„Радувај се со жената на својата младост“
„Радувај се со жената на својата младост... Зошто, сине мој, да паѓаш во занес со блудница“ (ИЗРЕКИ 5:18, 20).
1, 2. Зошто може да се рече дека романтичната љубов помеѓу мажот и неговата жена е благослов?
БИБЛИЈАТА се изјаснува отворено кога станува збор за сексуалните односи. Во Изреки 5:18, 19 читаме: „Нека е благословен твојот извор и радувај се со жената на својата младост, која ти е мила како срна и занесна како планинска коза. Нејзините гради нека те опиваат во секое време. Со нејзината љубов биди секогаш во занес“.
2 Зборот „извор“ што е употребен овде се однесува на изворот на сексуално задоволство. Тоа е благослов во таа смисла што чувството на романтична љубов и занес што постои меѓу сопружниците е дар од Бог. Но, оваа интимност треба да постои само во рамките на бракот. Затоа, цар Соломон од древниот Израел, кој ги напишал Изреките, го поставува ова реторично прашање: „Зошто, сине мој, да паѓаш во занес со блудница или да ги прегрнуваш градите на прељубница?“ (Изреки 5:20).
3. а) Која е една жалосна реалност во многу бракови? б) Како гледа Бог на прељубата?
3 Кога ќе се венчаат, мажот и жената свечено си ветуваат дека ќе се сакаат и дека ќе си бидат верни. Сепак, многу бракови се уништени поради прељуба. Всушност, откако анализирала 25 анкети, една жена што се занимава со истражување заклучила дека „25 отсто од жените и 44 отсто од мажите имале вонбрачни сексуални односи“. Апостол Павле рекол: „Не залажувајте се! Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи... нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Сосема е јасно: Прељубата е сериозен грев во Божји очи, и оние што му служат на вистинскиот Бог не смеат да извршат браколомство. Што ќе им помогне ‚бракот да биде чесен и брачната постела да биде чиста‘? (Евреите 13:4).
Чувај се од измамливото срце
4. На кои начини некој христијанин што е во брак би можел несвесно да стапи во вонбрачна врска?
4 Во денешниов свет со низок морал, на многу луѓе „очите им се полни со прељуба и не можат да го остават гревот“ (2. Петрово 2:14). Тие намерно започнуваат љубовни врски надвор од бракот. Во некои земји многу жени одат на работа, и како резултат на тоа што заедно работат и мажи и жени, се создаваат поволни услови да дојде до вонбрачни љубовни врски на работното место. Понатаму, и чет-линиите им олеснуваат дури и на најсрамежливите да станат премногу блиски со некого преку Интернет. Многу луѓе што се во брак паѓаат во овие замки без да бидат свесни за тоа.
5, 6. Како една мажена христијанка се нашла во опасна ситуација, и што учиме од тоа?
5 Еве како една христијанка, која ќе ја наречеме Марија, се нашла во ситуација што ја довела во опасност да се впушти во сексуален неморал. Маж ѝ, кој не е Јеховин сведок, не покажувал многу љубов кон семејството. Марија кажува дека пред неколку години се запознала со некој колега на маж ѝ. Тој човек бил многу учтив, и по некое време се заинтересирал дури и за религијата на Марија. „Толку беше фин, толку поинаков од маж ми“, вели таа. Наскоро, меѓу Марија и колегата на маж ѝ се јавиле романтични чувства. „Не правам прељуба“, си велела таа, „а човекот е заинтересиран за Библијата. Можеби ќе успеам да му помогнам.“
6 Пред нејзините романтични чувства да ја наведат на прељуба, Марија сфатила во каква опасност е (Галатите 5:19-21; Ефешаните 4:19). Совеста ѝ се разбудила, и таа почнала да ги исправа работите. Случката на Марија покажува дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Еремија 17:9). Библијата нѐ опоменува: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето“ (Изреки 4:23). Како да го направиме тоа?
‚Паметниот човек се трга‘
7. Кој библиски совет треба да се следи кога му се помага на некого што има брачни проблеми?
7 „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне“, напишал апостол Павле (1. Коринќаните 10:12). А во Изреки 22:3 стои: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“. Наместо самоуверено да си мислиш: ‚Ништо нема да ми се случи‘, ќе биде мудро однапред да си свесен за ситуациите што би можеле да водат до проблеми. На пример, немој да си му рамо за плачење на некој од спротивниот пол што има големи проблеми во бракот (Изреки 11:14). Речи му дека е најдобро за брачните проблеми да зборува со својот сопружник, со некој зрел христијанин од истиот пол што сака неговиот брак да успее, или со старешините (Тит 2:3, 4). Старешините во собранијата на Јеховините сведоци даваат добар пример во овој поглед. Кога некој старешина треба да зборува во четири очи со некоја христијанка, тоа го прави пред погледот на другите — како на пример, во Салата на Царството.
8. Каква претпазливост треба да се покажува на работното место?
