Јеховината осуда над лажните учители
„А кај пророците во Ерусалим гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, . . . сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови — како Гомор“ (ЈЕРЕМИЈА 23:14).
1. Зошто презема многу голема одговорност оној кој се ангажира во божествено поучување?
СЕКОЈ кој се ангажира во божествено поучување, презема многу голема одговорност. Јаков 3:1 предупредува: „Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме“. Да, оние кои поучуваат за Божјата Реч сносат посериозна одговорност да положат прифатлива сметка отколку останатите христијани воопшто. Што ќе значи ова за оние кои се покажуваат како лажни учители? Да ја погледнеме ситуацијата во деновите на Јеремија. Ќе видиме како таа го навестила она што се случува денес.
2, 3. Каква осуда изрекол Јехова преку Јеремија во врска со лажните учители од Ерусалим?
2 Во 647. пр. н. е., во 13-та година од владеењето на цар Јосија, Јеремија бил овластен како Јеховин пророк. Јехова имал поплака против Јуда, па го испратил Јеремија да ја објави. Ерусалимските лажни пророци, или учители, правеле „нешто страшно“ во Божји очи. Нивната злоба била толку голема што Бог ги споредил Ерусалим и Јуда со Содом и Гомор. Јеремија поглавје 23 ни кажува за ова. Стих 14 вели:
3 „А кај пророците во Ерусалим гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови — како Гомор“.
4. Како се споредува лошиот морален пример на ерусалимските учители со денешното т. н. христијанство?
4 Да, овие пророци, или учители, сами дале многу лоши морални примери и, всушност, ги охрабрувале луѓето да го прават истото. Погледни ја состојбата во денешното т. н. христијанство! Зарем не се исти како оние од времето на Јеремија? Денес свештениците им дозволуваат на прељубници и хомосексуалци да останат во нивните редови, па дури им дозволуваат да вршат богослуженија. Дали е некакво чудо што толку многу црковни членови се исто така неморални?
5. Зошто лошата неморална состојба на т. н. христијанство е уште полоша од онаа на Содом и Гомор?
5 Јехова ги споредил жителите на Ерусалим со жителите на Содом и Гомор. Но, неморалната состојба на христијанството е полоша од онаа на Содом и Гомор. Да, тоа заслужува уште поголем прекор во Јеховини очи. Неговите учители се исмејуваат на христијанските морални прописи. А тоа создава клима на морален распад во која постојат секакви видови подмолни заведувања да се прави она што е лошо. Оваа морална ситуација толку преовладува што порочноста денес се смета за нормална.
„Одат во лага“
6. Што рекол Јеремија за злобата на ерусалимските пророци?
6 А сега забележи што наведува стих 14 за пророците од Ерусалим. Тие ‚оделе во лага‘. А вториот дел од стих 15 вели: „Од ерусалимските пророци се разнесе осквернување [отпад, НС] по целата земја“. Потоа, стих 16 додава: „Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви ги пророкуваат — тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, а не она што доаѓа од устата Господова“.
7, 8. Зошто е свештенството на христијанството како лажните пророци од Ерусалим, и како влијаело тоа на посетителите на црквите?
7 Како лажните пророци од Ерусалим, свештенството на христијанството исто така оди во лага, ширејќи отпаднички доктрини, науки што ги нема во Божјата Реч. Кои се некои од овие лажни науки? Бесмртност на душата, тројство, чистилиште и пеколен оган за вечно мачење на луѓето. Исто така, им ги скокоткаат ушите на своите слушатели проповедајќи го она што луѓето сакаат да го слушаат. Постојано повторуваат дека никаква несреќа немало да го снајде христијанството бидејќи тоа имало Божји мир. Но, свештениците кажуваат „измислени работи од срцето свое“. Тоа е лажно. Оние кои веруваат во такви лаги се духовно затруени и заведени на пат кон уништување!
8 Разгледај што вели Јехова за овие лажни учители во стих 21: „Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа“. Така и денес, свештениците ниту се испратени од Бог, ниту поучуваат за неговите вистини. Каков е резултатот? Меѓу посетителите на црквите постои една огромна библиска неписменост затоа што нивните слуги ги хранат со световни филозофии.
