Дваесет и второ поглавје
Правдата никнува на Сион
1, 2. Каква промена ќе се случи наскоро во Израел, и кој ќе ја предизвика?
НЕКА се објави слобода! Јехова е решен да го ослободи својот народ и да го врати во земјата на неговите предци. Како што едно семе никнува по нежен дождец така и вистинското обожавање повторно ќе се појави. Кога ќе дојде тој ден, очајот ќе ѝ го отстапи местото на радосната фалба, а главите, кои порано биле покриени со пепел на оплакување, ќе бидат крунисани со божествено одобрување.
2 Кој ќе ја предизвика оваа чудесна преобразба? Само Јехова може да направи такво нешто (Псалм 9:19, 20; Исаија 40:25). Пророкот Софонија пророчки заповедал: „Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сѐ срце, Ерусалимска Ќерко! Господ те ослободи од твојата пресуда“ (Софонија 3:14, 15). Какво само радосно време ќе биде тоа! Кога во 537 пр.н.е. Јехова ќе го собере обновениот остаток од Вавилон, ќе изгледа како да се остварува еден сон (Псалм 126:1).
3. Какви исполнувања имаат пророчките зборови од Исаија 61. поглавје?
3 Оваа обнова е претскажана во Исаија 61. поглавје. Меѓутоа, иако е јасно дека ова пророштво се исполнило во 537 пр.н.е., неговото подетално исполнување настапило во еден подоцнежен период. Ова подетално исполнување го вклучува Исус и неговите следбеници во првиот век, како и Јеховиниот народ во современа доба. Затоа, колку само значајни се овие инспирирани зборови!
„Годината на добра волја“
4. Кој има налог да пренесе добра вест во првото исполнување на Исаија 61:1, а кој во второто?
4 Исаија пишува: „Духот на Суверениот Господ Јехова е на мене затоа што Јехова ме помаза да им ја објавувам добрата вест на кротките. Ме испрати да ги превијам оние со скршени срца, да им објавам слобода на заробените и широко отворање на очите дури и на затворениците“ (Исаија 61:1, NW). Кој е тој што има налог да објави добра вест? Во првиот случај тоа е веројатно Исаија, кој е инспириран од Бог да ја запише добрата вест за заробениците во Вавилон. Меѓутоа, Исус укажал на најважното исполнување кога ги применил зборовите на Исаија на себеси (Лука 4:16—21). Да, Исус бил испратен да им објави добра вест на кротките, и за таа цел при крштавањето бил помазан со свет дух (Матеј 3:16, 17).
5. Кој ја проповеда добрата вест околу 2.000 години?
5 Освен тоа, Исус ги поучил своите следбеници да бидат евангелизатори, односно проповедници на добрата вест. На Пентекост 33 н.е., околу 120 од нив биле помазани со свет дух и станале духовни синови Божји (Дела 2:1—4, 14—42; Римјаните 8:14—16). И тие добиле налог да им ја објавуваат добрата вест на кротките и на оние со скршени срца. Овие 120 биле првите од оние 144.000 што требало да бидат помазани на овој начин. Денес, последните од оваа група сѐ уште се активни на Земјата. Така, околу 2.000 години помазаните следбеници на Исус сведочат „за покајание пред Бог и за вера во нашиот Господ Исус“ (Дела 20:21).
6. Кому му донело олеснување тоа што ја слушал добрата вест проповедана во старо време, и како е денес?
6 Инспирираната порака на Исаија им донела олеснување на покајничките Евреи во Вавилон. Во деновите на Исус и на неговите ученици, таа им донела олеснување и на оние Евреи чиишто срца биле скршени од злобата во Израел и кои морале да патат во заробеништвото на лажните религиозни традиции на јудаизмот од првиот век (Матеј 15:3—6). Денес, милиони луѓе што се заробени во паганските обичаи на христијанскиот свет и во традициите кои го срамотат Бог, „тажат и плачат“ поради одвратните работи што се прават во тој религиозен систем (Езекиел 9:4). Оние што се одѕиваат на добрата вест се ослободени од таа жалосна состојба (Матеј 9:35—38). Очите на разбирањето широко им се отвораат кога ќе научат да го обожаваат Јехова „со дух и со вистина“ (Јован 4:24).
7, 8. а) Кои се двете ‚години на добра волја‘? б) Што се Јеховините ‚денови на одмазда‘?
