СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45
Како Јехова ни помага да ја извршуваме нашата служба
Ќе знаат дека меѓу нив имало пророк (ЕЗЕК. 2:5)
ПЕСНА 67 Итно е!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што може да очекуваме и во што може да бидеме уверени?
ДОДЕКА го извршуваме проповедничкото дело може да очекуваме дека ќе се соочиме со противење. Таквото противење веројатно ќе се зголемува во иднина (Дан. 11:44; 2. Тим. 3:12; Отк. 16:21). Сепак, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни ја даде потребната помош. Зошто може да бидеме уверени во ова? Јехова отсекогаш им помагал на своите слуги да ги извршуваат своите задачи, без разлика колку тешки биле тие. Како пример за ова, да разгледаме неколку настани од животот на пророкот Езекиел кој им проповедал на Евреите кои биле во ропство во Вавилон.
2. Како Јехова ги опишал луѓето на кои Езекиел им проповедал, и што ќе разгледаме во оваа статија? (Езекиел 2:3-6).
2 Какви биле луѓето на кои Езекиел им проповедал? Јехова ги опишал како дрски, бунтовни и „со тврдо срце“. Тие биле опасни како трњето и скорпиите. Затоа не е чудно што Јехова неколку пати му рекол на Езекиел: „Не плаши се“! (Прочитај Езекиел 2:3-6.) Езекиел можел да ја изврши својата задача да проповеда бидејќи 1) Јехова го испратил, 2) Божјиот дух му ја давал потребната сила и 3) Божјата Реч му ја зајакнувала верата. Во оваа статија ќе разгледаме како овие три работи му помогнале на Езекиел. Исто така, ќе видиме како ни помагаат нам денес.
ЈЕХОВА ГО ИСПРАТИЛ ЕЗЕКИЕЛ
3. Кои зборови веројатно го зајакнале Езекиел, и како Јехова го уверил дека ќе му помага?
3 Јехова му рекол на Езекиел: „Те праќам кај синовите на Израел“ (Езек. 2:3, 4). Овие зборови сигурно го зајакнале Езекиел. Зошто? Без сомнение, тој се сетил дека Јехова им кажал нешто слично и на Мојсеј и на Исаија кога ги избрал за пророци (2. Мој. 3:10; Иса. 6:8). Исто така, Езекиел знаел како Јехова им помогнал на овие двајца пророци да ги извршат своите тешки задачи. Според тоа, кога Јехова два пати му рекол на Езекиел: „Те праќам“, пророкот имал добра причина да верува дека тој навистина ќе му помага. Освен тоа, Езекиел неколку пати напишал: „Ми дојде Јеховината реч“ (Езек. 3:16). И многу пати напишал: „Повторно ми дојде Јеховината реч“ (Езек. 6:1). Очигледно е дека Езекиел бил уверен дека Јехова го испратил да проповеда. Исто така, бидејќи бил син на свештеник, Езекиел веројатно бил поучен од својот татко како Јехова низ историјата постојано ги уверувал своите пророци дека ќе им помага. На пример, на Исак, Јаков и Еремија, Јехова им рекол: „Јас сум со тебе“ (1. Мој. 26:24; 28:15; Ерем. 1:8).
4. Кои охрабрувачки мисли веројатно му дале сила на Езекиел?
4 Како повеќето Израелци ќе реагирале на пораката што ја проповедал Езекиел? Јехова рекол: „Домот на Израел нема да сака да те слуша, бидејќи не сакаат да ме слушаат мене“ (Езек. 3:7). Со тоа што го отфрлале Езекиел, тие всушност го отфрлале Јехова. Овие зборови го увериле Езекиел дека тоа што луѓето ја отфрлале неговата порака не значело дека тој лошо ја извршувал својата задача како пророк. Исто така, Јехова го уверил Езекиел дека, кога ќе се исполнат осудите што ги објавувал, Израелците „ќе знаат дека меѓу нив имало пророк“ (Езек. 2:5; 33:33). Нема сомнение дека овие охрабрувачки мисли му ја дале на Езекиел силата што му била потребна да ја изврши својата задача.
ЈЕХОВА НЀ ИСПРАЌА НАС
5. Според Исаија 44:8, што ни дава сила?
