Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Плач Еремиин
ПРОРОКОТ Еремија гледа како се исполнува пораката дека ќе биде извршена пресуда, што ја пренесувал цели 40 години. Како се чувствува поради тоа што со свои очи го гледа уништувањето на градот што толку многу го сака? Во воведот за книгата Плач Еремиин, во Септуагинтата стои: „Со зборовите од оваа библиска книга, Еремија седнал да рони солзи и да го оплакува Ерусалим“. Книгата е напишана во 607 год. пр.н.е., што значи дека Еремија сѐ уште живо се сеќава на 18-месечната опсада на градот по која тој бил запален, и затоа во оваа библиска книга на впечатлив начин ја изразува својата голема болка (Еремија 52:3-5, 12-14). Ниту еден друг град во историјата не бил оплакуван со толку трогателни и жални зборови.
Книгата Плач Еремиин е збирка на пет лирски поеми. Првите четири се тажачки, а петтата е молба, или молитва. Првите четири песни се напишани во акростих, односно секој нареден стих почнува со следната буква од хебрејската азбука, која се состои од 22 букви. Иако петтата песна има 22 строфи, колку што има и букви во хебрејската азбука, тие не се наредени по азбучен редослед (Плач Еремиин 5:1).
„ОЧИТЕ МИ СЕКНАА ОД ПЛАЧЕЊЕ“
„О, како седи осамен градот кој некогаш беше полн со луѓе! Стана како вдовица, а некогаш беше голем меѓу народите! Некогаш беше кнегиња меѓу покраините, а сега оди на ропска работа!“ Со овие зборови пророкот Еремија започнува да го оплакува Ерусалим. Зошто овој град го снашла ваква несреќа? Малку понатаму Еремија го дава одговорот: „Поради мноштвото негови престапи, Јехова го зави во тага“ (Плач Еремиин 1:1, 5).
Симболично претставен со вдовица што жали по својот сопруг и по децата, Ерусалим прашува: „Има ли болка како тешката болка што мене ми е нанесена?“ А за своите непријатели го моли Бог: „Сета нивна злоба нека дојде пред тебе, а ти удри ги, како што ме удри мене поради сите мои престапи! Зашто, многубројни се моите воздишки, и срцето мое е болно“ (Плач Еремиин 1:12, 22).
Со голема болка, Еремија вели: „Во жестокоста на својот гнев [Јехова] го скрши секој рог на Израел. Својата десница ја повлече кога непријателот нападна. Во Јаков тој гори како распламтен оган што проголтува сѐ наоколу“. Опишувајќи колку тагува, овој пророк вели: „Очите ми секнаа од плачење, утробата ми се возбуди. Црниот дроб ми се истури на земја“. Дури и случајните минувачи се чуделе и велеле: „Тоа ли е градот за кој велеа: ‚Тој е совршенство на убавината, радост за целата земја‘?“ (Плач Еремиин 2:3, 11, 15).
Одговорени библиски прашања:
1:15 — Како Јехова ‚го изгазил грозјето во винското гмечало на девицата, ќерката на Јуда‘? Кога го уништувале градот, кој е прикажан како девица, Вавилонците пролеале толку многу крв што тоа можело да се спореди со гмечење грозје во винско гмечало. Јехова го прорекол ова и дозволил да се случи, па затоа може да се рече дека тој ‚го изгазил грозјето во винското гмечало‘.
2:1 — Како ‚убавината на Израел била фрлена од небото наземи‘? Бидејќи ‚небесата се повисоки од земјата‘, кога работите што луѓето ги возвишуваат ќе ја изгубат вредноста, може да се каже дека биле ‚фрлени од небото наземи‘. „Убавината на Израел“, односно славата и моќта што ги имал додека Јехова го благословувал, биле фрлени кога Ерусалим бил уништен, а Јуда била опустошена (Исаија 55:9).
2:1, 6 — Што претставува ‚подножјето на нозете‘ на Јехова, а што неговата „сеница“? Псалмистот пеел: „Да влеземе во неговото величествено живеалиште, да се поклониме крај подножјето на неговите нозе“ (Псалм 132:7). Значи, ‚подножјето на нозете‘ што се спомнува во Плач Еремиин 2:1 се однесува на Јеховиниот дом на обожавање, односно неговиот храм. Вавилонците ‚го запалиле Јеховиниот дом‘ како да бил сеница, или една обична колипка во градина (Еремија 52:12, 13).