8 На работното место или на кое и да е друго место, внимавај на ситуациите што би можеле да водат до блискост. На пример, кога прекувремено се останува на работа со некое лице од спротивниот пол, можат да се создадат услови за искушение. Како маж или жена што е во брак, треба јасно да дадеш на знаење со своите зборови и со своето однесување дека едноставно нема шанси за никаква врска со тебе. Како личност што му е оддадена на Бог, сигурно не би сакал да привлекуваш непотребно внимание со тоа што ќе флертуваш или ќе се облекуваш нескромно (1. Тимотеј 4:8; 6:11; 1. Петрово 3:3, 4). Ако на работното место ставиш фотографии од својот сопружник и од децата, погледот на нив постојано ќе те потсетува и тебе и другите колку ти е важно семејството. Биди решен никогаш да не поттикнеш некого да почне да ти се додворува — дури ни да го толерираш ако веќе го прави тоа (Јов 31:1).
„Уживај во животот со жената што ја сакаш“
9. Кој синџир на настани може да роди желба за некоја нова љубовна врска?
9 Да го чуваме срцето вклучува повеќе отколку само да избегнуваме опасни ситуации. Кога еден од сопружниците го привлекува некоја трета личност, причината може да биде тоа што неговиот партнер не обрнува внимание на неговите потреби. Можеби жената постојано се чувствува запоставена или мажот постојано добива критики. Одеднаш некоја трета личност — сеедно дали на работа или дури и во христијанското собрание — изгледа дека ги има токму тие особини што ги нема сопружникот. Наскоро се раѓа привлечност, и новата врска станува речиси неодоливо пожелна. Овој подмолен синџир на настани потврдува колку е точно она што е речено во Библијата: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами“ (Јаков 1:14).
10. Како можат мажите и жените што се во брак да ја зајакнат својата брачна врска?
10 Наместо да бараат некого надвор од бракот за да си ги задоволат своите желби — сеедно дали желбата за љубов, за пријателство или за поддршка во тешки моменти — мажите и жените треба да работат на тоа да ја зајакнат врската со својот брачен другар. Затоа, минувајте го времето заедно, и зближете се уште повеќе. Размислувајте за тоа што ве навело да се вљубите еден во друг. Обиди се повторно да ја разгориш љубовта кон личноста што ти станала животен сопатник. Размислувај за убавите моменти што сте ги поминале заедно. Моли го Бог во врска со тоа. Псалмистот Давид го молел Јехова: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Псалм 51:10). Биди решен ‚да уживаш во животот со жената [или мажот] што ја сакаш, во сите денови на својот живот што ти го дал Бог под сонцето‘ (Проповедник 9:9).
11. Каква улога играат знаењето, мудроста и разборитоста во зајакнувањето на брачната врска?
11 Не треба да се изгуби од вид ни колку се важни знаењето, мудроста и разборитоста за да се зајакне брачната врска. Во Изреки 24:3, 4 стои: „Со мудрост се гради дом и со разборитост се утврдува. Знаењето ги полни собите со разновидни вредни работи, скапоцени и убави“. Меѓу скапоцените работи што исполнуваат еден среќен дом се особините како што се љубовта, верноста, стравот од Бог и верата. За да се стекнат, потребно е знаење за Бог. Затоа, брачните двојки треба сериозно да ја проучуваат Библијата. А колку се важни мудроста и разборитоста? За успешно да се решаваат секојдневните проблеми треба мудрост, односно способност да се примени знаењето што е стекнато од Библијата. Оној што е разборит може да ги разбере мислите и чувствата на својот брачен другар (Изреки 20:5). „Сине мој, добро слушај ја мојата мудрост“, вели Јехова преку Соломон. „Приклони го своето уво кон мојата разборитост“ (Изреки 5:1).
Кога ќе се појават „неволји“
12. Зошто не сме изненадени што брачните двојки имаат проблеми?
12 Ниеден брак не е совршен. Библијата дури и вели дека мажите и жените ќе имаат „телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Грижите, болестите, прогонството и други фактори можат да доведат до напнати односи во еден брак. Меѓутоа, кога ќе се појават проблеми, треба заеднички да барате решение како верни брачни другари што сакаат да му угодат на Јехова.
13. На кои полиња мажот и жената треба да се преиспитаат себеси?
13 Што ако во бракот владее напната атмосфера поради начинот на кој мажот и жената постапуваат еден со друг? Треба да се вложи труд за да се најде решение. На пример, можеби почнале да си кажуваат нељубезни зборови и сега тоа им е редовна навика (Изреки 12:18). Како што видовме во претходната статија, тоа може да има страшни последици. Една библиска изрека вели: „Подобро е да живееш во пуста земја отколку со жена кавгаџика и во немир“ (Изреки 21:19). Ако ти си жена во еден таков брак, прашај се: ‚Дали на мојот маж му е тешко да биде во мое друштво поради мојот карактер?‘ Библијата им вели на мажите: „Сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Колошаните 3:19). Ако си маж, прашај се: ‚Дали сум бесчувствителен, и со тоа ја ставам мојата жена на искушение да бара утеха кај некој друг?‘ Се разбира, нема никаков изговор за сексуалниот неморал. Сепак, тоа што може да се случи една таква трагедија е добра причина отворено да се зборува за проблемите.
