Прво поглавје
Еден Божји пророк носи светлина за човештвото
1, 2. Кои околности во денешницава предизвикуваат голема загриженост кај многумина?
ЖИВЕЕМЕ во век во кој изгледа дека на човекот му е достижно скоро сѐ. Патувањата низ вселената, компјутерската технологија, генетичкиот инженеринг и други научни иновации отвориле нови можности за човечкиот род, носејќи надеж за еден подобар, па можеби дури и подолг живот.
2 Ти овозможил ли таквиот напредок да не мораш да ја заклучуваш вратата? Ја отстранил ли заканата со војна? Ги излечил ли болестите, ја отстранил ли жалоста што ја чувствуваш кога ќе ти умре некој сакан? Тешко! Човековиот напредок, колку и да е значаен, сепак е ограничен. „Измисливме како да патуваме до Месечината, како да направиме уште помоќни силиконски чипови и како да трансплантираме човечки гени“, вели еден извештај од Worldwatch Institute. „Но, сѐ уште не сме способни да обезбедиме чиста вода за милијарда луѓе, да го забавиме истребувањето на илјадници растителни и животински видови, ниту да ги задоволиме нашите потреби од енергија без да ја дестабилизираме атмосферата.“ Разбирливо е што многумина со загриженост гледаат на иднината и не се сигурни каде да се обратат за утеха и надеж.
3. Каква била ситуацијата во Јуда во осмиот век пр.н.е.?
3 Ситуацијата со која се соочуваме денес е слична на онаа во која се наоѓал Божјиот народ во текот на осмиот век пр.н.е. Во тоа време, Бог на својот слуга Исаија му дал налог да им однесе утешна порака на жителите на Јуда, а утеха било токму она што им било потребно. Бурни настани ја потресле нацијата. Суровата Асирска Империја наскоро ќе ѝ се закани на земјата, исполнувајќи многумина со ужас. Каде ќе може Божјиот народ да се обрати за спасение? Името на Јехова им било на усните, но претпочитале својата доверба да ја полагаат во луѓе (2. Цареви 16:7; 18:21).
Светлина свети во темнината
4. Која двојна порака добил налог да ја објавува Исаија?
4 Како резултат на бунтовничкиот правец на Јуда, Ерусалим ќе биде уништен, а жителите на Јуда ќе бидат одведени како заробеници во Вавилон. Да, доаѓаат мрачни времиња. Јехова му наложил на својот пророк Исаија да го претскаже овој злокобен период, но го поучил и да објави добра вест. По 70 години изгнанство, Евреите ќе бидат ослободени од Вавилон! Еден радосен остаток ќе се врати на Сион и ќе ја има привилегијата да го обнови вистинското обожавање таму. Со оваа радосна порака Јехова, преку својот пророк, предизвикал во темнината да засвети светлина.
5. Зошто Јехова ги открил своите намери толку однапред?
5 Јуда била опустошена дури по повеќе од еден век откако Исаија ги запишал своите пророштва. Тогаш, зошто Јехова ги открил своите намери толку однапред? Зар нема оние што лично ги чуле објавите на Исаија да бидат веќе долго време мртви во времето кога пророштвата ќе се исполнат? Тоа е точно. Сепак, благодарение на Јеховините откровенија на Исаија, оние што ќе живеат во времето на уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. ќе имаат пишан извештај за пророчките пораки на Исаија. Ова ќе даде непобитен доказ дека Јехова е „Оној . . . Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало“ (Исаија 46:10; 55:10, 11).
6. Наброј некои аспекти во кои Јехова е супериорен во однос на сите човечки претскажувачи.
6 Само Јехова може со право да тврди такво нешто. Еден човек можеби може да ја претскаже блиската иднина врз основа на своето разбирање на политичката или на општествената клима во своето време. Но, само Јехова може да предвиди со апсолутна сигурност што ќе се случи во кој и да е момент од времето, па дури и во далечната иднина. Тој исто така може да им овозможи на своите слуги да претскажат настани долго пред тие да се случат. Библијата вели: „Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7).
Колку „Исаии“?
7. Како голем број изучувачи го довеле во прашање писателот на книгата Исаија, и зошто?