2:16, 17 — Зар не треба 16. стих да започне со хебрејската буква аин а 17. стих со буквата пе за точно да се следи редоследот на хебрејската азбука? Обично, кога составувале поеми во ваков стил, вдахновените писатели го следеле азбучниот редослед. Но, ако заради тоа текстот звучел неприродно, не го следеле ова правило. Поважно им било мислите да течат природно отколку строго да се придржуваат за некое литературно правило што служело само како помош полесно да се запомнат стиховите. Редоследот на овие две букви е сменет и во 3. и 4. песна од книгата Плач Еремиин (Плач Еремиин 3:46, 49; 4:16, 17).
2:17 — Што конкретно била ‚речта‘ која Јехова ја исполнил за Ерусалим? Најверојатно се мисли на зборовите од 3. Мојсеева 26:17, каде што пишува: „Ќе се свртам против вас, па ќе ве поразат вашите непријатели. Ќе ве газат оние што ве мразат и ќе бегате кога никој нема да ве гони“.
Поуки за нас:
1:1-9. Ерусалим горко плаче во ноќта, и по образите му се леат солзи. Неговите порти се пусти, а неговите свештеници воздивнуваат. Неговите девојки се разжалостени, а тој е полн со горчина. Зошто? Поради многуте гревови што ги направил. Нечистотијата му е на скутовите. Гревот никогаш не носи радост, туку солзи, воздишки, тага и горчина.
1:18. Кога ги казнува оние што грешат, Јехова е секогаш праведен.
2:20. Израелците биле предупредени дека, ако не го послушаат Јехова, ќе ги снајдат проклетства, меѓу кои било спомнато и дека ќе го јадат „месото од своите синови и ќерки“ (5. Мојсеева 28:15, 45, 53). Колку немудро е да не го слушаме Бог!
„НЕ ЗАТВОРАЈ ГО УВОТО КОГА БАРАМ ОСЛОБОДУВАЊЕ“
Во Плач Еремиин 3. поглавје, израелскиот народ е наречен „човек“. И покрај својата неволја, овој човек пее: „Добар е Јехова кон оној што се надева на него, кон душата која го бара“. Тој го моли вистинскиот Бог: „Ти го слушаш гласот мој. Не затворај го увото кога барам ослободување, кога тебе те повикувам за помош!“ Потоа го моли Јехова да обрне внимание на срамот што го трпи од своите непријатели, и вели: „Ти, о Јехова, ќе им вратиш според постапките нивни, според делото на нивните раце“ (Плач Еремиин 3:1, 25, 56, 64).
Еремија ги излева своите чувства во врска со ужасните последици од 18-месечната опсада на Ерусалим и тажи: „Казната за престапот на ќерката на мојот народ е поголема од казната за гревот на Содом, кој за миг беше уништен и кому никој не му подаде рака да му помогне“. Потоа продолжува: „Подобро си поминаа оние што беа убиени со меч отколку оние што испоумреа од глад, бидејќи овие полека чемреат, од недостиг на полски плодови како со меч да се прободени“ (Плач Еремиин 4:6, 9).
Во петтата поема зборуваат жителите на Ерусалим. Тие велат: „Сети се, о Јехова, што ни се случи! Погледни и види го срамот наш!“ Потоа ги набројуваат своите маки и молат: „Ти, о Јехова, ќе седиш на твојот престол довека. Престолот твој стои од поколение до поколение. Врати нѐ, Јехова, кај себе, и ние спремно ќе си дојдеме! Дај ни нови денови како што беа некогаш!“ (Плач Еремиин 5:1, 19, 21).
Одговорени библиски прашања:
3:16 — На што се мисли со изразот: „Ме пушта да си ги кршам забите со чакал“? Еден извор вели: „Додека оделе во изгнанство, Евреите биле принудени да го печат лебот во дупки што ги копале во земјата, па затоа во лебот имало камчиња“. Со таков леб можеле лесно да си скршат заб.
4:3, 10 — Зошто Еремија ја споредува ‚ќерката на неговиот народ‘ со „ноевите во пустината“? Женката на нојот „со своите пилци постапува немилосрдно, како да не се нејзини“, пишува во Јов 39:16. На пример, откако ќе ги снесе јајцата, таа заминува кај другите женки, а грижата за породот му ја препушта на мажјакот. А што се случува кога ќе се најдат во опасност? И мажјакот и женката бегаат од гнездото и ги оставаат малите нојчиња. За време на вавилонската опсада, во Ерусалим завладеал толку суров глад што мајките кои во нормални услови би биле сочувствителни, станале безмилосни кон своите деца, исто како ноевите во пустината. Ова било сосема спротивно од мајчинската грижа што ја покажувале шакалите.
