Јеховиниот спор со народите
„Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на [има спор со, НС] сите народи“ (ЈЕРЕМИЈА 25:31).
1, 2. а) Што се случило во Јуда по смртта на цар Јосија? б) Кој бил последниот цар на Јуда, и како пострадал заради своето неверство?
ЗЕМЈАТА Јуда била соочена со критични времиња со кои тешко се излегувало на крај. Еден добар цар, Јосија, привремено го одложил Јеховиниот огнен гнев. Но што уследило кога Јосија бил убиен во 629. пр. н. е.? Царевите кои го наследиле го срамотеле Јехова.
2 Како што наведува 4. Царства 24:19, последниот цар на Јуда, Седекија, четврт син на Јосија, продолжил ‚да го врши она, што не било угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што го правел тоа [неговиот постар брат] Јоаким‘. Каков бил резултатот? Навуходоносор дошол на Ерусалим, го заробил Седекија, му ги заклал синовите пред негови очи, него го ослепил и го одвел во Вавилон. Освен тоа, Вавилонците ги зеле како плен садовите што се употребувале при обожавањето на Јехова и го запалиле храмот и градот. Преживеаните станале изгнаници во Вавилон.
3. Кој период започнал со уништувањето на Ерусалим во 607. пр. н. е., и што требало да се случи на крајот од тој период?
3 Таа година, 607. пр. н. е., го означила не само конечното опустошување на Ерусалим туку и почетокот на „времињата на незнабошците“, на кои се осврнува Лука 21:24. Тој период од 2.520 години завршил во нашиов век, во 1914 година. Тогаш дошло времето за Јехова преку неговиот устоличен Син, Исус Христос, кој е поголем од Навуходоносор, да објави и да изврши осуда врз расипаниот свет. Тоа судење започнува со современиот еквивалент на Јуда, еквивалент кој тврди дека ги претставува Бога и Христа на Земјата.
4. Кои прашања сега се покренуваат во врска со Јеремииното пророштво?
4 Дали гледаме паралела помеѓу метежот што владеел во текот на последните години на Јуда под нејзините цареви — со погубни настани коишто се одразуваат и на соседните народи — и метежот во денешното т. н. христијанство? Сигурно дека гледаме! Тогаш, што покажува Јеремииното пророштво во поглед на тоа како Јехова ќе постапи со работите денес? Да видиме.
5, 6. а) Како ситуацијата во т. н. христијанство од 1914 личи на ситуацијата што владеела во Јуда пред самото нејзино опустошување? б) Каква порака му донел современиот Јеремија на т. н. христијанство?
5 Британскиот математичар и филозоф Бертранд Расел пред 40-тина години коментирал: „Од 1914 година наваму, секој кој е свесен за тенденциите во светот, длабоко е вознемирен од она што изгледа како судбоносен и предодреден марш кон уште поголема несреќа“. А германскиот државник Конрад Аденауер, изјавил: „Од 1914 година наваму се чини дека безбедноста и мирот исчезнале од животот на луѓето“.
6 Денес, како и во времето на Јеремија, приближувањето на крајот на системот на ствари е обележан со пролевање на океани невина крв, што се гледа од двете светски војни во ова столетие. Овие војни во најголемиот дел ги водеа народите на т. н. христијанство, кои тврдат дека го обожаваат Богот на Библијата. Какво лицемерство! Не е чудо што Јехова ги испратил своите Сведоци кај нив, велејќи, според зборовите од Јеремија 25:5, 6: „Отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела . . . и не одете по други богови, за да им служите и да им се клањате, и немојте да Ме разгневувате со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло“.
7. Каков доказ постои дека христијанството ги игнорира Јеховините предупредувања?
7 Меѓутоа, народите на т. н. христијанство не се вратиле. Тоа се покажало преку тоа што му принесувале натамошни жртви на богот на војната во Кореја и Виетнам. И продолжуваат да ги финансираат трговците со смртта, производителите на оружје. Земјите на т. н. христијанство го дале најголемиот дел од скоро еден трилион долари годишно што биле потрошени за вооружување во текот на 1980-тите. Секоја година од 1951 до 1991, само воените издатоци на Соединетите Држави го надминале нето профитот на сите американски корпорации заедно. Од завршетокот на гласно објавуваниот крај на студената војна, направени се редукции на застарено нуклеарно оружје, но остануваат огромни арсенали на друго смртоносно оружје кое и понатаму се усовршува. Еден ден тоа би можело да биде употребено.