7 Постои временски распоред за проповедањето на добрата вест. На Исус и на неговите следбеници им бил даден налог: ‚Да ја објават годината на добра волја од Јехова и денот на одмазда на нашиот Бог; да ги утешат сите жалосни‘ (Исаија 61:2, NW). Една година е долго време, но таа има почеток и крај. Јеховината ‚година на добра волја‘ е период во чиишто рамки тој на кротките им дава прилика да се одѕвијат на објавата за слобода.
8 Во првиот век, за еврејската нација годината на добра волја започнала во 29 н.е., кога Исус започнал со својата служба на Земјата. Тој им рекол на Евреите: „Покајте се, зашто се приближи небесното царство“ (Матеј 4:17). Таа година на добра волја траела сѐ до „денот на одмазда“ на Јехова, кој достигнал кулминација во 70 н.е. кога Јехова им дозволил на римските војски да го уништат Ерусалим и неговиот храм (Матеј 24:3—22). Ние денес живееме во друга година на добра волја, година што започнала со воспоставувањето на Божјето Царство на небото во 1914. Оваа година на добра волја ќе заврши со еден друг, уште посеопфатен ден на одмазда кога Јехова, во ‚големата неволја‘, ќе го уништи целиот овој светски систем на работи (Матеј 24:21).
9. Кој извлекува корист од Јеховината година на добра волја денес?
9 Кој извлекува корист од Божјата година на добра волја денес? Оние што ја прифаќаат пораката, покажуваат кроткост и ревносно го поддржуваат објавувањето на Божјето Царство на „сите нации“ (Марко 13:10). Таквите откриваат дека добрата вест носи вистинска утеха. Меѓутоа, оние што ја отфрлаат пораката, одбивајќи да ја искористат Јеховината година на добра волја, наскоро ќе се соочат со реалноста на неговиот ден на одмазда (2. Солуњаните 1:6—9).
Духовни плодови што го величаат Бог
10. Како влијае врз Евреите што се враќаат од Вавилон големото дело, кое Јехова го прави во нивна полза?
10 Евреите што се враќаат од Вавилон сфаќаат дека Јехова направил големо дело во нивна полза. Нивното оплакување како заробеници се претвора во ликување и фалба затоа што конечно се слободни. Така Исаија го исполнува својот пророчки налог, а тој е, ‚да им додели на оние што го оплакуваат Сион, да им даде покривало за глава наместо пепел, масло на ликување наместо на тагување, наметка на фалба наместо потиштен дух; и ќе бидат наречени големи дрвја на праведност, насад Јеховин, за тој да биде украсен‘ (Исаија 61:3, NW).
11. Кој имал добра причина да го фали Јехова за неговото големо дело во првиот век?
11 Во првиот век, Евреите што го прифатиле ослободувањето од ропството на лажната религија исто така го фалеле Бог за неговото големо дело во нивна полза. Кога биле избавени од духовно мртвата нација, нивниот потиштен дух бил заменет со „наметка на фалба“. Таквата промена ја доживеале прво Исусовите ученици, кога нивното оплакување на неговата смрт се претворило во радување за помазанието со свет дух што го добиле од својот воскреснат Господ. Кратко потоа, слична промена доживеале 3.000 кротки поединци, кои се одѕвале на проповедањето на овие новопомазани христијани и се крстиле на Пентекост 33 н.е. (Дела 2:41). Колку добро било тоа што биле сигурни дека имаат Јеховин благослов! Наместо да го „оплакуваат Сион“, тие добиле свет дух и биле освежени со „масло на ликување“, кое го симболизира ликувањето на оние што се богато благословени од Јехова (Евреите 1:9).
12, 13. а) Кои биле „големи дрвја на праведност“ меѓу Евреите што се вратиле во 537 пр.н.е.? б) Кои се „големи дрвја на праведност“ од Пентекост 33 н.е. наваму?
12 Јехова го благословува својот народ со „големи дрвја на праведност“. Кои се овие големи дрвја? Во годините по 537 пр.н.е., тоа биле поединци кои ја проучувале Божјата реч, медитирале за неа и ги негувале Јеховините праведни мерила (Псалм 1:1—3; Исаија 44:2—4; Еремија 17:7, 8). Луѓе како Езра, Агеј, Захарија и првосвештеникот Исус се покажале како истакнати „големи дрвја“ — цврсти приврзаници на вистината и противници на духовното загадување на нацијата.
