ли твоите чувства, верувања, надежи и стравови во врска со крајот на твојот живот?
Како природата на животот така и природата на смртта е надвор од подрачјето на човечката способност да ја објасни и да ја сфати. Единствениот што може да зборува на таа тема со веродостоен авторитет е нашиот Творец. Во него е „изворот на животот“ и тој „избавува од смрт“ (Псалм 36:9; 68:20). Колку и да изгледа изненадувачки, испитувањето на некои популарни верувања за смртта во светло на Божјата реч, ќе се покаже утешно и освежувачко. Тоа ќе открие дека смртта не мора сигурно да биде крај на сѐ.
[Истакната мисла на страница 4]
Можноста од смрт ни помага да го живееме животот на еден посмисловен начин