Тринаесетто поглавје
Спасение и радост под владеењето на Месијата
1. Опиши ја духовната состојба на Божјиот народ на сојузот во деновите на Исаија.
ВО ДЕНОВИТЕ на Исаија, духовната состојба на Божјиот народ на сојузот била лоша. Дури и за време на владеењето на верни цареви, како Озиј и Јотам, многумина од народот вршеле обожавање на високите места (2. Цареви 15:1—4, 34, 35; 2. Летописи 26:1, 4). Кога Езекија станал цар, морал да ги отстрани од земјата сите работи поврзани со обожавањето на Ваал (2. Летописи 31:1). Не е чудо што Јехова го поттикнал својот народ да се врати кај него и што го предупредил на дисциплината што ќе уследи!
2, 3. Какво охрабрување дава Јехова за оние што сакаат да му служат и покрај раширената неверност?
2 Сепак, не биле сите непоправливи бунтовници. Јехова имал верни пророци, а веројатно имало и некои Евреи кои ги слушале. За нив Јехова имал утешни зборови. Откако ги опишал ужасните пустошења што Јуда ќе ги доживее во текот на асирската инвазија, пророкот Исаија бил инспириран да запише еден од најубавите пасуси во целата Библија, опис на благословите што треба да дојдат под владеењето на Месијата.a Некои аспекти од овие благослови имале исполнување во мало кога Евреите се вратиле од заробеништвото во Вавилон. Но, целото пророштво има главно исполнување денес. Точно, Исаија и други верни Евреи од негово време не доживеале да ги видат овие благослови. Но, со нетрпение и со вера ги очекувале, и ќе го доживеат исполнувањето на зборовите на Исаија по воскресението (Евреите 11:35).
3 На денешниот Јеховин народ исто така му треба охрабрување. Наглиот пад на моралните вредности во светот, злобното противење на пораката за Царството и личните слабости претставуваат предизвик за сите нив. Прекрасните зборови на Исаија во врска со Месијата и со неговото владеење можат да го зајакнат и да му помогнат на Божјиот народ да излезе на крај со овие предизвици.
Месијата — способен Водач
4, 5. Што пророкувал Исаија во врска со доаѓањето на Месијата, и како Матеј очигледно ги применил зборовите на Исаија?
4 Со векови пред времето на Исаија, други еврејски библиски писатели укажале на доаѓањето на Месијата, вистинскиот Водач кого Јехова ќе го испрати во Израел (Битие 49:10; Второзаконие 18:18; Псалм 118:22, 26). Сега, преку Исаија, Јехова додава натамошни детали. Исаија пишува: „Ќе мора да изникне гранче од пенушката на Јесеј; и од неговите корени еден подник ќе биде плоден“ (Исаија 11:1, NW; спореди Псалм 132:11). И „гранче“ и „подник“ укажуваат дека Месијата ќе биде потомок на Јесеј од син му Давид, кој бил помазан со масло како цар на Израел (1. Самоил 16:13; Еремија 23:5; Откровение 22:16). Кога ќе дојде вистинскиот Месија, тој како „подник“ од домот на Давид, ќе даде добар плод.
5 Ветениот Месија е Исус. Матеј, писателот на едно од евангелијата, алудирал на зборовите од Исаија 11:1 кога рекол дека со тоа што Исус е наречен „Назареќанец“ се исполнуваат зборовите на пророците. Поради тоа што пораснал во градот Назарет, Исус бил наречен Назареќанец, име што изгледа е поврзано со хебрејскиот збор употребен во Исаија 11:1 за „подник“b (Матеј 2:23, NW со референции, фуснота; Лука 2:39, 40).
6. Каков владетел било проречено дека ќе биде Месијата?
6 Каков владетел ќе биде Месијата? Ќе биде ли како суровиот, своеглав Асирец кој го уништува десетплеменското северно царство Израел? Се разбира, не. За Месијата, Исаија вели: „Господовиот Дух ќе почива на него, дух на мудроста и на разум, дух на совет и на сила, дух на знаење и на страв Господен. Господовиот страв ќе го вдахне [Ќе се радува во стравот од Јехова, NW]“ (Исаија 11:2, 3а). Месијата не е помазан со масло, туку со Божјиот свет дух. Ова се случува при крштавањето на Исус, кога Јован Крстител го гледа Божјиот свет дух како слегува на Исус во облик на гулаб (Лука 3:22). Јеховиниот дух ‚почива на‘ Исус, и тој тоа го докажува кога постапува со мудрост, разбирање, совет, сила и спознание. Какви само извонредни особини за еден владетел!