7 Самото пророштво е работа што навела многу изучувачи да го доведат во прашање писателот на книгата Исаија. Овие критичари упорно тврдат дека вториот дел од книгата мора да го напишал некој што живеел во шестиот век пр.н.е., или за време или по вавилонското изгнанство. Според нив, пророштвата за опустошувањето на Јуда биле запишани по нивното исполнување, па затоа воопшто и не се претскажувања. Овие критичари исто така забележуваат дека по 40. поглавје, книгата Исаија зборува како Вавилон да е преовладувачка сила и како Израелците да се таму во заробеништво. Затоа резонираат дека сеедно кој го напишал вториот дел од Исаија, мора да го сторил тоа во текот на таа ера — во текот на шестиот век пр.н.е. Има ли здрава основа за такво резонирање? Апсолутно не!
8. Кога започнал скептицизмот во врска со писателот на Исаија, и како се проширил?
8 Писателот на книгата Исаија не бил доведен во прашање сѐ до 12 век н.е. Ова го сторил еврејскиот коментатор Авраам Ибн Езра. „Во својот коментар за Исаија“, вели Encyclopaedia Judaica, „[Авраам Ибн Езра] изјавува дека втората половина, од 40. поглавје натаму, била дело на пророк што живеел за време на изгнанството во Вавилон и во раниот период по враќањето на Сион.“ Во текот на 18 и 19 век, гледиштата на Ибн Езра ги усвоиле повеќе изучувачи, вклучувајќи го и Јохан Кристоф Дедерлајн, германски теолог, кој своето толковно дело на Исаија го објавил во 1775, а второто издание излегло во 1789. New Century Bible Commentary забележува: „Сите, освен најконзервативните изучувачи, сега ја прифаќаат хипотезата што ја изнесе Дедерлајн . . . дека пророштвата содржани во поглавја 40 до 66 од книгата Исаија не се зборовите на пророкот Исаија од осмиот век, туку потекнуваат од некое подоцнежно време“.
9. а) До какво сечкање на книгата Исаија дошло? б) Како еден библиски коментатор ја резимира полемиката околу писателот на книгата Исаија?
9 Меѓутоа, прашањата во врска со писателот на книгата Исаија не запреле тука. Од теоријата во врска со втор Исаија — или Деутеро-Исаија — потекнала идејата дека можеби бил вклучен и трет писател.a Потоа книгата Исаија била и понатаму сечкана, така што еден изучувач му ги припишува поглавја 15 и 16 на некој непознат пророк, додека друг го доведува во прашање писателот на поглавја 23 до 27. Трет, пак, вели дека не било можно Исаија да ги запише зборовите што се наоѓаат во поглавја 34 и 35. Зошто? Затоа што материјалот многу личи на оној што се наоѓа во поглавјата 40 до 66, кои веќе му се припишани на некој друг, а не на Исаија од осмиот век! Библискиот коментатор Чарлс К. Тори концизно ги резимира резултатите од овој процес на резонирање. „Некогаш големиот ‚Пророк на Изгнанството‘“, вели тој, „е сведен на многу мал лик, и е речиси закопан во еден куп нафрлани фрагменти.“ Меѓутоа, сите изучувачи не се согласуваат со таквото сечкање на книгата Исаија.
Докази за еден писател
10. Наведи еден пример за тоа како доследноста во изразувањето дава докази дека писателот на книгата Исаија бил еден човек.
10 Постои силна причина да се тврди дека книгата Исаија е дело на само еден писател. Една низа докази се однесува на доследноста во изразувањето. На пример, фразата „Израелевиот Светец“ се сретнува 12 пати во Исаија поглавја 1 до 39, и 13 пати во Исаија поглавја 40 до 66, додека, пак, овој опис на Јехова се појавува само 6 пати во остатокот од Хебрејските списи. Повторливата употреба на овој израз, инаку не често употребуван, укажува дека писателот на Исаија бил еден човек.
11. Какви сличности постојат помеѓу поглавја 1 до 39 и 40 до 66 од Исаија?
11 Постојат и други сличности помеѓу Исаија поглавја 1 до 39 и 40 до 66. И двата дела содржат честа употреба на истите карактеристични стилски фигури, како што се жена во породилни болки и „пат“ или „друм“.b Исто така, повеќе пати се осврнуваат на „Сион“, термин што е употребен 29 пати во поглавја 1 до 39 и 18 пати во поглавја 40 до 66. Всушност, во Исаија има повеќе осврти на Сион отколку во која и да е друга библиска книга! Таквите докази, забележува The International Standard Bible Encyclopedia, „на книгата ѝ ставаат печат на индивидуалност, кој е тешко да се објасни“ доколку книгата била напишана од двајца, тројца или од повеќе писатели.