9, 10. а) Какви соништа имале ерусалимските лажни учители? б) Како свештенството на христијанството слично учело за „лажни соништа“?
9 Понатаму, свештенството денес шири лажни надежи. Забележи го стих 25: „Јас слушав што зборуваат пророците, кои во името Мое пророкуваат лага. Тие велат: ‚ми се сони, ми се сони‘“. Какви соништа сонувале тие? Стих 32 ни кажува: „Еве, Јас сум против пророците на лажни соништа, вели Господ, кои ги кажуваат и преку своите измами и итрини го заблудуваат, Мојот народ, кога Јас не сум ги пратил, ниту сум им заповедал; затоа тие не донесуваат никаква полза за тој народ, вели Господ“.
10 За какви лажни соништа, или надежи, поучувало свештенството? Па, тоа дека единствената надеж на човекот за мир и безбедност денес се Обединетите нации. Во последниве години тие ги нарекле ОН „последна надеж за слога и мир“, „врховен форум на мир и правда“, „главна привремена надеж за светски мир“. Каква заблуда! Единствената надеж за човештвото е Божјето Царство. Но свештенството не ја проповеда и не учи за вистината за таа небесна влада која била централна тема на Исусовото проповедање.
11. а) Какво лошо влијание врз Божјето име имале лажните учители од Ерусалим? б) Што сториле денешните лажни верски учители со божественото име за разлика од класата на Јеремија?
11 Стих 27 ни кажува повеќе. „Мислат ли тие дека преку своите соништа, што си ги раскажуваат еден на друг, да го доведат Мојот народ дотаму што да го заборави името Мое, како што го заборавија татковците нивни името Мое заради Ваала?“ Лажните ерусалимски пророци предизвикале луѓето да го заборават Божјето име. Зарем денешните лажни религиозни учители не го сториле истото? Уште полошо, тие го кријат Божјето име, Јехова. Учат дека не е потребно тоа да се употребува и го отстрануваат од нивните преводи на Библијата. Остро се спротивставуваат на секого кој ги учи луѓето дека Божјето име е Јехова. Но, класата на Јеремија, остатокот од духовно помазани христијани, заедно со нивните придружници, го направиле истото што го правел и Исус. Тие поучиле милиони луѓе за Божјето име (Јован 17:6).
Разоткриени дека се достојни за прекор
12. а) Зошто постои огромна вина кај лажните верски учители? б) Каква била улогата на свештенството во двете светски војни?
12 Класата на Јеремија секогаш одново го разоткривала свештенството дека се лажни учители кои ги водат своите стада по широкиот пат на уништување. Да, остатокот објаснил зошто тие сонувачи заслужуваат Јеховина неповолна осуда. На пример, Јеховините слуги честопати се осврнувале на Откровение 18:24, каде што вели дека во Големиот Вавилон била најдена крвта на ‚сите што биле избиени на земјата‘. Помисли на сите војни што биле водени поради верски разлики. Колку голема вина лежи врз лажните верски учители! Нивните учења предизвикувале раздор и ја поттикнувале омразата кај луѓето од поинакви вери и национални групи. Во врска со I Светска војна, книгата Preachers Present Arms (Проповедниците го поздравуваат оружјето) вели: „Свештениците ѝ ја дадоа на војната нејзината страстна духовна важност и енергија. . . . Со тоа црквата стана нераздвоен дел од воениот систем“. Истото било случај и во II Светска војна. Свештенството во потполност ги поддржувало завојуваните народи и ги благословувало нивните трупи. Две светски војни започнале во т. н. христијанство, во кое соверниците се колеле едни со други. Световните и верските секти во христијанството и понатаму предизвикуваат крвопролевање сѐ до денешно време. Какви ужасни последици имале нивните лажни учења!
13. Како покажува Јеремија 23:22 дека свештенството на христијанството не стои во никаков однос со Јехова?