7. Кое ветување им го дал Исус на своите верни следбеници?
7 И следбениците на Исус можат да добијат свет дух. Во еден од своите говори, Исус изјавил: „Ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:13). Според тоа, никогаш не треба да се колебаме да го замолиме Бог за свет дух ниту, пак, да престанеме да ги негуваме неговите здрави плодови — „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23). Јехова ветува дека ќе одговори на барањата на Исусовите следбеници за „мудрост одозгора“ за да им помогне успешно да се справат со предизвиците на животот (Јаков 1:5; 3:17).
8. Како Исус наоѓа радост во стравот од Јехова?
8 Што е тој страв од Јехова што го покажува Месијата? Исус сигурно не го фаќа ужас од Бог, страв од неговата осуда. Напротив, Месијата чувствува длабок восхит кон Бог, почит полна со љубов. Човек што се плаши од Бог сака секогаш да го прави „она што му е угодно“ Нему, како што правел и Исус (Јован 8:29). Со збор и со пример, Исус поучува дека нема поголема радост од онаа секој ден да се оди во здрав страв од Јехова.
Праведен и милосрден судија
9. Каков пример им дава Исус на оние што се повикани да судат за работите во христијанското собрание?
9 Исаија претскажува повеќе карактеристики на Месијата: „Не ќе суди според виденото, ни ќе пресудува според чуеното“ (Исаија 11:3б). Кога би морал да стоиш пред суд, зар не би бил благодарен да имаш еден таков судија? Во својата надлежност на Судија на целото човештво, Месијата не го расколебуваат лажни аргументи, итри тактики од судницата, озборувања или површни фактори, како што е богатството. Тој може да ја проѕре измамата и не се задржува на непривлечниот надворешен изглед, туку гледа понатаму и ја увидува „тајната личност на срцето“, „скриениот човек“ (1. Петрово 3:4, NW со референции, фуснота). Исусовиот извонреден пример служи како модел за сите кои се повикани да судат за работите во христијанското собрание (1. Коринќаните 6:1—4).
10, 11. а) На кој начин Исус ги исправа своите следбеници? б) Каков суд им донесува Исус на злобните?
10 Како ќе влијаат извонредните особини на Месијата врз неговите судски одлуки? Исаија објаснува: „Со праведност мора да им суди на понизните, и со исправност мора да дава укор во корист на кротките на Земјата. И мора да ја удри земјата со стапот на својата уста; и со духот на своите усни ќе го убие злобниот. И праведноста мора да се покаже како појас на неговите бедра, а верноста како појас на неговите слабини“ (Исаија 11:4, 5, NW).
11 Кога на неговите следбеници им треба исправка, Исус ја дава на начинот кој ќе придонесе за нивно најголемо добро — извонреден пример за христијанските старешини. Од друга страна, пак, оние што практикуваат злоба можат да очекуваат строг суд. Кога Бог ќе побара сметка од овој систем на работи, Месијата ‚ќе ја удри земјата‘ со својот авторитетен глас, изрекувајќи суд на уништување за сите злобни (Псалм 2:9; спореди Откровение 19:15). На крајот, нема да останат злобни луѓе кои ќе го нарушуваат мирот на човештвото (Псалм 37:10, 11). Исус, со бедра и слабини препашани со праведност и верност, има моќ да го постигне ова (Псалм 45:3—7).
Променети услови на Земјата
12. Што би можело да го загрижува еден Евреин кога размислувал да се врати од Вавилон во Ветената земја?
