Следи ја светлината на светот
„Кој оди по мене . . . ќе ја има светлината на животот“ — ЈОВАН 8:12 (Даничиќ–Караџиќ).
1. Колку е битна светлината?
ШТО би правеле без светлина? Замисли си секој ден во годината да се будиш во 24-часовна темнина. Замисли си свет без бои, зашто без светлина нема ниту бои. Всушност, кога не би постоела светлината, не би постоеле ниту ние! Зошто не? Затоа што во процесот на фотосинтеза зелените растенија користат светлина за да ја создадат храната што ја јадеме — житарици, зеленчук и овошје. Вистина, понекогаш јадеме месо од животни. Но тие животни јаделе растенија или други животни кои живееле од растенија. Така, нашиот физички живот во потполност е зависен од светлината.
2. Каков силен извор на светлина постои, и што ни кажува тоа за Јехова?
2 Нашата светлина доаѓа од Сонцето кое е ѕвезда. Иако нашето сонце зрачи огромни количини светлина, сепак тоа е само ѕвезда од средна големина. Многу други се многу поголеми. А ѕвездената група во која живееме, галаксијата Млечен пат, се состои од преку сто милијарди ѕвезди. Освен тоа, во вселената постојат безброј милијарди галаксии. Колкаво мноштво од ѕвезди! Колку огромни количини светлина зрачат од нив! Колку моќен извор на светлина е Јехова, којшто го создал сето тоа! Исаија 40:26 изјавува: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ [изобилството на динамичка енергија, NW] и големата сила во Него ништо не недостига“.
Поинаков вид на светлина
3. Колку е важна духовната светлина од Јехова?
3 Јехова е Извор и на еден поинаков вид светлина која нѐ оспособува да имаме духовна визија, духовно просветлување. Еден речник изразот „просветлува“ го дефинира на следниот начин: „да пружи спознание, да поучи; да даде духовен увид во нешто“. „Просветлен“ се дефинира како: „ослободен од незнаење и дезинформираност“. Духовното просветлување од Јехова е пружено преку точното спознание за неговата Реч, Библијата. Тоа е она што нѐ оспособува да дознаеме кој е Бог и кои се неговите намери. „Оти Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исуса Христа светло“ (2. Коринтјаните 4:6). Така, вистините од Божјата Реч нѐ ослободуваат од незнаење и дезинформираност. Исус рекол: „И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).
4, 5. Како спознанието од Јехова служи како светлина во нашите животи?
4 Јехова, Изворот на вистинското духовно просветлување, е ‚совршен во знаењето‘ (Јов 37:16, ДК). Исто така, Псалми 118:105 изјавуваат за Бог: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“. Затоа тој може духовно да го осветли не само следниот чекор во нашиот живот, туку и целиот пат што е пред нас. Без тоа, животот би бил како да возиш автомобил по кривулест планински пат во темна ноќ без светла на автомобилот или наоколу. Духовната светлина од Бог може да се спореди со светлината што ја даваат предните фарови на автомобилот. Светлината го осветлува автопатот така што можеме точно да видиме каде одиме.
5 Пророштвото од Исаија 2:2-5 покажува дека во наше време Бог од сите народи собира луѓе кои сакаат духовно просветлување, така што можат да го научат и да го практикуваат вистинското обожавање. Стих 3 вели: „Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови“. Стих 5 ги повикува оние кои ја бараат вистината: „Дојдете, ќе одиме во Господовата [Јеховината, NW] светлина“.
6. Каде конечно ќе нѐ одведе светлината од Јехова?
6 Според тоа, Јехова е изворот на два вида на светлина кои се битни за животот: физичката и духовната. Физичката светлина им помага на нашите физички тела да бидат во живот, можеби околу 70 или 80 години или тука некаде. Но духовната светлина нѐ води во вечен живот на рајската Земја. Како што рекол Исус во молитва до Бог: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).
Свет во духовна темнина
7. Зошто сега ни е потребно духовно просветлување како никогаш порано?