13 Молиме, обрни внимание на Јеремија поглавје 23, стих 22: „Да беа стоеле во советот Мој [во групата на мои повереници, НС], тие ќе ги објавеа на Мојот народ зборовите Мои и ќе ги отклонеа од нивниот лош пат и од нивните лоши дела“. Да стоеле во групата на Јеховини повереници, во близок однос со него како верен и разумен слуга, тогаш и религиозните пророци на т. н. христијанство би живееле според Божјите мерила. И тие би правеле народите од христијанството да ги слушаат Божјите зборови. Наместо тоа, современите лажни учители ги направиле своите следбеници заслепени слуги на Божјиот Противник, Сатана Ѓаволот.
14. Какво силно излагање за свештенството на христијанството било изнесено во 1958?
14 Разоткривањето на вистината за свештенството од страна на класата на Јеремија се одразило силно. На пример, на Меѓународниот конгрес на Јеховини сведоци, „Божествена волја“, во 1958 во Њујорк Сити, потпретседателот на Watch Tower Society дал изјава која делумно гласела: „Без никаква двосмисленост или колебање изјавуваме дека коренската причина за сето злосторство, деликвенција, омраза, кавги, предрасуди, . . . и луда збрка е погрешната религија, лажната религија, зад која стои човековиот невидлив непријател, Сатана Ѓаволот. Најодговорни луѓе за светската состојба се верските учители и водачи; а најголем прекор меѓу нив заслужува религиозното свештенство на христијанството. . . . После сиве овие години од I Светска војна наваму, т. н. христијанство стои во еден таков однос спрема Бог како оној на Израел од времето на Јеремија. Да, христијанството е соочено со една уште пострашна и поопустошувачка пропаст отколку онаа што ја видел Јеремија дека му се случува на Ерусалим“.
Осуда на лажните учители
15. Какви пророштва за мир дало свештенството? Дали ќе се исполнат тие?
15 И покрај ова предупредување, како постапувало свештенството оттогаш наваму? Токму како што известува стих 17: „Тие постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: ‚Господ рече, мир ќе имате.‘ И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: ‚зло нема да ве снајде‘“. Дали е тоа точно? Не! Јехова ќе ја разоткрие лажноста на овие пророштва на свештенството. Нема да го исполни она што тие го кажуваат во негово име. Сепак, лажното уверување на свештенството за мир со Бог е многу измамливо!
16. а) Каква е моралната клима на овој свет, и кој ја сноси одговорноста за тоа? б) Што прави класата на Јеремија во врска со расипаните морални гледишта на овој свет?
16 Дали си мислиш: ‚Кој, јас да бидам излажан од лажните науки на свештенството? Ни случајно!‘ Па, немој да бидеш толку сигурен! Сети се дека лажните науки на свештенството унапредиле една подмолна, ужасна морална клима. Нивните попустливи учења оправдуваат скоро сѐ, без разлика колку е неморално. А оваа дегенерирана морална клима се проникнува скоро во сите подрачја на забавата, филмот, ТВ-то, списанијата и музиката. Затоа, мораме да бидеме крајно претпазливи за да не потпаднеме под влијанието на оваа дегенерирана но префинето привлечна морална атмосфера. Младите можат да бидат фатени во замка преку расипувачки видеофилмови и музика. Имај на ум дека денешниот став кај луѓето — ‚сѐ е дозволено‘ — е директен резултат на лажните науки на свештенството и нивниот неуспех да ги држат Божјите праведни мерила. Класата на Јеремија се бори против ваквите неморални гледишта и им помага на Јеховините слуги да ја отфрлат расипаноста која го обзема т. н. христијанство.
17. а) Според Јеремија, каква осуда требало да дојде врз злобниот Ерусалим? б) Што ќе му се случи наскоро на христијанството?
17 Каква осуда ќе добијат лажните учители на христијанството од Јехова, големиот Судија? Стиховите 19, 20, 39 и 40 ни одговараат: „Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците. Гневот Господов нема да се одврати сѐ додека Он не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; . . . еве затоа ќе ве заборавам наполно, ќе ве оставам и ќе го отфрлам од лицето Свое овој град, кој ви го дадов вам и на татковците ваши. И врз вас ќе испратам вечна поруга и вечен срам, кој нема да се заборави“. Сето тоа му се случило на злобниот Ерусалим и на неговиот храм, а сега една слична несреќа наскоро ќе го погоди злобното христијанство!
Објавување на „бремето од Јехова“
18, 19. Какво „бреме од Јехова“ ѝ објавил Јеремија на Јуда, и што вклучувало тоа?