12 Претстави си еден Израелец кој штотуку дознал дека Кир издал декрет за Евреите да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат храмот. Ќе ја напушти ли сигурноста на Вавилон за да тргне на долг пат до дома? За време на 70-годишното отсуство на Израел, напуштените полиња обраснале со плевел. Волци, леопарди, лавови и мечки сега слободно шетаат и демнат по тие полиња. Се населиле и кобри. Опстанокот на Евреите кои ќе се вратат ќе зависи од домашните животни — стадата ќе даваат млеко, волна и месо, а воловите ќе го влечат плугот. Ќе паднат ли како плен на грабливците? Ќе ги касаат ли змии малите деца? А што е со опасноста по пат да бидат нападнати од заседа?
13. а) Каква трогателна слика опишува Исаија? б) Како знаеме дека мирот што го опишува Исаија вклучува повеќе од тоа да се биде во безопасност од диви животни?
13 Исаија сега дава опис на една трогателна слика за условите што Бог ќе ги создаде во земјата. Тој вели: „Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води. Кравата и мечката ќе пасат заедно, а нивните млади ќе лежат заедно, лавот ќе јаде слама како говедо. Доилче ќе си игра над дупката на змијата, цицалчето ќе ја вовлекува раката во змииното легло. Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“ (Исаија 11:6—9). Зарем овие зборови не нѐ погаѓаат в срце? Забележи дека мирот што е опишан овде е резултат на спознанието за Јехова. Според тоа, вклучено е повеќе од тоа да бидат во безопасност од дивите животни. Спознанието за Јехова нема да ги промени животните, туку ќе влијае врз луѓето. Ниту на патот до дома ниту во својата обновена земја Израелците нема да мораат да се плашат од диви ѕверови или од луѓе слични на ѕверови (Езра 8:21, 22; Исаија 35:8—10; 65:25).
14. Кое е поголемото исполнување на Исаија 11:6—9?
14 Меѓутоа, ова пророштво има поголемо исполнување. Во 1914, Исус, Месијата, бил востоличен на небесната гора Сион. Во 1919, преостанатите од „Израелот Божји“ доживеале ослободување од вавилонското ропство и учествувале во обновувањето на вистинското обожавање (Галатите 6:16). Како резултат на тоа, бил отворен патот за современото исполнување на пророштвото на Исаија за Рај. ‚Точното спознание‘, односно спознанието за Јехова, променило личности (Колошаните 3:9, 10). Луѓе кои порано биле насилни станале мирољубиви (Римјаните 12:2; Ефешаните 4:17—24). Овие настани досега влијаеле врз милиони бидејќи пророштвото на Исаија вклучува сѐ поголем број христијани со земна надеж (Псалм 37:29; Исаија 60:22). Тие научиле со доверба да го очекуваат времето кога целата Земја ќе биде обновена во безопасен, мирен рај, во склад со Божјата првобитна намера (Матеј 6:9, 10; 2. Петрово 3:13).
15. Разумно ли е да очекуваме зборовите на Исаија да имаат дословно исполнување во новиот свет? Објасни.
15 Во тој обновен Рај, ќе има ли пророштвото на Исаија натамошно, можеби и подословно исполнување? Се чини дека ваквото размислување е разумно. Пророштвото им го дава на сите кои ќе живеат за време на владеењето на Месијата истото уверување што им го дало на Израелците кои се враќале; тие и нивните деца нема да се чувствуваат загрозени од зло од кој и да е извор — човечки или животински. Кога ќе владее месијанското Царство, сите жители на Земјата ќе уживаат во мирољубиви околности слични на оние во кои уживале Адам и Ева во Еден. Се разбира, Писмото не го открива секој детаљ за тоа каков бил животот во Еден — или каков ќе биде во Рајот. Можеме да имаме доверба, сепак, дека под мудрото и љубезно владеење на царот Исус Христос, сѐ ќе биде токму така како што треба да биде.
Чистото обожавање обновено преку Месијата
16. Што се издигнувало како сигнал за Божјиот народ во 537 пр.н.е.?