5 Исто како што било случај со Езекиел, и нам ни дава сила тоа што знаеме дека Јехова нѐ испраќа да проповедаме. Тој нѐ нарекол свои Сведоци (Иса. 43:10). Тоа навистина е огромна чест! Исто како што му рекол на Езекиел: „Не плаши се“, Јехова ни вели и нам: „Не плашете се“. Зошто не треба да се плашиме од нашите противници? Бидејќи, исто како Езекиел, нас нѐ испраќа Јехова и ја имаме неговата поддршка. (Прочитај Исаија 44:8.)
6. а) Што ни ветил Јехова според Исаија 43:2? б) Што нѐ охрабрува да продолжиме да проповедаме и покрај негативната реакција на луѓето?
6 Јехова ни ветува дека ќе ни помага. На пример, пред да каже: „Вие сте мои сведоци“, Јехова рекол: „Ако појдеш преку води, јас ќе бидам со тебе. Ако појдеш преку реки, тие нема да те преплават. Ако појдеш преку оган, нема да изгориш и пламен нема да те подгори“ (Иса. 43:2). Кога проповедаме, понекогаш се соочуваме со толку многу препреки што може да ги споредиме со поплава. Или минуваме низ некои тешки неволји што може да ги споредиме со оган. И покрај тоа, со помошта од Јехова, ние продолжуваме да проповедаме (Иса. 41:13). Исто како во времето на Езекиел, повеќето луѓе денес ја отфрлаат пораката што ја објавуваме. Но ние имаме на ум дека нивната негативна реакција не значи дека лошо ја извршуваме нашата задача како Сведоци на Јехова. Нас нѐ охрабрува тоа што знаеме дека Јехова е задоволен кога верно продолжуваме да ја објавуваме неговата порака. Апостол Павле напишал: „Секој ќе добие награда според својот труд“ (1. Кор. 3:8; 4:1, 2). Една сестра која многу години служи како пионер вели: „Многу ме радува тоа што знам дека Јехова го наградува нашиот труд“.
БОЖЈИОТ ДУХ МУ ЈА ДАВАЛ ПОТРЕБНАТА СИЛА НА ЕЗЕКИЕЛ
7. Како се чувствувал Езекиел кога размислувал за видението што го видел? (Види ја сликата на насловната страница.)
7 Езекиел видел колкава моќ има Божјиот дух. Она што Езекиел го видел во видение му помогнало да сфати дека светиот дух ги води моќните ангели и дека ги движи огромните тркала на небесната кочија (Езек. 1:20, 21). Како реагирал Езекиел кога го видел тоа? Тој напишал: „Кога го видов ова, паднав ничкум“. Исполнет со восхит и стравопочит, Езекиел изгубил сила и паднал на земја (Езек. 1:28). Секогаш кога размислувал за тоа величествено видение, сигурно му се зајакнувала увереноста дека со помошта од Божјиот свет дух ќе може да ја изврши својата служба.
8-9. а) Што се случило со Езекиел кога Јехова му заповедал да стане? б) Што друго направил Јехова за да го зајакне Езекиел за тешката задача што му ја дал?
8 Јехова му заповедал на Езекиел: „Сине човечки, застани на нозе за да зборувам со тебе“. Таа заповед, заедно со Божјиот дух, му ја дало на Езекиел потребната сила да стане од земјата. Езекиел напишал: „Духот влезе во мене и ме подигна на нозе“ (Езек. 2:1, 2). Оттогаш, Божјата „рака“, односно Божјиот свет дух, го водела Езекиел додека ја извршувал службата (Езек. 3:22; 8:1; 33:22; 37:1; 40:1). Божјиот дух го зајакнал Езекиел да ја изврши задачата што ја добил — да му проповеда на народ кој е „тврдоглав и има тврдо срце“ (Езек. 3:7). Јехова му рекол на Езекиел: „Ти давам лице тврдо како нивното, и чело тврдо како нивното. Ти давам чело тврдо како дијамант, потврдо од кремен. Не плаши се од нив и не бој се од нивните лица“ (Езек. 3:8, 9). Со други зборови, Јехова како да му кажал на Езекиел: „Не дозволувај тврдоглавоста на народот да те обесхрабри. Јас ќе те зајакнам“.