Осуда врз попустливото подрачје на христијанството
8. Како ќе се исполнат зборовите од Јеремија 25:8, 9 врз т. н. христијанство?
8 Јеховините понатамошни зборови во Јеремија 25:8, 9, сега особено се применуваат на христијанството кое не успеало да живее според христијанските мерила за праведност: „Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои, еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош“. Така, почнувајќи со народот кој се декларира како Божји, т. н. христијанство, ќе започне големата неволја која на крајот ќе се прошири по целата Земја, до „сите соседни народи“.
9. На кои начини се влошила духовната состојба на т. н. христијанство во наше време?
9 Постоело време кога во христијанството се почитувала Библијата, кога бракот и семејниот живот скоро секаде биле сметани за извор на среќа, кога луѓето станувале рано и наоѓале задоволство во нивната секојдневна работа. Многумина се освежувале читајќи и проучувајќи ја Божјата Реч при светлоста на ноќна ламба. Но денес, сексуалниот промискуитет, разводот, злоупотребата на дроги и пијанство, деликвенцијата, мрзливите работни навики, оддаденоста на ТВ-то и други пороци го расипале животот до алармантен степен. Ова му претходи на опустошувањето коешто Јехова Бог ќе го изврши над попустливото подрачје на христијанството.
10. Опиши ја состојбата на христијанството по извршувањето на Јеховините осуди.
10 Како што читаме во Јеремија поглавје 25, стихови 10 и 11, Јехова изјавува: „И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од воденичен камен и светлината од светило. И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас“. Навистина ќе биде зачудувачки кога моќните храмови и луксузни палати на христијанството ќе бидат претворени во урнатини. Колку ќе биде обемно ова уништување? Во времето на Јеремија, опустошеноста на Јуда и соседните народи траела 70 години, коешто Псалм 89:10 го опишува како еден цел животен век. Јеховиното извршување на осудата овојпат ќе биде потполно, вечно.
Осуда против Големиот Вавилон
11. Кој ќе посредува при уништувањето на т. н. христијанство? Зошто?
11 Како што е проречено во Откровение 17:12-17, ќе дојде времето кога Јехова ќе го започне своето чудно дело така што во срцата на „десетте рогови“ — милитаризираните членки на Обединетите нации — ќе им даде ‚да ја исполнат Неговата волја [мисла, НС]‘ да го опустошат светското царство на лажната религија. Како ќе се случи тоа? Постојат повеќе начини на кои „десетте рогови“ од Откровение поглавје 17, според зборовите од стих 16, ќе ‚ја замразат блудницата . . . и ќе ја изгорат на оган‘. Факт е дека нуклеарното оружје се раширило и сѐ уште се шири на многу места по Земјата каде што се заканува војна. Но мораме да чекаме и да видиме како Јехова ќе им даде во срцата на политичките владетели да ја извршат неговата одмазда.
12. а) Што се случило со Вавилон откако тој го уништил Ерусалим? б) Што ќе се случи со народите по уништувањето на т. н. христијанство?
12 Во старо време дошло ред на Вавилон да го искуси Јеховиниот жесток гнев. Според тоа, почнувајќи со Јеремија, поглавје 25, стих 12, пророштвото ги посматра работите од една подоцнежна, изменета гледна точка. Не повеќе во улога на Јеховин Егзекутор, Навуходоносор и Вавилон сега се вклучени меѓу сите световни народи. Тоа е слично со ситуацијата денес. „Десетте рогови“ од Откровение, поглавје 17, ќе ја опустошат лажната религија, но подоцна и самите ќе претрпат уништување сосе другите ‚земни цареви‘, како што е опишано во Откровение поглавје 19. Јеремија 25:13, 14 опишува како Вавилон, заедно со „сите народи“ (НС) кои го искористувале Јеховиниот народ, е осуден. Јехова го употребил Навуходоносор како егзекутор за да ја казни Јуда. Но, и тој и подоцнежните вавилонски цареви горделиво почнале да се вознесуваат против самиот Јехова, како што е покажано, на пример, со обесветувањето на садовите од Јеховиниот храм (Даниил 5:22, 23). А кога Вавилонците го уништиле Ерусалим, соседните Јудини народи — Моав, Амон, Тир, Едом и други — воскликнувале и му се смееле на Божјиот народ. И тие морале да си ја добијат платата што следувала од Јехова.
Осуда над „сите народи“
13. Што е мислено со „оваа чаша на вино од јарост“, и што им се случува на оние кои пијат од чашата?