12, 13. Како Христијанските грчки списи укажуваат дека книгата Исаија била дело на еден писател?
12 Најсилниот доказ дека книгата Исаија има само еден писател се наоѓа во инспирираните Христијански грчки списи. Тие јасно покажуваат дека христијаните од првиот век верувале дека книгата Исаија била дело на еден писател. Лука, на пример, кажува за еден етиопски службеник кој го читал материјалот што сега се наоѓа во Исаија 53. поглавје, што е токму тој дел кој современите критичари му го припишуваат на Деутеро-Исаија. Но, Лука вели дека Етиопјанецот ‚наглас го читал пророкот Исаија‘ (Дела 8:26—28).
13 А сега, разгледај што вели Матеј, писател на едно од евангелијата, кој објаснува како службата на Јован Крстител ги исполнила пророчките зборови што сега се наоѓаат во Исаија 40:3. Кому Матеј му го припишува пророштвото? На некој непознат Деутеро-Исаија? Не, тој го идентификува писателот едноставно како „пророкот Исаија“c (Матеј 3:1—3). Во друг случај, Исус од еден свиток ги читал зборовите што сега се наоѓаат во Исаија 61:1, 2. Во својот извештај, Лука вели: „Му го подадоа свитокот на пророкот Исаија“ (Лука 4:17). Во своето писмо до римјаните, Павле се осврнува на делови и од почетокот и од крајот на Исаија, а сепак со ништо не ни навестува дека писателот е некој друг освен истата личност, Исаија (Римјаните 10:16, 20; 15:12). Јасно, христијаните од првиот век не верувале дека книгата Исаија била дело на двајца, тројца или на повеќе писатели.
14. Како Свитоците од Мртвото Море ги расветлиле работите во врска со писателот на Исаија?
14 Разгледај го и сведоштвото на Свитоците од Мртвото Море — древни документи од кои голем број датираат пред времето на Исус. Еден манускрипт на Исаија, познат како Свитокот на Исаија, датира од вториот век пр.н.е., и тој ги побива тврдењата на критичарите дека Деутеро-Исаија го презел пишувањето од 40. поглавје натаму. Како? Во овој древен документ, уводната реченица од она што сега ни е познато како 40. поглавје започнува во последниот ред од една колона, а завршува во следната колона. Јасно е дека препишувачот не бил свесен за некаква наводна промена на писателот или за поделба на книгата на тоа место.
15. Што има да каже еврејскиот историчар од првиот век, Јосиф Флавиј, за пророштвата на Исаија во врска со Кир?
15 На крајот, разгледај го сведоштвото на еврејскиот историчар од првиот век, Јосиф Флавиј. Тој не само што укажува дека пророштвата на Исаија што се однесуваат на Кир биле запишани во осмиот век пр.н.е. туку и вели дека Кир бил свесен за овие пророштва. „Кир ги знаел овие работи,“ пишува Јосиф, „од читањето на пророчката книга која Исаија ја оставил зад себе пред двесте и десет години.“ Според Јосиф, познавањето на овие пророштва можеби дури и придонело за спремноста на Кир да ги врати Евреите во нивната земја, бидејќи Јосиф пишува дека Кир бил „обземен од силна желба и амбиција да го направи она што било напишано“ (Jewish Antiquities — Еврејски старини, книга XI, 1. поглавје, 2. пасус).
16. Што може да се рече за тврдењето на критичарите дека, во еден дел при крајот на Исаија, Вавилон е опишан како преовладувачка сила?