7 Денес ни е потребна духовна светлина како никогаш порано. Пророштвата како Матеј поглавје 24 и 2. Тимотеј поглавје 3, покажуваат дека сме близу до крајот на овој систем на ствари. Овие и други пророштва претскажале страотни работи кои се случиле во наше време, а кои ни кажуваат дека сме во „последните денови“. Во склад со ваквите пророштва, ова столетие доживувало една несреќа по друга. Криминалот и насилството достигнале застрашувачки размери. Војните однеле преку сто милиони животи. Болестите, како што е ужасната СИДА, демнат милиони луѓе, а само во САД од СИДА веќе умреле околу 160.000. Семејниот живот се распаднал, а сексуалната моралност се смета за старомодна.
8. Со каква ситуација сега се соочува човештвото, и зошто?
8 Бившиот генерален секретар на Обединетите нации, Хавиер Перез де Куељар, рекол: „Ситуацијата во светот пружа непобитен доказ дека сиромаштијата [ја поткопува] цврстата поврзаност на општествата“. Тој забележал дека „преку една милијарда луѓе сега живеат во апсолутна сиромаштија“ и дека „тоа им дало замав на силите кои водат до насилни судири“. Овие „тешки несреќи“ — рекол тој — „се предизвик за средствата коишто владите можат да ги одвојат“. А водачот на една влијателна организација навел: „Централниот проблем со кој се соочува општеството е тој што тоа станало незауздливо“. Колку се вистинити зборовите од Псалми 145:3: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“.
9. Кој е најодговорен за темнината која го голта човештвото, и кој може да нѐ ослободи од тоа влијание?
9 Денешната ситуација е онаква како што е проречено во Исаија 60:2: „Ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите“. Оваа темнина која го покрива поголемиот дел од населението на Земјата се должи на тоа што тоа не ја впива духовната светлина од Јехова. А главната причина за духовната темнина е Сатана Ѓаволот и неговите демони, главните непријатели на Богот на светлината. Тие се „управители на темнината од овој век“ (Ефесјаните 6:12). Како што стои во 2. Коринтјаните 4:4, Ѓаволот е „богот од овој свет“ кој „им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог“. Ниедна човечка влада не може да го ослободи светот од влијанието на Сатана. Тоа може само Бог.
„Голема светлина“
10. Како Исаија претскажал дека во наше време врз човештвото ќе сјае светлина?
10 Сепак, додека поголемиот дел од човештвото го покрива голема темнина, Божјата Реч во Исаија 60:2, 3 исто така прорекла: „Над тебе ќе засветли Господ [Јехова, NW], и славата Негова ќе се јави над тебе. И народите ќе дојдат кон твоето видело“. Ова е во склад со Исаија поглавје 2, кај што е проречено дека во овие последни денови ќе биде воспоставено просветленото, вистинско обожавање на Јехова и дека, како што велат стихови 2 и 3, ‚кон него ќе појдат сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова“‘, односно кон неговото возвишено вистинско обожавање. Така, иако светот е под контрола на Сатана, сега се шири светлина од Бог која ослободува мноштва од темнината.
11. Кој требало да биде најистакнат во одразувањето на Јеховината светлина, и како Симеон го идентификувал?
11 Пророштвото од Исаија 9:2 претскажало дека Бог ќе испрати некого на светот за да ја одрази неговата светлина. Тоа гласи: „Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе болсне светлина“. Таа „голема светлина“ е Јеховиниот Говорник, Исус Христос. Исус рекол: „Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8:12). Некои ова го знаеле уште додека Исус бил дете. Лука 2:25 вели дека некој човек по име Симеон бил „праведен и благочестив“ и дека „Светиот Дух беше во него“. Кога Симеон го видел детенцето Исус, во молитва до Бог рекол: „Очите мои го видоа спасението Твое [твоето средство за спасение, NW], што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците [за симнување на превезот од нациите, NW]“ (Лука 2:30-32).