5:7 — Дали Јехова ги смета луѓето одговорни за грешките на нивните предци? Не, Јехова не ги казнува директно луѓето за грешките на нивните предци. Библијата кажува: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:12). Сепак, последиците од нечии грешки може да се провлекуваат низ идните генерации, кои ќе треба да ги трпат. На пример, кога Израелците од стари времиња почнале да вршат идолопоклонство, дури и на верните Израелци што живееле подоцна им било тешко да останат верни (2. Мојсеева 20:5).
Поуки за нас:
3:8, 43, 44. За време на несреќата што го снашла Ерусалим, Јехова одбил да ги слушне молбите за помош на жителите на овој град. Зошто? Затоа што луѓето биле непослушни и не се каеле. Ако сакаме Јехова да ни одговори на молитвите, мора да му бидеме послушни (Изреки 28:9).
3:20. Јехова, ‚Севишниот над целата земја‘, е толку возвишен што „се наведнува за да ги погледне небото и земјата“ (Псалм 83:18; 113:6). Сепак, Еремија добро знаел колку семоќниот Јехова е спремен да се наведне над луѓето, односно да се спушти на нивно ниво за да ги охрабри. Колку мило треба да ни биде што вистинскиот Бог не е само најмоќен и најмудар, туку и понизен!
3:21-26, 28-33. Како може да издржиме дури и кога многу страдаме? Одговорот ни го дава Еремија. Не смееме да заборавиме дека Јехова е многу милостив и дека неговата добрина кон нас е огромна. Исто така, треба постојано да бидеме свесни дека тоа што сме живи е доволна причина да не ја изгубиме надежта и дека мора да бидеме стрпливи и да чекаме без збор, односно без да се жалиме, Јехова да нѐ спаси. Згора на тоа, треба да ‚ја приближиме до прашината устата своја‘, што значи понизно да дозволиме да нѐ снајде некое искушение, свесни дека штом Бог дозволува нешто да ни се случи, мора да има добра причина за тоа.
3:27. Верата на младите може да биде испитана со тоа што ќе се соочат со некои тешкотии или ќе им се исмеваат. Сепак, „добро е човек да го носи јаремот во младоста своја“. Зошто? Затоа што, ако научиш да ги поднесуваш ваквите работи како млад, ќе бидеш многу поспремен да излезеш на крај со тешкотиите што ќе дојдат понатаму во животот.
3:39-42. Не е мудро човек ‚да се жали‘ кога страда поради своите гревови. Наместо да се жалиме што си ги жнееме последиците од нашите погрешни постапки, треба „да ги испитаме патиштата свои и да ги истражиме, и да се вратиме кај Јехова“. Мудро е да се покаеме и да се поправиме.
Потпирај се на Јехова
Библиската книга Плач Еремиин ни кажува како гледал Јехова на Ерусалим и на Јуда откако Вавилонците го запалиле градот и ја опустошиле земјата. Кога го читаме признанието за гревовите што биле направени, ни станува јасно дека од гледна точка на Јехова, причината за она што го снашло народот се нивните грешки. Еремија бил вдахнат во песните да запише зборови што изразуваат надеж во Јехова и желба народот повторно да постапува исправно. Иако тоа не го чувствувале повеќето Израелци во негово време, сигурно го чувствувал Еремија и остатокот што се покајал.
Книгата Плач Еремиин ни покажува како Јехова ја проценил состојбата на Ерусалим. Од тоа учиме две важни работи. Прво, тоа што Ерусалим бил уништен и Јуда била опустошена ни покажува колку е важно да му бидеме послушни на Јехова и колку е опасно да не обрнуваме внимание на неговата волја (1. Коринќаните 10:11). Второ, учиме нешто и од примерот на Еремија (Римјаните 15:4). Дури и кога му се чинело дека ситуацијата е безнадежна и му било многу тешко, тој гледал спас во Јехова. Исто толку е важно и ние потполно да му веруваме на Јехова и на неговата Реч и да се потпираме само на него! (Евреите 4:12).
[Слика на страница 9]
Пророкот Еремија со свои очи видел како се исполнила пораката дека ќе биде извршена осуда
[Слика на страница 10]
Верата на овие Сведоци од Кореја била испитана кога требало да задржат христијанска неутралност