16 Чистото обожавање за првпат било нападнато во Еден кога Сатана успешно влијаел врз Адам и Ева да не го послушаат Јехова. До ден-денес, Сатана не се откажал од својата цел да одврати од Бог колку што е можно повеќе луѓе. Но, Јехова нема никогаш да дозволи чистото обожавање да исчезне од Земјата. Вклучено е неговото име, и тој се грижи за оние што му служат. Според тоа, преку Исаија тој дава впечатливо ветување: „Во оној ден: Јесеевиот корен, ќе биде издигнат како знаме [сигнал, NW] на народите, луѓето ќе го бараат Него. И Неговото престојување [престојувалиште, NW] ќе биде славно“ (Исаија 11:10). Уште во 537 пр.н.е., Ерусалим, градот што Давид го направил главен град на нацијата, служел како сигнал, повикувајќи го верниот остаток од распрснатиот еврејски народ да се врати и повторно да го изгради храмот.
17. Како Исус ‚станал за да владее со нациите‘ во првиот век и во денешно време?
17 Меѓутоа, пророштвото укажува на нешто повеќе од тоа. Како што веќе видовме, тоа укажува на владеењето на Месијата, единствениот вистински Водач за луѓето од сите нации. Апостол Павле го цитирал Исаија 11:10 за да покаже дека во негово време во христијанското собрание ќе има место за луѓето од нациите. Цитирајќи го преводот на овој стих од Септуагинтата, тој напишал: „Исаија вели: ‚Ќе се појави коренот Јесеев, и ќе има еден кој ќе стане за да владее со нациите; во него нациите ќе ја положат својата надеж‘“ (Римјаните 15:12). Освен тоа, пророштвото се протега уште подалеку — сѐ до нашево време, кога луѓе од нациите ја покажуваат својата љубов кон Јехова со тоа што ги поддржуваат помазаните браќа на Месијата (Исаија 61:5—9; Матеј 25:31—40).
18. Како Исус станал сигнал за собирање во нашево време?
18 Во своето современо исполнување, она на што Исаија се осврнал како на „оној ден“, започнало кога Месијата бил востоличен како Цар на Божјето небесно Царство во 1914 (Лука 21:10; 2. Тимотеј 3:1—5; Откровение 12:10). Оттогаш наваму, Исус Христос е јасен сигнал, знак за собирање на духовниот Израел и на луѓе од сите нации кои копнеат по праведна влада. Под водство на Месијата, добрата вест за Царството се пренесува до сите нации, како што претскажал Исус (Матеј 24:14; Марко 13:10). Оваа добра вест има моќно влијание. „Едно големо мноштво, коешто ниеден човек не [може] да го изброи, од сите нации“ му се подложува на Месијата така што му се придружува на помазаниот остаток во чистото обожавање (Откровение 7:9). Со тоа што и понатаму се поврзуваат со остатокот во Јеховиниот духовен „Дом на Молитва“, големиот број нови ја зголемуваат славата на ‚престојувалиштето‘ на Месијата, Божјиот голем духовен храм (Исаија 56:7; Агеј 2:7).
Еден обединет народ му служи на Јехова
19. Во кои две прилики Јехова го вратил остатокот на својот народ што бил расеан по Земјата?
19 Потоа Исаија ги потсетува Израелците дека Јехова веќе еднаш ги спасил кога нацијата се соочила со угнетување од страна на еден моќен непријател. Тој дел од историјата на Израел — Јеховиното ослободување на нацијата од ропството во Египет — им е многу мил на сите верни Евреи. Исаија пишува: „Во оној ден: Господ ќе ја испружи раката повторно за да го откупи Остатокот на Својот народ, оние што ќе останат од Асирија и од Египет, од Патрос, од Етиопија и од Елам, од Сенар, од Емат и од морските острови. Ќе им издигне знаме [сигнал, NW] на народите, ќе им ги собере на Израел заробениците и ќе им ги собере на Јуда распрснатите, од сите четири краишта на земјата“ (Исаија 11:11, 12). Небаре го фаќа за рака, Јехова ќе го изведе верниот остаток и на Израел и на Јуда од нациите меѓу кои бил распрснат и ќе го доведе безбедно дома. Ова во мало се случува во 537 пр.н.е. Меѓутоа, колку само пославно е главното исполнување! Во 1914 Јехова го подигнал востоличениот Исус Христос како ‚сигнал на народите‘. Од 1919, преостанатите од „Израелот Божји“ започнале да се собираат кај овој сигнал, желни да учествуваат во чистото обожавање под Божјето Царство. Оваа единствена духовна нација доаѓа „од секое племе, и јазик, и народ, и нација“ (Откровение 5:9).