12. Кога и како Исус почнал да го отстранува превезот на темнина што ги покрива луѓето?
12 Исус започнал да го отстранува превезот на темнина од човештвото набргу по своето крштение. Матеј 4:12-16 ни кажува дека со тоа се исполнил Исаија 9:1, 2, каде се зборува за ‚големата светлина‘ која требало да почне да светли во духовна темнина. Матеј 4:17 вели: „Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: ‚Покајте се зашто се приближи царството небесно!‘“. Проповедајќи ја добрата вест на Божјето Царство, Исус ги просветлувал луѓето за Божјите намери. Тој „го осветли животот и нераспаѓањето преку Евангелието [добрата вест, NW]“ (2. Тимотеј 1:10).
13. Како Исус се опишал себеси, и зошто можел да го каже тоа со таква сигурност?
13 Исус верно ја одразувал Божјата светлина. Рекол: „Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина. . . . Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е [значи, NW] живот вечен“ (Јован 12:44-50).
‚Преку него беше живот‘
14. Како е идентификуван Исус во Јован 1:1, 2?
14 Да, Јехова го испратил својот Син на Земјата да биде светлина која на луѓето ќе им го покаже патот до вечен живот. Забележи како тоа е истакнато во Јован 1:1-16. Стиховите 1 и 2 гласат: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото [и Речта беше еден бог, NW]. Тоа во почетокот беше во Бога [кај Бог, NW]“. Овде Јован претчовечкиот Исус го ословува со титулата „Реч“. Тоа ја идентификува функцијата што ја вршел како Говорник на Јехова Бог. А кога Јован изјавува дека „во почетокот беше Словото“, тоа значи дека Речта била почетокот на Јеховините дела на создавањето, „Почетокот на Божјото создание“ (Откровение 3:14). Неговата надмоќна положба меѓу Божјите творби дава реална основа да биде наречен „бог“, односно некој кој е моќен. Исаија 9:6 го нарекува ‚силен Бог‘, но не Семоќен Бог.
15. Какви додатни информации за Исус ни дава Јован 1:3-5?
15 Јован 1:3 наведува: „Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана“. Во Колосјаните 1:16 се вели дека „преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата“. Јован 1:4 вели дека „во Него [преку него, NW] имаше Живот, и Животот им беше светлина на луѓето“. Така, преку Речта биле создадени сите други облици на живот; исто така преку Синот, Бог му овозможил на грешното, смртно човештво да постигне вечен живот. Сигурно дека Исус е моќниот кого Исаија 9:2 го нарекува „голема светлина“. А Јован 1:5 вели: „Светлината во темнина свети, и мракот не ја опфати“. Светлината претставува вистина и праведност, спротивно на темнината, која значи заблуда и неправедност. Така Јован покажува дека темнината нема да ја победи светлината.
16. Како Јован Крстител укажал на обемот на Исусовото дело?
16 Потоа, во стиховите 6 до 9, Јован образложува: „Имаше еден човек по име Јован [Крстител], пратен [како претставник, NW] од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој [Јован] не беше Светлина, туку да сведочи за Светлината [Исус]. Постоеше вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“. Јован укажал на идниот Месија и ги упатил своите следбеници кон Него. Со текот на времето, на сите видови луѓе им била дадена прилика да ја прифатат светлината. Значи, Исус не дошол само во корист на Евреите, туку во корист на сето човештво — и богати и сиромаси, без оглед на расата.
17. Што ни кажува Јован 1:10, 11 за духовната состојба на Евреите во Исусово време?
17 Стиховите 10 и 11 продолжуваат: „Во светот беше и светот преку Него стана, но светот не Го позна. Дојде при Своите и Своите не Го примија“. Во своето претчовечко постоење, Исус бил оној преку кого бил создаден светот на човештвото. Сепак, кога бил на Земјата, го отфрлиле повеќето негови луѓе, Евреите. Тие не сакале да биде откриена нивната злоба и лицемерство. Повеќе ја сакале темнината отколку светлината.