13 Затоа, како што е забележано во поглавје 25, стихови 15 и 16, Јеремија изјавува: „Така ми рече Господ, Бог Израилев: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, при кои ќе те пратам. И тие нека пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе видат меч, што ќе го пратам против нив“. Зошто е тоа ‚чаша со вино на Јеховина јарост‘? Во Матеј 26:39, 42 и Јован 18:11, Исус зборувал за „чаша“ што ја симболизирала Божјата волја за него. На сличен начин, употребена е чаша за да ја симболизира Јеховината волја за народите за да пијат од неговата божествена одмазда. Јеремија 25:17-26 ги набројува овие национални групи кои ги предочуваат денешните народи.
14. Кој ќе пие од чашата на виното од Јеховиниот гнев, според Јеремииното пророштво, и што симболизира тоа за нашето време?
14 Откако христијанството, слично на Јуда, ќе биде ‚опустошено и направено ужас, потсмев и проклетство‘, уништување го очекува остатокот од светското царство на лажната религија. Потоа, целиот свет, како што е симболизирано со Египет, мора да пие од чашата со вино од Јеховин гнев! Да, „сите цареви на север, што се блиски еден до друг, а и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата“ мораат да пијат. Најпосле, „царот на Сесах ќе пие по нив“. А кој е овој „цар на Сесах“? Сесах е симболично име, криптограм или шифра за Вавилон. Исто како што Сатана бил невидлив цар над Вавилон, така тој е ‚кнез на овој свет‘ до ден-денеска, како што покажал Исус (Јован 14:30). Така, Јеремија 25:17-26 се изедначува со Откровение поглавја 18 до 20, каде што се разјаснува текот на настаните додека чашата на Јеховиниот гнев се подава наоколу. Најпрво мора да пропадне светското царство на лажната религија, па политичките сили, а потоа самиот Сатана ќе биде фрлен во бездна (Откровение 18:8; 19:19-21; 20:1-3).
15. Што ќе се случи кога ќе се чуе повикот „мир и безопасност“?
15 Откако студената војна наводно заврши, многу се зборува за мир и безбедност и дека останала само една суперсила. Како што се изјавува во Откровение 17:10, таа суперсила, седмата глава на дивиот ѕвер, мора ‚да остане малку‘. Но тоа „малку“ се ближи кон својот крај. Наскоро, сите повици за светски „мир и безопасност“ ќе отстапат пред ‚ненадејната погибел [која] ќе ги стигне‘. Така изјавува апостол Павле (1. Солунјаните 5:2, 3).
16, 17. а) Каков ќе биде исходот ако некој се обиде да ја избегне Јеховината осуда? б) На каков деструктивен начин наскоро ќе се збидне Јеховината волја на Земјата?
16 Целокупниот Сатанов светски систем, почнувајќи од т. н. христијанство, мора да пие од Јеховината чаша на одмазда. Тоа го потврдува неговата натамошна заповед до Јеремија, запишана во поглавје 25, стихови 27 до 29: „Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев — пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас. Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот — морате да пиете. Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете неказнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот“.
17 Навистина, тоа се силни зборови, зборови што влеваат страв, зашто ги изговорил Суверениот Господ на целата вселена, Јехова Бог. Во текот на илјадници години, тој стрпливо ги поднесувал клеветите, прекорите и омразата што се насобрале врз неговото свето име. Но, конечно дошло времето да одговори на молитвата за која неговиот сакан Син, Исус Христос, ги поучил своите ученици додека бил овде на Земјата: „Молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Јеховина волја е Исус да дејствува како Негов меч во извршувањето на одмаздата.
18, 19. а) Кој јава за да победи во Јеховино име, и на што чека тој пред да ја доврши својата победа? б) Кои застрашувачки настани ќе се случат на Земјата кога ангелите ќе го ослободат бурниот ветар на Јеховиниот гнев?
18 Во Откровение поглавје 6 (НС), првин читаме како Исус јава на бел коњ ‚победувајќи и да ја доврши својата победа‘ (стих 2). Тоа започнало со неговото устоличување како небесен Цар во 1914. Го следат други коњи и јавачи, кои предочуваат тотална војна, глад и болести кои оттогаш ја измачувале нашата Земја. Но, кога ќе заврши сиот овој метеж? Откровение, поглавје 7, нѐ известува дека четворица ангели цврсто ги држат „четирите земни ветрови“ сѐ додека не биде запечатен духовниот Израел и додека не биде собрано едно големо мноштво од сите народи за спасение (стих 1). Што потоа?