13 Од Пентекост 33 н.е. наваму, на духовниот имот на својата нова нација, „Израелот Божји“, Бог садел слични „големи дрвја на праведност“ — храбри помазани христијани (Галатите 6:16). Низ вековите, овие „дрвја“ го достигнале бројот 144.000, и тие даваат праведен плод за да го украсат, односно да му донесат слава на Јехова Бог (Откровение 14:3). Последните од овие импресивни „дрвја“ процветале во годините по 1919, кога Јехова ги оживеал преостанатите од Израелот Божји од нивната привремена состојба на неактивност. Обезбедувајќи ги со обилен дотур на духовни води, Јехова направил една вистинска шума од праведни, родни дрвја (Исаија 27:6).
14, 15. Со какви проекти се зафатиле Јеховините ослободени обожаватели во а) 537 пр.н.е.? б) 33 н.е.? в) 1919?
14 Истакнувајќи го делото на овие „дрвја“, Исаија продолжува: „Тие повторно ќе ги кренат старите урнатини, ќе ги подигнат пак запустените места, урнатините и минатите поколенија [местата опустошени од генерација во генерација, NW]“ (Исаија 61:4). Во склад со декретот на Кир, царот на Персија, верните Евреи што се вратиле од Вавилон одново го изградиле Ерусалим и неговиот храм, кој стоел запустен толку долго. И годините по 33 н.е. и по 1919 ќе бидат обележани со проекти на обнова.
15 Во 33 н.е., учениците на Исус многу се ожалостиле поради неговото апсење, судење и смрт (Матеј 26:31). Меѓутоа, кога тој им се појавил по воскресението, нивното гледиште се променило. А откако врз нив бил излеан свет дух, се зафатиле со делото на проповедање на добрата вест, „како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Така започнале со обновување на чистото обожавање. Од 1919 наваму, Исус Христос на сличен начин го навел остатокот од свои помазани браќа да ги изгради „местата опустошени од генерација во генерација“. Клерот на христијанскиот свет со векови пропушта да пренесува спознание за Јехова, заменувајќи го тоа спознание со традиции измислени од човек и со небиблиски доктрини. Помазаните христијани ги исчистиле од своите собранија практиките извалкани од лажна религија за да може обновата на вистинското обожавање да оди напред. А започнале и со она што се покажало како најголема кампања на сведочење која светот некогаш ја видел (Марко 13:10).
16. Кој им помага на помазаните христијани во нивното дело на обнова, и какви задачи им се доверени на таквите?
16 Ова било огромен налог. Како можат релативно малкуте преостанати од Израелот Божји да извршат една таква задача? Јехова го инспирирал Исаија да објави: „Туѓинците ќе дојдат за да ги пасат стадата, странци ќе ви бидат земјоделци и лозари“ (Исаија 61:5). Се покажало дека симболичните туѓинци и странци се „едно големо мноштво“ од Исусови „други овци“a (Откровение 7:9; Јован 10:11, 16). Тие не се помазани со свет дух со цел да добијат небесно наследство. Наместо тоа, имаат надеж за вечен живот на рајската Земја (Откровение 21:3, 4). Сепак, го љубат Јехова и ним им се доверени духовни задолженија како пастири, земјоделци и лозари. Ваквите дејности не се понижувачки задачи. Под водството на преостанатите од Израелот Божји, овие работници помагаат во делото на пасење, одгледување и жнеење на луѓето (Лука 10:2; Дела 20:28; 1. Петрово 5:2; Откровение 14:15, 16).
17. а) Како ќе бидат наречени членовите на Израелот Божји? б) Која е единствената жртва потребна за простување на гревовите?
17 Што е со членовите на Израелот Божји? Преку Исаија, Јехова им вели: „А вас ќе ве викаат: ‚Господови Свештеници,‘ ќе ве наречуваат: ‚Служители на нашиот Бог.‘ Ќе ги уживате богатствата на народите, ќе се гордеете со нивните блага“ (Исаија 61:6). Во древниот Израел, Јехова го поставил левитското свештенство да принесува жртви во корист на самите свештеници и на другите Израелци. Меѓутоа, во 33 н.е., Јехова престанал да го користи левитското свештенство и вовел подобра подготовка. Тој го прифатил совршениот живот на Исус како жртва за гревовите на човештвото. Оттогаш наваму, не била потребна никаква друга жртва. Исусовата жртва е полноважна за сите времиња (Јован 14:6; Колошаните 2:13, 14; Евреите 9:11—14, 24).