9 Потоа, Божјиот дух го однел Езекиел на подрачјето на кое требало да проповеда. Тој напишал: „На мене почиваше Јеховината силна рака“. На пророкот му биле потребни седум дена за да размислува за пораката со цел потполно да ја разбере и таа да влијае врз неговите чувства (Езек. 3:14, 15). Потоа, Јехова му рекол да оди во една долина каде што духот влегол во него (Езек. 3:23, 24). Тогаш Езекиел бил подготвен да почне со својата служба.
БОЖЈОТ ДУХ И НАМ НИ ЈА ДАВА ПОТРЕБНАТА СИЛА
10. Каква помош ни е потребна за да го извршуваме проповедничкото дело, и зошто?
10 Каква помош ни е потребна за да го извршуваме проповедничкото дело денес? Размисли за Езекиел. Пред да почне да проповеда, Божјиот дух му ја дал потребната сила. Слично како Езекиел, и ние денес можеме да проповедаме само затоа што ни помага Божјиот дух. Зошто го велиме ова? Бидејќи Сатана води војна против нас за да го спречи проповедничкото дело (Отк. 12:17). Од човечка гледна точка, се чини дека немаме никакви шанси да успееме во борбата против Сатана. Но, со нашето сведочење, ние го победуваме! (Отк. 12:9-11). Во која смисла? Секогаш кога проповедаме, покажуваме дека не сме исплашени од заканите на Сатана. Всушност, секогаш кога проповедаме, Сатана доживува пораз. Според тоа, до каков заклучок можеме да дојдеме од фактот дека успеваме да проповедаме и покрај противењето? Можеме да заклучиме дека светиот дух ни дава сила и дека го имаме Јеховиниот благослов (Мат. 5:10-12; 1. Пет. 4:14).
11. Што може да направи за нас Божјиот дух, и што треба да правиме за и понатаму да го добиваме?
11 Што друго учиме од тоа што знаеме дека Јехова на симболичен начин му дал на Езекиел тврдо лице и тврдо чело? Божјиот дух може да ни помогне да се справиме со секоја тешкотија на која ќе наидеме во нашата служба (2. Кор. 4:7-9). Но, што треба да правиме за и понатаму да го добиваме Божјиот дух? Треба упорно да го молиме Јехова да ни го даде својот дух, уверени дека тој ќе ги чуе нашите молитви. Исус ги поучил своите ученици: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!“ А од своја страна, Јехова ќе им даде „свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:9, 13; Дела 1:14; 2:4).
БОЖЈАТА РЕЧ МУ ЈА ЗАЈАКНУВАЛА ВЕРАТА НА ЕЗЕКИЕЛ
12. Според Езекиел 2:9 — 3:3, кој му го дал свитокот на пророкот, и што пишувало во него?
12 Јехова му помагал на Езекиел на уште еден начин. Со својата Реч му ја зајакнувал верата. Во видение Езекиел видел една рака што држи свиток. (Прочитај Езекиел 2:9 — 3:3.) Кој му го дал тој свиток? Што пишувало во него? Како му ја зајакнал верата на Езекиел? Да видиме. Веројатно Јехова употребил еден од четирите ангели што Езекиел ги видел претходно за да му го даде тој свиток (Езек. 1:8; 10:7, 20). Во свитокот биле запишани Божји зборови — една долга порака на осуда што Езекиел требало да им ја објави на бунтовните Израелци кои биле во ропство (Езек. 2:7). Оваа порака била испишана од двете страни на свитокот.
13. Што му рекол Јехова на Езекиел да направи со свитокот, и зошто тој бил за него сладок како мед?
13 Јехова му рекол на својот пророк да го изеде свитокот и да се насити со него. Езекиел послушно го изел целиот свиток. Какво значење имал овој дел од видението? Езекиел требало потполно да ја разбере пораката што ја добил. Таа порака, така да се каже, требало да стане дел од него со тоа што ќе влијаела врз неговите најдлабоки чувства. Потоа, се случило нешто неочекувано. Кога Езекиел го изел свитокот, тој бил „сладок како мед“ (Езек. 3:3). Зошто? За Езекиел, честа да го претставува Јехова било нешто пријатно, односно слатко како мед (Пс. 19:8-11). Тој бил благодарен што Јехова го избрал да служи како негов пророк.
14. Што му помогнало на Езекиел да биде подготвен за својата задача?