18. Како Јован 1:12, 13 покажува дека некои можеле да станат Божји деца со посебно наследство?
18 Јован вели во стиховите 12 и 13: „А на сите што Го примија — на сите што веруваа во Неговото име — им даде можност да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија“. Овие стихови покажуваат дека на почетокот Исусовите следбеници не биле синови Божји. Пред Христовото доаѓање на Земјата, на луѓето не им бил отворен ниту таквиот синовски однос ниту небесната надеж. Но, преку вредноста на Христовата откупна жртва во која тие покажале вера, некои луѓе биле присвоени во синовски однос и биле во можност да ја имаат надежта за живот како цареви со Христос во Божјето небесно Царство.
19. Зошто е Исус во најдобрата положба да ја одразува Божјата светлина, како што е покажано во Јован 1:14?
19 Стих 14 заклучува: „И Словото стана тело и се всели во нас [меѓу нас, NW], полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“. На Земјата Исус ја одразувал Божјата слава како што можел само единствен Божји првороден Син. Затоа, тој бил најспособен на единствен начин да им го открие на луѓето Бог и Неговите намери.
20. Што ни кажува Јован Крстител за Исус, како што е запишано во Јован 1:15?
20 Понатаму, апостолот Јован во стих 15 пишува: „Јован [Крстител] сведочеше за Него и велеше зборувајќи: ‚Овој е за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, ме испревари [отиде пред мене, NW], оти постоеше порано од мене!‘“ Јован Крстител бил роден околу шест месеци пред Исусовото раѓање како човек. Но Исус направил далеку повеќе дела од Јован, така што отишол пред него во секој поглед. А Јован признал дека Исус постоел пред него, зашто Исус имал претчовечко постоење.
Дарови од Јехова
21. Зошто Јован 1:16 вели дека ние сме примиле „незаслужена доброта врз незаслужена доброта“?
21 Јован 1:16 заклучува: „И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат [незаслужена доброта врз незаслужена доброта, NW]“. Иако луѓето се родени во грев затоа што го наследуваат од Адам, Јехова има намера да го уништи овој зол систем, да преживеат милиони во новиот свет, да ги воскресне мртвите и да го отстрани гревот и смртта, кое ќе доведе до вечен живот на рајска Земја. Сите овие благослови грешните луѓе ги немаат заслужено или заработено. Тие се дарови од Јехова преку Христос.
22. а) Што овозможува Божјиот најголем дар? б) Каков повик се проширува до нас во последната книга од Библијата?
22 Кој е најголемиот дар којшто го овозможува сето ова? „Бог толку го возљуби светот [на човештвото], што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Оттука, точното спознание за Бог и неговиот Син, „Главниот Посредник на животот“ (NW), е битно за сите оние кои сакаат духовна светлина и вечен живот (Дела на св. апостоли 3:15). Затоа, завршната книга на Библијата го проширува следниот повик до сите кои ја љубат вистината и кои го сакаат животот: „,Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22:17).
23. Што ќе сторат луѓето слични на овци кога ќе дојдат во светлината?
23 Не само што понизните луѓе слични на овци ќе дојдат кон светлината на светот, туку и ќе ја следат таа светлина: ‚Овците одат по него, бидејќи го познаваат [звукот на вистината] во гласот негов‘ (Јован 10:4). Вистина, тие наоѓаат радост во тоа ‚тесно да ги следат неговите стапалки‘ (NW), затоа што знаат дека ако прават така, тоа ќе значи вечен живот за нив (1. Петрово 2:21).
Како би одговорил?
◻ Кои два вида на светлина доаѓаат од Јехова?
◻ Зошто денес духовното просветлување е толку важно?
◻ На кој начин Исус бил „голема светлина“?
◻ Што ни кажува Јован 1. поглавје за Исус?
◻ Какви дарови течат до оние кои ја следат светлината на светот?
[Слика на страница 10]
Симеон го нарекол Исус „светлина за симнување на превезот од нациите“