20. Каква обединетост ќе ужива Божјиот народ по своето враќање од Вавилон?
20 Исаија сега ја опишува обединетоста на обновената нација. Осврнувајќи се на северното царство како на Ефрем, а на јужното царство како на Јуда, тој вели: „Ќе ја снема Ефремовата љубомора, ќе бидат истребени Јудините непријатели; Ефрем нема веќе да му завидува на Јуда, а Јуда не ќе му биде непријател на Ефрема. Ќе им седнат на вратот на Филистејците на запад, заедно ќе ги пленуваат синовите на исток; својата рака ќе ја испружат на Едом и Моав, Амоновите синови ќе им бидат покорни“ (Исаија 11:13, 14). Кога Евреите ќе се вратат од Вавилон, повеќе нема да бидат поделени во две нации. Членови на сите племиња на Израел ќе се вратат обединето во својата земја (Езра 6:17). Повеќе нема да покажуваат огорченост и непријателство еден кон друг. Како обединет народ, ќе заземат победнички став кон своите непријатели од околните нации.
21. На кој начин е навистина извонредна обединетоста на Божјиот народ?
21 Уште поимпресивна е обединетоста на „Израелот Божји“. Дванаесетте симболични племиња на духовниот Израел скоро 2.000 години уживаат обединетост заснована врз љубовта кон Бог и кон своите духовни браќа и сестри (Колошаните 3:14; Откровение 7:4—8). Денес, Јеховиниот народ — и духовните Израелци и оние со земна надеж — под владеењето на Месијата уживаат мир и обединетост по целиот свет, состојба непозната во црквите на христијанскиот свет. Јеховините сведоци претставуваат обединет духовен фронт против Сатановите напори да го попречи нивното обожавање. Како еден народ, го спроведуваат Исусовиот налог да проповедаат и да ги поучуваат сите нации за добрата вест за месијанското Царство (Матеј 28:19, 20).
Ќе бидат надминати бариери
22. Како Јехова ќе „го исуши заливот на Египетското Море“ и „ќе замавне со раката против Еуфрат“?
22 Постојат многу бариери, и дословни и фигуративни, кои го оневозможуваат враќањето на Израелците од изгнанство. Како ќе се надминат? Исаија вели: „Господ ќе го исуши заливот на Египетското Море, ќе замавне со раката против Еуфрат; со силата на ветерот ќе го разбие на седум потоци, за да може да се преминува во обувки“ (Исаија 11:15). Јехова е тој што ќе отстрани сѐ што претставува пречка за неговиот народ да се врати. Дури и бариера толку страшна колку еден залив на Црвеното Море (како што е Суецкиот Залив) или толку непремостлива колку моќната река Еуфрат, ќе биде, така да се каже, исушена за да може човек да ја помине без да си ги собуе обувките!
23. На кој начин ќе ‚има пат од Асирија‘?
23 Во деновите на Мојсеј, Јехова подготвил пат за Израел да излезе од Египет и да дојде во Ветената земја. Нешто слично ќе стори и сега: „И ќе му биде пат на Остатокот на Неговиот народ, кој ќе остане жив од Асирија, како што им беше на Израелците кога излегоа од Египетската Земја“ (Исаија 11:16). Јехова ќе ги води изгнаниците што се враќаат од своето место на изгнанство до својата родна земја како по еден пат. Противниците ќе се обидат да ги запрат, но нивниот Бог, Јехова, ќе биде со нив. Помазаните христијани и нивните придружници денес исто така се предмет на злобен напад, но одат храбро напред! Тие излегле од современата Асирија, Сатановиот свет, и им помагаат и на други да го сторат истото. Знаат дека чистото обожавање ќе успее и ќе напредува. Тоа не е човечко дело, туку Божје.
Бескрајно радување за поданиците на Месијата!
24, 25. Какви изрази на фалба и благодарност ќе извикува Јеховиниот народ?