14, 15. Зошто решението на брачните проблеми не треба да се бара надвор од бракот?
14 Брачните проблеми нема да се решат ако се бара утеха во некоја вонбрачна врска. До што би можела да доведе една таква врска? До еден нов и подобар брак? Некои можеби си мислат така. Тие велат: ‚Па, оваа личност ги има баш тие особини што ги барам кај брачниот партнер‘. Но, таквото размислување е погрешно, бидејќи секој што би го напуштил својот сопружник — или би ти влијаел тебе да го сториш истото — воопшто не го почитува бракот како света заедница. Не е разумно да се очекува таквата врска да води до нов, подобар брак.
15 Марија, која веќе ја спомнавме, трезвено размислила за последиците од она што го прави, вклучувајќи ја и можноста таа или некој друг да ја изгуби Божјата милост (Галатите 6:7). „Кога почнав да си ги преиспитувам чувствата кон колегата на маж ми“, вели таа, „сфатив дека, ако воопшто постои шанса тој човек да ја запознае вистината, јас го спречував во тоа. Гревот би влијаел негативно врз секој од оние што се вклучени и би ги спрепнал другите!“ (2. Коринќаните 6:3).
Најсилниот мотив
16. Кои се некои последици од моралната нечистотија?
16 Библијата опоменува: „Од усните на блудница капе мед како од саќе и непцето ѝ е помазно од масло. Но она што останува по неа е горко како пелин, остро како меч со две сечила“ (Изреки 5:3, 4). Последиците од моралната нечистотија се болни и можат да бидат смртоносни. Тие вклучуваат нечиста совест, сексуално преносливи болести и длабока емоционална болка кај партнерот на оној што извршил неверство. Секако дека тоа е добра причина да не се тргне по патот што може да води до браколомство.
17. Која е најсилната причина да се остане верен во бракот?
17 Главната причина зошто не е исправно да се изврши неверство во бракот е тоа што Јехова, оној што го создал човекот со сексуални потреби, го осудува тоа. Преку пророкот Малахија, тој вели: „Ќе дојдам кај вас за да ви судам и ќе бидам брз сведок против... прељубниците“ (Малахија 3:5). Во врска со она што го гледа Јехова, во Изреки 5:21 стои: „Патиштата на човекот се пред очите на Јехова, и тој внимателно ги набљудува сите негови патеки“. Да, „сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Значи, најсилниот мотив за да се остане верен во бракот е сознанието дека, колку и да е извршено во тајност неверството и колку и да изгледаат мали физичките или социјалните последици, секој чин на сексуална валканост го нарушува односот со Јехова.
18, 19. Што учиме од она што го доживеал Јосиф со жената на Петефри?
18 Примерот на Јосиф, синот на семејниот поглавар Јаков, покажува дека желбата да се остане во мир со Бог е многу силен мотив. Кога нашол милост во очите на Петефри, кој бил дворски службеник на фараонот, Јосиф добил повластена положба во домот на Петефри. Тој исто така „имал убава става и убаво лице“, а тоа веднаш го забележала жена му на Петефри. Секој ден се обидувала да го заведе Јосиф, но секој нејзин обид бил залуден. Што му помогнало на Јосиф да одолее на сите нејзини додворувања? Библијата ни кажува: „Тој одбиваше, велејќи ѝ на жената на својот господар: ‚Гледај, мојот господар... не ми скрати ништо друго освен тебе, зашто си му жена. Па како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?‘“ (1. Мојсеева 39:1-12).
19 Јосиф, кој не бил во брак, останал морално чист со тоа што одбил да има врска со жената на друг човек. „Пиј вода од својот бунар“, им се вели на оженетите мажи во Изреки 5:15, „и вода што извира од твојот кладенец.“ Внимавај дури и ненамерно да не се родат кај тебе романтични чувства кон некого надвор од твојот брак. Вложувај напори да ја зајакнеш љубовта во твојот брак, и труди се да ги решиш брачните проблеми што можеби ќе се појават. Секогаш „радувај се со жената [или мажот] на својата младост“ (Изреки 5:18).
Што научи?
• Како може еден христијанин ненамерно да се впушти во вонбрачна врска?
• Кои мерки на претпазливост можат да му помогнат некому да не му се родат романтични чувства надвор од бракот?
• Што треба да направи една брачна двојка кога ќе се појават проблеми?
• Која е најсилната причина да се остане верен во бракот?
[Слика на страница 26]
За жал, на работното место може да се создадат поволни услови да дојде до вонбрачни љубовни врски
[Слика на страница 28]
‚Знаењето ги полни собите со убави работи‘