18 Тогаш, каква е одговорноста на класата на Јеремија и нивните придружници? Стих 33 ни кажува: „Ако те праша тој народ, или пророк, или свештеник: какво е бремето од Господа [од Јехова, НС]? а ти кажи му — ‚вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам,‘ вели Господ“.
19 Хебрејскиот збор за „бреме“ има двојно значење. Може да се однесува на тешка божествена објава или на нешто што натежнува и го изморува лицето. Изразот „бреме од Јехова“ овде се однесува на едно тешко пророштво — на објавата дека Ерусалим бил осуден на уништување. Дали сакале луѓето да слушаат такви тешки пророчки изјави какви што Јеремија постојано им кажувал од Јехова? Не, луѓето му се исмејувале на Јеремија: ‚Какво пророштво (бреме) имаш сега? Сигурни сме дека твоето пророштво ќе биде пак некое заморно бреме!‘ Но што им рекол Јехова? Ова: „Вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам“. Да, овие луѓе биле бреме за Јехова, и тој имал намера да ги отстрани за повеќе да не го оптоваруваат.
20. Што е „бремето од Јехова“ денес?
20 Што е „бремето од Јехова“ денес? Тоа е тешката пророчка порака од Божјата Реч. Таа е полна со осуда и го објавува неминовното уништување на т. н. христијанство. Што се однесува до Јеховиниот народ, ние ја имаме тешката одговорност да го објавиме ова „бреме од Јехова“. Додека се приближува крајот, мораме да им кажеме на сите дека своеволните луѓе на христијанството се „бреме“, да, „колкаво бреме“ (НС) за Јехова Бог, и дека наскоро ќе се ослободи од тоа „бреме“ така што врз т. н. христијанство ќе нанесе несреќа.
21. а) Зошто бил уништен Ерусалим во 607. пр. н. е.? б) Што се случило со лажните пророци и со Јеховиниот вистински пророк по уништувањето на Ерусалим, и каква гаранција ни дава тоа денес?
21 Во времето на Јеремија, Јеховината осуда била извршена кога Вавилонците го уништиле Ерусалим во 607. пр. н. е. Како што било проречено, тоа било ‚поруга и срам‘ за тие тврдоглави, неверни Израелци (Јеремија 23:39, 40). Тоа им покажало дека Јехова, кого тие секогаш одново го осрамотувале, најпосле ги препуштил на последиците од нивната злоба. Устите на нивните вообразени лажни пророци конечно биле замолчени. Но, устата на Јеремија продолжила да пророкува. Него Јехова не го напуштил. Верно на овој пример, Јехова нема да ја напушти класата на Јеремија кога неговата тешка одлука ќе доведе до сотрување на животот на свештенството на т. н. христијанство и на оние кои веруваат во нивните лаги.
22. Во каква состојба ќе биде доведено т. н. христијанство преку Јеховините осуди?
22 Да, каква што била опустошената, ненаселена состојба на Ерусалим по 607. пр. н. е., токму така ќе изгледа религиозното христијанство откако ќе биде лишено од своето богатство и срамно разоткриено. Тоа е заслужена осуда што ја одредил Јехова против лажните учители. Таа осуда нема да доживее неуспех. Исто како што сите Јеремиини инспирирани предупредувачки пораки се обистиниле во минатото, така ќе се обистинат и во нивното современо исполнување. Затоа, да бидеме како Јеремија. Бестрашно да им го објавуваме на народите пророчкото бреме од Јехова за да знаат зошто над лажните религиозни учители доаѓа полната тежина на неговата праведна осуда!
Прашања за повторување
◻ Колку бил лош древниот Ерусалим од Јеховина гледна точка?
◻ На кои начини христијанството ‚одело во лага‘?
◻ Како било откриено современото свештенство дека е достојно за прекор?
◻ Какво „бреме од Јехова“ се објавува сега?
[Слика на страница 8]
Ерусалимските пророци извршиле „нешто страшно“
[Слика на страница 9]
„Кажуваат измислени работи од срцето свое“
[Слика на страница 10]
Состојбата на Ерусалим по неговото уништување го илустрира конечниот исход на т. н. христијанство