24 Со радосни зборови, Исаија сега го опишува воскликнувањето на Јеховиниот народ поради исполнувањето на Неговата реч: „Ќе речеш во оној ден: ‚Ќе те славам Господи, Ти се разгневи на мене, ама Твојот гнев се одврати и Ти ме утеши‘“ (Исаија 12:1). Јехова строго го дисциплинира својот своеглав народ. Но, ја постигнува својата цел да го излечи односот на нацијата со него и да го обнови чистото обожавање. Јехова ги уверува своите верни обожаватели дека на крајот ќе ги спаси. Не е чудо што тие изразуваат ценење!
25 Вратените Израелци добиле потполна потврда на својата доверба во Јехова, и така извикуваат: „,Ете, Бог е мое спасение, се надевам, не се бојам веќе, зашто Господ [Јах Јехова, NW] е моја сила и песна [моќ, NW]. Тој е мој избавител.‘ И со радост ќе црпите вода од изворот на спасението“ (Исаија 12:2, 3). Хебрејскиот збор преведен со „моќ“ во 2. стих во верзијата Септуагинта се појавува како „фалба“. Одекнуваат песните на фалба на обожавателите поради спасението од „Јах Јехова“. Како скратена форма од името Јехова, „Јах“ се користи во Библијата за да пренесе засилени чувства на фалба и благодарност. Користењето на изразот „Јах Јехова“ — удвојување на божественото име — го подига интензитетот на фалба на Бог на уште повисоко ниво.
26. Кој денес им ги разгласува Божјите дела на нациите?
26 Вистинските обожаватели на Јехова не можат да ја задржат за себе својата радост. Исаија претскажува: „Ќе речете, во оној ден: ‚Фалете Го Господа, повикувајте Го Неговото име! Објавете им ги на народите Неговите дела, разгласувајте ја возвишеноста на Неговото име! Пејте Му на Господа, зашто создаде убавини, нека се знае тоа по целата земја‘“ (Исаија 12:4, 5). Од 1919 наваму, помазаните христијани — подоцна со помошта на своите придружници, ‚другите овци‘ — ги ‚објавуваат надалеку извонредностите на оној кој ги повикал од темнината во својата чудесна светлина‘. Тие се „избран род . . . света нација“ издвоена за таа намера (Јован 10:16; 1. Петрово 2:9). Помазаниците објавуваат дека Јеховиното свето име е возвишено и учествуваат во разгласувањето на тоа име по целата Земја. Тие ги предводат сите обожаватели на Јехова додека им се радуваат на неговите подготовки за нивно спасение. Тоа е токму онака како што извикнува Исаија: „Воскликнувајте и радувајте се, жители на Сион, зашто голем е меѓу тебе Израелевиот Светец!“ (Исаија 12:6). Израелевиот Светец е самиот Јехова Бог.
Гледај со доверба на иднината!
27. Во што се уверени христијаните додека го чекаат остварувањето на својата надеж?
27 Денес, милиони се собираат кај ‚сигналот на народите‘ — Исус Христос востоличен во Божјето Царство. Со радост му се подложни на тоа Царство и восхитени се што го познаваат Јехова Бог и неговиот Син (Јован 17:3). Тие наоѓаат голема среќа во своето обединето христијанско дружење и марливо се напрегаат да го задржат мирот што е обележје на Јеховините вистински слуги (Исаија 54:13). Уверени дека Јах Јехова е Бог кој ги исполнува своите ветувања, сигурни се во својата надеж и наоѓаат големо задоволство кога ја споделуваат таа надеж со другите. Нека секој обожавател на Јехова продолжи да ја користи сета своја сила за да му служи на Бог и да им помага на другите да го прават истото. Сите нека ги земат при срце зборовите на Исаија и нека се радуваат на спасението преку Јеховиниот Месија!
[Фусноти]
a Зборот „Месија“ е изведен од хебрејскиот збор машијах, што значи „Помазаник“. Грчкиот еквивалент е Кристос, или „Христос“ (Матеј 2:4, NW со референции, фуснота).
b Хебрејскиот збор за „подник“ е нецер, а за „Назареќанец“ е ноцри.
[Слики на страница 158]
Месијата е „гранче“ од Јесеј, преку цар Давид
[Слика на целата страница 162]
[Слика на страница 170]
Исаија 12:4, 5, како што стои во Свитоците од Мртвото Море (местата со Божјето име се истакнати)