16 Како што беше спомнато претходно, многу критичари укажуваат дека, од Исаија 40. поглавје па натаму, Вавилон е опишан како преовладувачка сила, а за Израелците се зборува како да се веќе во изгнанство. Зарем ова не покажува дека писателот живеел во текот на шестиот век пр.н.е.? Не мора да значи. Факт е дека уште пред 40. поглавје од Исаија, Вавилон понекогаш е опишан како преовладувачка светска сила. На пример, во Исаија 13:19, Вавилон е наречен „украс на царствата“ или, како што Today’s English Version го преведува, „најубавото од сите царства“. Јасно е дека овие зборови се пророчки, бидејќи Вавилон станал светска сила повеќе од еден век подоцна. Еден критичар го „решава“ овој таканаречен проблем така, што едноставно го отфрла Исаија 13 како дело на друг писател! Сепак, вистина е дека во библиското пророштво прилично е вообичаено да се зборува за идни настани како тие веќе да се исполниле. Оваа стилска фигура делотворно ја подвлекува сигурноста на исполнувањето на пророштвото (Откровение 21:5, 6). Секако, само Богот на вистинското пророштво може да ја даде изјавата: „Нови настани Јас навестувам, и пред да се покажат, ви ги јавувам вам“ (Исаија 42:9).
Книга на доверливо пророштво
17. Како може да се објасни промената во стилот од Исаија 40. поглавје па натаму?
17 Тогаш, до каков заклучок водат доказите? Дека книгата Исаија е дело на еден инспириран писател. Целата книга е пренесувана низ вековите како единечно дело, а не како две или повеќе. Вистина, некои можеби велат дека стилот на книгата Исаија некако се менува од 40. поглавје натаму. Сепак, сети се дека Исаија служел како Божји пророк не помалку од 46 години. Во текот на тоа време за очекување е содржината на неговата порака, а со тоа и неговиот начин на изразување на пораката, да се промени. Навистина, Божјиот налог за Исаија не бил само да пренесе строги предупредувања на суд. Тој требало да ги пренесе и Јеховините зборови: „Тешете го, тешете го, Мојот народ“ (Исаија 40:1). Божјиот народ на сојузот ќе биде навистина утешен од неговото ветување дека, по 70 години изгнанство, Евреите ќе бидат репатрирани во својата земја.
18. Која е една тема од книгата Исаија што ќе се разгледува во оваа публикација?
18 Ослободувањето на Евреите од вавилонското заробеништво е тема на многу поглавја од Исаија, кои се разгледани во оваа книга.d Извесен број од овие пророштва, како што ќе видиме, имаат современо исполнување. Освен тоа, во книгата Исаија наоѓаме возбудливи пророштва што се исполниле во животот — и при смртта — на Божјиот единороден Син. Сигурно, проучувањето на важните пророштва што ги содржи книгата Исаија ќе им користи на Божјите слуги и на други луѓе по целиот свет. Овие пророштва се, навистина, светлина за целото човештво.
[Фусноти]
a На хипотетичниот трет писател, наводно одговорен за поглавја 56 до 66, изучувачите се осврнуваат како на Трито-Исаија.
b Жена во породилни болки: Исаија 13:8; 21:3; 26:17, 18; 42:14; 45:10; 54:1; 66:7. „Пат“ или „друм“: Исаија 11:16; 19:23; 35:8; 40:3; 43:19; 49:11; 57:14; 62:10.
c Во паралелните извештаи, Марко, Лука и Јован ја користат истата фраза (Марко 1:2; Лука 3:4; Јован 1:23).
d Првите 40 поглавја од Исаија се разгледани во Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво I, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 9]
Докази од дијахрониската анализа
Дијахрониските студии — кои ги следат суптилните промени што настануваат во еден јазик во текот на многу години — даваат натамошен доказ дека книгата Исаија е дело на еден единствен писател. Кога дел од Исаија би бил напишан во осмиот век пр.н.е. а друг дел 200 години подоцна, би постоеле разлики во хебрејскиот јазик што се зборувал во секој од тие периоди. Но, според една студија, објавена во Westminster Theological Journal, „доказите од дијахрониската анализа убедливо го поддржуваат датумот на Исаија 40 до 66 од пред изгнанството“. Авторот на студијата заклучува: „Ако критички настроените изучувачи продолжат упорно да тврдат дека Исаија треба да се датира во периодот на изгнанството или по него, мораат да го сторат тоа и покрај противдоказите од дијахрониската анализа“.
[Слика на страница 11]
Дел од Свитокот на Исаија од Мртвото Море. Крајот на 39. поглавје е посочен со стрелка
[Слики на страници 12 и 13]
Околу 200 години однапред, Исаија претскажува ослободување за Евреите