18. Каков вид свештенство сочинува Израелот Божји, и каков е неговиот налог?
18 Тогаш, на кој начин членовите на Израелот Божји се „Господови Свештеници“? Пишувајќи им на другите помазани христијани, апостол Петар рекол: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, света нација, народ за посебна сопственост, за да ги објавите надалеку извонредностите‘ на оној кој ве повикал од темнината во својата чудесна светлина“ (1. Петрово 2:9). Според тоа, помазаните христијани како група сочинуваат свештенство, кое има специфичен налог: да им кажува на нациите за Јеховината слава. Тие треба да му бидат сведоци (Исаија 43:10—12). Во текот на последните денови, помазаните христијани верно го исполнуваат овој важен налог. Како резултат на тоа, милиони поединци сега учествуваат со нив во делото на сведочење за Јеховиното Царство.
19. Каква служба ќе бидат привилегирани да извршуваат помазаните христијани?
19 Освен тоа, членовите на Израелот Божји имаат изглед да служат како свештеници и на друг начин. Откако ќе умрат, воскреснуваат во бесмртен духовен живот на небото. Таму служат не само како владетели со Исус во неговото Царство туку и како свештеници на Бог (Откровение 5:10; 20:6). Како такви, ќе имаат привилегија да го применат на верното човештво на Земјата сето она што во негова корист било постигнато со Исусовата откупна жртва. Во визијата што апостол Јован ја добил и ја запишал во Откровение 22. поглавје, тие се повторно опишани како „дрвја“. Сите 144.000 „дрвја“ се видени на небото како даваат „дванаесет приноси овошје, давајќи ги своите плодови секој месец. А лисјата на дрвјата [се] за лекување на нациите“ (Откровение 22:1, 2). Колку прекрасна свештеничка служба!
Срам и презир, а потоа радост
20. И покрај противењето, каков благослов го очекува царското свештенство?
20 Од 1914, кога започнала Јеховината година на добра волја, царското свештенство постојано се соочува со противење од клерот на христијанскиот свет (Откровение 12:17). Сепак, сите напори да се запре проповедањето на добрата вест на крајот пропаѓаат. Пророштвото на Исаија го претскажува ова со зборовите: „Двоен беше нивниот срам — ругањето и презирот им беа наследство — затоа ќе наследат двојно во својата земја, нивната радост ќе биде вечна“ (Исаија 61:7).
21. Како помазаните христијани добиле благослов во двојна мера?
21 Во текот на Првата светска војна, националистички настроениот христијански свет го срамел и презирал помазаниот остаток. Меѓу оние што лажно обвиниле за бунт осум браќа од светското седиште во Бруклин имало и членови на клерот. Овие браќа биле неправедно затворени девет месеци. На крајот, пролетта 1919, биле ослободени, а подоцна сите обвиненија против нив биле повлечени. Со тоа, сплетката да се запре делото на проповедање се изјаловила. Наместо да дозволи неговите обожаватели да трпат траен срам, Јехова ги ослободил и ги вратил на нивниот духовен имот, ‚нивната земја‘. Таму добиле благослов во двојна мера. Јеховиниот благослов бил обилен надомест за сѐ што претрпеле. Навистина, имале причина да воскликнуваат од радост!
22, 23. Како помазаните христијани го имитираат Јехова, и како тој ги наградува?
22 Она што Јехова понатаму им го вели, на христијаните им дава уште една причина за радост: „Јас, Господ, ја љубам правдата, а го мразам неправедниот грабеж. Ќе ги наградам верно и ќе склучам со нив вечен Завет“ (Исаија 61:8). Преку своето проучување на Библијата, членовите на помазаниот остаток научиле да ја љубат правдата, а да ја мразат злобата (Пословици 6:12—19; 11:20). Научиле да ги „прековаат мечевите во плугови“ и останале неутрални во војните и политичките немири на човештвото (Исаија 2:4). Покрај тоа, ги оставиле и навиките што го срамотат Бог, како што е клеветењето, вршењето прељуба, крадењето и пијанчењето (Галатите 5:19—21).