19 Јеремија поглавје 25, во стиховите 30 и 31 продолжува: „Господ ќе загрми од висините и од Своето свето живеалиште; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата. Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на [има спор со, НС] сите народи: Он ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ“. Ниеден народ нема да го избегне тоа пиење од чашата на Јеховината јарост. Затоа, крајно време е сите луѓе со исправни срца да се одвојат од злобата на народите, пред четворицата ангели да го отпуштат жестокиот бурен ветар на Јеховината јарост. Навистина жесток, бидејќи Јеремииното пророштво продолжува во стиховите 32 и 33:
20. Кое сценарио ја подвлекува жестината на Јеховината осуда, но зошто е потребна оваа постапка?
20 „Така вели Господ Саваот — ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни. А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата“. Навистина грозно сценарио, но таа постапка е неопходна за да се исчисти Земјата од сета злоба пред да дојде Рајот што го ветил Бог.
Пастирите ќе плачат и ќе офкаат
21, 22. а) Кои биле „пастирите“ на Израел од Јеремија 25:34-36, и зошто биле присилени да плачат? б) Кои современи пастири го заслужуваат Јеховиниот гнев, и зошто го заслужуваат во потполност?
21 Стиховите 34 до 36 понатаму зборуваат за Јеховината осуда, велејќи: „Плачете, пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто се исполнија деновите ваши, за да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад. И не ќе има прибежиште за пастирите и спас — за водачите на стадото. Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нивни“.
22 Кои се овие пастири? Тоа не се религиозните водачи кои веќе пиеле од Јеховиниот гнев. Тоа се милитаристичките пастири, опишани и во Јеремија 6:3, кои ги собираат своите војски во стада против Јехова. Тоа се политичките владетели кои се збогатиле на сметка на потчинетите. Многу од нив се измамници, мајстори на корупцијата. Бавно го ублажуваат гладот кој десеткувал цели народи во сиромашните земји. Ги збогатуваат „водачите на стадото“, како што се моќните бизнисмени кои тргуваат со оружје и алчните уништувачи на околината, а одбиваат да пружат медицинска помош и храна, кои со толку мали трошоци би можеле да спасат десетици милиони деца кои умираат.
23. Опиши ја состојбата на областа на Сатана по Јеховините уништувачки дела.
23 Не е чудо што Јеремија, поглавје 25, стихови 37 и 38, завршуваат говорејќи за овие кои себично барале мир само за себеси: „Јароста на гневот Господен ќе ги истреби мирните трла. Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустиња [предмет на чудење, НС] од јароста на опустошителот и од Неговиот пламенен гнев“. Навистина за чудење! Но, Јеховиниот пламенен гнев сигурно ќе биде изразен преку Оној кој во Откровение 19:15, 16 е опишан како „,Цар над царевите‘ и ‚Господар над господарите‘“, кој ги пасе народите со железен жезол. А што следи потоа?
24. Какви благослови ќе му донесе на праведното човештво уништувањето на лажната религија и остатокот од Сатановиот свет?
24 Дали си доживеал некогаш ураган или тајфун? Тоа може да биде ужасно доживување. Но следното утро, иако можеби наоколу гледаш урнатини, воздухот обично е толку чист а тишината толку освежителна, што можеш да му благодариш на Јехова за необично убавиот ден. На сличен начин, кога ќе стивнат бурните ветрови на големата неволја, можеби ќе гледаш по земјата со благодарност што си жив и спремен да учествуваш во Јеховиното натамошно дело на чистење на Земјата до славен Рај. Јеховиниот спор со народите ќе биде доведен до сјаен завршеток и ќе го посвети неговото име и ќе го исчисти патот за неговата волја да се врши на Земјата под Илјадагодишната Влада на Месијанското Царство. Нека дојде тоа Царство наскоро!
Повторување на пасусите 5–24 од оваа статија
◻ Кои лицемерни патишта на т. н. христијанство сега дошле под осуда?
◻ Какво проширено гледиште за осудата се дава во Јеремија 25:12-38?
◻ Каква чаша на одмазда им е подадена на сите народи?
◻ Кои се пастирите кои плачат и офкаат, и зошто се вознемирени?
[Слика на страница 18]
Јехова го избрал средството со кое ќе го уништи т. н. христијанство
[Слика на страница 23]
По бурните ветришта на големата неволја, ќе се појави исчистена Земја