14 Потоа, Јехова му кажал на Езекиел: „Сите зборови што ќе ти ги кажам прими ги во срцето и слушај ги со своите уши“ (Езек. 3:10). Со други зборови, Јехова му рекол на Езекиел да ги запомни зборовите што се запишани во свитокот и да размислува за нив. На тој начин, верата на Езекиел се зајакнувала. Освен тоа, така знаел каква силна порака сака Јехова да му пренесе на народот (Езек. 3:11). Откако Божјата порака се врежала во неговото срце, Езекиел бил спремен да започне со својата задача и потполно да ја изврши. (Спореди со Псалм 19:14.)
БОЖЈАТА РЕЧ И НАМ НИ ЈА ЗАЈАКНУВА ВЕРАТА
15. Што може да ни помогне да истраеме во службата?
15 За да истраеме во нашата служба, и ние треба да продолжиме духовно да се храниме со Божјите зборови. Треба во нашето срце да го примиме она што Јехова ни го зборува. Денес, Јехова нам ни зборува преку својата пишана Реч, Библијата. Што треба да правиме за Божјата Реч и понатаму да влијае врз нашите мисли, чувства и мотиви?
16. Што ќе ни помогне подобро да ја разбереме Божјата Реч и таа да влијае врз нас?
16 За да имаме физичка сила, мора добро да се храниме и телото мора да ја свари храната. Слично на тоа, ако сакаме да имаме силна вера, треба да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме за неа. Ова е важна поука која може да ја извлечеме од извештајот со свитокот. Јехова сака, така да се каже, да се наситиме со неговата Реч, односно добро да ја разбереме и таа да влијае врз нас. Како може да го правиме ова? Прво, треба да се молиме за да може нашето срце да ги прими Божјите мисли. Второ, треба да читаме дел од Библијата. И трето, треба да одвоиме време за длабоко да размислуваме за она што сме го прочитале. Кој ќе биде резултатот од тоа? Колку повеќе размислуваме за Божјата Реч толку подобро ќе ја разбереме, и нашата вера ќе станува сѐ посилна.
17. Зошто е многу важно длабоко да размислуваме за она што го читаме од Библијата?
17 Зошто е важно да ја читаме Библијата и длабоко да размислуваме за неа? Тоа ни ја дава силата која ни е потребна да ја проповедаме добрата вест сега и силата која ќе ни биде потребна за да објавуваме една тешка порака на осуда што можеби Јехова ќе ни ја даде во блиска иднина. Исто така, кога размислуваме за убавите особини на Јехова, стануваме уште поблиски со него. Како резултат на тоа, чувствуваме нешто многу слатко и пријатно — внатрешен мир и задоволство (Пс. 119:103).
ИСТРАЈУВАМЕ СО ПОМОШТА ОД ЈЕХОВА
18. Што ќе мора да признаат луѓето на нашето подрачје, и зошто?
18 За разлика од Езекиел, ние не сме пророци. Но, решени сме да продолжиме да ја објавуваме пораката што Јехова ја зачувал во својата Реч, сѐ додека тој не каже дека делото на проповедање е завршено. Кога ќе дојде времето Јехова да му суди на овој свет, луѓето на нашето подрачје нема да можат да кажат дека не добиле предупредување од Бог и можност да се спасат (Езек. 3:19; 18:23). Наместо тоа, ќе мора да признаат дека пораката што сме ја објавувале потекнува од Бог.
19. Што ќе ни даде сила да ја извршуваме нашата служба?
19 Што ќе ни даде сила да ја извршуваме нашата служба? Истите три работи што му помогнале на Езекиел. Ние продолжуваме да проповедаме бидејќи знаеме дека сме испратени од Јехова, бидејќи Божјиот свет дух ни дава сила и бидејќи Божјата Реч ни ја зајакнува верата. Со помошта од Јехова, ние можеме и сакаме да ја извршиме нашата служба и да истраеме „до крајот“ (Мат. 24:13).
ПЕСНА 65 Напред!
a Во оваа статија ќе разгледаме три работи кои му помагале на пророкот Езекиел да ја извршува својата задача да проповеда. Тоа што ќе разгледаме како Јехова му помагал на својот пророк ќе ни ја зајакне довербата дека тој ќе ни помага и нам да ја извршуваме нашата служба.