23 Бидејќи помазаните христијани ја имаат истата љубов кон правдата како својот Творец, Јехова ‚ги наградува верно‘. Една таква ‚награда‘ е еден неограничено траен сојуз — новиот сојуз — којшто Исус им го објавил на своите следбеници ноќта пред да умре. Токму врз основа на овој сојуз тие стануваат духовна нација, Божји посебен народ (Еремија 31:31—34; Лука 22:20). Под тој сојуз, Јехова ќе го примени сето она што било постигнато со Исусовата откупна жртва во корист на човештвото, вклучувајќи го и простувањето на гревовите како на помазаниците така и на сите други верни луѓе од човештвото.
Голема радост поради благословите од Јехова
24. Кој од народите е „семе“ што е благословено, и како таквите стануваат „семе“?
24 Поединци од нациите увиделе дека Јехова го благословува својот народ. Ова било претскажано со Јеховиното ветување: „Славно ќе им биде семето меѓу племињата и потомството меѓу народите. Секој кој ќе ги види, ќе препознае дека се семе што Господ го благослови“ (Исаија 61:9). Членовите на Израелот Божји, помазаните христијани, се активни меѓу народите во текот на Јеховината година на добра волја. Денес, оние што се одѕиваат на нивната служба бројат милиони. Тесно соработувајќи со Израелот Божји, оние што се од народите ја имаат привилегијата да станат „семе што Господ го благослови“. Нивната среќна состојба може да ја види целото човештво.
25, 26. Како сите христијани ги одразуваат чувствата изразени во Исаија 61:10?
25 Сите христијани, како помазаниците така и другите овци, радосно исчекуваат да го слават Јехова вечно. Тие сесрдно се согласуваат со пророкот Исаија, кој под инспирација вели: „Со голема радост се радувам во Господа, мојата душа воскликнува кон мојот Бог, зашто ме облече со облека на спасението, ме наметна со плаштот на праведноста, како младоженец кога ќе си стави венец или невеста кога ќе се украси со накит“ (Исаија 61:10).
26 Наметнати со „плаштот на праведноста“, помазаните христијани се решени да останат чисти и неизвалкани во Јеховини очи (2. Коринќаните 11:1, 2). Бидејќи Јехова ги прогласил за праведни со изглед да наследат небесен живот, тие никогаш нема да се вратат на запустениот имот на Големиот Вавилон, од кој се ослободени (Римјаните 5:9; 8:30). Облеките на спасението за нив се бесценети. И нивните придружници, другите овци, се решени да ги држат возвишените мерила на чистото обожавање, кои ги има Јехова Бог. Бидејќи ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘, тие се прогласени за праведни и ќе ја преживеат „големата неволја“ (Откровение 7:14; Јаков 2:23, 25). Сѐ дотогаш, ќе ги имитираат своите помазани придружници во одбегнувањето на какво и да било загадување од Големиот Вавилон.
27. а) До какво значајно ‚никнување‘ ќе дојде во текот на милениумското владеење? б) На кој начин правдата веќе никнува меѓу човештвото?
27 Денес, на Јеховините обожаватели им претставува задоволство да бидат во духовен рај. Наскоро ќе уживаат во рај и во физичка смисла. Радосно и со сето срце го исчекуваме тоа време, кое е живо опишано во завршните зборови од Исаија 61. поглавје: „Како што земјата ги никнува своите растенија, како што во градината никнува семето, Господ ќе направи да никне правдата и пофалбата пред сите народи“ (Исаија 61:11). Во текот на Христовото милениумско владеење, на Земјата ќе „никне правдата“. Луѓето ќе извикуваат триумфално, и правдата ќе се прошири до крајот на Земјата (Исаија 26:9). Меѓутоа, ние не мораме да го чекаме тој славен ден за да изразиме фалба пред сите нации. Правдата веќе никнува меѓу милионите поединци што му оддаваат слава на Богот на небото и ја објавуваат добрата вест за неговото Царство. Уште сега нашата вера и надеж ни ги даваат сите причини да се радуваме на благословите од нашиот Бог.
[Фуснота]
a Можно е Исаија 61:5 да се исполнил и во старо време, бидејќи некои не-Евреи им се придружиле на родените Евреи кога се враќале во Ерусалим и веројатно им помогнале да ја обноват земјата (Езра 2:43—58). Меѓутоа, се чини дека од 6. стих па натаму пророштвото се однесува само на Израелот Божји.
[Слика на страница 323]
Исаија има една добра вест да им ја објави на еврејските заробеници
[Слика на страница 331]
Почнувајќи од 33 н.е., Јехова насадил 144.000 „големи дрвја на праведност“
[Слика на страница 334]
На Земјата ќе никне правда